1 Божјето име во овој превод на библиските книги, кои изворно се пишувани на хебрејски и на грчки јазик
„Јехова“ (хебрејски: יהוה, ЈХВХ)
Божјето лично име — „Јехова“ (хебрејски: יהוה, ЈХВХ) — се спомнува за првпат во 1Мо 2:4. Тоа име е, всушност, глагол, и тоа несвршен вид на хебрејскиот глагол הוה (хавах, „стане“), кој ја изразува причината за некое дејство. Затоа Божјето име значи „оној што предизвикува да стане“. Тоа го прикажува Јехова како оној што постојано работи на исполнувањето на своите ветувања и секогаш ги остварува своите намери.
Современите преведувачи му нанесуваат најголема навреда на Бог, Авторот на Светото писмо, со тоа што го отстрануваат или го прикриваат Божјето единствено име. Неговото име се појавува 6.828 пати во хебрејскиот текст, и тоа во облик на тетраграмот יהוה (ЈХВХ) („тетраграм“ буквално значи: „од четири букви“). При користењето на името „Јехова“, строго се држевме за изворниот текст и не се поведувавме по обичајот да се заменува Божјето име, односно тетраграмот, со титули како што се „Господ“, „Бог“ и слично. Иако повеќето библисти му даваат предност на обликот „Јахве“, факт е дека денес не може точно да се утврди како се изговарало Божјето име. Затоа сите стручњаци не се согласуваат со тврдењето дека обликот „Јахве“ претставува изворен изговор. Факт е дека Бог го зачувал своето име во Бибијата на повеќе од 6.000 места во обликот ЈХВХ, но не го зачувал изговорот на тоа име што го чул Мојсеј на планината Синај (2Мо 20:2). Ние се одлучивме за обликот „Јехова“ затоа што многу наши читатели се навикнати на него.
Во преводот Нов свет, името „Јехова“ се појавува 6.973 пати во текстот на хебрејскиот дел од Библијата („Стариот завет“). Всушност, во хебрејскиот текст, тетраграмот се појавува 6.828 пати. Од тоа, на три места тој е составен дел од некое друго име (1Мо 22:14; 2Мо 17:15; Су 6:24), а на шест места стои во насловот на некои псалми (7; 18 [трипати]; 36; 102). Тетраграмот го преведовме со обликот „Јехова“ на сите 6.828 места, освен во Су 19:18 каде што наместо Божјето име е употребена заменката „својот“. Освен тоа, на темел на текстот од Септуагинтата (превод на Седумдесеттемина) го вративме тетраграмот во 5Мо 30:16; 2Са 15:20 и 2Ле 3:1. Божјето име го вративме и во Иса 34:16, како и во Зх 6:8, каде што наместо заменката во прво лице еднина „моја“, „мој“, треба да стои името „Јехова“. Божјето име е вратено уште на 141 место каде што соферимите го замениле со изразите Адонај и Елохим.
Скратениот облик на името „Јехова“ е „Јах“. Во преводот Нов свет е употребен на сите 54 места каде што во изворните јазици се јавува или како посебен збор или во состав на некој сложен збор. Еден од тие сложени зборови е и изразот „Фалете го Јах!“, кој на македонски е попознат како „Алилуја!“, што, всушност, одговара на хебрејскиот израз Халелујах, односно на грчкиот Алилуја́ (Пс 104:35; От 19:1).
За да не ги пречекориме границите на преведувањето и да преминеме во толкување на Библијата, во грчкиот дел на Библијата („Новиот завет“), Божјето име го преведувавме многу внимателно, секогаш врз основа на темелна анализа на хебрејските библиски книги. За својот превод баравме потврда во достапните хебрејски преводи на грчките библиски книги.
Тетраграмот напишан со хебрејски букви (יהוה) се наоѓал и во хебрејскиот текст и во грчката Септуагинта. Значи, без оглед на тоа дали ги читале библиските книги на хебрејски или на грчки, Исус и неговите ученици се среќавале со Божјето име. Кога бил во синагогата во Назарет, Исус ја зел книгата на Исаија и ги прочитал стиховите 61:1, 2, каде што стои тетраграмот, и тогаш го изговарал Божјето име. Ова било во согласност со неговата одлука да го објави Јеховиното име, како што се гледа од неговата молитва до Таткото: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот... Им го објавив твоето име и ќе го објавувам“ (Јвн 17:6, 26).
Во нашиов превод на грчките библиски книги, Божјето име го преведовме 237 пати. За секое од тие 237 места каде што Божјето име е вратено во текстот може да се најде потврда во повеќе хебрејски преводи.