Глава 18
Да практицираме оддаденост на Бог и во својот дом
1. а) Какви промени направиле многумина откако научиле за Јеховините мерила за бракот? б) Но, што уште е вклучено во христијанскиот семеен живот?
МЕЃУ охрабрувачките вистини што ги научивме во текот на претходните проучувања на Библијата, беа и оние што се однесуваат на бракот и семејниот живот. Го признавме Јехова како Основач на бракот и увидовме дека преку Библијата ни го пружил најдоброто водство за семејствата. Поради таквото водство многумина, што е за пофалба, го напуштиле неморалниот начин на живот и законски го регистрирале својот брак. Но, христијанскиот семеен живот опфаќа многу повеќе отколку само тоа. Во него е вклучен и нашиот став спрема трајноста на брачната заедница, исполнувањето на нашите одговорности во семејството и начинот на постапување со другите членови на семејството (Еф. 5:33 до 6:4).
2. а) Дали секој го применува дома она што го знае од Библијата? б) Како Исус и Павле нагласиле дека е важно да се постапува на тој начин?
2 Милиони луѓе знаат што вели Библијата по тие прашања. Но кога ќе се соочат со проблеми во нивниот сопствен дом, тогаш не го применуваат она што го знаат. А како е со нас? Сигурно никој од нас не сака да биде како оние кои Исус ги осудил затоа што ја избегнувале Божјата заповед, која бара децата да ги почитуваат своите родители, под изговор дека бил доволен само обликот на религиозна оддаденост (Мат. 15:4-9). Ние не сакаме да бидеме луѓе кои имаат облик на оддаденост на Бог, а кои пропуштаат да ја покажуваат во „својот дом“. Наместо тоа, треба да имаме желба да покажуваме вистинска оддаденост на Бог, која претставува „голема печалба“ (1. Тим. 5:4; 6:6; 2. Тим. 3:5).
Колку долго треба да трае бракот?
3. а) Што се случува со многу бракови, но каква треба да биде нашата одлука? б) На темел на својата Библија одговори на горенаведените прашања во врска со трајноста на бракот.
3 Сѐ почесто се случува брачните врски да се покажат како мошне кршливи. Некои брачни другари кои биле заедно 20, 30 па и 40 години, одлучуваат после толку време да започнат „нов живот“ со некој друг партнер. Исто така, повеќе не е невообичаено да се слушне дека млади брачни двојки се разделиле после само неколку месеци брак. Без оглед на тоа што прават другите, како обожаватели на Јехова ние треба да сакаме да му угодиме на Бог. Што вели за ова неговата Реч?
Колку долго треба да очекуваат да останат заедно мажот и жената кога ќе се венчаат? (Рим. 7:2, 3; Марко 10:6-9).
Која е единствената причина за развод којашто е полноважна пред Бог? (Мат. 19:3-9; 5:31, 32).
Што мисли Јехова за разводите кои не се дозволени според неговата Реч? (Мал. 2:13-16).
Дали Библијата го поддржува одвојувањето како средство за решавање на брачните проблеми? (1. Кор. 7:10-13).
4. Зошто некои бракови издржуваат и покрај модерниот тренд?
4 Зошто некои бракови издржуваат, додека други — дури и меѓу оние кои се изјаснуваат како христијани — се распаѓаат? Честопати клучен фактор е тој што обата партнера чекале сѐ додека не созреат за брак. Исто така е важно да побараш партнер со еднакви интереси и со кого ќе можеш отворено да разговараш за сѐ. Но, од поголема важност е тоа да е личност која практицира искрена оддаденост на Бог. Ако тоа лице навистина го љуби Јехова и е уверено дека Неговите патишта се исправни, тогаш ќе постои здрав темел за решавање на проблемите кои ќе настанат (Псал. 118:97, 104; Изр. 22:20). Бракот на таквата личност нема да биде поткопан со ставот дека, ако нешто во бракот не оди добро, во секое време ќе може да побара одвојување или развод. Таквата личност нема да се фаќа за недостатоците на својот брачен другар како изговор за избегнување на сопствените одговорности. Наместо тоа, ќе научи да се соочува со животните проблеми и ќе најде делотворни решенија.
5. а) Каква улога игра лојалноста кон Јехова? б) Дури и кога наидуваш на големи тешкотии, каква корист може да произлезе ако цврсто се држиш на Јеховините мерила?
