ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 15/10 стр. 21-26
  • Внимавај да не се возгордееш во срцето

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Внимавај да не се возгордееш во срцето
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Како постапува Бог со горделивите
  • „Срцето ти се возгордеа“
  • Чувај си го срцето од горделивост
  • Дали е погрешно да се биде горд?
    Разбудете се! 1999
  • Цената на гордоста — колку е висока?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Народ кој се разликува од другите луѓе
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2018
  • Можеш да се бориш против Сатана и да го победиш!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 15/10 стр. 21-26

Внимавај да не се возгордееш во срцето

„Бог им се спротивставува на вообразените“ (ЈАКОВ 4:6).

1. Дај пример за исправни чувства на гордост.

ДАЛИ некогаш си се почувствувал горд на нешто? Повеќето од нас го имале тоа пријатно чувство. Не е погрешно понекогаш да бидеме горди. На пример, кога некои христијански родители ќе отидат на родителска средба и ќе чујат дека нивната ќерка има добро поведение и добро учи, лицата веројатно им зрачат од задоволство поради нејзиниот успех. Апостол Павле и неговите пријатели се гордееле на новото собрание што помогнале да се основа, затоа што браќата верно истрајале кога трпеле прогонство (1. Солуњаните 1:1, 6; 2:19, 20; 2. Солуњаните 1:1, 4).

2. Зошто гордоста честопати не е пожелна?

2 Од претходниве примери можеме да видиме дека гордоста може да причинува радост што произлегува од некоја постапка или посед. Но, честопати нечија гордост е резултат на претерана самопочит, неговото чувство дека е подобар од другите заради своите способности, изглед, богатство или статус. Честопати ја покажува со своето арогантно однесување и горделиво држење. Токму таквата гордост е нешто од што ние како христијани мораме да се чуваме. Зошто? Затоа што имаме вродена склоност да бидеме себични, која сме ја наследиле од нашиот прататко Адам (Битие 8:21). Поради тоа, срцето лесно може да нѐ заведе да се чувствуваме горди од неисправни причини. На пример, христијаните мораат да внимаваат да не станат горди заради расата, богатството, образованието, природните дарби или деловниот успех во споредба со другите. Гордоста заради такви работи не е исправна и не му е угодна на Јехова (Еремија 9:23; Дела 10:34, 35; 1. Коринќаните 4:7; Галатите 5:26; 6:3, 4).

3. Што е горделивост, и што рекол Исус за оваа особина?

3 Има уште една причина за да се избегнува неисправната гордост. Ако дозволиме таа да се роди и да расте во нашето срце, може да премине во еден многу непожелен облик на гордост, а тоа е горделивоста. Што е горделивост? Освен што мисли дека е подобар од другите, горделивиот човек ги гледа од високо оние што ги смета за пониски од себе (Лука 18:9; Јован 7:47-49). Исус ја вброил надуеноста, односно горделивоста, меѓу другите злобни особини што ‚излегуваат од срцето‘ и „го валкаат човекот“ (Марко 7:20-23). Христијаните можат да видат колку е битно да не се возгордеат во срцето.

4. Како може да ни помогне разгледувањето на библиските примери на оние што биле горделиви?

4 Тоа што ќе разгледаме некои библиски извештаи за горделивите може да ти помогне да не се возгордееш. Така ќе можеш полесно да ги откриеш неисправните чувства на гордост што можеби се кријат во тебе или, пак, можат да се појават со текот на времето. Тоа ќе ти помогне да ги отфрлиш мислите или чувствата што би можеле да те наведат да се возгордееш во срцето. Тогаш нема да претрпиш никакви последици кога Бог ќе дејствува во склад со своето предупредување: „Ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалбаџии; и веќе не ќе се возвишуваш на Мојата Света Гора“ (Софонија 3:11).

Како постапува Бог со горделивите

5, 6. Како покажал фараонот дека е горделив, и со какви последици?

5 Можеш да видиш како гледа Јехова на горделивоста и од начинот на кој постапил со моќните владетели каков што бил фараонот. Нема сомневање дека фараонот имал горделиво срце. Сметајќи се себеси за бог што треба да биде обожаван, тој ги презирал своите робови, Израелците. Види како реагирал на барањето да го пушти Израел да отиде во пустината за да му „прослави свеченост“ на Јехова. „Кој е Тој Господ [Јехова] за да Го послушам јас . . . и да ги пуштам Израелците?“, горделиво одговорил фараонот (Излез 5:1, 2).

6 Откако фараонот доживеал шест неволји, Јехова го испратил Мојсеј да му рече на египетскиот владетел: „Ти се воздигнуваш премногу над Мојот народ и му пречиш да замине“ (Излез 9:17). Тогаш Мојсеј ја најавил седмата неволја — град што ја запустил земјата. Штом Израелците биле пуштени да си заминат по десеттата неволја, фараонот се премислил и тргнал во потера по нив. На крајот, тој и неговите војски биле фатени во стапица во Црвеното Море. Замисли си што мора да помислиле кога водите се затвориле над нив! До што довела горделивоста на фараонот? Неговите најдобри чети рекле: „Да бегаме од Израелците . . . зашто Господ се бори за нив против Египетците!“ (Излез 14:25).

7. Како покажале горделивост владетелите на Вавилон?

7 Јехова понижил и други горделиви владетели. Еден од нив бил Сенахирим, царот на Асирија (Исаија 36:1-4, 20; 37:36-38). Со текот на времето, Асирија била освоена од Вавилонците, но биле понижени и двајца горделиви вавилонски цареви. Сети се на гозбата што ја приредил царот Валтазар, на која тој и неговите гости пиеле вино од садовите што биле земени од Јеховиниот храм, фалејќи ги вавилонските богови. Одеднаш се појавиле прсти од човечка рака и напишале порака на ѕидот. Кога пророкот Даниел бил замолен да го објасни таинственото значење на тие зборови, тој го потсетил Валтазар: „Севишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко . . . Но кога срцето му се издигна . . . тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена. Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сѐ ова“ (Даниел 5:2, 18, 20, 22). Истата ноќ, медоперсиската војска го освоила Вавилон, а Валтазар бил убиен (Даниел 5:30).

8. Како се справил Јехова со различни горделиви и вообразени лица?

8 Размисли и за други горделиви луѓе што го презирале Јеховиниот народ: филистејскиот џин Голијат, персискиот министер Аман, и царот Ирод Агрипа, кој владеел со провинцијата Јудеја. Поради својата горделивост и вообразеност, овие тројца луѓе умреле со понижувачка смрт од Божјата рака (1. Самоил 17:42-51; Естира 3:5, 6; 7:10; Дела 12:1-3, 21-23). Начинот на кој постапил Јехова со овие горделиви луѓе ја подвлекува вистинитоста на зборовите: „Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето“ (Пословици 16:18). Навистина, нема никакво сомневање дека „Бог им се спротивставува на вообразените“ (Јаков 4:6).

9. Како испаднале предавници царевите на Тир?

9 За разлика од горделивите владетели на Египет, Асирија и Вавилон, царот на Тир во еден период му помагал на Божјиот народ. Додека владееле царевите Давид и Соломон, им испратил вешти занаетчии, како и материјали за царските палати и за Божјиот храм (2. Самоил 5:11; 2. Летописи 2:11-16). Но, за жал, подоцна Тирците се свртеле против Јеховиниот народ. Што било причина за тоа? (Псалм 83:3-7; Јоил 3:4-6; Амос 1:9, 10).

„Срцето ти се возгордеа“

10, 11. а) Кој би можел да се спореди со царевите на Тир? б) Што го променило ставот на Тирците кон Израел?

10 Јехова го инспирирал својот пророк Езекиел да ја разоткрие и да ја осуди династијата на царевите на Тир. Пораката што му била упатена на „тирскиот цар“ содржи зборови што се соодветни и за тирската династија и за првобитниот предавник, Сатана, кој ‚не стоел цврсто во вистината‘ (Езекиел 28:12; Јован 8:44). Во почетокот Сатана бил лојално духовно суштество во Јеховината организација што била составена од небесни синови. Преку Езекиел, Јехова Бог покажал која е главната причина за неверството и на тирската династија и на Сатана:

11 „Во Едом во Божјата градина, живееше ти, твоето облекло беше украсено со секаков сард, топаз и дијамант . . . Те поставив како раскрилен херувим, заштитник . . . Совршен беше по своите патишта од денот на своето создавање додека не ти се зачна беззаконие во срцето. Тргувајќи изобилно се наполни со насилство и згреши. Така те отфрлив од Божјата Гора, те истргав, херувиму заштитнику . . . Срцето ти се возгордеа заради твојата убавина, ја занемари својата мудрост, заради своето богатство“ (Езекиел 28:13-17). Да, поради горделивоста, царевите на Тир постапиле насилнички со Јеховиниот народ. Тир станал многу богат трговски центар и се прочул по своите убави производи (Исаија 23:8, 9). Царевите на Тир почнале да имаат превисоко мислење за себе, и почнале да го угнетуваат Божјиот народ.

12. Што го навело Сатана да стане измамник, и што прави и ден-денес?

12 Слично, духовното суштество што станало Сатана, едно време ја имало мудроста што му била потребна за да ја исполни секоја задача што му ја дал Бог. Наместо да биде благодарен, тој ‚се надул од гордост‘ и почнал да го презира Божјиот начин на владеење (1. Тимотеј 3:6). Имал толку високо мислење за себе што почнал да посакува Адам и Ева да го обожаваат него. Оваа злобна желба станала плодна и го родила гревот (Јаков 1:14, 15). Сатана со измама ја навел Ева да јаде од плодот на единственото дрво што им го забранил Бог. Потоа, Сатана ја искористил да го натера и Адам да јаде од забранетиот плод (Битие 3:1-6). Така, првите маж и жена не го признале Божјето право да владее над нив и, со тоа, станале обожаватели на Сатана. Неговата горделивост и вообразеност не знаат за граници. Тој се обидел со измама да ги натера сите интелигентни суштества на небото и на Земјата, вклучувајќи го и Исус Христос, да го обожаваат него и да го отфрлат Јеховиното владеење (Матеј 4:8-10; Откровение 12:3, 4, 9).

