-
Зошто е важно да ја разбереш Библијата?Стражарска кула 2015 | 1 Декември
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | МОЖЕШ ДА ЈА РАЗБЕРЕШ БИБЛИЈАТА
Зошто е важно да ја разбереш Библијата?
„Библијата е многу позната религиозна книга, но Кинезите воопшто не се запознаени со неа и сметаат дека не важи за нив“ (ЛИН, КИНА).
„Јас не можам да ги разберам светите книги на мојата религија, хиндуизмот, а камоли Библијата“ (АМИТ, ИНДИЈА).
„Ја почитувам Библијата како стара книга и знам дека е најраспространета. Но, никогаш не ми дошла в раце“ (ЈУМИКО, ЈАПОНИЈА).
Голем број луѓе во светот ја ценат Библијата. Сепак, имаат многу мало или речиси никакво познавање за неа. Ова особено е случај со милиони лица кои живеат во Азија, но и со многу луѓе кои живеат во земји каде што Библијата е лесно достапна.
Можеби ќе се прашаш: ‚Зошто треба да се интересирам за Библијата?‘ Тоа што ќе ја разбереш содржината на оваа света книга ќе ти помогне:
да чувствуваш задоволство и радост
да се справиш со семејните проблеми
да излезеш на крај со грижите
да имаш подобри односи со другите
мудро да ги користиш парите
Да ја земеме за пример Јошико од Јапонија. Таа сакала да дознае каква книга е Библијата, па затоа решила да ја прочита. Каков бил резултатот? Јошико вели: „Библијата ми помогна да имам смисла во животот и ми влеа надеж за иднината. Веќе не чувствувам емоционална празнина“. И Амит, кој беше спомнат претходно, одлучил да ја проучува Библијата. Тој вели: „Бев воодушевен од она што го прочитав во Библијата. Таа содржи практични совети за сите луѓе“.
Библијата имала силно влијание врз животот на милиони луѓе. Зошто не ја прочиташ и ти за да видиш каква корист може да имаш од неа?
-
-
Книга која може да се разбереСтражарска кула 2015 | 1 Декември
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | МОЖЕШ ДА ЈА РАЗБЕРЕШ БИБЛИЈАТА
Книга која може да се разбере
Библијата е многу стара книга. Нејзиното пишување започнало на Блискиот Исток пред околу 3.500 години. Во тој период во Кина владеела моќната династија Шанг, а околу десет векови претходно во Индија почнал да се шири будизмот. (Види ја рамката „Факти за Библијата“.)
Библијата ни дава одговор на најважните животни прашања
За една книга да им биде од корист на луѓето, мора да биде разбирлива и практична. Библијата е токму таква книга. Таа дава одговори на најважните животни прашања.
На пример, дали си се прашал некогаш: ‚Која е смислата на животот?‘ Ова прашање ги измачува луѓето веќе илјадници години. Сепак, одговорот се наоѓа во првите две поглавја од првата книга во Библијата, 1. Мојсеева. Во тој библиски извештај се зборува за „почетокот“, односно за времето пред милијарди години кога била создадена вселената, вклучувајќи ги галаксиите, ѕвездите и нашата планета (1. Мојсеева 1:1). Потоа, се опишува како постепено биле создадени услови за живот на Земјата, како настанале живите суштества и како биле создадени луѓето. Исто така, Библијата ни кажува и со која цел било создадено сето тоа.
НАПИШАНА НА НАЧИН ШТО МОЖЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕ
Библијата содржи практични совети кои ни помагаат да ги решиме проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Тие совети можат лесно да се разберат. Од кои причини?
Прво, Библијата е напишана на јасен, директен и привлечен јазик. Таа не содржи апстрактни или мистични изрази, туку јасни изрази кои ни се добро познати. Потешките учења се објаснети со едноставни зборови кои ги користиме во секојдневниот говор.
На пример, за да пренесе поуки кои ќе допрат до срцето на луѓето, Исус користел многу едноставни споредби за работи кои им биле познати. Многу од тие споредби ги кажал во својата прочуена Проповед на гората која е запишана во библиската книга Матеј поглавја 5-7. Еден критичар ја нарекол Проповедта на гората „практичен говор“ чија цел „не е да ни го наполни умот со знаење и информации, туку да ни помогне да водиме подобар живот“. Овие поглавја можеш да ги прочиташ за 15-20 минути. Ќе се изненадиш колку едноставни, но силни се зборовите на Исус.
Друга причина зошто Библијата е лесна за разбирање е нејзината содржина. Таа не е книга со митови и измислени приказни. Напротив, како што пишува во една енциклопедија, во Библијата се зборува „за луѓе кои биле на висока положба и за обични луѓе, за нивните проблеми, подеми и падови, како и за надежта што ја имале“ (The World Book Encyclopedia). За нас е лесно да се соживееме со тие ликови и настани и да ги разбереме важните библиски поуки (Римјаните 15:4).
ДОСТАПНА ЗА СЕКОГО
За да можеш да разбереш една книга, таа мора да биде напишана на јазик што го знаеш. Денес, најверојатно Библијата ти е достапна на јазик што го разбираш, без разлика каде живееш или од кој народ потекнуваш. Да видиме како се постигнало ова.
