ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • jr погл. 4 стр. 43-53
  • Внимавај да не те измами срцето!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Внимавај да не те измами срцето!
  • Еремија и Божјата порака за нас
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ИЗМАМЛИВОТО СРЦЕ МОЖЕ ДА ТЕ ПРЕЛАЖЕ
  • КАКО ЈЕХОВА НЀ ОБЛИКУВА
  • ДОЗВОЛИ МУ НА ЈЕХОВА ДА ТЕ ОБЛИКУВА
  • Дали секој ден прашуваш „Каде е Јехова?“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Не можам да молчам“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Кажи им ги овие зборови“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • Какви пријатели ќе избереш?
    Еремија и Божјата порака за нас
Повеќе
Еремија и Божјата порака за нас
jr погл. 4 стр. 43-53

Четврто поглавје

Внимавај да не те измами срцето!

1, 2. Зошто не е лесно да откриеме во каква состојба е нашето симболично срце?

ЗАМИСЛИ дека едно утро, додека сѐ уште си в кревет, одеднаш те стегнува во градите и не можеш нормално да дишеш. Можеби веднаш ќе помислиш: ‚Да не е срцев удар?‘ Не би било мудро да не им обрнеш внимание на овие симптоми и да си мислиш дека ќе ти помине. Напротив, мора веднаш да преземеш нешто — можеби да викнеш брза помош за да те види лекар. Тој внимателно ќе те прегледа, а веројатно ќе ти направи и ЕКГ. Навремената и точна дијагноза, како и соодветната терапија, можат да ти го спасат животот.

2 А што да се каже за нашето симболично срце? Не е секогаш лесно да откриеме каква е неговата вистинска состојба. Зошто? Библијата вели: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Ерем. 17:9). Значи, нашето срце може да нѐ измами и да нѐ наведе да си мислиме дека ништо не ни фали во духовен поглед, иако другите можеби веќе се загрижени затоа што гледаат дека со нас нешто не е во ред. Како може да ни се случи ова? Освен што нашите грешни склоности лесно можат да нѐ заслепат, и Сатана и неговиот свет нѐ спречуваат да видиме во каква состојба е нашето срце. Сепак, од Еремија и од неговите сонародници можеме да научиме како треба да си го испитаме срцето.

3. Кои работи им станале богови на многу луѓе?

3 Повеќето Јудејци покажале дека нивните срца биле во лоша духовна состојба. Тие го оставиле единствениот вистински Бог и, без никаква грижа на совеста, почнале да им служат на ханаанските богови. Јехова им се обратил на овие луѓе со следниве зборови: „Каде се твоите богови што си ги направи за себе? Нека станат ако можат да те спасат во времето на твојата неволја! Зашто... колку што имаш градови толку имаш и богови“ (Ерем. 2:28). Сигурно не мислиме за себе дека обожаваме лажни богови. Но, според еден речник, зборот „бог“ е дефиниран како „некој или нешто на кое му се придава најголема важност“. Многу луѓе во светот ѝ придаваат најголема важност на кариерата, на здравјето, на семејството, па дури и на своите домашни миленичиња. Други се преокупирани со спорт, со животот на славните личности, со најновите електронски уреди, со патувања или, пак, со своите традиции. Мнозина се спремни за овие работи да го жртвуваат и пријателството со својот Творец. Може ли и вистинските христијани да паднат во таа замка исто како што паднале Јудејците во времето на Еремија?

ИЗМАМЛИВОТО СРЦЕ МОЖЕ ДА ТЕ ПРЕЛАЖЕ

4. Дали биле искрени луѓето кои велеле: „Каде е Јеховината реч? Нека дојде!“? Објасни.

4 Интересен е контекстот во кој Еремија зборува за измамливото срце. Тој слушал како луѓето велат: „Каде е Јеховината реч? Нека дојде!“ (Ерем. 17:15). Но, дали биле искрени? Уводните зборови од ова поглавје го откриваат одговорот: „Гревот на Јуда е запишан со железно перо. Со дијамантски врв е врежан на плочата на нивното срце“. Еден од главните проблеми на Јудејците било тоа што ‚се надевале на земен човек и го сметале човекот за своја сила, а срцето им се отстранило од Јехова‘. Само малкумина се надевале на Бог и барале водство и благослов од него (Ерем. 17:1, 5, 7).

