Сите вистински христијани мораат да бидат евангелисти
„Врши го делото на евангелист [или, мисионер]“ (2. ТИМОТЕЈ 4:5, фуснота, NW).
1. Која била добрата вест што ја проповедале евагелисти од I век?
ШТО значи денес некој да биде евангелист? Дали си ти евангелист? Зборот „евангелист“ доаѓа од грчкиот збор евангелисте́с, што значи „проповедник на добрата вест“. Од воспоставувањето на христијанското собрание во 33. н. е., христијанската добра вест го истакнувала Божјето средство за спасение и објавила дека Исус Христос ќе се врати во едно подоцнежно време за да го започне своето владеење со Царството над човештвото (Матеј 25:31, 32; 2. Тимотеј 4:1; Евреите 10:12, 13).
2. а) Како е обогатена содржината на добрата вест во наше време? б) Која обврска ја имаат сите вистински христијани денес?
2 Од 1914 наваму, се зголемувал доказот дека знакот што го дал Исус во врска со неговото враќање и невидливо присуство се исполнува (Матеј 24:3-13, 33). Уште еднаш, добрата вест можела да го вклучува изразот „се приближи царството Божјо“ (Лука 21:7, 31; Марко 1:14, 15). Навистина, дошло времето на величествен начин да се исполни Исусовото пророштво забележано во Матеј 24:14: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Според тоа, евангелизирањето сега вклучува ревносно објавување на воспоставеното Божје Царство и на благословите што тоа набргу ќе ги донесе за послушното човештво. Сите христијани се под тој налог да го вршат тоа дело и да ‚прават ученици‘ (Матеј 28:19, 20; Откровение 22:17).
3. а) Кое додатно значење го има зборот „евангелист“? (Види Insight on the Scriptures, том 1, стр. 770, кол. 2, пас. 2.) б) Кои прашања произлегуваат тоа?
3 Покрај проповедањето на добрата вест општо, Библијата го употребува изразот „евангелист“ во една посебна смисла која се однесува на оние кои го напуштаат своето домашно подрачје за да ја проповедаат добрата вест во необработени подрачја. Во првиот век имало многу мисионерски евангелисти, како Филип, Павле, Варнава, Сила и Тимотеј (Дела на св. апостоли 21:8 Ефесјаните 4:11). Но, како е со нашето посебно време од 1914 па наваму? Дали Јеховиниот народ денес се ставил на располагање како месни и како мисионерски евангелисти?
Напредок од 1919
4, 5. Какви биле изгледите за делото на евагелизација набрзо по 1914?
4 Кога во 1918 I Светска војна се приближила кон својот крај, Божјите слуги доживеале растечко противење и од отпадници, и од свештенството на т.н. христијанство и нивните политички сојузници. Всушност, вистинските христијански евангелисти дошле скоро до застој во јуни 1918 кога водечките службеници на Друштвото Стражарска кула во САД биле осудени на 20 години затвор под лажни обвиненија. Зарем Божјите непријатели успеале да му стават крај на проповедањето на добрата вест?
5 Неочекувано, во март 1919, службениците на Друштвото биле отпуштени, а подоцна ослободени од лажните обвиненија поради кои биле ставени во затвор. Со нивната новодобиена слобода, тие помазани христијани сфатиле дека сѐ уште има многу работа да се изврши пред да бидат собрани за нивната небесна награда како сонаследници во Божјето Царство (Римјаните 8:17; 2. Тимотеј 2:12; 4:18).
6. Како напредувало делото на евагелизација помеѓу 1919 и 1939?
6 Во 1919, имало помалку од 4.000 кои дале извештај за удел во ширењето на добрата вест. Во текот на следните две децении, повеќе мажи се понудиле како мисионерски евангелисти, и некои биле испратени во земјите на Африка, Азија и Европа. До 1939, после 20 години проповедање за Царството, бројот на Јеховините сведоци се зголемил на преку 73.000. Овој извонреден пораст, постигнат и покрај големото прогонство, бил сличен на она што се случило во раните години на христијанското собрание (Дела на св. апостоли 6:7; 8:4, 14-17; 11:19-21).
