Нека Јехова ти припише добро на твоја сметка
„Спомни ме . . . за тоа, Боже мој . . . Спомни ме, Боже мој, за мое добро!“ (НЕЕМИЈА 13:22, 31).
1. Што им помага на оние кои му се предадени на Бог да положат добра сметка пред Јехова?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги ја имаат сета потребна помош за да положат добра сметка пред него. Зошто? Затоа што имаат близок однос со Бог како дел од неговата земна организација. Тој им ги открил своите намери и им дал помош и духовен увид преку својот свет дух (Псалм 50:11; 118:105; 1. Коринтјаните 2:10—13). Со оглед на овие посебни околности, Јехова со љубов ги повикува своите земни слуги да му положат сметка за себе — како за она што се така и за она што го извршуваат во неговата сила и со помошта на неговиот свет дух.
2. а) На кои начини Неемија положил за себе добра сметка пред Јехова? б) Со која молба Неемија ја завршил библиската книга што го носи неговото име?
2 Еден човек кој дал добра сметка за себе пред Бог бил Неемија, пехарник на персискиот цар Артаксеркс (Лонгиманус) (Неемија 2:1). Неемија станал управител на Евреите и повторно го изградил ерусалимскиот ѕид, и покрај непријатели и опасности. Со ревност за вистинското обожавање, тој го спроведувал Божјиот Закон и покажувал грижа за угнетените (Неемија 5:14—19). Неемија ги поттикнувал левитите редовно да се чистат, да ги чуваат портите и да го светат Сабатниот ден. Затоа можел да се моли: „Спомени ме и за тоа, Боже мој, и поштеди ме по големата Своја милост“. Исто така, својата божествено инспирирана книга Неемија соодветно ја заклучил со молбата: „Спомни ме, Боже мој, за мое добро“ (Неемија 13:22, 31).
3. а) Како би опишал ти едно лице кое прави добро? б) Кои прашања ќе бидеме поттикнати да си ги поставиме ако размислуваме за Неемииниот начин на постапување?
3 Лицето кое прави добро е доблесно и извршува исправни дела кои им користат на другите. Неемија бил таков човек. Тој имал побожен страв од Бог и голема ревност за вистинското обожавање. Освен тоа, бил благодарен за своите предности во Божјата служба и положил добра сметка за себе пред Јехова. Ако размислуваме за неговиот начин на живеење, тоа може навистина да нѐ поттикне да се запрашаме: ‚Како гледам јас на моите предности и одговорности дадени од Бог? Каква сметка давам за себе пред Јехова Бог и пред Исус Христос?‘
Спознанието нѐ прави одговорни
4. Каков налог им дал Исус на своите следбеници, и што сториле оние кои биле ‚исправно настроени за вечен живот‘?
4 Исус им го дал на своите следбеници овој налог: „Одете и научете ги [правете ученици од луѓето од, НС] сите народи, крштавајќи ги . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Учениците требало да се прават преку нивно поучување. Оние кои биле така поучени и кои биле „определени [исправно настроени, НС] за живот вечен“ требало да се крстат, како што сторил Исус (Дела 13:48; Марко 1:9—11). Нивната желба да ги држат сите работи што ги заповедал тој, би дошла од срцето. Тие би дошле до точката на предание преку примање и применување на точното спознание за Божјата Реч (Јован 17:3).
5, 6. Како треба да го разбереме Јаков 4:17? Илустрирај ја неговата примена.
5 Колку подлабоко е нашето библиско спознание толку подобар е темелот за нашата вера. Во исто време, нашата одговорност пред Бог станува поголема. Јаков 4:17 вели: „Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“. Оваа изјава очигледно претставува заклучок на она што ученикот Јаков штотуку го рекол за фалењето, наместо потполното ослонување на Бог. Ако едно лице знае дека не може да изврши ништо трајно без Јеховина помош, но не постапува според тоа, тоа е грев. Но, Јакововите зборови можат исто така да се применат на гревови поради пропуст. На пример, во Исусовата парабола за овците и јарците, јарците се осудени, но не поради лоши дела, туку поради тоа што не им помагале на Христовите браќа (Матеј 25:41—46).
6 Еден човек, со кого Јеховините сведоци воделе библиска студија, слабо напредувал духовно, очигледно затоа што не престанувал со пушењето, иако знаел дека треба да го стори тоа. Еден старешина го замолил да го прочита Јаков 4:17. Откако коментирал за значењето на овој стих, старешината рекол: „Иако не си крстен, ти си одговорен и мораш да сносиш полна одговорност за својата одлука“. За среќа, човекот се оѕвал, престанал да пуши и наскоро ги исполнил условите за крштавање како симбол на своето предание на Јехова Бог.
