Глава 2
Величај го Јехова како вистински Бог
1. а) Кој е вистинскиот Бог? б) Додека учиме за него, како треба тоа да влијае на нашите животи?
АПОСТОЛ Павле им напишал на сохристијаните дека и покрај тоа што постојат многу кои се наречени богови, „сепак ние имаме само еден Бог Отец, . . . и еден Господ Исус Христос“ (1. Кор. 8:5, 6). Тој „еден Бог“ за кого Павле зборува е Јехова, Творецот на сите работи (5. Мој. 6:4, NW; Отк. 4:11). Луѓето исполнети со ценење кои учат за неговите особини и за работите што тој ги направил за човештвото, се чувствуваат неодоливо привлечени кон него. Со каков резултат? За нив е сосем природно да го величаат Оној кого тие толку длабоко го обожаваат, а тоа го прават и со зборови и со дела. Додека расте нивната љубов кон Бог, тие се чувствуваат наведени да им зборуваат на другите за него и, колку што им е можно како на луѓе, сакаат да го имитираат. Библијата нѐ охрабрува сите нас да го правиме тоа, кога вели: „Бидете имитатори на Бог, како љубени деца, и продолжете да одите во љубов“ (Еф. 5:1, 2, NW). За да го примениме овој совет, треба да го запознаеме Јехова онаков каков што навистина е.
Каква личност е Јехова
2. Кои се некои од Божјите истакнати особини кои нѐ наведуваат да го фалиме?
2 Низ целата Библија може да се најдат бројни директни изјави што се поврзани со истакнатите особини на Бог. Кога ќе ги читаш, одвој време да размислиш за тоа што тие особини всушност значат и колку се важни за тебе лично. На пример: „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). „Сите негови патишта се правда“ (5. Мој. 32:4, NW). ‚Со него е мудроста‘ (Јов 12:13, NW). Тој е „крепок во моќта“ (Иса. 40:26, NW). Додека размислуваш за овие својства, зарем не се чувствуваш поттикнат, од восхит кон Бог, да го фалиш?
3. Кои други аспекти од Јеховината личност се мошне привлечни?
3 Запознавајќи нѐ понатаму со неговата привлечна личност, Библијата ни кажува дека Јехова е „Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во љубезна доброљубивост и вистина“ (2. Мој. 34:6, NW). „Ти, о Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Пс. 86:5, NW). „Што се однесува до Јехова, неговите очи пребаруваат по целата земја за да ја покаже својата сила во полза на оние чие срце е цело спрема него“ (2. Лет. 16:9, NW). „Бог не гледа на лице [не е пристрасен, NW]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил му е“ (Дела 10:34, 35). Јехова „дава дарежливо“ и тој е „среќниот Бог“ (Јак. 1:5; 1. Тим. 1:11, сите NW). Колку е угодно да му се служи на овој неспоредлив Бог и да се искуси неговата љубезна грижа!
4. а) Каков вид оддаденост бара Јехова, и колку е значајно тоа? б) На што нѐ повикува Псалм 34:3?
4 Во согласност со неговите обележја е и фактот дека тој е „Бог кој бара исклучителна оддаденост“ (2. Мој. 20:5, NW). За да му служиме прифатливо, мораме да му бидеме потполно оддадени. Не можеме истовремено љубиме и светот чијшто бог е Сатана (1. Јов. 2:15-17; 2. Кор. 4:3, 4, ДК). Јехова може да ја проѕре секоја лицемерна праведност. Тој точно знае не само што ние правиме туку и што мислиме и какви личности се обидуваме да бидеме. Ако вистински ја љубиме праведноста, тој ни помага (Ерем. 17:10; Изр. 15:9). Благодарение на таквата Јеховина личност, милиони луѓе ширум светот радо ја прифаќаат поканата на библискиот псалмист кој напишал: „О величајте го Јехова со мене, вие народи, да го возвишувме неговото име заедно“ (Пс. 34:3, NW). Дали си и ти еден од нив?
5. Што ќе ни помогне да имаме потполна корист од нашето проучување на Јеховината личност?
5 Ако поблиску ги разгледаш Божјите возвишени особини, ќе се продлабочи твојата желба да зборуваш за него, а тоа многу ќе ти помогне и во твоите напори да го имитираш. Откриј 1) што точно претставува секоја особина и како таа се разликува од останатите особини, 2) како Јехова ја покажал и спрема кого и 3) како ти можеш да ја покажуваш или како таа треба да влијае на твоето гледиште.
6. Земајќи ја љубовта како пример, покажи како можеш да ги испиташ Јеховините особини. Стори го тоа одговарајќи на прашањата на крајот од пасусот и вклучи ги стиховите во одговорите.
6 Да разгледаме само еден пример. Кога Библијата вели: „Бог е љубов“, што значи тоа? (1. Јов. 4:8). Се разбира, постојат повеќе видови љубов. Грчкиот збор што е употребен во овој текст е ага́пе, а укажува на највисокиот облик на љубов, како што потврдува примерот на самиот Јехова Бог. Таквата љубов е израз на потполна несебичност. Имајќи ги тие мисли на ум, обмисли ги своите одговори на долунаведените прашања, употребувајќи ги наведените стихови.