Преведување. На почетокот, Библијата била напишана на хебрејски, арамејски и грчки јазик. Затоа, можеле да ја читаат само мал број луѓе. Токму поради ова, некои искрени преведувачи вложиле огромен труд за да ја преведат и на други јазици. Благодарение на нивниот труд, Библијата сега е преведена, во целост или делумно, на околу 2.700 јазици. Тоа значи дека повеќе од 90 отсто од светското население може да чита на својот мајчин јазик барем еден дел од Библијата.
Издавање. Изворниот текст на Библијата бил напишан на трошни материјали, како што биле кожата и папирусот. За да се зачува пораката, овие списи требало внимателно да се препишуваат рачно. Ваквите Библии биле доста скапи, и ретко кој можел да си ги дозволи. Но, со пронаоѓањето на печатарската машина на Гутенберг пред околу 550 години, Библијата станала доста распространета. Според една проценка, Библијата била отпечатена, во целост или делумно, во повеќе од пет милијарди примероци.
Ниту една друга религиозна книга не може ни оддалеку да се спореди со Библијата во овој поглед. Библијата е книга што може да ја разбере секој човек. Сепак, можеби ќе ти биде потребна помош околу тоа. Кој би можел да ти помогне? И каква корист ќе имаш ако ја разбереш Библијата? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеш од следната статија.
-
-
Помош да ја разбереш БиблијатаСтражарска кула 2015 | 1 Декември
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | МОЖЕШ ДА ЈА РАЗБЕРЕШ БИБЛИЈАТА
Помош да ја разбереш Библијата
Замисли си дека за прв пат посетуваш некоја странска земја. Таму среќаваш луѓе, обичаи, храна и пари кои не ти се познати. Нормално е да се чувствуваш збунето.
Можеби ќе имаш слични чувства и кога ќе почнеш да ја читаш Библијата. Преку нејзините страници, ќе посетиш еден древен свет кој ти е сосема непознат. Таму ќе се сретнеш со луѓе кои се наречени Филистејци, со несекојдневни обичаи, како што е раскинување на облеката, со храна наречена мана и со пари наречени драхми (2. Мојсеева 16:31; Исус Навин 13:2; 2. Самоилова 3:31; Лука 15:9). Сето ова можеби многу ќе те збуни. Слично како при посета на странска земја, зар нема да ти биде мило ако некој се понуди да ти ги објасни работите што не ти се познати?
ПОМОШ ДА СЕ РАЗБЕРАТ БОЖЈИТЕ ЗБОРОВИ ВО МИНАТОТО
Уште од 16. век пр. н.е., кога почнале да се пишуваат светите списи, на луѓето им била пружена помош за да ги разберат Божјите зборови. На пример, Мојсеј, првиот водач на израелскиот народ, ‚го објаснувал‘ она што било напишано (5. Мојсеева 1:5).
И околу десет векови потоа имало вешти учители кои го поучувале народот за Светите списи. Во 455 год. пр. н.е., една голема група Евреи, меѓу кои имало и многу деца, се собрале на плоштадот во Ерусалим. Таму учителите ‚читале на глас од светата книга‘. Освен тоа, ‚тие им помагале на луѓето да ја сфатат нејзината смисла‘ (Неемија 8:1-8).
Пет векови подоцна, и Исус Христос ги поучувал луѓето на сличен начин. Затоа, меѓу народот бил познат како учител (Јован 13:13). Тој поучувал и големи мноштва и поединци. Во една прилика, Исус ја одржал својата прочуена Проповед на гората пред голем број луѓе. Откако завршил, мноштвата биле „восхитени од неговото поучување“ (Матеј 5:1, 2; 7:28). Пролетта 33 год. од н.е., Исус им ги толкувал Писмата на двајца свои апостоли додека пешачеле кон едно село во близина на Ерусалим (Лука 24:13-15, 27, 32).
И учениците на Исус ги поучувале другите за Божјата Реч. Во една прилика, додека еден службеник од Етиопија читал од Писмата, еден ученик по име Филип му пристапил и го прашал: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ Етиопјанецот му одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ Тогаш, Филип му го објаснил значењето на она што го читал (Дела 8:27-35).
ПОМОШ ДА СЕ РАЗБЕРЕ БИБЛИЈАТА ДЕНЕС
Исто како вештите учители кои поучувале за Светите списи во минатото, Јеховините сведоци денес учествуваат во едно библиско образовно дело што се извршува во 239 земји (Матеј 28:19, 20). Во моментов, тие водат библиски курсеви со повеќе од девет милиони лица. Многу од луѓето што ја проучуваат Библијата со Сведоците немаат христијанско потекло. Библискиот курс е бесплатен и може да се одржува во нечиј дом или на некое друго соодветно место. Некои ја проучуваат Библијата преку телефон, компјутер или некој друг електронски уред.
Те молиме стапи во контакт со Јеховините сведоци за да дознаеш повеќе детали за библискиот курс. Ќе откриеш дека воопшто не е тешко да се разбере Библијата. Освен тоа, ќе се увериш дека таа е ‚корисна за поучување, за укорување, за поправање и за воспитување во праведноста‘. Библијата може да ти помогне да бидеш „вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
-