Одговорни за нашата служба
7. Кој е еден начин да ја покажеме својата благодарност за „самото спознание на Бог“?
7 Наша сесрдна желба треба да биде да му угодуваме на нашиот Творец. Еден начин да ја покажеме својата благодарност за „самото спознание на Бог“ (НС) е да го извршуваме налогот да правиме ученици на неговиот Син, Исус Христос. И тоа е еден начин да ја покажеме нашата љубов кон Бог и кон нашите ближни (Изреки 2:1—5; Матеј 22:35—40). Да, нашето спознание за Бог нѐ прави одговорни пред него, а на нашите ближни треба да гледаме како на потенцијални ученици.
8. Зошто можеме да речеме дека Павле се чувствувал одговорен пред Бог за својата служба?
8 Апостол Павле знаел дека сесрдното прифаќање и послушноста кон добрата вест доведува до спасение, додека нејзиното отфрлање може да донесе уништување (2. Солунјаните 1:6—8). Затоа се чувствувал одговорен пред Јехова за својата служба. Всушност, Павле и неговите придружници толку многу ја ценеле својата служба што внимателно избегнувале дури и да остават впечаток дека имаат финансиска добивка од неа. Освен тоа, срцето го поттикнало Павле да рече: „Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не [ја] проповедам [добрата вест, НС]“ (1. Коринтјаните 9:11—16).
9. Каков значаен долг имаат да исплаќаат сите христијани?
9 Како Јеховини предадени слуги, ‚должност ни е да ја проповедаме добрата вест‘. Наш налог е да ја проповедаме пораката за Царството. Ние ја прифативме таа одговорност кога се предадовме на Бог. (Спореди Лука 9:23, 24.) Освен тоа, имаме да исплатуваме еден долг. Павле рекол: „Задолжен сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните. Па, во колку од мене зависи, готов сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието“ (Римјаните 1:14, 15). Павле бил должник затоа што знаел дека му било должност да проповеда за луѓето да можат да ја чујат добрата вест и да бидат спасени (1. Тимотеј 1:12—16; 2:3, 4). Затоа, работел напорно за да го исполни својот налог и да го исплати својот долг кон ближните. Како христијани, и ние имаме да исплаќаме таков долг. Проповедањето на Царството исто така претставува еден главен начин да покажеме љубов кон Бог, кон неговиот Син и кон нашите ближни (Лука 10:25—28).
10. На кој начин некои ја прошириле својата служба?
10 Еден начин да положиме прифатлива сметка пред Бог е да ги користиме своите способности за да ја прошириме својата служба. Да илустрираме: Во последните години, во Британија имаше прилив на луѓе од многу национални групи. За да ги достигнат таквите луѓе со добрата вест, преку 800 пионери (полновремени проповедници на Царството) и стотици други Сведоци учат различни јазици. Тоа доведе до еден добар стимул во поглед на службата. Една пионерка која поучува еден клас на кинески јазик, рече: „Никогаш не сум помислила дека некогаш ќе поучувам други Сведоци за мојот јазик за да ја споделуваат вистината со други на ваков начин. Тоа е толку задоволувачки!“ Дали би можел ти да ја прошириш својата служба на сличен начин?
11. Што произлегло од тоа кога една христијанка сведочела неформално?
11 Веројатно секој од нас би сторил сѐ што би можел за да спаси некој давеник. Јеховините слуги на сличен начин се желни да ги користат своите способности за да сведочат во секоја прилика. Неодамна една жена Сведок седела до една друга жена во автобус и зборувала со неа за Писмото. Восхитена од она што го чула, жената поставувала многу прашања. Кога жената Сведок се спремала да слезе од автобусот, жената ја преколнувала место тоа да дојде кај неа дома, бидејќи сѐ уште имала многу прашања. Жената Сведок се согласила. Каков бил исходот? Била започната библиска студија, а по шест месеци, жената станала некрстен објавител на Царството. Наскоро, самата водела шест домашни библиски студии. Каква возбудлива награда од користењето на своите способности во службата за Царството!
12. Како можат нашите способности како слуги добро да се употребат во службата на подрачјето?
