Тој понизно му служеше на Јехова
„НЕ Е толку важно каде служиш, туку она што навистина е важно е кому му служиш.“ Џон Бут радо ги кажуваше овие зборови и тој живееше според нив. Неговиот животен пат на Земјата, кој заврши во понеделник, на 8 јануари 1996 година, јасно покажа кому тој избрал да му служи.
Во 1921 година, како младич, Џон Бут трагаше по смислата на животот. Тој предаваше во неделната школа при Холандската реформирана црква, но се спротивставуваше на идејата да се обучува за да стане свештеник, затоа што мислеше дека свештениците водат себичен живот. Кога виде еден леток за предавањето со наслов „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“, не губеше време да ја нарача литературата што се рекламираше. Восхитен од она што го прочитал, тој наскоро возеше со велосипед по 24 километри до состаноците на Истражувачите на Библијата, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Тој се крсти во 1923 година и почна да проповеда од врата до врата во областа на Волкил (Њујорк), каде што неговото семејство имаше млекарска фарма.
Брат Бут стапи во полновремена служба во април 1928 година. Проповедаше на своето домашно подрачје и во руралниот Југ, разменувајќи библиска литература за храна и стан. Мораше храбро да се соочува со такви ризици како што се сопственици на илегални ракиџилници кои мавтаат со револвери, од кои еден пукаше и го рани пионерскиот партнер на Џон Бут. Во 1935 година, брат Бут беше наименуван за патувачки надгледник и почна да ги посетува собранијата и помалите групи низ земјата. Организираше собири и им помагаше на браќата и сестрите да истраат и покрај противењето. Да се соочува со разбеснети толпи, да се зазема став на суд и да се издржува затвор — сите тие работи станаа вообичаени појави за брат Бут. „Би се напишала една книга ако ги наведам деталите од тие возбудливи времиња“, напиша тој еднаш.
Во 1941 година, Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Друштвото Стражарска кула, го постави брат Бут да работи на Фармите на Царството близу Итака (Њујорк). Таму верно служеше 28 години. Неговата љубов кон службата не се намали и низ годините тој уживаше да се дружи со илјадници студенти на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула за обучување на мисионери, што до 1961 година беше сместена таму на Фармите на Царството. Во 1970 година, брат Бут беше замолен да служи на Фармите на Стражарска кула во Волкил (Њујорк), и така се најде во истото подрачје каде што 45-тина години пред тоа беше започнал со пионерска служба.
Во 1974 година, брат Бут беше наименуван за член на Водечкото тело на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Во ова својство служеше верно сѐ до својата смрт на возраст од 93 години. Џон Бут беше омилен поради својата длабоко понизна и љубезна христијанска личност. Додека здравјето и силите не го напуштија, тој верно проповедаше од врата до врата и на градските улици.
Додека оние кои служеа со него, го оплакуваат неговото заминување, тие наоѓаат утеха во библиското ветување во врска со ваквите помазани христијани дека се воскреснати во небесен живот и дека „делата нивни ги следат [одат веднаш со нив, НС]“ (Откровение 14:13; 1. Коринтјаните 15:51—54). Сигурно една нова околина, но околина во која Џон Бут ќе биде во состојба засекогаш да му служи на Јехова!
[Слика на страница 32]
Џон Бут 1903-1996
[Слика на страница 32]
HERALD-AMERICAN, ANDOVER 1234
76 Jehovites Jailed in Joliet
[Извор на слика]
Chicago Herald-American