5. Како реагирале сонародниците на Еремија на опомената од Јехова?

5 Повеќето откриле какво срце имаат со начинот на кој реагирале на Божјите зборови. (Прочитај Еремија 17:21, 22.) На пример, денот за одмор не требало да го користат за работа, туку за духовни активности. Во тој ден, сонародниците на Еремија не требало да тргуваат ниту да си вршат други работи. Но, што правеле тие? „Не слушаа и не го приклонија своето уво, туку останаа непокорни и не слушаа, и не примија поука“, вели Библијата. Тоа покажува во каква состојба им било срцето. Иако добро го знаеле Божјиот закон, не сакале Бог да им кажува што да прават — тие си имале поважна работа тој ден (Ерем. 17:23; Иса. 58:13).

6, 7. а) Како би можел да размислува еден христијанин, и покрај мудрите совети што ги добиваме од верниот роб? б) Како може тоа да влијае врз нашата присутност на состаноците?

6 Денес не треба да држиме ден за одмор. Сепак, може да извлечеме поука од лошиот пример на овие Јудејци, чии постапки покажале какво срце имаат (Кол. 2:16). За разлика од нив, ние не се посветуваме на себични или на световни цели, бидејќи сакаме да ја вршиме Божјата волја. Освен тоа, сфаќаме колку е неразумно да се обидуваме да му угодиме на Бог на начин што ни одговара нам. А веројатно познаваме и многу други кои се посветиле на вршењето на Божјата волја и увиделе дека тоа им дава сила и вистински ги одмора. Тогаш, како би можеле да бидеме измамени?

7 Некој христијанин денес може да се залажува дека тој никогаш нема да дозволи неговото срце да го измами, како што дозволиле мнозина во времето на Еремија. Но, би можел да си рече: ‚Јас морам да работам за да си го издржувам семејството‘. И нема ништо погрешно во тоа. Потоа можеби ќе помисли: ‚За да земам пристојна плата, ми треба додатно школување‘. И тоа може да изгледа разумно. На крајот, би можел да заклучи: ‚Времињата се сменија и, за да си ја задржиш работата и да преживееш, мора да имаш факултет‘. Колку лесно може човек да почне да ги потценува мудрите и урамнотежени совети што ги дава верниот и разборит роб за високото и дополнителното образование и да почне да ги пропушта состаноците! Во врска со ова, некои постепено дозволиле врз нив да влијаат размислувањето и ставовите на светот (Еф. 2:2, 3). Библијата јасно нѐ предупредува: „Не дозволувајте светот околу вас да ве набие во својот калап“ (Рим. 12:2, Phillips).a

8. а) Со што може некој христијанин да се гордее? б) Зошто не е доволно само да знаеме факти за Бог и за она што го правел?

8 Точно, имало христијани во првиот век кои биле богати и уживале некаков углед во светот. Ова може да се каже и за некои христијани во нашево време. Како треба тие да гледаат на она што го постигнале, и каков став треба да имаме ние кон нив? Јехова го дал одговорот преку Еремија. (Прочитај Еремија 9:23, 24.) Наместо да се фалиме со своите достигнувања, мудро е да сфатиме дека најважно од сѐ е тоа што го познаваме Севишниот Господар Јехова (1. Кор. 1:31). Но, што, всушност, значи да се познава Јехова? Па, луѓето во деновите на Еремија го знаеле Божјето име. Тие знаеле и што сѐ правел тој за својот народ кога ги избавил нивните предци кај Црвеното Море, кога влегле во Ветената земја, а и подоцна, во времето на судиите и на верните цареви. И покрај тоа, тие, всушност, не го познавале Јехова и немале вистинска вера во него. Сепак, велеле: ‚Невини сме. Божјиот гнев сигурно се одвратил од нас‘ (Ерем. 2:35).

Зошто е важно да признаеме дека нашето срце е измамливо? На кој начин може да си го испитаме срцето и да дознаеме како нѐ гледа Јехова, кој најдлабоко ги испитува срцата?

