-
Да се прочитаат стиховите со правилно нагласувањеИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 21
Да се прочитаат стиховите со правилно нагласување
КОГА разговараш со другите за Божјите намери, сеедно дали е тоа приватно или од подиум, твојата дискусија треба да се сосредоточува на она што стои во Божјата реч. Ова обично вклучува читање стихови од Библијата, а тоа треба добро да се изведе.
Правилното нагласување вклучува чувство. Стиховите треба да се читаат со чувство. Разгледај некои примери. Кога го читаш наглас Псалм 37:11, твојот глас треба да пренесува среќно исчекување на мирот што е ветен таму. Кога го читаш Откровение 21:4 во врска со крајот на страдањата и смртта, твојот глас треба да одразува срдечно ценење за претскажаното чудесно ослободување. Откровение 18:2, 4, 5, со апелот да се излезе од „Големиот Вавилон“, кој е натежнат од грев, треба да се прочита со тон на итност. Се разбира, изразеното чувство треба да биде срдечно, но да не се претерува. Соодветната мера емоции зависи од самиот стих и од начинот на кој се користи.
Нагласи ги вистинските зборови. Ако твоите коментари за извесен стих се однесуваат само на дел од него, кога го читаш стихот треба да го истакнеш тој дел. На пример, кога го читаш Матеј 6:33, ако имаш намера да анализираш што значи ,да се бара најнапред царството‘, нема да ја нагласиш првенствено „Неговата праведност“ ниту, пак, „сите овие други работи“.
Во еден говор на Состанокот за служба можеби планираш да го прочиташ Матеј 28:19. Кои зборови треба да ги нагласиш? Ако сакаш да охрабриш на марливост во започнувањето домашни библиски студии, нагласи го „правете ученици“. Од друга страна, пак, ако планираш да дискутираш за христијанската одговорност да се споделува библиската вистина со доселеници или ако сакаш да охрабриш извесни објавители да служат таму каде што има поголема потреба, би можел да нагласиш „луѓето од сите нации“.
Еден библиски стих честопати се презентира како одговор на некое прашање или како поддршка на некој аргумент кој другите го сметаат за полемичен. Ако се нагласи подеднакво секоја мисла изразена во стихот, присутните нема да ја сфатат врската. Поентата можеби ти е очигледна тебе, но не и ним.
На пример, кога од Библијата го читаш Псалм 83:18 (NW), кој го содржи божественото име, ако целокупното нагласување го ставиш на изразот „Највишиот“, станарот можеби нема да го сфати навидум очигледниот факт дека Бог има лично име. Треба да го нагласиш името „Јехова“. Меѓутоа, кога истиот стих го користиш во дискусија за Јеховиниот суверенитет, треба првенствено да го нагласиш изразот „Највишиот“. На сличен начин, кога го користиш Јаков 2:24 за да покажеш колку е важно да се спои верата со дела, ако првенствено го нагласиш изразот „прогласува за праведен“, наместо „дела“, би можел да предизвикаш некои од оние што те слушаат да не ја сфатат поентата.
Друг корисен пример може да се најде во Римјаните 15:7-13. Ова е дел од едно писмо што го напишал апостол Павле до едно собрание составено од не-Евреи и од природни Евреи. Овде апостолот тврди дека службата на Христос им користи не само на обрежаните Евреи, туку и на луѓето од нациите за „нациите да го прослават Бог поради неговата милосрдност“. Потоа, Павле цитира четири стиха, свртувајќи внимание кон таа можност за нациите. Како треба да се прочитаат овие цитати за да се нагласи поентата што ја имал Павле на ум? Ако означиш кои изрази да ги нагласиш, би можел да го истакнеш „нациите“ во 9. стих, „нации“ во 10. стих, „сите нации“ и „сите народи“ во 11. стих и „нациите“ во 12. стих. Обиди се да го прочиташ Римјаните 15:7-13 со такво нагласување. Додека го правиш тоа, целиот Павлов правец на аргументирање ќе стане појасен и полесен за сфаќање.
Методи за нагласување. Зборовите што ја пренесуваат мислата, а кои сакаш да ги истакнеш, можат да се нагласат на повеќе начини. Средствата што ги користиш треба да бидат во склад со стихот и со рамката на говорот. Овде се дадени неколку предлози.
