СТУДИЈА 53
Публиката охрабрена и зајакната
БЕЗ ОГЛЕД на проблемите со кои се соочуваат, Божјите слуги треба да бидат во состојба да најдат охрабрување во христијанското собрание. За таа цел, особено старешините мораат да се погрижат нивните говори и совети да бидат охрабрувачки. Старешините треба да се покажат „како заветрина, прибежиште од невреме, како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина“ (Иса. 32:2).
Ако си старешина, дали твоите говори даваат освежување и утеха? Дали ги закрепнуваат оние што настојуваат верно да му служат на Јехова? Дали им влеваат сила да истраат во вршењето на Божјата волја и покрај општата апатија или противењето? Што ако некој од публиката е депримиран, страда под товарот на суровите економски притисоци или се бори со некоја сериозна болест за која нема лек? Можеш да ,ги охрабриш твоите браќа со устата‘ (Јов 16:5).
Искористи ја приликата што ја имаш како говорник за да им помогнеш на браќата да црпат надеж и сила од Јехова и од подготовките што тој ги направил (Рим. 15:13; Ефеш. 6:10).
Потсети ги што сторил Јехова. Важен начин да влееш храброст е да покажеш како Јехова му помагал на својот народ низ тешкотии во минатото (Рим. 15:4).
Јехова му рекол на Мојсеј да го ,зајакне‘ и „охрабри“ Исус Навин пред Израел да влезе во Ветената земја, која во тоа време била окупирана од непријателски нации. Како го сторил Мојсеј тоа? Во присуство на Исус Навин, Мојсеј ја потсетил целата нација на работите што Јехова веќе ги сторил за неа кога го напуштила Египет (Втор. 3:28; 7:18). Исто така, Мојсеј ги преброил победите што Јехова ѝ ги дал над Аморејците. Тогаш Мојсеј го поттикнал Исус Навин: „Охрабри се и биди одлучен“ (Втор. 31:1-8). Кога настојуваш да ги охрабриш своите браќа, дали им помагаш да црпат сила потсетувајќи ги што Јехова веќе сторил за нив?
Понекогаш поединци се толку совладани од своите проблеми што се прашуваат дали воопшто ќе ги доживеат благословите на Царството. Потсети ги на сигурноста на Јеховините ветувања (Ис. Нав. 23:14).
Во некои земји, нашите браќа се соочуваат со државни одредби што го забрануваат проповедањето на добрата вест. Во такви случаи, љубезните старешини можат да им помогнат на соверниците да црпат сила од искуствата на апостолите на Исус Христос (Дела 4:1-5:42). А подвлекувањето на начинот на кој Бог управувал со настаните запишани во книгата Естира, сигурно ќе им влее храброст на браќата.
Понекогаш поединци ги посетуваат собраниските состаноци, но не напредуваат понатаму. Можеби мислат дека Бог не може никогаш да им прости затоа што нивниот поранешен начин на живот бил толку лош. Можеби би можел да раскажеш како постапил Јехова со цар Манасиј (2. Лет. 33:1-16). Или, би можел да раскажеш за луѓето од древниот Коринт што го смениле својот начин на живот, станале христијани и Бог ги прогласил за праведни (1. Кор. 6:9-11).
Дали некои поединци мислат дека проблемите што ги доживуваат се доказ дека ја изгубиле Божјата наклоност? Би можел да ги потсетиш на она што го доживеал Јов и како бил богато благословен затоа што цврсто го задржал својот интегритет кон Јехова (Јов 1:1-22; 10:1; 42:12, 13; Псал. 34:19). Лажните Јовови тешители погрешно тврделе дека сигурно Јов извршил некаков грев (Јов 4:7, 8; 8:5, 6). Спротивно на тоа, кога ги зајакнувале учениците и ,ги храбреле да останат во верата‘, Павле и Варнава рекле: „Преку многу неволји мораме да влеземе во Божјето царство“ (Дела 14:21, 22). Слично и денес, ти можеш да ги зајакнеш оние што доживуваат испити на тој начин што ќе истакнеш дека од сите христијани се бара истрајност под неволја и дека тоа има голема вредност во очите на Бог (Посл. 27:11; Мат. 24:13; Рим. 5:3, 4; 2. Тим. 3:12).