12 Нашите способности како слуги може да бидат употребени делотворно на подрачјето преку користењето на такви публикации како што е книгата од 192 страници — Спознание кое води до вечен живот. До април 1996 година, Одборот за пишување при Водечкото тело на Јеховините сведоци го одобри издавањето на книгата Спознание на преку 140 јазици, а дотогаш веќе беа отпечатени 30.500.000 примероци на 111 јазици. Оваа книга беше напишана со цел да им помогне на истражувачите на Библијата да научат доволно за Божјата Реч и намери за да му се предадат на Јехова Бог и да се крстат. Поради тоа што објавителите на Царството нема да водат библиска студија со истиот ученик многу години, тие можат да водат студии со повеќе луѓе или, пак, да го зголемат својот удел во делото од куќа до куќа и во другите облици на служба (Дела 5:42; 20:20, 21). Свесни за својата одговорност пред Бог, тие обрнуваат внимание на божествените предупредувања (Језекиил 33:7—9). Но, нивниот главен интерес е да му оддадат чест на Јехова и да им помогнат на колку што е можно повеќе лица да дознаат за добрата вест во краткото време што уште му преостанува на овој зол систем на ствари.
Да се положи добра сметка како семејства
13. Зошто треба побожните семејства да имаат редовна семејна библиска студија?
13 Секој поединец и семејство кое го прифаќа вистинското христијанство, е одговорно пред Бог и затоа треба да ‚се стреми кон совршенство [кон зрелост, НС]‘ и да стане „со тврда вера“ (Евреите 6:1—3; 1. Петрово 5:8, 9). На пример, оние кои ја проучиле книгата Спознание и се крстиле, треба да го заокружат своето библиско спознание преку редовно присуствување на состаноците, како и преку читање на Библијата и други христијански публикации. Побожните семејства треба исто така да имаат редовна семејна студија, бидејќи тоа е еден важен начин да ‚се биде бодар, да се стои во верата, да се биде мажествен, да се биде крепок‘ (1. Коринтјаните 16:13). Ако ти си главата на семејството, особено си одговорен пред Бог да се погрижиш твоето семејство да биде добро духовно нахрането. Исто како што дословните хранливи продукти придонесуваат за природното здравје, така е потребна и изобилна и редовна духовна храна ако сакате ти и твоето семејство да останете „здрави во верата“ (Тит 1:13).
14. Што произлегло од сведоштвото што го дало едно добро поучено израелско девојче?
14 Ако во твоето домаќинство има деца, Бог ќе ти припише добро на твоја сметка затоа што им даваш здрава духовна поука. Таквата поука ќе им користи, како што му користела на едно мало израелско девојче што било заробено од Сиријците во времето на Божјиот пророк Јелисеј. Тоа станало слугинче на сопругата на еден лепрозен сириски војсководач, Нееман. Иако девојчето било младо, на својата господарка тоа ѝ рекло: „О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата“. Поради нејзиното сведоштво, Нееман отишол во Израел, конечно се потчинил на упатството од Јелисеј да се искапе седумпати во реката Јордан и бил исчистен од лепра. Освен тоа, Нееман станал обожавател на Јехова. Колку само ова мора да го возбудило тоа мало девојче! (4. Царства 5:1—3, 13—19).
15. Зошто е важно родителите да им даваат добро духовно школување на своите деца? Илустрирај.
15 Не е лесно да се подигаат богобојазливи деца во еден ваков морално осиромашен свет што лежи во власта на Сатана (1. Јованово 5:19, НС). Меѓутоа, уште од Тимотеевото најрано детство, баба му Лоида и мајка му Евника успешно го поучиле за Писмото (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Проучувањето на Библијата со твоите деца, нивното редовно водење на христијанските состаноци и, најпосле, кога те придружуваат во службата — сето тоа е дел од моделот на обучување за кое ти мораш да положиш сметка пред Бог. Една христијанка од Велс, сега во средината на своите 80-ти години, се сеќава како во почетокот на 1920-тите години татко ѝ ја водел со себе кога пешачел 10 километри преку една планина (кружно патување од 20 километри) за да дистрибуира библиски трактати до селаните во следната долина. „Токму за време на тие пешачења татко ми ми ја всади вистината во срцето“ — благодарно вели таа.
Старешините полагаат сметка — како?
16, 17. а) Какви предности уживале духовно зрелите постари мажи во стариот Израел? б) Зошто од денешните христијански старешини, во споредба со ситуацијата во стариот Израел, се бара повеќе?
