-
Што се шеолот и адот?Што навистина учи Библијата?
-
-
ДОДАТОК
Што се шеолот и адот?
НА ИЗВОРНИТЕ јазици, Библијата ги користи хебрејскиот збор шеол и грчкиот еквивалент ад повеќе од 70 пати. И двата збора се поврзани со смртта. Во некои библиски преводи тие се преведени со „гроб“, „пекол“ или „јама“. Меѓутоа, во повеќето јазици нема зборови што ја пренесуваат точната смисла ниту на хебрејскиот ниту на грчкиот збор. Затоа, во преводот Нов свет на секое место каде што во изворниот текст се појавуваат тие зборови, има фуснота која на читателите им укажува на тоа како гласи тој збор на изворните јазици. Што точно значат овие зборови? Да видиме како се користени во различни библиски стихови.
Во Проповедник 9:10 стои: „Нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот [шеолот, фуснота] во кој одиш“. Дали ова значи дека шеолот се однесува на некој конкретен, поединечен гроб каде што е погребан некој од нашите блиски? Не. Кога во Библијата се спомнува некое конкретно место, односно гроб, каде што е погребан некој, се користи друг збор на хебрејски и грчки јазик, а не шеол и ад. Исто така, во Библијата не се користи зборот „шеол“ за гроб во кој се погребани неколку луѓе, како што е некоја семејна или масовна гробница (1. Мојсеева 49:30, 31).
Тогаш, на какво место се однесува зборот „шеол“? Божјата Реч покажува дека зборовите „шеол“ и „ад“ се однесуваат на нешто многу повеќе дури и од голема масовна гробница. На пример, во Исаија 5:14 стои дека шеолот ,се раширил и зинал со својата уста преку мерка‘. Иако шеолот веќе проголтал, така да се каже, безброј мртви луѓе, се чини дека никогаш не му е доста (Изреки 30:15, 16). За разлика од кое и да е дословно место за погреб, кое може да собере само ограничен број мртви, ,шеолот не може да се насити‘ (Изреки 27:20, фуснота). Тоа значи дека шеолот никогаш не може целосно да се наполни. Тој нема граници. Значи, шеолот, или адот, не е дословно место. Тој го означува симболичното заедничко место во кое се наоѓаат луѓето што умреле.
Библиското учење за воскресение ни помага подобро да го разбереме значењето на зборовите „шеол“ и „ад“. Божјата Реч ги поврзува зборовите шеол и ад со смрт од која има воскресениеa (Јов 14:13; Дела 2:31; Откровение 20:13). Библијата исто така покажува дека во шеолот, или адот, не се наоѓаат само оние што му служеле на Јехова туку и многу луѓе што не му служеле (1. Мојсеева 37:35; Псалм 55:15). Затоа, Библијата учи дека Бог „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).
a За разлика од тоа, за мртвите што нема да бидат воскреснати се вели дека се „во геената“, а не во шеолот или во адот (Матеј 5:30; 10:28; 23:33). Исто како што шеолот и адот не се дословни места, така ни геената не е дословно место.
-
-
Што е Судниот ден?Што навистина учи Библијата?
-
-
ДОДАТОК
Што е Судниот ден?
КАКО си го замислуваш Судниот ден? Мнозина мислат дека милиони луѓе ќе доаѓаат еден по еден пред Божјиот престол. Таму ќе биде суден секој поединечно. Некои ќе бидат наградени со живот во рај на небото, а други ќе бидат осудени на вечно мачење. Меѓутоа, Библијата дава една сосема поинаква слика за тоа време. Божјата Реч не го прикажува како некој страшен временски период, туку како време на надеж и обнова.
Во Откровение 20:11, 12 читаме како апостол Јован го опишува Судниот ден: „Видов еден голем бел престол и оној што седи на него. Пред него побегнаа земјата и небото, и за нив не се најде повеќе место. И ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоци се отворија. А се отвори и еден друг свиток — свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците“. Кој е Судијата што е опишан овде?
