Глава 9
Моќта на надежта во воскресение
1. Какви чудесни изгледи се овозможени преку воскресението?
БЕЗ воскресение не постои никаква надеж за некаков иден живот за мртвите луѓе. Но Јехова, од незаслужена доброљубивост, за милијарди кои умреле отворил бесценета можност да уживаат вечен живот. Како резултат на тоа, и ние ја имаме охрабрувачката надеж повторно да се обединиме со саканите кои заспале во смрт. (Спореди Марко 5:35, 41, 42; Дела 9:36-41.)
2. а) На какви начини воскресението се покажало значајно во исполнувањето на Јеховината намера? б) Кога особено надежта за воскресение е значаен извор на сила за нас?
2 Поради воскресението Јехова може да му дозволи на Сатана да оди до крајната граница без да им нанесе трајна штета на неговите верни слуги, обидувајќи се да го докаже своето злобно тврдење: „За животот свој човек ќе даде и сѐ што има“ (Јов 2:4). Затоа што Исус бил подигнат од мртвите, тој бил во можност да ја принесе вредноста на својата човечка жртва пред небесниот престол на својот Татко, што е од животоспасувачка корист за нас. Преку воскресението, оние кои се сонаследници со Христос се обединети со него во небесното Царство. А за сите нас кои имаме вера, воскресението е извор на сила која е над нормалната кога доживуваме искушенија кои нѐ ставаат во ситуација да се соочиме со смртта.
Зошто е темелно за христијанската вера?
3. а) Во која смисла воскресението е „примарна наука“? б) Што значи воскресението за светот воопшто?
3 Воскресението, како што стои во Евреите 6:1, 2 (NW), е „примарна наука“, дел од темелот на верата без кој никогаш не би можеле да станеме зрели христијани. Но таа наука е туѓа за размислувањата што владеат во светот воопшто. Заради недостатокот на духовност, сѐ повеќе луѓе тежнеат кон задоволства. За нив само моменталниов живот е реален (1. Кор. 15:32). Оние кои им припаѓаат на традиционалните религии, и во христијанството и надвор од него, мислат дека имаат бесмртни души, што го прави воскресението непотребно. Секој кој се обидува да ги усклади овие две идеи открива дека повеќе е збунет отколку да добие надеж. Како можеме да им помогнеме на оние кои се спремни да слушаат? (Дела 17:32, NW).
4. а) Пред поединецот да може да го сфати воскресението, за што можеби треба да продискутираме со него? б) Кои стихови ќе ги употребиш за да објасниш што е душата? А кои стихови за состојбата на мртвите? в) Но што ако некој користи библиски превод кој ја заматува вистината која се наоѓа во тие текстови?
4 Пред да можат да сфатат каква прекрасна подготовка претставува воскресението, таквите луѓе прво треба да разберат што претставува душата и во каква состојба се наоѓаат мртвите. Често се доволни само неколку библиски стихови за на лицето кое е гладно за вистината да му се разјаснат овие прашања (1. Мој. 2:7; Езек. 18:4; Псал. 145:3, 4). Но некои современи преводи и прераскажани изданија на Библијата ги замаглуваат овие вистини. Затоа, може да биде неопходно да се разгледаат изразите што се употребени во библиските оригинални јазици.
5. Како би му помогнал на таквото лице да разбере што претставува душата?
5 The New World Translation е особено драгоцен при таквото разгледување, бидејќи тој доследно го преведува хебрејскиот термин не́феш и соодветниот грчки збор психе́ како „душа“, а во неговиот Додаток се наведени многу библиски цитати кадешто се наоѓаат овие термини. Други современи преводи можеби ги преведуваат истите оригинални зборови не само како „душа“, туку и како „творба“, „суштество“, „лице“ и „живот“; „мојата не́феш“ може да се преведе со „јас“, а „твојата не́феш“ како „ти“. Споредувањето на овие Библии со некои постари преводи или со The New World Translation ќе им помогне на искрените истражувачи да сфатат дека поимите на изворниот јазик преведени со „душа“ укажуваат на 1) лица, 2) животни и 3) на животот што тие како такви го уживаат. Но никогаш не ја пренесуваат идејата дека душата е невидливо, недофатливо нешто што може да излезе од телото при смртта и да продолжи некаде свесно да постои.
6. а) Зошто некои современи преводи ги збунуваат читателите во врска со значењето на шеол, хадес и гехена? б) Како на темел на Библијата би ја објаснил состојбата на луѓето во шеол или хадес? А во каква состојба се во гехена?