КАКО ЈЕХОВА НЀ ОБЛИКУВА

9. Од каде знаеме дека е возможно да се смениме во срцето, и што ќе ни помогне во тоа?

9 Евреите на кои Еремија им ја кажувал Божјата порака требало да се променат во срцето. Ова било возможно бидејќи, за оние што ќе се врателе од изгнанство, Бог рекол: „Ќе им дадам срце за да ме познаваат, дека јас сум Јехова. И ќе бидат мој народ, а јас ќе бидам нивни Бог, зашто ќе се вратат кај мене“ (Ерем. 24:7). Таква темелна промена е можна и денес. Но, повеќето од нас можат да направат и помали промени за да ја подобрат состојбата на своето духовно срце. Важни се три работи: длабоко да ја проучуваме Божјата Реч, да сфатиме како треба таа да влијае врз нашиот живот и да постапуваме во склад со она што сме го научиле за Бог. За разлика од сонародниците на Еремија, ние треба да сакаме Јехова да ни го испита срцето. А додека ја читаме Библијата и размислуваме како Јехова ни помага, можеме и самите да го испитаме (Пс. 17:3). Колку е мудро да го правиме тоа!

10, 11. а) Зошто Еремија отишол кај грнчарот? б) Од што зависи како Јехова ќе ги обликува луѓето?

10 Сатана сака сите луѓе да ги набие во ист калап, но Бог го обликува секој свој слуга поединечно. Една случка од животот на Еремија ни го потврдува ова. Еден ден, Бог му рекол да отиде во куќата на грнчарот, каде што можел да го гледа како работи на своето колце. Кога садот што го правел се расипал, грнчарот едноставно ја обликувал влажната глина во друг сад. (Прочитај Еремија 18:1-4.) Зошто Јехова сакал Еремија да го види ова, и што учиме ние?

11 Јехова сакал да им покаже на Еремија и на Израелците дека Тој може да ги обликува народите како што сака. Што прави Бог со глината? За разлика од грнчарите, Јехова не прави грешки, ниту, пак, го расипува она што го направил само затоа што наеднаш се премислил. Што ќе направи со луѓето зависи од тоа колку тие дозволуваат да бидат обликувани. (Прочитај Еремија 18:6-10.)

12. а) Како реагирал Јоаким кога Јехова се обидел да го обликува? б) Која поука можеш да ја извлечеш од извештајот за Јоаким?

12 Тогаш, како Јехова ги обликува луѓето? Денес главно го прави тоа преку Библијата. Кога некој ја чита Божјата Реч и дозволува таа да влијае врз него, излегува на површина неговата вистинска личност, и Бог може да го обликува. Да го разгледаме сега примерот на цар Јоаким за да видиме како луѓето во времето на Еремија можеле да му дозволат на Бог да ги обликува во секојдневните работи. Според Законот, Израелците не смееле да ‚го мамат наемникот‘, но царот го правел токму тоа — ги користел своите сонародници како евтина работна рака за да му изградат „голема куќа“ (5. Мој. 24:14; Ерем. 22:13, 14, 17). Бог се обидел да го обликува Јоаким преку својата реч, која му ја пренесувале пророците. Сепак, царот постапувал како што го терало измамливото срце. Тој рекол: „Нема да послушам!“, и не отстапил од патот по кој застранил од својата младост. Затоа, Бог рекол: „Ќе го закопаат како што се закопува магаре — ќе го одвлечкаат и ќе го фрлат“ (Ерем. 22:19, 21). Колку би било неразумно и ние да одбиваме да се смениме, велејќи: „Таков сум, и точка!“ Денес Бог не испраќа пророци како што бил Еремија, но сепак ни дава совети. Верниот и разборит роб ни помага да ги разбереме и да ги примениме библиските начела. Тие можат да се однесуваат на секојдневни работи, како што се нашиот изглед и облека или, пак, музиката и играњето на свадби или на забави. Ќе ѝ дозволиме ли на Божјата Реч да нѐ обликува?

13, 14. а) Зошто сопствениците на робови во Ерусалим се согласиле да ги ослободат своите еврејски слуги? б) Како се открила вистинската состојба на срцето на оние што држеле робови?