Јехова Бог е врховниот Судија над целото човештво. Меѓутоа, самото судење му го доверува на некој друг. Според Дела 17:31, апостол Павле рекол дека Бог ,определил ден во кој наумил да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одредил за тоа‘. Тој Судија е воскреснатиот Исус Христос (Јован 5:22). Но, кога започнува Судниот ден? Колку долго трае?
Книгата Откровение покажува дека Судниот ден започнува по војната Армагедон, кога ќе биде уништен Сатановиот поредок на Земјатаa (Откровение 16:14, 16; 19:19 — 20:3). По Армагедон, Сатана и неговите демони ќе бидат затворени во бездна илјада години. За тоа време, 144.000 небесни совладетели ќе бидат судии и ќе ,царуваат со Христос илјада години‘ (Откровение 14:1-3; 20:1-4; Римјаните 8:17). Судниот ден не е нешто што ќе се случи брзо и што ќе заврши за само 24 часа. Тој ќе трае илјада години.
Во текот на тој илјадагодишен период, Исус Христос ќе „им суди на живите и на мртвите“ (2. Тимотеј 4:1). „Живите“ се ,големото мноштво‘ што ќе го преживее Армагедон (Откровение 7:9-17). Апостол Јован ги видел и ,мртвите како стојат пред [судискиот] престол‘. Како што ветил Исус, „сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Христовиот] глас и ќе излезат“ со тоа што ќе бидат воскреснати (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Но, врз која основа ќе им се суди?
Во видението што го добил апостол Јован ,биле отворени свитоци‘, а ,мртвите биле судени според нивните дела на темел на она што било напишано во свитоците‘ (Откровение 20:12). Дали во тие свитоци е запишано она што луѓето го правеле во минатото? Не, тие нема да бидат судени врз основа на она што го правеле пред да умрат. Од каде го знаеме тоа? Библијата вели: „Оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Римјаните 6:7). Значи, на оние што ќе воскреснат ќе им бидат избришани сите гревови од минатото. Според тоа, свитоците сигурно ги претставуваат новите барања што ќе ги постави Бог за луѓето. За да живеат вечно, и оние што ќе го преживеат Армагедон и воскреснатите ќе мора да ги слушаат Божјите заповеди, вклучувајќи ги и сите нови барања што Јехова можеби ќе ги открие во текот на тие илјада години. Значи, на луѓето ќе им се суди врз основа на она што ќе го прават во текот на Судниот ден.
Во Судниот ден, милијарди луѓе првпат ќе имаат можност да дознаат која е Божјата волја и да го усогласат својот живот со неа. Тоа значи дека ќе треба да бидат поучени огромен број луѓе. Да, „оние што живеат на земјата ќе се учат на праведност“ (Исаија 26:9). Меѓутоа, нема сите да сакаат да го усогласат својот живот со Божјата волја. Во Исаија 26:10 стои: „Ако му се укаже милост на злиот, тој нема да се научи на праведност. Во земјата на праведноста тој ќе врши неправда и нема да ја види возвишеноста на Јехова“. Тие злобни луѓе ќе бидат засекогаш погубени додека сѐ уште трае Судниот ден (Исаија 65:20).
До крајот на Судниот ден, сите оние што ќе останат живи ќе станат совршени и со тоа ќе ,оживеат‘ во потполна смисла на зборот (Откровение 20:5). Значи, во текот на Судниот ден човештвото повторно ќе стане совршено, како што било во почетокот (1. Коринќаните 15:24-28). Тогаш ќе следи последниот испит. Сатана ќе биде пуштен од бездната и за последен пат ќе му биде дозволено да се обиде да ги заведе луѓето (Откровение 20:3, 7-10). Оние што нема да му подлегнат, ќе го доживеат целосното исполнување на библиското ветување: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Да, Судниот ден ќе биде благослов за сите верни луѓе!
a За Армагедон можеш да прочиташ во книгите Увид во Светото писмо, том 1, страници 594-595; 1037-1038 (англ.), и Обожавај го единствениот вистински Бог, 20. поглавје. Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.
-