Нагласување со гласот. Ова ја вклучува која и да било промена на гласот со која зборовите што ја пренесуваат мислата се истакнуваат од останатиот дел од реченицата. Нагласувањето може да се постигне со промена во јачината на гласот — или со зголемување или со намалување. Во многу јазици, за нагласување придонесува промената во висината на гласот. Меѓутоа, во некои јазици тоа може да го смени целокупното значење. Кога за клучните изрази се користи побавно темпо, ова ја зголемува нивната тежина. Во јазици што не дозволуваат нагласување со гласот како средство да се нагласат извесни зборови, за да се постигнат саканите резултати ќе биде потребно да се стори она што е вообичаено за тој јазик.
Паузирање. Ова можеш да го направиш пред или откако ќе го прочиташ клучниот дел од стихот — или во обата случаја. Паузирањето токму пред да прочиташ една главна мисла создава исчекување; паузирањето потоа го продлабочува создадениот впечаток. Меѓутоа, ако има премногу паузи, нема ништо да се истакне.
Повторување. Извесна мисла можеш да нагласиш на тој начин што ќе прекинеш и повторно ќе го прочиташ зборот или фразата. Една честопати пожелна метода е да се доврши читањето на текстот и потоа да се повтори клучниот израз.
Гестови. Движењето на телото, како и изразите на лицето честопати можат да му додадат емоција на некој збор или на некоја фраза.
Тонот на гласот. Во некои јазици зборовите понекогаш може да се прочитаат со тон што ќе влијае врз нивното значење и ќе ги издвои. И овде треба да се употреби разборитост, особено во однос на користењето сарказам.
Кога други ги читаат стиховите. Кога еден станар чита некој стих, може да нагласи погрешни зборови или, пак, да не нагласи ниеден. Што можеш да сториш тогаш? Обично е најдобро да го разјасниш значењето на тој начин што ќе ја објасниш примената на стиховите. Откако ќе ја објасниш примената, би можел да обрнеш посебно внимание директно на зборовите од Библијата што ја пренесуваат мислата.
-
-
Исправно да се применат стиховитеИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 22
Исправно да се применат стиховите
КОГА ги поучуваме другите се бара повеќе отколку само да читаме стихови од Библијата. Апостол Павле му го напишал следново на својот соработник Тимотеј: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15).
Тоа значи дека нашето објаснување на стиховите мора да биде доследно на она што го учи самата Библија. Ова бара да го земеме предвид контекстот, наместо само да избереме некои изрази што ни се допаѓаат и да додадеме свои сопствени идеи. Преку пророкот Еремија, Јехова предупредил дека ќе има пророци што ќе тврдат дека зборуваат од устата на Јехова, а всушност презентирале „виденија на своето срце“ (Ерем. 23:16). Апостол Павле ги предупредил христијаните да не ја загадуваат Божјата реч со човечки филозофии кога напишал: „Се одрековме од скриените работи од кои човек треба да се срами, и не одиме во лукавство ниту ја расипуваме речта Божја“. Во тие денови нечесните трговци со вино го разредувале своето вино за да го има во поголема количина и да заработат што повеќе пари. Ние не ја расипуваме Божјата реч мешајќи ја со човечки филозофии. „Ние не сме трговци со Божјата реч како што се мнозина“, изјавил Павле, „туку зборуваме како поттикнати од искреност, да, како испратени од Бог, пред Божји очи, во заедништво со Христос“ (2. Кор. 2:17; 4:2).
Понекогаш можеби цитираш стих за да истакнеш некое начело. Библијата е полна со начела што даваат цврсто водство во справувањето со најразлични ситуации (2. Тим. 3:16, 17). Но, треба да се погрижиш примената да биде точна и да не употребиш некој стих погрешно, да го направиш да изгледа дека го кажува она што ти сакаш да го каже (Псал. 91:11, 12; Мат. 4:5, 6). Примената мора да биде во согласност со Јеховината намера, доследно на целата Божја реч.
,Исправното ракување со речта на вистината‘ вклучува и да се долови духот на она што го кажува Библијата. Таа не е „стап“ со кој ќе ги заплашуваме другите. Верските учители што му се противеле на Исус Христос цитирале од Писмото, но ги затворале очите пред посериозните работи — оние што вклучувале праведност и милост и вера — кои ги бара Бог (Мат. 22:23, 24; 23:23, 24). Кога поучувал за Божјата реч, Исус ја одразувал личноста на својот Татко. Исусовата ревност за вистината била споена со неговата длабока љубов кон луѓето што ги поучувал. Ние треба да настојуваме да го следиме неговиот пример (Мат. 11:28).
