Глава 16
Сослушај совет, прифати стега
1. а) Дали меѓу нас постои некој на кого не му е потребен совет и стега? б) Но кои прашања е добро да ги разгледаме?
ПОВЕЌЕТО од нас спремно се согласуваат со библискиот стих кој вели: „Сите ние многу грешиме“ (Јак. 3:2). Не е тешко да се сетиме на ситуации во кои не сме се покажале како личности какви што Божјата Реч нѐ поттикнува да бидеме и какви што и самите сакаме да бидеме. Затоа признаваме дека Библијата е во право кога ни вели: „Слушај го, синко, советот на таткото твој [и прифати стега, NW], за да станеш потоа мудар“ (Изр. 19:20). Ние знаеме дека таквата помош ни е потребна. Без сомнение, сме направиле промени во нашите животи за да се ускладиме со она што сме го научиле од Библијата. Но, како реагираме кога некој сохристијанин ќе ни даде личен совет за некоја конкретна работа во која не сме постапиле мудро? Или, што ако ни дава само предлог како би можеле да се подобриме во некоја активност?
2. а) Зошто треба да покажеме ценење за личниот совет? б) Како не треба да реагираме?
2 И покрај нашата непосредна внатрешна реакција која се должи на несовршената човечка природа, треба искрено да изразиме ценење за советот и да работиме на тоа да го примениме. Исходот на таквото наше постапување може да биде корисен (Евр. 12:11). Меѓутоа, кога нѐ советувале можеби сме се обидувале да се оправдаме, да ја намалиме сериозноста на ситуацијата или да ја префрлиме вината на некој друг. Дали некогаш си реагирал на таков начин? Кога размислуваме за некоја ситуација од минатото, дали чувствуваме лутина кон оној којшто ни го дал советот? Дали сме склони да ги критизираме недостатоците на оној кој нѐ советувал или начинот на кој нѐ советувал за да ја оправдаме нашата слабост на некој начин? Може ли Библијата да ни помогне да ги надвладееме таквите склоности?
Примери запишани за наша опомена
3. а) Што содржи Библијата, а кое ќе ни помогне да развиеме исправно гледиште за советот и стегата? б) Со помош на горенаведените прашања анализирај како реагирале на советот Саул и Озија.
3 Покрај тоа што пружа изобилство на директни совети на оваа тема, Божјата Реч содржи и вистинити животни искуства на поединци кои биле советувани. Честопати советот бил и стега, со тоа што оној кој го примал требало да го промени својот став или однесување. Додека ги користиш долунаведените прашања за да разгледаш некои од тие примери, ќе откриеш дека содржат многу работи кои можат да ни користат на сите нам:
САУЛ, СИН НА КИС: Не го послушал Јехова во потполност, бидејќи кога војувал против Амаликијците, го поштедил царот и нивните најдобри животни (1. Сам. 15:1-11).
Како од Сауловиот одговор на советот што му го дал Самуил, проилегува дека тој се обидувал да ја намали својата грешка? (стих 20). Врз кого се обидел да ја префрли вината? (стих 21). Кој бил неговиот изговор кога конечно ја признал својата грешка? (стих 24). За што изгледа, бил најмногу заинтересиран дури и во тој момент? (стихови 25, 30).
ОЗИЈА: Влегол во Јеховиниот храм да запали темјан, и покрај тоа што само свештениците биле овластени за таа работа (2. Лет. 26:16-20).
Кога првосвештеникот се обидел да го запре цар Озија, зошто царот реагирал со гнев? (Спореди стих 16.) Каков бил исходот? (стихови 19-21).
4. а) Зошто и на Саул и на Озија им било тешко да прифатат совет? б) Зошто е тоа сериозен проблем и денес?
4 Зошто во обата случаја на секој од нив му било толку тешко да признае дека му бил потребен совет? Основниот проблем бил гордоста, односно превисокото мислење за себе. Многу луѓе денес си нанесуваат голема жалост заради оваа карактерна црта. Бидејќи достигнале до она што тие го сметаат за некаков статус, било поради староста или положбата, повеќе не се спремни да прифатат личен совет. Можеби им се чини дека тоа вклучува некој недостаток кај нив или дека советот им го нарушува угледот. Но она што навистина открива дека е слабост е гордоста. Тоа не е грешка што можеме да ја оправдаме во себеси само затоа што е вообичаена, туку е замка која Сатана ја користи за да го замагли размислувањето на лицето така што ја одбива љубезната помош што ја пружа Јехова преку својата Реч и преку својата видлива организација. Јехова предупредува: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надуеноста“ (Изр. 16:18; види и Римјаните 12:3; Соломонови изреки 16:5а).
5. Со помош на прашањата поставени во овој пасус, покажи каква поука може да се извлече од извештаите за Мојсеј и Давид.
5 Од друга страна, Писмата содржат одлични примери на такви кои прифатиле совет. И од нив може да се извлечат драгоцени поуки. Размисли за:
МОЈСЕЈ: Неговиот тест му дал практичен совет за тоа како да постапува со товарот на тешката работа, без да си го наруши здравјето. Мојсеј го сослушал и веднаш го применил тоа (2. Мој. 18:13-24).
Зошто Мојсеј и покрај високата положба што ја имал бил спремен да прифати здрав совет? (Спореди 4. Мојсеева 12:3.) Колку е важна и за нас таа особина? (Соф. 2:3)
ДАВИД: Бил виновен заради прељуба, па наместил да биде убиен сопругот на жената за потоа да може да се ожени со неа и така да ја прикрие прељубата. Поминале месеци додека Јехова не го испратил Натан да го укори Давид (2. Сам. 11:2–12:12).
Дали Давид се разгневил заради укорот, дали ја намалувал грешката или се обидувал да ја префрли вината на некој друг? (2. Сам. 12:13; Псал. 51: натписот и стихови 1-3, NW). Дали фактот дека Бог го прифатил Давидовото покајание значел дека Давид и неговото семејство биле поштедени од лошите последици на неговото неисправно постапување? (2. Сам. 12:10, 11, 14; 2. Мој. 34:6, 7).
6. а) Какво мислење имал Давид за оние кои му давале здрав совет? б) Како може нам да ни користи ако спремно прифатиме таков совет? в) Што не смееме да заборавиме ако сме строго укорени?
6 Цар Давид добро знаел дека е корисно да се послуша здравиот совет и повремено му заблагодарувал на Бог за лицето преку кое дошол советот (1. Сам. 25:32-35; види и Соломонови изреки 9:8). Дали сме и ние такви? Ако сме, тоа ќе нѐ спречи да не кажеме или направиме многу работи за кои подоцна може да зажалиме. Но, ако дојдеме во ситуација поради која би биле остро укорени како што бил Давид заради гревот со Вирсавија, да не го изгубиме од предвид фактот дека укорот е доказ на Јеховината љубов и дека ни се дава за наше вечно добро (Изр. 3:11, 12; 4:13).
Да се развиваат непроценливи особини
7. Според Исусовите зборови, која особина мораме да ја имаме ако сакаме да влеземе во Царството?
7 За да имаме добар однос со Јехова и со нашите христијански браќа, потребно е да развиваме извесни особини. Исус истакнал една од нив кога го седнал малото дете среде своите ученици и рекол: „Ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири [понизи, NW] како ова дете, тој е поголем [најголемиот, NW] во царството небесно“ (Мат. 18:3, 4). Тие ученици морале да направат промени. Морале да се ослободат од својата гордост и да развиваат понизност.
8. а) Пред кого треба да бидеме понизни, и зошто? б) Ако сме понизни, како ќе реагираме на совет?
8 Подоцна, апостол Петар им напишал на сохристијаните: „Покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност [скромност на умот, NW], бидејќи ‚Бог им се противи на горделивите, а на смирените [понизните, NW] им дава благодат“ (1. Петр. 5:5). Ние знаеме дека мораме да бидеме понизни пред Бог, но овој стих вели дека исто така треба да бидеме понизни, односно понизни во умот, во нашите односи со соверниците. Ако сме такви, нема неразумно да ги одбиваме предлозите што тие можеби ни ги даваат. Ќе бидеме спремни да учиме еден од друг (Изр. 12:15). А ако нашите браќа сметаат дека е неопходно да ни дадат оправдан совет, тогаш нема да го одбиеме, зашто знаеме дека на тој начин Јехова љубезно нѐ обликува (Псал. 140:5).
9. а) Која важна особина е тесно поврзана со понизноста? б) Зошто треба да нѐ интересира како нашето однесување влијае на другите?
