ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • До каде може да се оди?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 4

      До каде може да се оди?

      Точно или неточно...

      Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.

      □ Точно

      □ Неточно

      Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.

      □ Точно

      □ Неточно

      Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.

      □ Точно

      □ Неточно

      СИГУРНО многу си размислувал на оваа тема. И нормално, ако си во врска со некого, може да биде тешко да знаеш каде да ја повлечеш границата во изразите на љубов. Да ги разгледаме сега трите изјави од уводот и да видиме како Божјата реч ни помага да одговориме на прашањето „До каде може да се оди?“

      ● Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.

      Неточно. Библијата не ги осудува исправните, чисти изрази на љубов. На пример, во Библијата читаме за една Суламка и еден пастир што биле вљубени. Нивната врска била чиста. Но сепак, тие очигледно си размениле некои изрази на љубов пред се земат (Песна над песните 1:2; 2:6; 8:5). И денес некои двојки што сериозно размислуваат за брак можеби сметаат дека е на место на некој чист начин да си покажат љубов.a

      Меѓутоа, кога двајца се во врска, мораат да бидат многу претпазливи. Бакнувањето, прегрнувањето или што и да е друго што ги возбудува сексуално, може да ги наведе на нешто погрешно. Многу е лесно двајца што имаат чесни намери да изгубат контрола и да направат неморал (Колошаните 3:5).

      ● Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.

      Точно. Изворниот грчки збор преведен со „блуд“ (порни́а) има широко значење. Тој ги опфаќа сите облици на сексуални односи надвор од бракот и укажува на противприродната употреба на половите органи. Според тоа, во блуд не спаѓа само половиот однос туку и милување на половите органи на друго лице, орален и анален секс и други работи.

      Освен тоа, Библијата не го осудува само блудот. Апостол Павле напишал: „Делата на телото се очигледни. Тоа се: блуд, нечистотија, бесрамност“. Потоа додал: „Оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21).

      Што е „нечистотија“? Според грчкиот збор, во тоа спаѓа секаква валканост, и во говорот и во постапките. Нема ништо чисто во тоа ако некој лута со рацете под облеката на другиот, ако го соблекува, или ако го милува по интимните делови од телото, на пример, по градите. Во Библијата, милувањето на градите се поврзува со нежностите што си ги разменуваат брачните партнери (Изреки 5:18, 19).

      Некои млади бесрамно ги погазуваат Божјите мерила. Тие намерно ја преминуваат границата на дозволеното, или незаситно ги менуваат партнерите со кои можат да прават валкани работи. Поради тоа можат да бидат виновни за „бесрамни дела“, како што ги нарекува апостол Павле. Грчкиот збор преведен со „бесрамни дела“ значи ‚срамотни постапки, неумереност, безобразие, разуздана страст‘. Сигурно не би сакал да ‚изгубиш секакво чувство за тоа што е чесно‘ препуштајќи се на ‚бесрамни дела за лакомо да вршиш секаква нечистотија‘ (Ефешаните 4:17-19).

      ● Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.

      Неточно. Иако некои мислат поинаку, една врска не се продлабочува ако двајцата си покажуваат непристојна физичка наклоност. Напротив, тоа ги поткопува почитта и довербата. Размисли за она што ѝ се случило на Лора. „Еден ден, кога мајка ми не беше дома, мојот дечко дојде кај мене, наводно за да гледаме ТВ“, вели таа. „Отпрвин само ме држеше за рака. Но, одеднаш рацете почнаа да му лутаат по моето тело. Ми беше страв да му речам да престане. Си мислев дека ќе се налути и ќе си замине.“

      Што мислиш? Дали дечкото на Лора навистина мислел на неа или само гледал тој да си ги задоволи желбите? Дали некој што се обидува да те натера да направиш нешто валкано покажува дека навистина те сака?