6 Слично на тоа, The New World Translation е доследен во својата употреба на шеол за да го транслитерира хебрејскиот термин шеол и во неговата употреба на хадес за грчкиот термин хадес, и гехена за гехена. Но, некои други современи преводи и прераскажувања на Библијата го збунуваат читателот со тоа што и ДВЕТЕ, хадес и гехена, ги преведуваат како „пекол“, а покрај тоа ги користат „гробот“ и „светот на мртвите“ како други значења на шеол и хадес. Со споредување на преводите, таму кадешто е неопходно, може да се покаже дека шеол и хадес имаат исто значење (Псал. 15:10; Дела 2:27). Библијата јасно покажува дека шеолот, или хадесот, општиот гроб на човештвото, е поврзан со смртта, а не со животот (Псал. 88:48; Отк. 20:13). Таа исто така укажува на изгледот за враќање од таму преку воскресение (Јов 14:13; Дела 2:31). Наспроти тоа, за оние кои одат во гехена не е пружена надеж за иден живот и, секако, не се споменува дека таму душата свесно постои (Мат. 18:9; 10:28, NW).
7. Како може воскресението да влијае на нечиј став и постапки ако е соодветно разбрано?
7 Со такви разјаснети работи, смртта и воскресението на Христос попримаат реално значење. Сега може на некого да му се помогне да сфати што за него може да значи воскресението и може да почне да ја цени Јеховината љубов што овозможил една таква чудесна подготовка. Жалоста што ја чувствуваат оние кои со смртта изгубиле свои сакани, сега можат да ја заменат со радосно очекување на повторно обединување во Божјиот нов поредок. Христијаните од првиот век сфатиле дека воскресението на Исус Христос било камен-темелник на христијанската вера. Тие ревносно им сведочеле на другите за тоа и за надежта што тоа ја гарантира. Затоа, и оние кои денес го ценат воскресението спремни се да ја споделуваат оваа драгоцена вистина со другите (Дела 5:30-32; 10:40-43; 13:32-39; 17:31).
Употреба на ,клучот од хадесот‘
8. Што значи Исусовата употреба на „клучевите од адот и смртта“ за неговите духовно помазани следбеници?
8 Сите кои треба да се соединат со Христос во неговото небесно Царство мораат на крајот да умрат. Но, тие добро го знаат ветувањето што тој го дал кога му рекол на апостол Јован: „Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови. . . . И ги имам клучевите од адот [хадесот] и смртта“ (Отк. 1:18). Што мислел со тоа? Тој го свртел вниманието на сопственото искуство. Тој, исто така, умрел. Но Бог не го оставил во хадесот. На третиот ден Јехова лично го подигнал во духовен живот и му доделил бесмртност. Но не само тоа, туку Бог му ги дал и „клучевите од адот и смртта“ за да ги употреби за ослободување на другите од општиот гроб на човештвото и од последиците на Адамовиот грев. Бидејќи ги поседува тие клучеви, Исус е способен своите верни следбеници да ги подигне од смртта. Кога го сторил тоа, на духовно помазаните членови на неговото собрание им го доделил драгоцениот дар на бесмртен небесен живот, токму онака како што неговиот Татко го сторил тоа за него (Рим. 6:5, NW; Фил. 3:20, 21).
9. Кога настапило воскресението на верните помазани христијани?
9 Кога верните помазани христијани ќе го доживеат тоа воскресение? Тоа веќе започнало. Апостол Павле објаснил дека тие ќе бидат подигнати ‚за време на Христовата присутност‘ која започнала во 1914 н. е. (1. Кор. 15:23, NW). Сега, кога тие ќе го завршат својот земски животен пат, не мораат во смрт да го чекаат враќањето на нивниот Господ. Веднаш после нивната смрт тие се подигнуваат во духот, и така се ‚изменуваат, оддеднаш, во еден миг‘. Колку се среќни, бидејќи „работите кои ги направиле одат веднаш со нив“! (1. Кор. 15:51, 52; Откр. 14:13, NW).
10. Кое друго воскресение ќе се случи, и кога ќе започне?
10 Но нивното воскресение не е единственото. Фактот дека тоа е наречено „прво воскресение“ укажува дека после него мора да следи друго (Откр. 20:6, NW). Оние кои имаат корист од ова подоцнежно воскресение ќе го имаат среќниот изглед за вечен живот на рајска Земја. Кога ќе се случи тоа? Книгата Откровение покажува дека тоа ќе биде откако „земјата и небото“ на сегашниот зол систем на работи ќе бидат отстранети. Тој крај на стариот систем е мошне близу. Потоа, во Божје одредено време, ќе започне земското воскресение (Отк. 20:11, 12).
11. Кој ќе биде вклучен меѓу верните кои ќе воскреснат да живеат на Земјата, и зошто тоа е восхитувачки изглед?
11 Кој ќе биде вклучен? Верните слуги на Јехова уште од најрани времиња. Меѓу нив ќе бидат мажи кои, поради нивната јака вера во воскресението, „не прифатиле ослободување преку некаков откуп“ — некаков компромис на нивната беспрекорност кон Бог со цел да избегнат насилна смрт (Евр. 11:35, NW). Колкаво задоволство ќе биде човек лично да ги запознае и од прва рака да ги чуе деталите за настаните за кои Библијата само накратко известува! Меѓу другите, на пример, ќе биде Авел, првиот верен сведок на Јехова. Енох и Ное, бестрашните објавители на Божјата порака на предупредување пред Потопот. Авраам, кој нагостил ангели. Мојсеј, преку кого бил даден Законот на гората Синај. Храбри пророци како Еремија, кој го видел уништувањето на Ерусалим во 607 п. н. е. Јован Крстител, кој слушнал како Бог го назначува Исус како Свој Син. Меѓу нив ќе бидат и лојални поединци кои умреле за време на последните денови на сегашниот систем (Евр. 11:4-38; Мат. 11:11).