13 Да разгледаме и друг пример. Вавилонците го поставиле Седекија на престолот на Јуда како вазален цар. Потоа, спротивно на советот што Бог го дал преку Еремија, Седекија се побунил (Ерем. 27:8, 12). Затоа Вавилонците го опсадиле Ерусалим. Царот и неговите кнезови мислеле дека треба да преземат нешто за да го исполнат Законот и да ја придобијат Божјата милост. Свесен дека еврејските робови треба да бидат ослободени во седмата година откако биле заробени, Седекија склучил сојуз со народот за да им прогласат слобода (2. Мој. 21:2; Ерем. 34:14). Токму кога Ерусалим бил опколен од непријатели, на Јудејците им текнало дека не би било лошо да ги ослободат своите робови! (Прочитај Еремија 34:8-10.)

14 Подоцна, кога египетската војска му дошла на помош на Ерусалим, Вавилонците ја повлекле опсадата (Ерем. 37:5). Што направиле оние кои ги ослободиле своите робови? Ги вратиле назад во ропство! (Ерем. 34:11). Значи, кога биле во опасност, Евреите навидум се труделе да ги држат Божјите закони за, на некој начин, да се искупат за своето поранешно однесување. Но, кога опасноста поминала, тие се вратиле на старото. Иако се преправале дека го прифаќаат духот на Законот, она што го направиле подоцна открило дека длабоко во срцето не сакале да ги послушаат заповедите од Божјата Реч и да дозволат таа да ги обликува.

Која практична поука можеш да ја извлечеш од она што Еремија го напишал за грнчарот? Како Јехова нѐ обликува денес?

ДОЗВОЛИ МУ НА ЈЕХОВА ДА ТЕ ОБЛИКУВА

15. До која мера би сакал да те обликува Јехова? Наведи ситуација во која би можел да покажеш дека е така.

15 Преку своето меѓународно собрание, Јехова може да ни помогне да увидиме кои библиски начела се однесуваат на одредена постапка. На пример, можеби сме сфатиле како треба да постапиме ако некој брат повремено нѐ вади од такт (Еф. 4:32). Можеби и признаваме дека библискиот совет е исправен и мудар. Но, дали ќе го примениме? Каква глина ќе бидеме? Дали навистина ќе му дозволиме на Јехова да нѐ обликува? Ако нашето срце е како мека глина, ќе се промениме на подобро, и Големиот Грнчар ќе нѐ обликува во сад што ќе може да го користи. (Прочитај Римјаните 9:20, 21; 2. Тимотеј 2:20, 21.) Наместо да покажеме дека во срцето сме како Јоаким или како сопствениците на робови во времето на Седекија, треба да му дозволиме на Јехова да нѐ обликува во садови за благородна употреба.

16. За која важна вистина бил свесен Еремија?

16 Дури и Еремија дозволил да биде обликуван од Бог. Каков став имал овој пророк може да се види од тоа што признал: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“. А потоа го молел Бог да го исправи, велејќи: „Укори ме, Јехова“ (Ерем. 10:23, 24). Млади, ќе го следите ли примерот на Еремија? Веројатно ве чекаат многу одлуки во животот. Некои млади лица сакаат сами ‚да управуваат со своите чекори‘. Ќе бараш ли ти водство од Бог кога ќе донесуваш одлуки? Дали, исто како Еремија, понизно ќе признаеш дека луѓето се покажале неспособни да управуваат со своите чекори? Не заборавај: Ако бараш водство од Бог, тој ќе те обликува.

17-19. а) Зошто Еремија отишол на толку долг пат до Еуфрат? б) Зошто задачата што ја добил Еремија можела да биде испит за неговата послушност? в) Што се постигнало со тоа што Еремија спремно го послушал Јехова?