Како да бидеме сигурни дека правилно применуваме некој стих? Во тоа ќе ни помогне редовното читање на Библијата. Исто така, треба да ја цениме Јеховината подготовка на „верниот и разборит роб“, телото на христијани помазани со дух преку кои им обезбедува духовна храна на сите негови верни слуги (Мат. 24:45). Личното проучување, како и редовното присуство и учество на собраниските состаноци ќе ни помогнат да извлечеме корист од поуката што се обезбедува преку класата на верниот и разборит роб.
Ако ти е достапна книгата Резонирање на темел на Писмото и ако научиш добро да ја користиш, при рака ќе ти биде водството што ти е потребно за исправно да примениш стотици стихови што често ги користиме во службата. Ако планираш да користиш некој непознат стих, скромноста ќе те наведе да го направиш потребното истражување за да бидеш во состојба, кога ќе зборуваш, исправно да ракуваш со речта на вистината (Посл. 11:2).
Примената нека биде јасна. Кога ги поучуваш другите, погрижи се јасно да ја сфатат врската меѓу темата за која дискутирате и стиховите што ги користиш. Ако воведеш некој стих со прашање, слушателите треба да увидат како стихот одговара на тоа прашање. Ако го користиш стихот во поддршка на некоја изјава, погрижи се студентот јасно да увиди како стихот ја докажува поентата.
Обично не е доволно само да се прочита стихот — па дури и со нагласување. Запомни, просечниот човек не ја познава Библијата и веројатно нема само со едно читање да сфати што сакаш да кажеш. Сврти внимание кон оној дел од текстот што директно се применува на она за кое дискутирате.
Ова обично бара да ги издвоиш клучните зборови, односно оние што имаат директна врска со точката за која се дискутира. Наједноставна метода е да ги повториш зборовите што ја пренесуваат мислата. Ако разговараш со некој поединец, би можел да му поставиш прашања што ќе му помогнат да ги препознае клучните зборови. Кога зборуваат пред група, некои говорници претпочитаат да ја постигнат целта на тој начин што користат синоними или ја повторуваат идејата. Меѓутоа, ако избереш да го правиш тоа, внимавај присутните да не ја изгубат од вид врската меѓу точката за која се дискутира и начинот на кој е изразен стихот.
Откако си ги издвоил клучните зборови, си положил добар темел. Сега, продолжи. Дали си го вовел стихот покажувајќи јасно од која причина го користиш тој текст? Ако да, укажи како зборовите што си ги истакнал се однесуваат на она на кое си ги навел присутните да го очекуваат. Јасно наведи која е таа врска. Дури и ако не си употребил јасен вовед за стихот, треба да следи нешто потоа.
Фарисеите му поставиле на Исус едно, како што мислеле тие, тешко прашање, имено: „Дозволено ли е човек да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ Исус го темелел својот одговор на Битие 2:24. Забележи дека тој го сосредоточил вниманието само на еден дел од него, а потоа ја покажал примената. Откако истакнал дека мажот и жената станале „едно тело“, Исус заклучил: „Затоа, Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува“ (Мат. 19:3-6).
Колкаво објаснување треба да дадеш за јасно да ја објасниш примената на еден стих? Тоа ќе зависи од составот на твојата публика и од важноста на точката за која дискутираш. Едноставноста и директноста нека ти бидат цел.
Резонирај на темел на Писмото. Во врска со службата на апостол Павле во Солун, Дела 17:2, 3 ни кажува дека тој ,резонирал на темел на Писмото‘. Тоа е способност што треба да настојува да ја негува секој Јеховин слуга. На пример, Павле ги раскажал фактите во врска со животот и службата на Исус, покажал дека тие биле претскажани во Хебрејските списи, а потоа дал силен заклучок со зборовите: „Ова е Христос, овој Исус кого јас ви го објавувам“.