7. Во врска со христијанското дело на евангелизација, која слична ситуација постоела во 47. н. е. и во 1939 година?
7 Сепак, мнозинството Јеховини сведоци во тоа време било сконцентрирано во протестанските земји каде што се зборува англиски. Всушност, преку 75 проценти од 73.000-те објавители на Царството биле од Австралија, Британија, Канада, Нов Зеланд и САД. Како што било случај во 47 н. е., било потребно нешто што ќе ги охрабри евангелистите да им посветат поголемо внимание на помалку обработените држави на Земјата.
8. Што постигнала Школата Гилеад до 1992?
8 Забранувањата и прогонствата за време на војната не можеле да го спречат Јеховиниот моќен свет дух да ги мотивира неговите слуги да се подготват за поголемо проширување. Во 1943, кога II Светска војна била при својата кулминација, Божјата организација ја основала Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула, со цел добрата вест уште повеќе да се прошири. До март 1992, таа школа испратила 6.517 мисионери во 171 различна земја. Освен тоа, биле оспособени мажи за да се грижат за подружниците на Друштвото Стражарска кула во странски земји. Од 97 координатори на одбори на подружници во 1992, 75 биле оспособени во Гилеад.
9. Кои програми на оспособување одиграле улога во напредокот на делото на евангелизирање и правење ученици?
9 Покрај школата Гилеад, другите програми за оспособување го подготвиле Јеховиниот народ да го прошири и подобри своето дело на евангелизација. На пример, Теократската школа на проповедање дејствува во собранијата на Јеховините сведоци ширум Земјата. Оваа подготовка, заедно со седмичниот Службен состанок, оспособила милиони објавители на Царството да бидат делотворни во јавната служба. Исто така, постои и Школата на службата за Царството, која дава драгоцена обука за старешини и слуги помошници за да можат подобро да се грижат за растечките собранија. Школата за пионерска служба им помогнала на многу полновремени евангелисти да бидат поделотворни во својата проповеднича активност. Од неодамна, Школата за оспособување на слуги работи во различни земји за да им помогне на неоженетите старешини и слуги помошници да станат современи Тимотеји.
10. Кој е резултатот од сето прекрасно обучување овозможено преку Божјата организација? (Опфати ги информациите од рамката.)
10 А кој бил резултатот од сето ова поучување? Во 1991, Јеховините сведоци достигнале највисок број од преку четири милиони активни објавители на Царството во 212 земји. Меѓутоа, за разлика од ситуацијата која постоела во 1939, над 70 отсто се од католички, православни, нехристијански или други земји, кадешто англискиот не е главен јазик. (Види ја рамката „Проширување од 1939“.)
Зошто е успешно
11. На кого апостол Павле му го припишал својот успех како проповедник?
11 Јеховините сведоци не ја примаат заслугата за ова проширување. Наместо тоа, на своето дело гледаат онака како што гледал апостол Павле, а објаснил во своето писмо до Коринтјаните. „Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда“ (1. Коринтјаните 3:5-7, 9).
12. а) Каква улога игра Божјата Реч во успешното христијанско евангелизирање? б) Кој е поставен како Поглавар на христијанското собрание, и кој е еден од важните начини да се покаже нашата подложност на неговото поглаварство?
