Физички хендикепирани, но сепак плодоносни
1 Ако си еден од многуте Јеховини сведоци што се физички хендикепирани, сепак можеш да имаш плодоносна служба. Всушност, твоите околности можеби ќе ти пружат посебни прилики да дадеш сведоштво и да ги охрабриш другите.
2 Да се даде сведоштво: Мнозина што мораат да се борат со некој физички хендикеп имаат потполн удел во службата. На пример, една сестра, на која при една операција сериозно ѝ биле оштетени способноста да се движи и да зборува, открила дека може да учествува во службата со списанија ако нејзиниот сопруг го паркира автомобилот близу до еден прометен тротоар. Во една прилика дала 80 списанија за само два часа! И твоите посебни околности можат да те доведат во контакт со луѓе до кои инаку е тешко да се дојде. Ако е така, тогаш гледај на нив како на твое посебно подрачје.
3 Твоето проповедање може да биде многу делотворно! Кога другите ја гледаат твојата решеност и добрите резултати што Библијата ги донела во твојот живот, можеби и тие ќе бидат привлечени кон пораката за Царството. Освен тоа, кога наидуваш на луѓе што трпат неволји, твоето искуство во животот може да те опреми да им дадеш утеха од Божјата реч (2. Кор. 1:4).
4 Зајакни ги другите: Зарем не беше охрабрен од животната приказна на Лорел Низбет која 37 години живеела во комора за вештачко дишење, но сепак им помогнала на 17 лица да дојдат до точно спознание за библиската вистина? На сличен начин, и твојот пример може да ги инспирира соверниците да се напрегаат во службата за Јехова (g-E 22.1.93, стр. 18—21).
5 Дури и ако околностите те спречуваат да одиш во служба онолку колку што би сакал ти, сепак можеш да ги зајакнеш другите. Еден брат рекол: „Сфатив дека дури и едно сериозно физички хендикепирано лице може да им биде од голема помош на другите. Јас и мојата сопруга бевме како еден вид котва за другите во нашето собрание. Поради нашите околности ние сме секогаш тука, секогаш сме на располагање“. Меѓутоа, поради твојот хендикеп, се разбира дека можеби не ќе можеш да постапуваш во склад со твојата ревност. Сепак, со малку помош можеби ќе можеш да имаш активен удел во службата. Затоа, ако ти треба помош не колебај се да им го кажеш тоа на старешините или на некои други во собранието што можат да ти помогнат.
6 Јехова гледа сѐ што правиш за да можеш да му служиш и се радува на твојата служба што ја правиш со сето срце (Псал. 139:1—4). Кога се потпираш на него, тој може да ти даде сила за да имаш плодна и смисловна служба (2. Кор. 12:7—10).