      Кога едно момче присилува некоја девојка да оди против своето христијанско воспитание и против својата совест, го прекршува Божјиот закон и со тоа покажува дека не ја сака вистински. Освен тоа, кога една девојка попушта под таквиот притисок, остава простор да биде искористена. Но, што е уште полошо, со тоа прави нешто нечисто — можеби дури и блудb (1. Коринќаните 6:9, 10).

      Постави јасни граници

      Ако имаш врска, што можеш да направиш за да не дојде до недолични физички контакти? Најмудро е однапред да поставиш јасни граници. Во Изреки 13:10 пишува: „Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“. Затоа, разговарај со својот партнер кои изрази на наклоност се на место. Ако чекаш да се најдеш во ситуација кога ќе бидете понесени од чувствата, па тогаш да поставиш граници, тоа е исто како да чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па тогаш да поставиш противпожарен аларм.

      Точно, не е лесно — дури е и незгодно — да се зборува за такви осетливи теми, особено во раните фази од една врска. Но, со тоа што ќе поставиш граници можеш во голема мера да спречиш да дојде до сериозни проблеми подоцна. Мудро поставените граници може да бидат како еден детектор за чад кој го активира алармот при првите знаци за пожар. Освен тоа, кога ќе зборувате за вакви теми, ќе имаш уште една прилика да видиш дали вашата врска има иднина. Всушност, самоконтролата, стрпливоста и несебичноста се темел за во бракот да имате сексуални односи што ќе ве исполнуваат (1. Коринќаните 7:3, 4).

      Мора да се признае дека не е секогаш лесно да се живее според Божјите мерила. Но, можеш да имаш доверба во советите што ни ги дава Јехова. На крајот на краиштата, во Исаија 48:17 Јехова за себе вели дека тој е оној „кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“. Јехова секогаш ти го мисли само доброто!

      ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24

      ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

      Ако досега си немал сексуални односи, не значи дека со тебе нешто не е во ред. Напротив, тоа е мудра одлука. Дознај зошто.

      [Фусноти]

      a Во некои делови од светот се смета за неумесно и навредливо кога двајца што не се во брак си покажуваат наклоност во јавност. Христијаните внимаваат да не ги спрепнат другите со своето однесување (2. Коринќаните 6:3).

      b Се разбира, овие работи важат и за девојките и за момчињата.

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Љубовта... не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:4, 5)

      ПРЕДЛОГ

      Излегувајте во група, или инсистирај секогаш да има трето лице со вас. Избегнувај опасни ситуации, на пример, да бидете сами во паркиран автомобил или дома.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Ако сте свршени, ќе треба да разговарате за некои интимни работи. Но, разговорите за секс кои имаат цел да ги разбудат сексуалните желби се облик на нечистотија — дури и ако се водат по телефон или преку СМС-пораки.

      ПЛАН!

      За да не се најдам на искушение да направам неморал, ќе ․․․․․

      Ако мојот партнер се обиде да ме присили да направам нешто валкано, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Какви граници би поставил во поглед на физичките контакти меѓу тебе и некој од спротивниот пол?

      ● Објасни ја разликата помеѓу блуд, нечистотија и бесрамни дела.

      [Истакната мисла на страница 46]

      ››Заедно со мојот свршеник читавме библиски статии во кои се зборуваше за моралната чистота. Многу сме благодарни затоа што ни помогнаа да задржиме чиста совест‹‹ (Летиција)

      [Рамка на страница 44]

      Што ако сме ја преминале границата?

      Што ако сте направиле нешто погрешно? Немој да си мислиш дека сам можеш да го решиш проблемот. „Се молев: ‚Помогни ни да не ни се повтори‘“, признава една девојка. „Понекогаш ни успеваше, понекогаш не.“ Затоа, разговарај со своите родители. Библијата ни го дава и овој убав совет: ‚Повикај ги старешините од собранието‘ (Јаков 5:14). Овие христијански пастири можат да ти дадат совети и опомени што ќе ти помогнат да си го поправиш односот со Бог.

