ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • be тема 3 стр. 89-стр. 91 пас. 5
  • Правилен изговор

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Правилен изговор
  • Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Сличен материјал
  • Зошто да го користиме Божјето име иако не се знае како точно се изговара?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Божјето име — Неговото значење и изговор
    Божественото име кое ќе остане засекогаш
  • „Јехова“ или „Јахве“?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Извлечи корист од Теократската школа за проповедање за 1996 — 3. дел
    Нашата служба за Царството 1996
Повеќе
Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
be тема 3 стр. 89-стр. 91 пас. 5

СТУДИЈА 3

Правилен изговор

Што треба да правиш?

Кажувај ги поединечните зборови правилно. Ова вклучува 1) да ги употребиш исправните звуци за да ги изговориш зборовите, 2) да го нагласиш исправниот слог(-ови) и, 3) во многу јазици, да им обрнеш умесно внимание на надредните знаци.

ЗОШТО Е ВАЖНО?

Правилниот изговор придонесува за достоинството на пораката што ја проповедаме. Овозможува вниманието на слушателот да се сосредоточи на самата порака, а не на некоја грешка во изговорот.

СИТЕ христијани немаат многу години световно образование. Дури и апостолите Петар и Јован биле опишани како „неуки и обични“ (Дела 4:13). Сепак, важно е да избегнуваш да го одвраќаш вниманието од твојата презентација на библиската вистина со лошо изговарање на зборовите.

Фактори што треба да ги земеш предвид. Не постои систем на правила за изговор кој важи за сите јазици. Многу јазици се пишуваат со азбучни букви. Освен кирилицата, постојат: арапска, грчка, латинска и хебрејска азбука. Наместо азбука, во пишаниот кинески јазик се користат симболи, кои можат да бидат составени од извесен број елементи. Овие симболи обично претставуваат еден збор или дел од зборот. Иако јапонските и корејските симболи се позајмени од кинеските, симболите можат да се користат за да претстават сосема различни гласови, и да не го пренесуваат истото значење.

Во јазиците што имаат азбука, правилниот изговор бара да се користи исправен звук за секоја буква или комбинација од букви. Кога еден таков јазик следи доследни правила, како што е случај со грчкиот, шпанскиот и зулу, таа задача не е тешка. Меѓутоа, странските влијанија врз јазикот можат да имаат за резултат изговор што го одразува потеклото на зборовите. Како резултат на тоа, некоја конкретна буква или група букви можат да се изговараат на повеќе од еден начин или, понекогаш, и воопшто да не се изговараат. Можеби ќе треба да ги запомниш исклучоците и потоа често да ги користиш во твојот говор. На кинески јазик, правилниот изговор бара да се запомнат илјадници симболи. Во некои јазици значењето на еден збор се менува кога ќе се смени тонот. Пропустот да се обрне адекватно внимание на овој аспект од јазикот може да има за последица пренесување погрешни идеи.

Ако зборовите на еден јазик се составени од слогови, важно е примарниот акцент да се стави врз исправниот слог. Многу јазици што користат таква структура имаат прилично редовен шаблон на усно акцентирање. Таму каде што има исклучоци од тој шаблон, акцентскиот знак може да биде дел од пишаниот збор. Ова релативно го олеснува правилниот изговор. Меѓутоа, ако шаблонот не е доследен, проблемот се отежнува. Успешното справување со него бара многу помнење.

Во некои јазици, надредните знаци се главен фактор што треба да се земе предвид. Во нашиот јазик надреден знак се става во кратката заменска форма нѐ и во прилогот сѐ за да се разликуваат од негацијата не и од елементот се од повратните глаголи. Исто така, надреден знак се става и над кратката заменска форма за женски род ѝ за да се разликува од сврзникот и. За да ги изговориш правилно при јавното читање, потребна е внимателна подготовка.

Во врска со изговорот, има и некои стапици што треба да се избегнуваат. Ако е претерано прецизен, човек може да остави впечаток на извештаченост, па дури и на снобизам. Истото може да се рече и за изговор кој повеќе не е во општа употреба. Единствениот ефект ќе биде свртување на вниманието кон говорникот. Од друга страна, пак, добро е да се избегнува другата крајност — да се користи немарен говор и изговор. За некои од овие работи веќе беше дискутирано под „Јасно да се кажат зборовите“.