5 Ние сме сосем свесни за она што Ѓаволот го тврди за нас дека кога лично ќе доживееме страдања, тогаш ќе ги отфрлиме Јеховините патишта и ќе заклучиме дека е подобро сами да одлучуваме што е добро а што лошо. Но лицата кои му се лојални на Јехова, не го прават тоа (Јов 2:4, 5; Изр. 27:11). Голем број Јеховини сведоци, кои биле малтретирани од страна на партнерите кои не се верници, не се одрекле од нивниот брачен завет (Мат. 5:37). Некои, после многу години, дури ја доживеале радоста нивните брачни другари да им се придружат во служењето на Јехова (1. Кор. 7:16; 1. Петр. 3:1, 2). А што се однесува до другите чиишто партнери не покажуваат знак на промена или ги напуштаат затоа што цврсто се држат за својата вера — тие исто така знаат дека се богато благословени затоа што се држат за Јеховините мерила. На кој начин? Нивните околности ги научиле уште повеќе да му се приближат на Јехова. Научиле да одразуваат божествени особини дури и под страдања. Тоа се луѓе кои со својот живот пружаат доказ колкава моќ лежи во оддаденоста на Бог (Псал. 54:22; Јак. 1:2-4; 2. Петр. 1:5, 6).
Секој да го направи својот дел
6. За да имаш успешен брак, кое уредување мора да се почитува?
6 Се разбира, за да се има навистина успешен брак потребно е многу повеќе отколку само да се остане заедно. Една од основните потреби е секој член на семејството да го почитува Јеховиното уредување за поглаварството. Ова придонесува за добар ред и чувство на сигурност во домот (1. Кор. 11:3; Тит 2:4, 5; Изр. 1:8, 9; 31:10, 28).
7. Како треба да се извршува поглаварството во семејството?
7 Како треба да се извршува тоа поглаварство? На начин кој ги одразува особините на Исус Христос. Исус цврсто ги поддржува Јеховините патишта; ја љуби праведноста и го мрази беззаконието (Евр. 1:8, 9). Исто така длабоко го сака своето собрание, му ги пружа потребните упатства и се грижи за него. Тој не е горд и безобѕирен, туку „со блага нарав и понизен во срцето“, па оние кои доаѓаат под негово поглаварство ‚наоѓаат закрепа за своите души‘ (Мат. 11:28, 29, NW; Еф. 5:25-33). Кога еден сопруг и татко на таков начин постапува со своите домашни, очигледно е дека му се подложува на Христос кој го дал совршениот пример за оддаденост на Бог. Секако и христијанските мајки треба да ги одразуваат истите особини во постапувањето со своите деца.
8. а) Зошто можеби се чини дека во некои домови христијанските методи не водат до саканите резултати? б) Што да сториме ако се соочиме со таква ситуација?
8 Меѓутоа, поради човековата несовршена природа, можат да настанат проблеми. Можеби кај некои во семејството веќе била длабоко вкоренета извесна мера на лутина кога некој ќе се осмели нешто да му рече, уште пред било кој во семејството да почне да ги применува библиските начела. Можеби дури ни љубезните молби, ниту љубезното однесување не довеле до резултати. Ние знаеме дека Библијата нѐ повикува да го отфрлиме од себе „секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење [навредлив говор, NW]“ (Еф. 4:31). Но, што треба да се стори ако се чини дека некои луѓе не разбираат ништо друго? Па, како реагирал Исус кога бил под голем притисок? Не постапувал како оние кои се заканувале и пцуеле. Наместо тоа, му се доверил на својот Татко, потпирајќи се на него (1. Петр. 2:22, 23). Слично на тоа, ако во домот настане ситуација со која се искушуваат нашите постапки, ќе ја докажеме нашата оддаденост ако се обратиме кон Јехова и го молиме за помош, наместо да постапуваме на начини што се вообичаени во светот (Изр. 3:5-7).
9. Наместо да бараат грешки, кои методи научиле да ги користат многу христијански сопрузи?
9 Промените не настапуваат секогаш така брзо, но библискиот совет навистина е делотворен. Многумина сопрузи кои обично огорчено се жалеле на грешките на своите сопруги, откриле дека ситуацијата се поправила кога самите почнале повеќе да сфаќаат како Христос постапувал со неговото собрание. Тоа собрание не било сочинето од совршени луѓе. Сепак, Исус го љубел собранието, му дал исправен пример, дури го дал својот живот во негова корист и ги користел Писмата како помошно средство да му помогне да се поправи за да може како целина да му биде по волја (Еф. 5:25-27; 1. Петр. 2:21). Неговиот пример охрабрил голем број христијански сопрузи да дадат добар пример и љубезно да пружат лична помош кон подобрување. Таквите методи донесуваат многу подобри резултати отколку огорчено да се бараат грешки или едноставно да се одбива да се разговара.