17 За да ја изврши својата задача, Еремија морал да му биде послушен на Бог. Да си бил на негово место, дали би постапил според сите упатства? Еднаш Јехова му рекол на Еремија да си купи ленен појас и да се опаше со него. Потоа му заповедал да отпатува до реката Еуфрат. Ако погледнеш на карта, ќе видиш дека овој пат бил долг околу 500 километри. Откако стигнал таму, Еремија требало да го скрие појасот во некоја пукнатина во карпа и потоа да се врати назад во Ерусалим. Подоцна Бог му заповедал да појде на истото место и да го земе појасот. (Прочитај Еремија 13:1-9.) Сѐ на сѐ, Еремија пропешачил околу 2.000 километри. На критичарите на Библијата им е тешко да веруваат дека поминал толкав пат, пешачејќи со месециb (Езра 7:9). Сепак, Бог го барал токму тоа од него, и Еремија го послушал.

18 Замисли си го овој пророк како пешачи низ јудејските планини и потоа — во зависност од тоа по кој пат тргнал — можеби низ една пустина која се протега до Еуфрат. И сето тоа само за да скрие еден ленен појас! Неговото долго отсуство сигурно ја разбудило љубопитноста на неговите соседи. Кога се вратил, повеќе го немал на себе ленениот појас. Потоа Бог му заповедал повторно да оди на истиот долг пат за да го врати појасот, кој сега бил гнил и ‚веќе не чинел за ништо‘. Замисли колку било лесно да помисли: ‚Е, тоа е стварно премногу! Нема никаква смисла‘. Но, бидејќи бил обликуван од Бог, тој не реагирал така. Наместо да се жали, го направил токму тоа што се барало од него!

19 Дури по второто патување, Бог му објаснил зошто му заповедал вакво нешто. Тоа што го направил со појасот го подготвило теренот за Еремија да ја пренесе следнава сериозна порака: „Тие злобни луѓе, кои не сакаат да ги послушаат моите зборови, и се поведуваат по своето тврдокорно срце, и одат по други богови, им служат и им се клањаат, ќе станат како тој појас, кој веќе за ништо не чини“ (Ерем. 13:10). Колку силна поука му дал Јехова на својот народ со ова! Бидејќи Еремија спремно го послушал Јехова во една навидум безначајна работа, Тој можел на уште поделотворен начин да допре до срцето на својот народ (Ерем. 13:11).

20. Зошто можеби некои ќе се чудат на твојата послушност, но во што можеш да бидеш уверен?

20 Денес Бог не бара од христијаните да пропешачат стотици километри за луѓето да научат нешто од тоа. Но, дали можеби соседите или познајниците те сметаат за чуден, па дури и те критикуваат затоа што живееш како христијанин? Можеби имаат приговор на твојот изглед и начин на облекување, избор на образование, кариера, па дури и на твојот став кон алкохолот. Ќе бидеш ли исто толку решен како Еремија да го следиш Божјето водство? Кога му дозволуваш на Бог да ти го обликува срцето, веројатно ќе имаш можност да дадеш убаво сведоштво. Во секој случај, за твое трајно добро е да ги слушаш Јеховините совети што се наоѓаат во неговата Реч и да го прифатиш водството што го дава преку верниот роб. Наместо да дозволиш да те води измамливото срце, биди како Еремија. Биди решен да му дозволиш на Бог да те обликува во сад за благородна употреба кој ќе го користи засекогаш.

Зошто е толку важно да се спротивставиме на притисоците од Сатана, од нашето несовршено срце и од светот?

[Фусноти]

a Во фуснота за овој стих, еден превод на Библијата вели: „Човек донекаде потсвесно го дозволува тоа. Но... може, во одредена мера, и да е свесен дека светот влијае врз него. Најверојатно и свеста и потсвеста играат одредена улога“ (NET Bible, 2005).

b Некои сметаат дека Еремија требало да оди некаде во близина, а не до Еуфрат. Зошто? Еден изучувач вели: „Изгледа дека единствената причина зошто го велат тоа е да го ‚поштедат‘ Еремија од тие две мачни патувања меѓу Ерусалим и Еуфрат“.

[Слики на страница 46]

Дали пропушташ состаноци затоа што си му дозволил на срцето да те измами?

[Слика на страница 48]

Дали му дозволуваш на Јехова да те обликува?

[Слика на страница 53]

Зошто треба да бидеме послушни на советите од Јехова, дури и ако не ги разбираме во потполност?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели