Можеме да го правиме она што Јехова го бара од нас
1. Со какви чувства можеби понекогаш мораме да се бориме, и зошто?
1 Да се држат Јеховините закони и начела е најдобриот начин на живот денес, а тоа ни помага и да си поставиме извонреден темел за вечна иднина (Псал. 19:7—11; 1. Тим. 6:19). Меѓутоа, светот на Сатана нѐ изложува на голем стрес. Дури и нашето несовршено тело прави ситуацијата да биде уште полоша. Додека се трудиме да ги исполниме нашите библиски одговорности, понекогаш можеби се чувствуваме под голем притисок (Псал. 40:12; 55:1—8). Можеби дури и се прашуваме дали ќе можеме да направиме сѐ што Јехова бара од нас. Што може во такви моменти да ни помогне да ја задржиме нашата духовна рамнотежа?
2. На кој начин Јехова е разумен во она што го очекува од нас?
2 Јеховините заповеди не се тешки: Јехова никогаш не бара нешто неразумно од нас. Неговите заповеди не се тешки туку се за наше добро (Втор. 10:12, 13; 1. Јов. 5:3). Тој ги зема предвид нашите човечки слабости и „си спомнува дека сме прав“ (Псал. 103:13, 14). Бог милосрдно прифаќа кога го даваме нашето најдобро за да му служиме, дури и ако тоа е ограничено поради нашите околности (Лев. 5:7, 11; Мар. 14:8). Тој нѐ повикува да ги фрлиме своите грижи на него и нѐ уверува дека ќе ни помогне да му останеме верни (Псал. 55:22; 1. Кор. 10:13).
3. Како Јехова нѐ зајакнува за да истраеме?
3 Потребна е истрајност: Библиските извештаи за чуварите на интегритетот, како што се Илија, Еремија и Павле, покажуваат дека е потребна истрајност (Евр. 10:36). Јехова ги поткрепил во време на неволји и обесхрабрување (1. Цар. 19:14—18; Ерем. 20:7—11; 2. Кор. 1:8—11). А поттикнати сме и од лојалноста на нашите браќа во наше време (1. Петр. 5:9). Тоа што ќе медитираме за ваквите примери може да ни помогне да не паднеме во духот.
4. Зошто е важно секогаш да ги имаме на ум Божјите ветувања?
4 Надежта во Божјите ветувања е „котва за душата“ (Евр. 6:19). Таа ги поттикнала Авраам и Сара да го прифатат барањето на Јехова да го напуштат својот дом и ,да живеат како странци во земјата на ветувањето‘. Таа му дала сила на Мојсеј да заземе бестрашен став за вистинското обожавање. Го зајакнала Исус да претрпи маченички столб (Евр. 11:8—10, 13, 24—26; 12:2, 3). Тоа што Божјето ветување за праведен нов свет ќе го одржуваме живо во нашите срца, на сличен начин ќе ни помогне да останеме цврсти (2. Петр. 3:11—13).
5. Зошто може да биде охрабрувачки ако размислуваме за нашите минати дела на лојалност?
5 И тоа што ќе си спомнуваме за нашите минати дела на лојалност, самопожртвуваност и смелост може да ни даде сила во нашата служба (Евр. 10:32—34). Тоа нѐ потсетува на радоста што ја доживуваме кога му го даваме на Јехова она што тој го бара од нас — оддаденост со сета душа (Мат. 22:37).