Како оваа особина доаѓа до израз во Јеховините дела на создавање? (Дела 14:16, 17).
Кој е најистакнатиот пример на Јеховина љубов спрема човештвото? (Јован 3:16). Дали Јехова тоа го сторил затоа што луѓето биле толку добри? (Рим. 5:8).
Како треба сето она што Јехова го сторил преку својот Син да влијае на начинот како ги користиме нашите животи? (2. Кор. 5:14, 15, 18, 19).
На кој начин можеме ние како христијани да покажеме дека го имаме истиот вид љубов спрема сохристијаните? (1. Кор. 13:4-7, NW; 1. Јов. 4:10, 11; 3:16-18).
Спрема кого друг треба да покажуваме љубов, и како? (Мат. 5:43-48, 28:19, 20; Гал. 6:10).
7. Како можеш во своето лично проучување да најдеш сличен материјал и за другите Јеховини особини?
7 Дали би сакал да откриеш и некои други Јеховини особини? За почеток, обиди се во личното проучување да ги испиташ особините на „правда“ и „мудрост“, потоа можеби „љубезната доброљубивост“ и „милоста“. Со помош на индексите на публикации на Watchtower и библиската Конкорданца ќе откриеш богатство на поучен материјал.
Помогни им на другите да ја запознаат вистината за Бог
8. а) Какви богови обожаваат луѓето во светот? б) Кој стои зад сета оваа збрка, и зошто така одговараш?
8 Наспроти обожавањето на вистинскиот Бог, луѓето дословно обожаваат милиони други богови. Во четвртиот век, т.н. христијанство прифатило верување во „Тројство“ коешто пред тоа го научувале Вавилонците, Египќаните, Индусите и будистите. Освен ова сфаќање за Бог, постојат моќни владетели, истакнати спортисти и пејачи кои се идолизирани како богови. Парите, личното „јас“ и сексот исто така станале богови на коишто луѓето горливо им се оддаваат. Кој стои зад сето ова? „Богот на овој систем на ствари“, Сатана Ѓаволот (2. Кор. 4:4, NW; 1. Кор. 10:20, ДК). Тој се труди со сите можни, подмолни средства да ги одврати луѓето од Јехова или барем да му служат со половина срце.
9. Кој е најдобриот начин да му се помогне на некого да ја научи вистината за Бог?
9 Како можеме да им помогнеме на таквите луѓе, сеедно дали по вероисповед се христијани или нешто друго, да ја спознаат вистината за Бог? Еден од најдобрите начини е да им покажеме на еден корисен начин што самата Библија вели за идентитетот на вистинскиот Бог и за тоа каква личност е тој. Потоа треба тоа да го поддржиме со начинот на однесување, така што во својот живот ќе ги одразуваме божествените особини (1. Петр. 2:12, ДК).
10. Кога зборуваме со некој бранител на науката за тројство, зошто не е мудро да претпоставиме дека точно знаеме што тој верува?
10 Но што ако некои припадници на црквите на т.н. христијанство се препираат со тебе, тврдејќи дека нивното верување во „тројството“ е библиско? Пред сѐ треба да сфатиш дека, иако постои службено толкување на науката за „тројство“, многу луѓе имаат свои сопствени идеи. Замоли ги да се изјаснат самите, а потоа помогни им да ги споредат своите верувања со она што стои во нивните сопствени Библии. А подоцна поттикни ги да го споредат службеното црквено учење со Божјата Реч.
11. Земајќи ги по ред петте главни точки, употреби ги прашањата и стиховите наведени во овој пасус за да размислиш зошто науката за „тројството“ е небиблиска.
11 Имајќи ја на ум желбата да им помогнеш на искрените лица, размисли како можеш да ги употребиш долунаведените стихови за објаснување на точките кои се споменати во овие стихови:
1) Некои бранители на науката за тројството ја истакнуваат идејата дека постојат три божествени Личности (Татко, Син и Свет Дух), но само еден Бог.
Но дали Дела 2:4, 17 укажуваат дека тој „свет дух“ е личност?
Зошто е корисно да се забележи колку личности се споменуваат во секој од следниве стихови? (Јован 17:20-22; Дела 7:56; Откр. 7:10, ДК).
2) Некои веруваат дека секоја личност од тоа „тројство“ е еднакво славна, дека ниедна не е поголема или помала од другата, дека меѓусебно се еднакво вечни и потполно рамноправни.
Дали тоа е во согласност со Библијата? (За одговор, види Јован 14:28; Матеј 24:36, NW; Откровение 3:14.)
3) Некои луѓе укажуваат на Јован 1:1 како на доказ за „тројството“. Тие образложуваат дека во грчкиот текст овде нема неодреден член („еден“) и дека затоа стихот мора да гласи: „Речта беше Бог“, наместо „еден бог“.
Но за колку личности се зборува во Јован 1:1? За три? Или за две? На кој начин текстот од Јован 1:18 исто така е во противречност со науката за „тројство“?