12 Нема сомнение дека извонредниот пораст што го доживуваат Јеховините сведоци се должи на Божјиот благослов. Тоа е Божје дело. Сфаќајќи го тој факт, тие се оддаваат на редовно проучување на Божјата Реч. Сѐ што поучуваат во своето дело на евангелизација, го темелат на Библијата (1. Коринтјаните 4:6; 2. Тимотеј 3:16). Другиот клуч за нивното успешно евангелизирање е што потполно го признаваат Оној кого Бог го поставил како Поглавар на собранието, Господинот Исус Христос (Ефесјаните 5:23). Христијаните од првиот век тоа го покажувале така што соработувале со оние кои Исус ги поставил како апостоли. Тие мажи, заедно со други старешини од ерусалимското собрание, го сочинувале христијанското водечко тело од првиот век. Од небото, Господ Исус Христос ја користел оваа група на зрели христијани за да решава спорни прашања и да дава водство во делото на евангелизација. Павловата ревносна соработка со оваа божествена подготовка довела до пораст во собранијата што тој ги посетувал (Дела на св. апостоли 16:4, 5; Галатјаните 2:9). Слично и денес, ако цврсто се држат за Божјата Реч и ако ревносно соработуваат со упатствата кои доаѓаат од Водечкото тело, на христијанските евангелисти им е загарантиран успех во нивната служба (Тит 1:9; Евреите 13:17).
Другите да ги сметаме за погорни од себе
13, 14. а) Каков совет дал апостол Павле во Филипјаните 2:1-4? б) Зошто е важно да се има на ум тој совет додека учествуваме во делото на евангелизација?
13 Апостолот Павле покажал вистинска љубов спрема трагачите по вистината и не покажувал надмоќен или расистички став. Според тоа, можел да ги советува соверниците да ‚се сметаат еден друг за погорни од себеси‘ (Филипјаните 2:1-4).
14 На сличен начин, вистинските христијански евангелисти денес немаат надмоќен став кога доаѓаат во допир со луѓе од различни раси и различно потекло. Еден Јеховин сведок од САД, кој бил доделен да работи како мисионер во Африка, вели: „Едноставно знам дека ние не сме нешто повеќе. Можеби имаме повеќе пари и таканаречено формално образование, но тие [месните луѓе] имаат особини што ги надминуваат нашите“.
15. Како оние кои се доделени да работат во странски земји покажуваат вистинско почитување кон идните ученици?
15 Секако, ако покажуваме вистинско почитување кон оние со кои ја споделуваме добрата вест, ќе им олесниме да ја прифатат библиската порака. Исто така помага кога мисионерскиот евангелист покажува дека е среќен што живее меѓу луѓето таму кадешто е доделен да помага. Еден успешен мисионер кој последните 38 години ги поминал во Африка, објаснува: „Длабоко во себе чувствувам дека ова е мојот дом и дека оние во собранието кадешто сум доделен ми се браќа и сестри. Кога одам на одмор во Канада, не се чувствувам како дома. Последната седмица кога сум таму во Канада, сум како на трње додека да се вратам назад. Секогаш се чувствувам така. На библиските ученици и на браќата и сестрите им велам колку сум среќен што сум се вратил, и тие го ценат тоа што сакам да бидам со нив“ (1. Солунјаните 2:8).
16, 17. а) Какви предизвици прифатиле многу мисионери и месни евангелисти за да бидат поделотворни во нивната служба? б) Какво искуство имала една мисионерка поради тоа што го зборувала локалниот јазик?
16 Кога на своето месно подрачје ќе најдат поголем предел каде што се зборува странски јазик, некои се трудат да го научат јазикот, и со тоа покажуваат дека другите ги сметаат за погорни од себе. „Во јужна Африка“, забележува еден мисионер, „понекогаш постои чувство на недоверба помеѓу луѓето од африканско потекло и луѓето од европско потекло. Но ако го зборуваш локалниот јазик, брзо се растерува таквото чувство“. Тоа што го зборуваме јазикот на оние со кои ја споделуваме добрата вест е голема помош за да се достигнат нивните срца. Тоа бара напорна работа и понизна истрајност. Како што објаснува мисионер во една азиска земја: „Постојаното правење грешки додека постојано те исмејуваат заради грешките, може да биде вистински испит. Можеби е полесно да се откажеш“. Меѓутоа, љубовта спрема Бог и ближниот му помогнале на овој мисионер да истрае (Марко 12:30, 31).
17 Разбирливо е што луѓето се трогнати кога некој странец се труди да ја сподели добрата вест на нивниот јазик. Понекогаш тоа доведува до неочекувани благослови. Една мисионерка, во африканската земја Лесото, ѝ зборувала на сесото јазик на една друга жена, која работела во продавница за таписерии. Еден владин службеник од друга африканска земја ги разгледувал просториите и го слушнал разговорот. Ѝ пришол и срдечно ја пофалил, а таа почнала да му зборува на неговиот јазик. „Зошто не дојдете [во мојата земја] за да работите меѓу нашиот народ, бидејќи знаете и свахили?“ прашал тој. Мисионерката тактично одговорила: „Тоа би било многу убаво. Но јас сум Јеховин сведок, и моментално нашето дело се смета за незаконско во вашата земја“. „Ве молам“, одговорил тој, „немојте да мислите дека сите ние се противиме на вашето дело. Многу од нас сме на страната на Јеховините сведоци. Можеби еден ден ќе можете слободно да поучувате меѓу нашиот народ“. После некое време, мисионерката била воодушевена кога дознала дека на Јеховините сведоци им била дадена слобода на обожавањето во истата земја.
Спремни да се откажат од правата
18, 19. а) На кој важен начин Павле се трудел да го имитира својот Учител, Исус Христос? б) Раскажи едно искуство (она во пасусот или сопствено) за да покажеш колку е важно да се избегнува секаква причина за спрепнување на оние со кои ја споделуваме добрата вест.
18 Кога апостол Павле напишал: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“, тој штотуку дискутирал за потребата да се избегнува спрепнување на другите кога рекол: „Така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја. Не станувајте соблазан ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја, како што и јас им угодувам на сите во сѐ и не ја барам својата полза, туку користа на многуте, за да се спасат тие“ (1. Коринтјаните 10:31-33; 11:1).
19 Евангелистите како Павле, кои се спремни да прават жртви во корист на оние на кои им проповедаат, жнеат благослови. На пример, во една африканска земја, една мисионерска двојка отишла во еден локален хотел на вечера за да ја прослават својата годишница од бракот. Отпрвин, сакале да порачаат вино со вечерата, бидејќи Библијата не ја осудува умерената употреба на алкохолни пијалоци (Псалми 103:15). Но потоа двојката одлучила да не го прави тоа за случајно да не ги навреди мештаните. „После некое време“, се присеќава сопругот, „се запознавме со еден човек кој бил главен готвач во тој хотел, и со него започнавме библиска студија. Долго после тоа, тој ни кажа: ‚Се сеќавате ли кога дојдовте во хотелот на вечера? Сите ние бевме зад вратата од кујната и ве гледавме. Знаете, црковните мисионери ни кажаа дека не е добро да пиеме. Сепак, кога ќе дојдеа во хотелот, слободно си нарачуваа вино. Затоа ние одлучивме ако вие нарачате некаков алкохолен пијалок, да не ве слушаме кога ќе дојдете да ни проповедате‘“. Денес, тој главен готвач и некои други кои работеле во хотелот, се крстени Сведоци.
Има уште многу работа
20. Зошто е важно да истраеме како ревносни евангелисти, и каква радосна предност прифаќаат многумина?
20 Како што брзо се приближува крајот на овој злобен систем, сѐ уште има многу кои копнеат да ја чујат добрата вест, и поитно е од кога и да било порано за секој христијанин да истрае како верен евангелист (Матеј 24:13). Можеш ли да го прошириш твојот удел во ова дело така што ќе станеш евангелист во една посебна смисла како Филип, Павле, Варнава, Сила и Тимотеј? Многумина прават нешто слично кога стапуваат во редовите на пионерите и се ставаат на располагање да служат во места кадешто има поголема потреба.
21. На кој начин за Јеховиниот народ му се отвори „голема и за работа погодна врата“?
