Младите прашуваат . . .
Кој треба да ми биде пример за имитирање?
„Беше извонредно талентиран кошаркар. Сите мои пријатели го сакаа. Тој ми беше пример и сакав да бидам како него и да го имам она што го имаше тој“ (Пинг, еден млад Азиец).
ЛУЃЕТО на кои им се восхитуваат и кои ги имитираат честопати се наречени примери за имитирање. Авторката Линда Нилсен забележала: „Младите ги имитираат луѓето со кои можат да се идентификуваат и кои го добиваат вниманието или наградите што и самите ги посакуваат“. Значи, младите се склони да им се восхитуваат на врсниците кои се популарни или атрактивни. Но, многу млади особено ги привлекуваат како примери за имитирање филмските ѕвезди, музичарите и спортистите.
Се разбира, сликата што јавноста ја има за повеќето славни личности честопати е нешто малку повеќе од добро разработен привид, една внимателно подготвена сплетка наменета да се скријат недостатоците, да се предизвика ласкање и, над сѐ, за да се продаде! Пинг, цитиран претходно, признава: „Ги купив сите видеоленти од мојот кошаркарски херој и носев облека и чевли со неговата марка“. Некои млади се облекуваат како нивните телевизиски или спортски идоли, ја местат косата како нив, па дури одат и зборуваат како нив.
Примери за имитирање — добри и лоши
‚Но, што има лошо во тоа да се восхитуваш некому?‘ ќе прашаш. Зависи од тоа кому му се восхитуваш. Библијата вели: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Библијата не нѐ охрабрува да бидеме следбеници на луѓе (Матеј 23:10). Но, ни вели да бидеме „имитатори на оние, кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:12, NW). Писателот на овие зборови, апостол Павле, дал добар пример за раните христијани. Така, тој можел да рече: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“ (1. Коринтјаните 11:1).
Еден млад човек по име Тимотеј го сторил токму тоа. Тој стекнал блиско пријателство со Павле на нивните заеднички мисионерски патувања (Дела 16:1—4). Павле стекнал мислење за Тимотеј како негово „возљубено и верно чедо во Господа“ (1. Коринтјаните 4:17). Со помош на Павле, Тимотеј станал еден извонреден христијански маж (Филипјаните 2:19—23).
Но, што може да се случи ако избереш погрешен пример за имитирање? Еден млад човек по име Ричард раскажува: „Кога имав 15 години, еден школски другар по име Марио ми стана најдобар пријател. Моите родители беа христијани и се обидуваа да ми дадат духовна помош. Но, Марио уживаше секаква забава — диско, журки, мотоцикли и такви работи. Можеше да прави што сака и кога сака, а јас не. Затоа, кога имав 16 години, им реков на родителите дека повеќе не сакам да бидам христијанин, и така направив“.
Постојат ли слични опасности ако славните личности или спортски херои се сметаат како примери за имитирање? Да, постојат. Јасно, нема ништо лошо во тоа да се восхитуваш на вештината на некој спортист, актер или музичар. Но, запрашај се: ‚Каков пример даваат овие луѓе во нивниот приватен живот?‘ Зарем многу спортски херои, музичари и други уметници не се познати по нивното впуштање во сексуален неморал, дрога и алкохол? Зарем не е точно и тоа дека на многумина животот им е несреќен и празен и покрај парите и славата? Кога работите ги гледаш од оваа гледна точка, какво добро би можело да произлезе ако ги имитираш таквите личности?
Точно е дека имитирањето на фризурата, облеката или говорот на некоја славна личност може да не е некоја голема работа. Но, тоа би можело да биде првиот чекор во допуштањето на светот да те „згмечи во својот калап“ (Римјаните 12:2, Phillips). Тој калап можеби на почетокот изгледа пријатен. Но, ако целосно подлегнеш на неговото влијание, тој може да те обликува на начин кој сигурно ќе те доведе во конфликт со Бог. „Пријателството од овој свет е непријателство на Бога“, вели Библијата во Јаков 4:4.
Како може да ти помогне добриот пример за имитирање
Имитирањето на некого кој дава добар пример може да има позитивно влијание врз твојот живот! Меѓу сохристијаните можеш да најдеш многумина кои се „пример во словото, животот, љубовта, духот, верата и чистотата“ (1. Тимотеј 4:12). Точно е дека мораш да бидеш претпазлив во изборот на другари, дури и во христијанското собрание (2. Тимотеј 2:20, 21). Но, обично не е тешко да се увиди кои во собранието навистина „одат во вистината“ (2. Јованово 4). Начелото од Евреите 13:7 (NW) гласи: „Додека размислувате за исходот на нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“. За повеќето твои врсници останува да се види какво ќе се покаже нивното однесување. Но, во собранието има и постари кои ја докажале својата верност и мудро е да ги запознаеш.