Прифатливиот изговор на зборовите во еден јазик може да се разликува од една земја до друга, дури и од еден дел од некоја земја до друг. Лице од друга земја можеби го зборува локалниот јазик со специфичен акцент. Во некои јазици, во речниците можеби се набројува повеќе од еден прифатлив изговор за еден збор. Особено ако некое лице имало многу ограничени прилики за стекнување световно образование или ако јазикот на кој сега зборува не е негов мајчин јазик, ќе извлече голема корист ако ги слуша внимателно оние што добро го зборуваат локалниот јазик и потоа својот изговор го обликува според нивниот. Ние, како Јеховини сведоци, сакаме да зборуваме на начин кој ѝ дава достоинство на пораката што ја проповедаме и кој ќе биде лесно разбирлив за луѓето од нашето место.

Обично е најдобро во секојдневниот говор да користиш зборови што добро ги познаваш. Обично во општ разговор изговорот нема да биде проблем. Меѓутоа, кога читаш наглас, можеби ќе наидеш на некои зборови што во секојдневниот говор не ги користиш. А Јеховините сведоци во голема мера читаат наглас. Од Библијата им читаме на луѓето кога им сведочиме. Некои браќа се замолени да ги читаат пасусите во Студијата на Стражарска кула или на Собраниската студија на книга. Важно е да читаме точно и да не го одвлекуваме вниманието од пораката со погрешно изговарање на зборовите.

Дали некои лични имиња од Библијата ти се тешки за изговор? За разлика од некои јазици кои имаат слободен акцент, македонскиот јазик има определен акцент, што значи дека се врзува за одреден слог во зборот. Обележје на македонскиот јазик е тоа што има третосложен акцент. Тоа значи дека кај двосложните и тросложните зборови акцентот стои на вториот, односно третиот слог од крајот на зборот. Пример за тоа се зборовите „Павле“ и „Марија“. А ако зборовите се повеќесложни, тогаш акцентот стои на третиот слог броејќи од крајот на зборот, на пример, „Захарија“ или „Малахија“. Отстапување од овие правила има кај туѓите зборови.

Начини за подобрување. Многумина што имаат проблем со изговорот не се ни свесни за тоа. Ако твојот надгледник на школата ти укаже дека треба да им обрнеш внимание на некои аспекти од твојот изговор, цени ја неговата љубезност. Откако ќе го дознаеш проблемот, како можеш да се подобриш?

Пред сѐ, кога имаш задача да читаш наглас, одвој си време да погледнеш во речник. Побарај ги зборовите што не ги знаеш. Ако немаш искуство во користењето речник, сврти ги воведните страници каде што има објаснување на симболите кои се употребени или, ако е потребно, замоли некој да ти ги објасни. Има случаи кога еден збор може да се изговори на повеќе од еден начин, зависно во каква рамка е употребен. Сеедно кој збор го бараш, кажи го наглас неколкупати пред да го затвориш речникот.

Втор начин на кој можеш да го подобриш изговорот е да читаш пред некого — некој што добро ги изговара зборовите — и да го замолиш да ги исправи твоите грешки.

Трет начин да го подобриш изговорот е внимателно да ги слушаш добрите говорници. Ако ти се на располагање аудиокасети од Превод Нов свет или од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, добро користи ги. Додека слушаш, забележи ги зборовите што се изговараат поинаку од начинот на кој ти би го сторил тоа. Напиши ги и извежбај ги. Со текот на времето, твојот говор ќе биде ослободен од мааните на погрешниот изговор, и тоа во голема мера ќе го збогати твоето говорење.

КАКО ДА ГО ПОДОБРИШ ИЗГОВОРОТ

  • Научи добро да користиш речник.

  • Замоли некого, кој добро чита, да те слуша и да ти даде совет.

  • Забележи го изговорот на добрите говорници; спореди го со твојот.

ВЕЖБА: Провери го изговорот на кои и да било непознати зборови во Псалм 83 или во некој дел од Библијата, кој претставува посебен предизвик за тебе. Користи речник или консултирај се со некого, кој добро го знае јазикот. Забележи кои слогови треба да се нагласат во личните имиња во овие стихови; кажи го секое име наглас. Потоа, прочитај го наглас целиот тој дел.

Треба да вежбам правилен изговор на следниве зборови:

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․ ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели