Какво име имаш?
ЗБОРОТ „име“ во Библијата понекогаш укажува на нечиј глас. На пример, мудриот цар Соломон напишал: „Подобро е добар глас [име, NW], отколку скапоцен елеј, и смртниот ден — од родениот ден“ (Проповедник 7:1; спореди Изреки 22:1). Според зборовите на Соломон, човек не се раѓа со добро име. Напротив, во текот на својот живот тој стекнува глас со вистинско значење. Неговото име го идентификува што се однесува до неговите лични особини — дали тој е великодушен или себичен, сочувствителен или ладен, понизен или вообразен, па дури и дали е праведен или злобен.
Размисли за Давид. За време на неговото царување, тој се докажал како јак и непоколеблив. Истовремено, Давид понизно ги признал своите грешки и се покајал за тешките гревови. Јеховиниот пророк со добра причина покажал дека Давид бил „според срцето [на Бог]“ (1. Царства 13:14). Младиот Давид веќе имал добро име кај Бог.
За разлика од него, јудејскиот цар Јорам си создал лошо име. Тој ги одвраќал своите поданици од обожавањето на Јехова, па дури и ги погубил своите шестмина браќа и некои кнезови од Јуда. На крај, Јехова му задал на Јорам тешка болест која водела до негова смрт. Библијата вели дека Јорам ‚отишол неоплакан‘ или, како што вели библискиот превод Даничић-Караџић, „кога почина никој не зажали за него“ (2. Летописи 21:20).
Животниот пат на Давид и на Јорам ја илустрираат вистинитоста на библиската изрека: „Споменот за праведникот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато“ (Изреки 10:7). Затоа, секој од нас треба трезвено да размисли за прашањето: ‚Какво име си создавам кај Бог и кај ближниот?‘