      [Слики на страница 47]

      Дали ќе чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па да ставиш противпожарен аларм? Затоа, не чекај страста да те обземе, па тогаш да поставиш граници до каде може да се оди

  • Зошто да се зачува невиноста?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 5

      Зошто да се зачува невиноста?

      „Чувствувам силен притисок да имам секс“ (Кели).

      „Незгодно ми е што уште сум невин“ (Џордан).

      „ШТО, уште си невин?“ Можеби од тоа прашање ти се стемнува! Знаеш дека, општо земено, тинејџерите што немале секс се сметаат за „вид во изумирање“. Не е ни чудо што толку млади се сексуално активни уште во тинејџерските години!

      Силата на желбите и притисокот од другите

      Ако си христијанин, знаеш дека Библијата ни кажува ‚да се воздржуваме од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Сепак, можеби ти е тешко да ги контролираш своите сексуални нагони. „Понекогаш помислувам на секс без некоја очигледна причина“, признава Пол. Таквите чувства, во голема мера, се нормални.

      Меѓутоа, не е лесно некој постојано да те задева и да те исмејува затоа што сѐ уште си невин! На пример, што ако ти велат дека не си прав маж или права жена ако си немал секс? „Другите прават сексот да изгледа толку привлечно и нормално“, вели Елена. „Ако не спиеш со кого стигнеш, те сметаат за чудак.“

      Но, сексот пред бракот има една страна за која другите можеби ретко зборуваат. На пример, Марија раскажува како ѝ било откако спиела со својот дечко: „Чувстував срам и вина. Се мразев и себеси и него“. Повеќето тинејџери не се свесни колку често работите завршуваат вака. Во реалноста, предбрачниот секс честопати е емоционално болно искуство — со погубни последици!

      Но, младата Сандра прашува: „Зошто Бог ги создал тинејџерите со сексуални желби, а во исто време вели дека не смеат да ги задоволат пред да стапат во брак?“ Добро прашање. Размисли за ова:

      Дали сексуалните желби се единствените силни чувства што ги имаш? Не. Јехова Бог те создал со широк опсег на желби и емоции.

      Мораш ли веднаш да реагираш на секој нагон што ќе ти надојде? Не, зашто Бог те создал и со способност да си ги контролираш реакциите.

      Значи, што учиме од ова? Можеби не можеш да спречиш да ти надојдат некои желби, но можеш да се контролираш како ќе реагираш на тие желби. И навистина, ако реагираш на секоја сексуална желба што ќе ти дојде, би било исто толку погрешно и глупаво како да удриш некого секојпат кога ќе се нанервираш.

      Факт е дека Бог никогаш немал намера луѓето да го злоупотребуваат сексот. „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:4). Како што има „време за сакање и време за мразење“, така има и време кога треба да се задоволат сексуалните желби и време кога тие треба да се држат под контрола (Проповедник 3:1-8). На крајот на краиштата, ти си тој што има контрола над твоите желби!

      Но што да направиш ако некој те задева: „Зар навистина уште си невин?“ Нека не те плашат ваквите коментари. На оној што сака само да те исмева можеш да му речеш: „Да, сум, и знаеш што? Мило ми е што е така!“ Или би можел да му кажеш: „Тоа си е моја работа и нема што повеќе да зборуваме на таа тема“a (Изреки 26:4; Колошаните 4:6). Од друга страна, можеби сметаш дека оној што те распрашува заслужува да знае нешто повеќе. Во таков случај можеби ќе сакаш да му го објасниш својот став кој се темели на Библијата.

      Ти текнува ли што друго би можел да кажеш ако некој те исмејува со зборовите: „Зар навистина уште си невин?“ На линиите напиши како ти би одговорил.