Охрабри ги слушателите да размислуваат за начините на кои Јехова ги исполнил своите ветувања во нивниот живот. Со малку подбудување можат да увидат како Јехова веќе постапувал со нив лично, токму како што ветил. Во Псалм 32:8 читаме: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“. Помагајќи им на своите слушатели да се потсетат како Јехова ги водел или ги зајакнувал, ќе им овозможиш на еден многу личен начин да увидат дека Јехова се грижи за нив и дека тој навистина ќе им помогне низ кој и да е испит со кој моментално се соочуваат (Иса. 41:10, 13; 1. Петр. 5:7).
Покажи восхит од она што Бог го прави сега. Кога настојуваш да ги охрабриш браќата, сврти внимание кон она што Јехова го прави токму сега. Ако за овие работи зборуваш на начин од кој се гледа дека те восхитуваат, ќе побудиш слични чувства и во срцата на твоите слушатели.
Разгледај како Јехова ни помага да се справиме со животните притисоци. Тој ни го покажува најдобриот начин на живот (Иса. 30:21). Ги објаснува причините за криминалот, неправдата, сиромаштијата, болеста и смртта и ни кажува дека ќе им стави крај на сите нив. Нѐ опкружил со братство полно со љубов. Ни ја дава скапоцената предност — молитвата. Ни ја доверува предноста да бидеме негови Сведоци. Ни ги отвора очите да видиме дека Христос веќе е востоличен на небото и дека последните денови на стариот систем брзо истекуваат (Откр. 12:1-12).
На тие благослови додај ги уште и нашите собраниски состаноци, собирите и конгресите. Кога за овие подготовки зборуваш на начин што покажува вистинско ценење за нив, ќе ја зајакнеш решеноста на другите да не го занемаруваат собирањето со своите браќа (Евр. 10:23-25).
Извештаите што даваат доказ за Јеховиниот благослов врз нашите напори во службата на теренот се исто така извор на сила. Во првиот век, кога биле на пат за Ерусалим, Павле и Варнава им причиниле „голема радост на сите браќа“ раскажувајќи им подробно за обраќањето на луѓето од нациите (Дела 15:3). И ти можеш да им донесеш голема радост на браќата споделувајќи со нив изградувачки искуства.
До додатно охрабрување ќе дојде кога на поединци им се помага да ја увидат вредноста на она што го прават. Пофали ги за нивниот удел во христијанската служба. Пофали ги оние чија активност е сериозно ограничена поради старост и болест, но покажуваат верна истрајност. Потсети ги дека Јехова не ја заборава љубовта што ја покажуваат кон неговото име (Евр. 6:10). Верата докажана под испит е бесценет посед (1. Петр. 1:6, 7). Нашите браќа треба да бидат потсетени на тоа.
Со чувство зборувај за надежта што стои пред нас. Инспирираните ветувања за работите што ќе дојдат се главен извор на охрабрување за сите што го љубат Бог. Можеби повеќемина од публиката честопати ги слушаат тие изрази. Но, со ценењето што го покажуваш кога зборуваш за овие ветувања, можеш да им ги оживееш, да всадиш доверба дека тие ветувања ќе се исполнат и да предизвикаш срцата да се прелеваат од благодарност. Применувањето на наученото во Теократската школа за служба може да ти помогне во тоа.
Самиот Јехова е Голем Охрабрувач и Дарител на сила на својот народ. Сепак, можеш да соработуваш со него во пренесувањето на тие благослови. Кога зборуваш пред собранието, добро искористи ја приликата за да го сториш тоа.