10. а) На кои начини може еден сопруг и татко — дури и оној кој се изјаснува дека е христијанин — да им го отежнува животот на другите во неговиот дом? б) Што може да се стори за ситуацијата да се поправи?
10 Секако, може да се случи недостатоците на сопругот и таткото да создаваат проблеми во домот. Што ако тој не е осетлив на емоционалните потреби на своето семејство или ако во суштина не го презема водството и не прави подготовки за семејно разговарање за Библијата и за другите активности? Некои семејства постигнале добри резултати откако отворено и со почитување разговарале за проблемите (Изр. 15:22; 16:23; 31:26). Но дури и ако после таквите разговори не се дојде до саканите резултати, секој поединец може да даде вреден придонес да се поправи домашната атмосфера така што лично ќе ги негува плодовите на духот и ќе покажува љубезна заинтересираност и обѕирност кон другите членови на семејството. До напредок нема да се дојде ако само чекаме другите да направат нешто, туку ако и ние го направиме својот дел со што покажуваме дека лично практицираме побожност во својот дом (Кол. 3:18-20, 23, 24).
Каде да се добие одговорот
11, 12. а) Какви подготовки направил Јехова за да ни помогне во проблемите во семејниот живот? б) Што се препорачува да правиме ако сакаме да извлечеме потполна корист од тоа?
11 Постојат многу извори на кои луѓето им се обраќаат за совет во врска со нивните семејни проблеми. Но, ние знаеме дека Божјата Реч ги содржи најдобрите совети и благодарни сме што Бог преку својата видлива организација ни помага да ги примениме. Дали извлекуваш потполна корист од таа помош? (Псал. 118:129, 130; Мих. 4:2).
12 Покрај посетувањето на собраниските состаноци, дали редовно одвојуваш време за семејна библиска студија? Семејствата кои го прават тоа редовно секоја седмица стануваат обединети во нивното обожавање. Нивниот семеен живот се збогатува додека дискутираат за тоа како да ја применат Божјата Реч во своите околности. (Спореди 5. Мој. 11:18-21).
13. а) Каде можеме често да ја најдеме потребната помош ако имаме прашања за специфични брачни или семејни проблеми? б) Што треба да се одразува во сите одлуки што ги донесуваме?
13 Можеби те интересираат прашања околу специфични брачни или семејни проблеми. На пример, во врска со контролата на раѓање? Дали смеат христијаните да се стерилизираат? Дали абортусот е оправдан ако постои веројатност бебето да се роди деформирано? Постојат ли било какви граници за видот на сексуални односи што се прикладни меѓу сопругот и сопругата? Ако еден младинец во неговите тинејџерски години покажува мал интерес за духовни работи, до која мера треба да се бара од него да учествува со семејството во обожавањето? Без сомнение, ти имаш свое мислење за секое од овие прашања. Но, можеш ли да одговориш на темел на библиските начела? Секое од овие прашања било обработувано во Стражарска кула. Научи да ги користиш расположивите индекси за да го пронајдеш таквиот материјал. Ако немаш постари публикации на кои се осврнува некој индекс, провери во библиотеката на Царската сала. Не очекувај одговор со Да или Не на секое прашање. Понекогаш мораш да одлучиш сам — лично или како брачна двојка. Но научи да донесуваш одлуки кои ја одразуваат твојата љубов кон Јехова и кон членовите на твоето семејство. Донесувај одлуки кои сведочат за твојата сесрдна желба во потполност да му угодиш на Бог. Ако го правиш тоа, ќе биде видливо и за Јехова и за другите кои добро те познаваат дека ти навистина ја практицираш оддаденост на Бог не само во јавноста, туку и во својот дом (Еф. 5:10; Рим. 14:19).
За повторување
● Во каква врска стои лојалноста кон Јехова со верноста кон брачниот завет?
● Кога сме под притисок на семејни проблеми, што ќе ни помогне да го направиме она што му се допаѓа на Бог?
● Дури и кога другите во семејството не постапуваат како што треба, што можеме ние да сториме за да ја поправиме ситуацијата?