Секојдневно да ја објавуваме вистината во знак на имитирање на Исус
1 Кога дошол на Земјата, Исус имал една посебна задача. Таа била сосема едноставна: ‚Да сведочи за вистината‘ (Јован 18:37). Тој ја објавил вистината за прекрасните особини и намери на неговиот Татко. Ова дело за него било како храна — околу него бил сконцентриран целиот Исусов живот (Јован 4:34). Лука известил дека Исус редовно „поучуваше секој ден во храмот“ (Лука 19:47). Исус потполно го искористил времето што му стоело на располагање (Јован 9:4). Кратко пред својата смрт, тој можел да му рече на својот Татко: „Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам“ (Јован 17:4).
2 Кога нашите срца се исполнети со ценење за сето она што го сторил Јехова, тогаш и ние се чувствуваме наведени да зборуваме за него секој ден. Стануваме како Исусовите апостоли кои храбро изјавиле: „Ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4:20). Тие зборувале за Јехова постојано, бидејќи извештајот наведува дека „секој ден . . . не престануваа“ (Дела 5:42). Би требало секој да се запраша: ‚Дали го имитирам својот Учител, Исус?‘
3 Проповедање со итност: Исус прорекол дека кога пораката за Царството ќе биде објавена низ целата Земја, „тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14). Ова би требало да ја вреже во нас важноста и итноста на нашето дело. Со оглед на милионите животи кои се дословно ставени на коцка, нема ништо поважно или покорисно што би можеле да правиме. Поради тоа што овој систем на ствари се ближи кон својот крај, времето што преостанува за да се заврши ова дело е скратено!
4 Извештаите покажуваат дека Јехова го забрзува собирањето на оние кои се слични на овци (Иса. 60:22). Во многу делови од светот, луѓето дословно нагрнуваат кон вистината, радосно изјавувајќи: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“! (Зах. 8:23). Повеќе од кога и да е порано, се обистинуваат Исусовите зборови: „Жетвата е голема, а работници малку . . . Помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“ (Мат. 9:37, 38). Зарем тоа не нѐ мотивира да бидеме ревни како Исусовите ученици кои ‚биле постојано во храмот, каде што Го благословувале Бог‘? (Лука 24:53).
5 Секојдневно огласувај ја вистината: Секој ден треба да бараме начини како да им ја пренесеме вистината на другите. Во секое време имаме такви прилики. Би можел ли да одвоиш неколку минути за да му телефонираш на некој пријател или познаник за кој мислиш дека можеби ќе прифати? Би можел ли да напишеш писмо до некој кој не си можел да го најдеш дома? Си помислил ли да му понудиш трактат на продавачот кога одиш да купуваш? Веројатно ќе можеш да се сетиш и на многу други прилики што ги имаш секој ден за да ја споделуваш со другите својата надеж. Ако вложуваш напори и ако покажуваш малку поголема смелост, Јехова ќе ти помогне (1. Сол. 2:2).
6 Затоа, кога ги започнуваме нашите секојдневни активности, би требало да се запрашаме: ‚Ако денес се појави некоја прилика, ќе преземам ли иницијатива да ја споделам мојата надеж со некого?‘ Имитирај го ставот на Исус, кој објаснил зошто бил испратен на Земјата: „Треба да им соопштам радосна вест за Царството Божјо“ (Лука 4:43). Ако сакаме да бидеме како нашиот учител, и ние ќе го правиме истото (Лука 6:40).