Точно е дека грчкиот јазик нема неодреден член, но многу јазици го имаат и тој служи во тие јазици мислата да се изрази точно. Ако некој смета дека е погрешно да се користи неодреден член кога се преведува Јован 1:1, дали би го изоставил и во Дела 28:6 според King James Version или во некои други преводи на Библијата? (Друг начин на преведување на Јован 1:1, како што стои во An American Translation е: „Речта беше божествена“, а тоа значи дека таа ги имала истите божествени особини како Бог.)
4) Тринитаријанците исто така образложуваат дека во 1. Мојсеева 1:1, 26 хебрејскиот збор преведен со „Бог“ е елохи́м и дека тој на хебрејски е во множина, што всушност значи „богови“.
Зошто тоа не е доказ за науката за три божествени Личности во „еден Бог“?
Ако во 1. Мојсеева 1:1 тоа означува „тројство“, тогаш што означува во Судиите 16:23, каде за „бог“ се употребува елохи́м, а хебрејскиот глагол стои во еднина, а не во множина?
Зошто во овие стихови на хебрејски е употребена множинска форма од Бог? Една причина е затоа што во хебрејскиот јазик таа форма ја содржи идејата за возвишеност или величество. Ако се мислело на повеќе од една личност, тогаш придружните глаголи би биле исто така во множина, а тоа не е случај во горните примери.
5) Поради важноста која црквите му ја придаваат на Исус (и затоа што името Јехова е отстрането од многу библиски преводи), некои луѓе мислат само на Исус кога ќе се спомене Бог.
Но каков пример во обожавањето пружил Исус, којшто ние треба да го имитираме? (Лука 4:8, NW).
12. Зошто Исус прикладно го ословува својот Татко како „Единиот вистински Бог“?
12 Иако во Библијата за Исус се зборува како за „еден бог“, дури и „силен Бог“, сепак тој го величал својот Татко, нарекувајќи го „Свој“ Бог и . . . ваш Бог“ (Јован 1:1; 20:17; Иса. 9:6). Тој се согласил со Мојсеј, кој порано изјавил: „Јехова е вистинскиот Бог; нема друг освен него“ (5. Мој. 4:35, NW). Јехова стои во остра спротивност спрема сите други коишто луѓето ги обожаваат, било да се тоа идоли, луѓе или Сатана Ѓаволот. За разлика од сите нив, Јехова како што Исус го нарекол, е „Единиот вистински Бог“ (Јован 17:3).
,Да се оди во името Јеховино‘
13, 14. Што е вклучено во тоа да се ‚познава‘ Јеховиното име и да се ‚оди во неговото име‘?
13 После многугодишна збрканост во поглед на идентитетот на Бог, многу луѓе биле одушевени кога првпат го виделе Божјето лично име, Јехова, во своите Библии (2. Мој. 6:3, Стварност). Но тие ќе имаат трајна корист од ова спознание само ако ‚одат во името на Јехова засекогаш‘ (Мих. 4:5, NW). Ова вклучува многу повеќе отколку само да се познава името Јехова или да се тврди дека некој е Јеховин сведок.
14 Во поглед на значењето на Божјето име, Псалм 9:10 наведува: „Оние кои го познаваат твоето име ќе имаат доверба во тебе, . . . о Јехова“ (NW). Што вклучува тоа? Тоа вклучува многу повеќе отколку само да се познава името Јехова, бидејќи тоа не значи автоматски и да се има доверба во Јехова. „Да се познава“ Божјето име овде значи да се цени тоа каков Бог е Јехова, да се почитува неговата власт и да се слушаат неговите заповеди. Слично на тоа, ‚да се оди во името на Јехова‘ значи да му бидеш оддаден и да го застапуваш како еден од неговите обожаватели, така што навистина ќе го обликуваш својот живот во склад со Божјата волја (Лука 10:27). Дали го правиш тоа?
15. Што, освен чувството на должност, е потребно ако сакаме засекогаш да му служиме на Јехова?
15 Ако сакаме вечно да му служиме на Јехова, на тоа мора да нѐ поттикнува повеќе отколку само чувство на должност. Апостол Павле го поттикнувал Тимотеј, кој веќе многу години му служел на Јехова: „Вежбај се во божествена оддаденост како кон своја цел“ (1. Тим. 4:7, NW). Оддаденоста доаѓа од срцето; таа е поттикната од ценењето на личноста на која сме ѝ предадени. „Божествена оддаденост“ е длабоко почитување кон Јехова лично. Таа доаѓа до израз во љубезната приврзаност кон него од ценење спрема него и неговите патишта. Таа ја поттикнува во нас желбата секој високо да го почитува неговото име. Мораме да негуваме „божествена оддаденост“ и тоа да ни биде цел во животот ако сакаме засекогаш да одиме во името на Јехова, вистинскиот Бог (Пс. 37:4, NW; 2. Петр. 3:11, NW).
За повторување
● Каква личност е Јехова? Каква корист имаме ако стекнеме јасно разбирање за секоја негова особина?
● Како можеме да им помогнеме на другите луѓе да ја запознаат вистината за Бог?
● Што значи „да се познава“ Јехова и да се ‚оди во негово име‘?