      ․․․․․

      Скапоцен дар

      Како му е на Бог кога луѓето се решаваат на секс пред брак? Па, замисли си дека си купил подарок за некој твој пријател. Но, тој го наоѓа и, од чиста љубопитност, го отвора уште пред да му го дадеш! Зарем нема да се налутиш? Замисли си тогаш како би му било на Бог ако почнеш со сексуални односи пред бракот. Тој сака прво да стапиш во брак за да можеш да им се радуваш на сексуалните односи, кои се дар од него (1. Мојсеева 1:28).

      Што да правиш кога ќе ти надојдат сексуални желби? Едноставно кажано, научи да ги контролираш. Ти имаш сила за тоа! Моли го Јехова да ти помогне. Неговиот дух ќе ти помогне подобро да се самосовладуваш (Галатите 5:22, 23). Секогаш имај на ум дека Јехова „нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Псалм 84:11). Едно момче по име Гордон вели: „Кога низ главата ќе почне да ми се врти дека предбрачниот секс можеби и не е толку страшна работа, помислувам колку лошо ќе се одрази тоа на мојата духовност, и сфаќам дека за ниеден грев не вреди да си го расипам пријателството со Јехова“.

      Вистината е дека да се биде невин не е нешто ненормално. Напротив, предбрачниот секс е нешто срамно, понижувачко и штетно. Затоа, не дозволувај светот со својата пропаганда да те прелаже да мислиш дека нешто не е во ред со тебе само затоа што живееш според библиските мерила. Со тоа што ќе ја зачуваш својата невиност ќе си го заштитиш здравјето, емоционалната состојба и, што е најважно, својот однос со Бог.

      ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24

      [Фуснота]

      a Интересно, кога Ирод го испрашувал, Исус решил да не каже ништо (Лука 23:8, 9). Честопати, на дрските прашања најдобро е да не се одговори ништо.

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост... добро прави“ (1. Коринќаните 7:37)

      ПРЕДЛОГ

      Немој да се дружиш со луѓе кои имаат лабав морал, дури и ако тврдат дека имаат исти верувања како твоите.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Луѓето што имаат лабав морал пред бракот многу ретко се менуваат откако ќе стапат во брак. За разлика од нив, голема е веројатноста дека оние што лојално живеат според Божјите морални мерила пред бракот ќе му бидат верни на својот брачен другар.

      ПЛАН!

      Ако сакам да останам невин пред бракот, ќе треба да ․․․․․

      Ако друштвото ми отежнува да си останам на одлуката, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Според тебе, зошто некои им се исмеваат на оние што немаат сексуални односи?

      ● Зошто не е лесно да се остане невин?

      ● Кои се добрите страни на тоа што ќе останеш невин пред бракот?

      ● Како ќе му објасниш на својот помал брат или сестра зошто е добро да се биде невин?

      [Истакната мисла на страница 51]

      ››Она што ми дава сила да не попуштам пред сексуалните желби е мислата дека ‚ниту еден блудник или нечист нема наследство во царството на Бог‘ (Ефешаните 5:5)‹‹ (Лидија)

      [Рамка на страница 49]

      Прашалник

      Што навистина се случува потоа?

      Другите околу тебе и забавната индустрија честопати многу вешто ја прикриваат грдата реалност на предбрачниот секс. Разгледај ги трите ситуации подолу. Што мислиш, што навистина ќе се случи со овие тинејџери?

      ● Еден од соучениците се фали дека спиел со многу девојки. Вели дека тоа е чиста забава — никој не е повреден. Што навистина се случува потоа — со него и со девојките? ․․․․․

      ● На крајот од филмот двајца тинејџери, кои не се во брак, имаат секс за да си покажат колку се сакаат. Што ќе се случи потоа — во вистинскиот живот? ․․․․․

      ● Запознаваш згоден дечко кој сака да има секс со тебе. Ти вели дека никој не мора да дознае за тоа. Да речеме дека спиеш со него и потоа се трудиш да го скриеш тоа од другите. Што навистина ќе се случи потоа? ․․․․․

      [Слика на страница 54]

      Ако имаш секс пред бракот, тоа е како да отвориш некој подарок пред да ти го дадат

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели