Нова алатка за да им се помогне на луѓето да ги научат Божјите барања
„НЕЈЗИНИОТ едноставен, директен и љубезен пристап ќе донесе резултати над очекувањата. Темите се изнесени на еден таков некомплициран и пријатен начин што секое искрено лице кое бара, ќе биде поттикнато да рече: ‚Навистина, со вас е Бог‘ “ (1. Коринтјаните 14:25). Така рекол еден Јеховин сведок од Тајланд кога ја опишувал новата брошура Што бара Бог од нас? Беше објавена од Watch Tower Society на Обласните конгреси „Гласници на божествен мир“ во текот на 1996/97 година.
Оваа илустрирана брошура од 32 страници е наменета да служи како курс за проучување на Библијата. Ги обработува основните учења на Библијата. Начинот на изразување е едноставен и концизен, јасно објаснувајќи што бара Бог од нас. Читателите не би требало да имаат тешкотија да ја разберат. Како би можел ти да водиш библиска студија со оваа нова брошура?
Користи ги прашањата. На почетокот од секоја лекција има прашања. Во загради после секое прашање ќе ги најдеш броевите на пасусите во кои се наоѓаат одговорите. Овие прашања може да се користат како помош за поучување и пред студијата и за повторување. На пример, на почетокот од една домашна библиска студија би можел на ученикот да му ги поставиш прашањата за да ги добиеш неговите коментари. Наместо веднаш потоа да ги исправаш погрешните одговори, би можел да продолжиш со студијата. На крајот од лекцијата би можел да се вратиш на прашањата за да видиш дали ученикот сега е способен да одговори на нив во склад со Библијата.
Побарај ги стиховите. Во секоја лекција, кратките наводи на библиски вистини се придружени со стихови што ги поддржуваат. Поради тоа што повеќето од стиховите се наведени а не цитирани, важно е да го охрабриш ученикот да ги побара овие стихови во својата Библија. Тој треба да ја чита и да медитира за Божјата Реч пред да може да ја примени во животот (Исус Навин 1:8).
Истакни ги сликите. Брошурата е обилно илустрирана со фотографии и цртежи — вкупно преку 50 слики. Тие се ставени не само заради визуелна привлечност туку и како натамошна помош за поучување. На пример, последните две лекции (секоја од по една страница, една до друга) се со наслов „Да им се помага на другите да ја вршат Божјата волја“ и „Твојата одлука да му служиш на Бог“. Фотографиите што се раширени на двете страници го следат духовниот напредок на истото лице, покажувајќи го како сведочи неформално, како учествува во делото од куќа до куќа, како се предава и на крајот се крштава. Свртувајќи го вниманието на ученикот на овие слики, ти му помагаш да ги види чекорите што се бараат за да му се служи на Бог.
Што ако некое заинтересирано лице не чита добро или, пак, воопшто не умее да чита? На извесен број јазици, Друштвото ја става на располагање оваа брошура на аудиокасета. Касетата го содржи текстот од брошурата, како и многу од наведените стихови. Снимена е вака: Се чита првото прашање, по кое следи пасусот (или пасусите) што го даваат одговорот, заедно со некои од наведените стихови. Потоа се чита следното прашање, а по него текстот и стиховите што го даваат одговорот, итн. Ученикот може да ја слуша снимката додека се подготвува за студијата. Касетата може да се користи и кога се води студијата.
Оние кои присуствуваа на конгресот, беа желни да ја употребат оваа нова брошура во својата служба на подрачјето. На пример, само неколку дена по добивањето на брошурата, двајца пионери (полновремени евангелизатори) од Соединетите Држави ѝ ја дале на една млада брачна двојка што ја посетувале. Кога двојката ја погледнала содржината, вниманието ѝ го свртела лекцијата „Навики кои ги мрази Бог“. „Отсекогаш сум била поучувана дека Бог никогаш не би можел да мрази — тој е сиот љубов“ — рекла младата жена. „Најпрво ќе го прочитам ова.“ Кога двајцата пионери се вратиле следната седмица, младата жена рекла: „Ја читав оваа нова брошура. Многу е тешко да го правиме сето она што би требало. Јехова не е задоволен од нас — ние не сме венчани. Но, донесовме одлука. Направивме подготовки да се венчаме следниов петок“. Прегрнувајќи ја двојката пионери, тие додале: „Се извинуваме што немаме редовна студија, но сега ни падна голем товар од плеќите“.
Секако, користи ја новата брошура Што бара Бог. Таа е извонредна алатка за да им се помогне на другите да ги научат Божјите барања.
[Слики на страница 17]
Како ќе ја употребиш новата брошура?