16 „Седата коса е круна на убавина кога се наоѓа на патот на праведноста“ — рекол мудриот човек Соломон (Изреки 16:31, НС). Но, не е само телесната старост тоа што го опремува еден човек за одговорност во собранието на Божјиот народ. Духовно зрелите мажи во стариот Израел служеле како судии и службеници за спроведување правда и за одржување мир, добар ред и духовно здравје (5. Мојсеева 16:18—20). Иако истото важи и за христијанското собрание, од старешините се бара повеќе додека се приближува крајот на овој систем на ствари. Зошто?
17 Израелците биле ‚избран народ‘ кого Бог го ослободил од древниот Египет. Поради тоа што Законот го добиле преку нивниот посредник, Мојсеј, нивните потомци биле родени во една предадена нација и биле запознаени со Јеховините правила (5. Мојсеева 7:6, 11). Меѓутоа, денес никој не се раѓа во таква предадена нација и релативно малкумина одраснуваат во побожни семејства што се добро запознаени со библиската вистина. Особено на оние кои од неодамна започнале ‚да живеат во вистината‘ може да им е потребна поука за тоа како да живеат според библиските начела (3. Јованово 4). Затоа, колкава само одговорност почива врз рамењата на верните старешини додека тие ‚се држат за образецот на здрави зборови‘ и му помагаат на Јеховиниот народ! (2. Тимотеј 1:13, 14, НС).
18. Каков вид помош мораат да бидат подготвени да дадат собраниските старешини, и зошто?
18 Едно детенце кое учи да оди, може да се сопне и да падне. Тоа се чувствува несигурно и му треба родителска помош и враќање на довербата. Еден поединец кој му е предаден на Јехова, би можел на сличен начин да се сопне или да падне духовно. Дури и апостол Павле нашол за неопходно да се бори за да го прави она што било исправно или добро во Божји очи (Римјаните 7:21—25). Пастирите на Божјето стадо треба да им даваат помош полна со љубов на христијаните кои згрешиле, но вистински се каат. Кога старешините посетиле една предадена жена која направила сериозна грешка, во присуство на својот предаден сопруг таа рекла: „Јас знам дека вие ќе ме исклучите!“ Но, удрила во плачење кога ѝ било речено дека старешините сакале да знаат каква помош е потребна за семејството да се опорави духовно. Свесни дека самите мораат да положат сметка, старешините биле среќни да му помогнат на еден покајнички соверник (Евреите 13:17).
Продолжи да полагаш добра сметка
19. Како можеме да продолжиме да полагаме добра сметка за себе пред Бог?
19 Собраниските старешини и сите други Божји слуги треба да продолжат да полагаат добра сметка за себе пред Јехова. Тоа е можно ако се придржуваме за Божјата Реч и ја вршиме неговата волја (Изреки 3:5, 6; Римјаните 12:1, 2, 9). Особено сакаме да им правиме добро на оние кои се поврзани со нас во верата (Галатјаните 6:10). Меѓутоа, жетвата сѐ уште е голема, а работниците остануваат малку (Матеј 9:37, 38). Затоа, да им правиме добро на другите преку марливо објавување на пораката за Царството. Јехова ќе ни припише добро на наша сметка ако го исполниме нашето предание, ако ја вршиме неговата волја и ако верно ја објавуваме добрата вест.
20. Што учиме од разгледувањето на начинот на живеење на Неемија?
20 Затоа, и понатаму да бидеме изобилно вработени во Господовото дело (1. Коринтјаните 15:58). И ќе направиме добро ако размислиме за Неемија, кој повторно го изградил ерусалимскиот ѕид, го спровел Божјиот Закон и ревносно го унапредувал вистинското обожавање. Тој се молел Јехова Бог да се сети на него по доброто што го правел. Докажи се и ти исто толку оддаден на Јехова и нека тој ти припише добро на твоја сметка.
Како гласат твоите одговори?
◻ Каков пример дал Нееман?
◻ Зошто спознанието нѐ прави одговорни пред Бог?
◻ Како можеме да положиме прифатлива сметка пред Јехова во нашата служба?
◻ Што можат да сторат семејствата за да положат добра сметка пред Бог?
◻ Како полагаат сметка христијанските старешини?
[Слики на страница 18]
Како Павле, можеме да положиме добра сметка пред Бог како објавители на Царството
[Слика на страница 19]
Дали твоите деца се јаки во верата како малото израелско девојче во Неемановиот дом?