‚Да се запознаам со постари?‘ можеби ќе прашаш. Навистина, на прв поглед ова можеби не звучи премногу привлечно. Но, сети се на односот што го имал Тимотеј со својот постар пријател, апостол Павле. Павле го видел потенцијалот на Тимотеј и го охрабрил ‚да го распалува Божјиот дар‘ што бил во него (2. Тимотеј 1:6). Зарем не би било корисно да имаш некој кој ќе ти помогне и ќе те охрабри, некој кој ќе те поттикнува да ги негуваш твоите дарови кои ти се дадени од Бог?
Еден младинец по име Брајан открил дека тоа е така. Тој се борел со чувства на безвредност кога се запознал со еден постар слуга помошник од собранието кој бил самец. Брајан вели: „Се восхитувам на неговата грижа полна со љубов кон другите, вклучувајќи ме и мене; неговата ревност во службата; и неговите одлични предавања“. На Брајан веќе му користи личното внимание што го добил од овој постар христијанин. Тој искрено признава: „Тоа ми помогна да се променам во споредба со она што бев претходно — една срамежлива и умртвена личност“.
Родителите како примери за имитирање
Книгата Adolescence—Generation Under Pressure вели дека родителите се „единственото најважно надворешно влијание во потпомагањето или во спречувањето на просечниот адолесцент да дојде до идентитет со кој ќе биде задоволен“. Без тоа јасно чувство на водство и идентитет, додава книгата, младите луѓе „ќе станат како брод без кормило, кој го менува правецот со секој бран што наидува“.
Овој совет го одразува она што го запишал ученикот Јаков пред повеќе од 1.900 години, како што стои во Јаков 1:6: „Но да моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“. Веројатно познаваш некои млади кои се токму такви. Тие се склони да живеат за денешните возбудувања, без да мислат на утрешнината.
Дали си благословен со богобојазливи родители кои даваат добар пример во собранието? Ако да, дали се препушташ на нивното влијание или, пак, на секој чекор доаѓа до борби со нив? Точно е тоа дека твоите родители не се совршени. Но, не биди слеп за нивните добри особини — особини кои ќе биде добро да ги имитираш. „Многу им се восхитувам на моите родители“, пишува еден млад христијанин по име Џарод. „Нивната истрајна ревност за службата, начинот на кој се соочуваа со економските тешкотии и охрабрувањето што ми го дадоа да учествувам во полновремената служба добро влијаеа врз мене. Родителите отсекогаш ми биле пример за имитирање“.
Најдобриот пример за имитирање
Кога организацијата на Галуповото истражување прашала некои млади во Соединетите Држави кого го сметаат за најголема личност во историјата, повеќето избрале американски личности од политиката. Само 6 проценти го избрале Исус Христос. Меѓутоа, Библијата ни кажува дека Исус Христос оставил совршен „пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21; Евреите 12:3). Тој ги охрабрува своите ученици да учат од него (Матеј 11:28, 29). Но, како ќе го направиш тоа?
Темелно запознај се со животот на Исус. Пробај целосно да ги прочиташ извештаите од евангелијата заедно со книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел.a Забележи како поучувал Исус, сочувствителниот начин на кој постапувал со луѓето и храброста што ја покажал кога бил под притисок. Ќе откриеш дека Исус е најдобриот пример за имитирање кој воопшто би можел да го следиш.
Колку повеќе ќе се запознаваш со тој совршен пример за имитирање толку помалку ќе те привлекуваат врсници кои имаат нездраво влијание или, пак, славните личности. Се сеќаваш ли на Пинг и на неговото восхитување за еден спортски херој? Пинг сѐ уште ужива да игра кошарка одвреме навреме, но увидел дека е безумно да се обликува себеси според славни личности.
А што е со Ричард? Неговиот избор на пример за имитирање водел до тоа да ја напушти својата христијанска вера. Меѓутоа, Ричард запознал еден млад човек во своите 20-ти години, по име Сајмон, кој бил Јеховин сведок. „Сајмон се спријатели со мене“, вели Ричард, „и ми помогна да увидам дека човек може да ужива во животот без да ги компромитира библиските начела. За кратко време почнав да го почитувам Сајмон, а неговиот пример одигра огромна улога во тоа да му се вратам на собранието и да му го предадам мојот живот на Јехова. Сега сум многу посреќен и мојот живот има вистинска смисла“.
Да, твојот избор на примери за имитирање навистина е многу важен!
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 22]
Дружењето со угледни повозрасни лица може да ти помогне