9 Друга особина, која е тесно поврзана со понизноста, е искрената заинтересираност за доброто на другите. Не можеме да побегнеме од фактот дека она што го правиме влијае на другите. Апостолот Павле ги советувал раните христијани во Коринт и Рим да ја земат во обѕир совеста на другите. Тој не рекол дека требало да ги стават настрана сите лични работи што ги претпочитаат, туку ги поттикнувал да не прават нешто што би можело другиот да го охрабри да направи нешто спротивно на неговата совест и така духовно да му наштети. Павле јасно го изразил општото начело: „Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот, . . . И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја. Не станувајте соблазан ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја“ (1. Кор. 10:24-33; 8:4-13; Рим. 14:13-23).
10. По што можеме да познаеме дали ни станало навика да го применуваме тој библиски совет?
10 Дали ти станало навика доброто на другите луѓе да го ставаш пред своите лични интереси? Постојат многу начини на кои може да се стори тоа, но разгледај еден пример: Општо речено, облекувањето и дотерувањето се, едноставно, работа на личниот вкус сѐ додека сме скромни, уредни и чисти. Но дали би направил некои промени кога би дознал дека, заради вообичаените сфаќања на луѓето во твоето подрачје, твојот начин на облекување и дотерување ги спречува да ја слушаат пораката за Царството? Дали нечиј живот ти е поважен од тоа да си угодиш самиот себеси?
11. Што покажува дека е важно да ги негуваме овие особини ако навистина сакаме да бидеме христијани?
11 Кога ваквите особини кои претходно ги разгледувавме ќе станат дел од нашата личност, тоа докажува дека сме почнале да го усвојуваме Христовиот ум. Христос ни поставил совршен пример во покажувањето на понизност (Јован 13:12-15; Фил. 2:5-8, Даничиќ–Караџиќ). Покажувајќи интерес за другите, наместо едноставно да си угодува на себеси, тој ни оставил пример кој треба да го следиме (Рим. 15:2, 3).
Не одбивај ја Јеховината стега
12. а) Кои промени треба сите ние да ги направиме за да бидеме личности кои му се угодни на Бог? б) Што ќе ни помогне во тоа?
12 Бидејќи сите ние сме грешници, за да ја одразуваме личноста на нашиот Бог потребно е да се менуваме во нашиот став, говор и однесување. Потребно е да го облечеме ‚новиот човек‘ (Кол. 3:5-14; Тит 2:11-14). Советот и стегата ни помагаат да откриеме на кои подрачја мораме да се промениме и како можеме да ги направиме тие промени.
13. а) На кој начин Јехова ни пружа совет и стега на сите нас? б) Како треба да реагираме на тоа?
13 Главниот извор на таквите упатства е самата Библија (2. Тим. 3:16, 17). Понатаму, преку библиската литература и состаноците кои ги овозможува неговата видлива организација, Јехова ни помага да разбереме како да ги примениме. Дали понизно признаваме дека лично ни е потребна таквата поука — дури и ако сме го слушнале тоа порано — и дали се трудиме постојано да се подобруваме?
14. Која натамошна помош ни ја пружа Јехова како на поединци?
14 Јехова не нѐ остава да се бориме сами со работите кои можат да ни причинуваат посебен проблем. Во својата љубезна заинтересираност тој прави подготовки за лична помош. Милиони луѓе извлекле корист од таквата помош преку домашни библиски студии. Родителите имаат посебна одговорност да ги држат во стега своите деца за да ги заштитат од однесување кое може подоцна во животот да создаде голема болка во срцето (Изр. 6:20-35; 15:5). Исто така, во собранието оние кои имаат духовни способности, имаат одговорност да ја употребуваат Библијата за да ги исправаат другите ако видат дека тоа е потребно, но тоа да го прават во дух на благост (Гал. 6:1, 2). На овие начини Јехова нѐ советува и нѐ воспитува за да можеме да го обожаваме како обединет народ.
За повторување
● Како Јехова љубезно ни помага да согледаме на кои подрачја мораме лично да се поправиме?
● Зошто на многумина им е тешко да примат совет? Колку е тоа сериозно?
● Кои непроценливи особини ќе ни помогнат спремно да прифатиме совет? Каков пример дал Исус во тој поглед?