21 Неодамна, во земјите на Африка, Азија и Источна Европа, кадешто делото на Јеховините сведоци порано беше забрането, се отворија огромни полиња за евангелизација. Како што било случај со апостол Павле, на Јеховиниот народ „му се отвори голема и за работа погодна врата“ (1. Коринтјаните 16:9). На пример, мисионерите евангелисти кои неодамна пристигнаа во африканската земја Мозамбик, не можат да му излезат во пресрет на бројот на луѓето кои сакаат библиска студија. Колку можеме да бидеме среќни што делото на Јеховините сведоци од 11 февруари, 1991 беше легализирано во таа земја!
22. Без разлика дали нашето месно подрачје е добро обработено или не, што мораме сите ние одлучно да правиме?
22 И во земјите кадешто отсекогаш сме имале слобода на обожавање, нашите браќа се радуваат на постојаниот пораст. Да, каде и да живееме, сѐ уште има ‚изобилно работа во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58, NW). Бидејќи работата е таква, да продолжиме мудро да го употребуваме преостанатото време додека секој од нас ‚го врши делото на евагелист, потполно извршувајќи ја својата служба‘ (2. Тимотеј 4:5, NW; Ефесјаните 5:15, 16).
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е евангелист?
◻ Како била обогатена содржината на добрата вест после 1914?
◻ Како напредувало делото на евангелизација од 1919?
◻ Кои клучни фактори придонеле за успехот на делото на евангелизација?
[Рамка на страница 19]
Проширување од 1939
Разгледај примери од три континенти каде што биле испратени мисионери обучени во Гилеад. Во 1939 имало само 636 објавители на Царството кои известиле од Западна Африка. До 1991 таа бројка се зголемила на преку 200.000 во 12 земји на Западна Африка. Мисионерите, исто така, придонеле за извонредниот пораст во земјите на Јужна Америка. Една е Бразил, чија бројка од 114 објавители на Царството во 1939, се зголемила на 335.039 во април 1992. Сличен пораст го проследи и пристигнувањето на мисионери во земјите на Азија. Во текот на II Светска војна, малиот број на Јеховини сведоци во Јапонија беа жестоко прогонувани и нивното дело дојде до застој. Потоа, во 1949, пристигнаа 13 мисионери за да помогнат да се реорганизира делото. Таа службена година, помалку од десет домашни објавители од цела Јапонија известиле служба на проповедање, додека во април 1992, вкупниот број на објавители достигна 167.370.
[Рамка на страница 21]
Т.н. христијанство и јазичниот проблем
Некои од мисионерите на т.н. христијанство искрено се потрудиле да научат странски јазик, но многумина очекувале мештаните да го зборуваат нивниот европски јазик. Како што објаснува Џефри Мурхаус во својата книга The Missionaries:
„Проблемот беше во тоа што премногу често на совладувањето на еден домашен јазик се гледаше како на средство за преведување на Библијата. Поединците или друштвата кои ги вработувале вложиле сразмерно мал напор уверени дека мисионерот можел да му зборува на домородецот на неговиот јазик со течноста која единствено може да создаде длабоко разбирање помеѓу две човечки суштества. Секој мисионер стекнувал површно знаење на локалниот речник . . . Освен тоа, обично се комуницирало со ужасните и смешни ритми на т.н. пиџин англиски јазик, со своите разбирливи претпоставки дека африканскиот староседелец мора да се подложи на нормите на англискиот посетител. А што е најлошо, тоа беше уште една манифестација на расна надмоќност“.
Во 1922, Школата за ориентални и африкански студии во Лондон, објави извештај за јазичниот проблем. „Ние мислиме“, навел извештајот, „дека просечната стапка на стручност во домашниот јазик што ја стекнуваат мисионерите . . . е жалосна и опасно ниска“.
Мисионерите од Друштвото Стражарска кула отсекогаш мислеле дека локалниот јазик мора да се учи, а тоа помага да се објасни нивниот успех на мисионерското поле.