Кога им пишувал на Евреите, Павле често цитирал од Хебрејските списи. За да нагласи или разјасни некоја поента, честопати издвојувал еден збор или кратка фраза, а потоа го наведувал нивното значење (Евр. 12:26, 27). Во извештајот што се наоѓа во Евреите 3. поглавје, Павле цитирал од Псалм 95:7-11. Забележи дека тој потоа разработил три дела: 1) спомнувањето на срцето (Евр. 3:8-12), 2) значењето на изразот „денес“ (Евр. 3:7, 13-15; 4:6-11) и 3) смислата на изјавата: „Нема да влезат во мојата починка“ (Евр. 3:11, 18, 19; 4:1-11). Настојувај да го имитираш тој пример додека го применуваш секој стих.
Забележи со каква ефикасност Исус резонирал на темел на Писмото во извештајот што се наоѓа во Лука 10:25-37. Некој човек упатен во Законот го прашал: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“ Исус во одговорот најпрвин го замолил човекот да го каже своето гледиште, а потоа нагласил колку е важно да се прави она што го вели Божјата реч. Кога станало јасно дека човекот ја промашил поентата, Исус надолго и нашироко дискутирал само за еден збор од стихот — за зборот „ближен“. Наместо само да го дефинира, тој употребил и една илустрација за да му помогне на човекот самиот да дојде до исправниот заклучок.
Се гледа дека, кога одговарал на прашањата, Исус не само цитирал стихови што давале директен, очигледен одговор. Тој го анализирал она што тие го кажувале, а потоа го применувал на поставеното прашање.
Кога садукеите ја ставиле под знак прашалник надежта во воскресение, Исус го сосредоточил вниманието кон еден конкретен дел од Излез 3:6. Но, тој не престанал откако го цитирал стихот. Резонирал на темел на него за јасно да покаже дека воскресението е дел од Божјата намера (Мар. 12:24-27).
Совладувањето на способноста исправно и делотворно да резонираш на темел на Писмото ќе биде значаен фактор за да станеш вешт учител.
-
-
Да се разјасни практичната вредностИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 23
Да се разјасни практичната вредност
СЕЕДНО дали зборуваш со некој поединец или пред поголема публика, не е мудро да претпоставуваш дека твојот(-ите) слушател(-и) ќе биде(-ат) заинтересиран(-и) за темата само затоа што ти си заинтересиран. Твојата порака е важна, но ако не успееш да ја разјасниш нејзината практична вредност, веројатно нема многу долго да го задржиш интересот на публиката.
Ова е случај дури и со присутните во Салата на Царството. Кога ќе употребиш некоја илустрација или некое искуство што порано не го чуле, можеби умствено ќе се вклучат. Но, можат да се исклучат кога зборуваш за работи што веќе ги знаат, особено ако не надоградуваш на тие работи. Треба да им помогнеш да увидат зошто и како она што го кажуваш е од вистинска корист за нив.
Библијата нѐ охрабрува да размислуваме практично (Посл. 3:21, NW). Јехова го употребил Јован Крстител за да ги упати луѓето кон „практичната мудрост на праведните“ (Лука 1:17). Оваа мудрост е вкоренета во здравиот страв од Јехова (Псал. 111:10). Оние што ја ценат оваа мудрост добиваат помош успешно да излезат на крај со животот уште сега и да го зграпчат вистинскиот живот, вечниот живот што ќе дојде (1. Тим. 4:8; 6:19).
Направи го говорот практичен. За твојот говор да биде практичен, мораш внимателно да размислиш не само за материјалот туку и за слушателите. Немој да размислуваш за нив само како за група. Таа група е составена од поединци и семејства. Можеби има лица кои се многу млади, исто така можеби има тинејџери, возрасни и некои постари. Може да има новозаинтересирани, како и лица што почнале да му служат на Јехова уште пред да се родиш. Некои можеби се духовно зрели; други можеби сѐ уште се под силно влијание на извесни ставови и практики од светот. Запрашај се: ,Како може материјалот за кој ќе дискутирам да им користи на присутните? Како да им помогнам да сфатат за што се работи?‘ Можеби ќе одлучиш да обрнеш поголемо внимание само на една или две од групите спомнати овде. Меѓутоа, немој сосема да ги заборавиш другите.
Што ако ти е доделено да дискутираш за некое основно библиско учење? Како да го направиш таквиот говор корисен за слушатели што веќе веруваат во тоа учење? Настојувај да ја зајакнеш нивната увереност во него. Како? Така, што ќе резонираш на темел на библиските докази што го поддржуваат. Можеш исто така да го продлабочиш нивното ценење за тоа библиско учење. Ова би можел да го сториш на тој начин што ќе покажеш како учењето е во согласност со другите библиски вистини и со Јеховината сопствена личност. Користи примери — ако е можно вистинити искуства — кои покажуваат како разбирањето на тоа учење им користело на луѓето и влијаело врз нивното гледиште за иднината.