12. а) Колкумина ќе бидат воскреснати од хадесот? б) Кој ќе биде вклучен, и зошто?
12 Со време, и други ќе бидат воскреснати. До која мера Исус ќе го употреби ‚клучот на адот‘ во корист на човештвото е покажано во една визија која му била дадена на апостол Јован, во која тој видел како хадесот бил „фрлен во огненото езеро“. Што значи тоа? Дека тој ќе биде уништен; тој исчезнува бидејќи е потполно испразнет. Така, освен што ќе ги подигне верните Јеховини обожаватели, Исус милосрдно ќе ги врати од хадесот, или шеолот, дури и неправедните луѓе. Никој од нив нема да воскресне само за да биде повторно осуден на смрт. Во Божјето Царство под праведните услови ќе им се помогне да ги ускладат своите животи со Јеховините патишта. Визијата покажува отворен „свиток на животот“, и ќе имаат прилика нивните имиња да бидат запишани во него. Тие ќе бидат „судени поединечно според нивните дела“ што ги направиле после нивното воскресение (Откр. 20:12-14, NW; Дела 24:15). Така, од гледна точка на конечниот исход, нивното воскресение ќе се покаже како „воскресение за живот“, и нема неизбежно да биде „воскресение за [казнен] суд“ (Јован 5:28, 29, NW).
13. а) Кој нема да воскресне? б) Како спознанието на вистината за воскресението влијае на нашите животи?
13 Секако, нема сите кои некогаш живееле да воскреснат. Некои направиле гревови за кои не е можно простување. Оние кои ќе бидат уништени во ‚големата неволја‘, која сега е на дофат, ќе бидат вклучени меѓу оние кои доживеале вечно уништување (Мат. 12:31, 32; 23:33; 24:21, 22; 25:41, 46; 2. Сол. 1:6-9). Така, додека е покажана извонредна милост во ослободувањето на сите кои се во хадесот, воскресението не ни дава основа да бидеме рамнодушни каков живот водиме сега. Наместо тоа, тоа треба да нѐ мотивира да покажеме колкаво длабоко ценење имаме за оваа навистина незаслужена доброљубивост на Бог.
Зајакнати преку надежта на воскресението
14. Како воскресението може да биде извор на голема сила за лицето кое се приближува кон крајот на својот сегашен живот?
14 Оние кои воскресението го направиле своја своина во можност се да црпат голема сила од него. Кога се приближуваат кон крајот на својот живот, свесни се дека не можат во недоглед да ја одложуваат смртта, без оглед на употребата на медицински постапки (Проп. 8:8). Ако биле ревни во делото Господово и ако лојално служеле со неговата организација, можат на иднината да гледаат со потполна сигурност. Знаат дека со помош на воскресение, во Божје одредено време, повторно ќе му се радуваат на животот. А каков живот ќе биде тоа! „Вистински живот“, како што го нарекол апостол Павле (1. Тим. 6:19, NW; 1. Кор. 15:58; Евр. 6:10-12).
15. Ако ни се закануваат насилни прогонувачи, што ќе ни помогне за да ја зачуваме беспрекорноста спрема Јехова?
15 Не само спознанието за воскресение, туку и познавањето на Оној кој е Изворот на таа подготовка е она што ни овозможува да бидеме силни. Ова нѐ утврдува да бидеме лојални на Бог дури и ако насилните прогонители ни се закануваат со смрт. Сатана веќе долго го употребува стравот од предвремена смрт како средство да ги држи луѓето во ропство. Но Исус не подлегнал на таквиот страв; тој докажал дека е верен на Јехова до самата смрт. Со она што неговата смрт го исполнила, тој го прибавил средството за ослободување на другите од таков страв (Евр. 2:14, 15). Како последица на нивната вера во таквата подготовка, неговите вистински следбеници создале извонреден запис како чувари на беспрекорност. Кога биле изложени на притисок, тие докажале дека ‚не ги сакале своите души‘ повеќе отколку што го сакале Јехова (Откр. 12:11, NW). Мудро постапуваат што не се обидуваат да го спасат својот сегашен живот со напуштање на христијанските начела, и така да го изгубат изгледот за вечен живот (Лука 9:24, 25). Имаш ли ти таква вера? Ќе имаш ако навистина го љубиш Јехова и ако си го зел при срце она што надежта за воскресение значи за тебе.
За повторување
● Зошто е потребно поединецот да разбере што претставува душата и во каква состојба се наоѓаат мртвите, пред да може да го сфати воскресението?
● Кој ќе се врати од мртвите? Како ова спознание треба да влијае на нас?
● Како нѐ зајакнува надежта во воскресение?