Немој да ја ограничуваш практичната примена само на неколку кратки забелешки во заклучокот на твојот говор. Уште од самиот почеток, секој од публиката треба да си рече: „Ова важи и за мене“. Откако си поставил таков темел, продолжи да ја објаснуваш практичната примена додека ја развиваш секоја главна точка во главниот дел од говорот, како и во заклучокот.
Кога ја објаснуваш примената, гледај тоа да биде на начин што е во согласност со библиските начела. Што значи тоа? Тоа значи да биде на љубезен начин и да покаже соживување (1. Петр. 3:8; 1. Јов. 4:8). Дури и тогаш кога се справувал со тешки проблеми во Солун, апостол Павле си поставил за задача да ги истакне позитивните аспекти на духовниот напредок на своите тамошни христијански браќа и сестри. Исто така, тој изразил доверба дека, во однос на работата за која тогаш дискутирал, тие ќе сакаат да постапат исправно (1. Сол. 4:1-12). Каков само убав пример за имитирање!
Дали целта на твојот говор е да поттикнеш на учество во делото на проповедање и поучување на другите за добрата вест? Изгради одушевеност и ценење за таа предност. Меѓутоа, задржи притоа на ум дека се разликува степенот до кој поединци се во состојба да учествуваат во него и дека Библијата го зема тоа предвид (Мат. 13:23). Не оптоварувај ги своите браќа со чувства на вина. Во Евреите 10:24 сме охрабрени да „се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела“. Ако се поттикнуваме кон љубов, ќе произлегуваат дела од добар мотив. Наместо да настојуваме да им диктираме повинување, да бидеме свесни дека Јехова сака да унапредуваме „послушност со помош на верата“ (Рим. 16:26). Имајќи го ова на ум, настојуваме да ја зајакнеме верата — и сопствената и верата на браќата.
Помогни им на другите да ја сфатат поентата. Кога им сведочиш на другите, не пропуштај да ја истакнеш практичната вредност на добрата вест. Тоа бара да земеш предвид за што размислуваат и се грижат луѓето на твоето подрачје. Како да откриеш? Слушај ги вестите на радио или на телевизија. Погледни ја насловната страница на некој весник. Исто така, настојувај да ги воведеш луѓето во разговор и слушај додека зборуваат. Можеби ќе откриеш дека се борат со итни проблеми — губење на работното место, плаќање кирија, болест, смрт на член на семејството, опасност од криминал, неправда од некој што има авторитет, распаѓање на бракот, држење на децата под контрола итн. Може ли Библијата да им помогне? Апсолутно.
Кога започнуваш разговор, веројатно ќе имаш на ум некоја тема. Меѓутоа, ако лицето покаже дека од непосреден личен интерес му е некое друго спорно прашање, не колебај се, наместо тоа, да дискутирате за тоа прашање, доколку си во состојба или, пак, предложи му да навратиш со некои корисни информации. Се разбира, ние избегнуваме да ,се мешаме во она што не нѐ засега‘, а радо ги споделуваме со другите практичните совети што ги нуди Библијата (2. Сол. 3:11). Очигледно, најголем впечаток врз луѓето ќе остават библиските совети што имаат врска со нивниот личен живот.
Доколку не можат да увидат како нашата порака се однесува на нив лично, луѓето можат брзо да го завршат разговорот. Макар и да ни дозволат да зборуваме, пропустот да им ја покажеме практичната вредност на темата може да значи дека нашата порака ќе има многу мал ефект врз нивниот живот. И спротивно на тоа, ако ја разјасниме практичната вредност на пораката, нашата дискусија може да претставува пресвртница во животот на луѓето.
Кога водиш библиски студии, продолжи да ја истакнуваш практичната примена (Посл. 4:7). Помогни им на студентите да ги разберат библиските совети, начела и примери, кои им покажуваат како да одат по Јеховините патишта. Нагласи кои користи произлегуваат од тоа (Иса. 48:17, 18). Ова ќе ги поттикне студентите да ги прават потребните промени во животот. Изгради во нив љубов кон Јехова и желба да му угодат, и нека мотивацијата да ги применат советите од Божјата реч им доаѓа однатре.
-