13. Какви се последиците од горделивоста?

13 Значи, можеш да видиш дека горделивоста потекнува од Сатана; таа е главната причина за гревот, страдањето и расипаноста во светот денес. Бидејќи е ‚бог на овој систем на работи‘, Сатана и понатаму шири неисправни чувства на горделивост и вообразеност (2. Коринќаните 4:4). Знае дека времето му е кратко, па затоа води војна против вистинските христијани. Неговата цел е да ги одврати од Бог, да се сакаат само себеси, да станат надуени и горделиви. Во Библијата е проречено дека таквите себични особини ќе бидат вообичаени во овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1, 2; Откровение 12:12, 17).

14. Според кое правило постапува Јехова со своите интелигентни созданија?

14 Исус Христос, пак, смело ги разоткрил лошите последици од горделивоста на Сатана. Најмалку во три прилики и во присуство на самобендисаните непријатели, Исус го утврдил правилото според кое Јехова постапува со луѓето: „Секој кој се возвишува ќе биде понижен, а кој се понизува ќе биде возвишен“ (Лука 14:11; 18:14; Матеј 23:12).

Чувај си го срцето од горделивост

15, 16. Зошто Агара се возгордеала?

15 Можеби си забележал дека примерите на горделивост што ги спомнавме досега се примери на луѓе што биле на положба. Дали тоа значи дека обичните луѓе не се склони да се возгордеат? Секако дека не. Размисли за една случка во домот на Авраам. Овој патријарх немал син што ќе му биде наследник, а неговата жена, Сара, била на возраст кога повеќе не можела да има деца. Било обичај човек што бил во положбата на Авраам да си земе уште една жена и да има деца. Бог извесно време ги допуштал таквите бракови затоа што сѐ уште не било време повторно да го утврди првобитното мерило за брак меѓу вистинските обожаватели (Матеј 19:3-9).

16 На наговарање од својата жена, Авраам се согласил да има потенцијален наследник преку Египќанката Агара, слугинката на Сара. Како втора жена на Авраам, Агара забременила. Таа требало да биде многу благодарна за овој повластен статус. Наместо тоа, дозволила нејзиното срце да се возгордее. Во Библијата читаме: „Кога виде дека зачна, гледаше со презирање врз својата господарка“. Тој став предизвикал толку затегнати односи во домот на Авраам што Сара ја истерала Агара. Но, имало решение за тој проблем. Божјиот ангел ја посоветувал Агара: „Врати се кај господарката твоја и покори ѝ се под нејзините раце“ (Битие 16:4, 9). Очигледно, Агара го послушала овој совет, го сменила својот став кон Сара и станала предок на еден голем народ.

17, 18. Зошто сите треба да се чуваме од горделивоста и вообразеноста?

17 Случајот на Агара покажува дека, кога нечија ситуација ќе се промени на подобро, тој може да се возгордее. Од тоа учиме дека дури и еден христијанин што со чисто срце му служел на Бог, може да стане горделив кога ќе стекне богатство или авторитет. Тој став може да се развие и ако другите го фалат за неговиот успех, мудрост или способности. Да, христијанинот мора да внимава да не дозволи во неговото срце да се роди горделивост. Ова важи особено тогаш кога ќе доживее успех или ќе добие повеќе одговорности.

18 Најсилната причина за да не бидеме горделиви и вообразени е Божјето гледиште за оваа особина. Во неговата Реч стои: „Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев“ (Пословици 21:4). Интересно, Библијата особено ги опоменува христијаните „кои се богати во сегашниов систем на работи“ да не бидат „вообразени“, односно горделиви (1. Тимотеј 6:17; Второзаконие 8:11-17). Оние христијани што не се богати, не треба да дозволат да имаат „завидливо око“ и треба да имаат на ум дека секој може да се возгордее — сеедно дали е богат или сиромав (Марко 7:21-23; Јаков 4:5).

19. Како Озиј си го расипал добриот глас?

19 Горделивоста и другите злобни особини можат да го расипат пријателството со Јехова. На пример, размисли за првиот дел од владеењето на цар Озиј: „Правеше што е право во Господовите очи . . . Го бараше Бога . . . додека го бараше Господа, Бог му даваше среќа“ (2. Летописи 26:4, 5). Но, за жал, цар Озиј си го расипал добриот глас, бидејќи „срцето му се возгордеа многу што се расипа“. Почнал да има толку високо мислење за себе што влегол во храмот за да принесува темјан. Кога свештениците го опоменале да не постапува толку дрско, ‚Озиј се расрдил‘. За казна, Јехова го удрил со лепра, и тој умрел во Божја немилост (2. Летописи 26:16-21).

20. а) Како бил загрозен добриот глас на царот Езекија? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Тоа е сосема спротивно на примерот на царот Езекија. Во една прилика, добриот глас на тој цар бил загрозен затоа што ‚се возгордеал‘. За среќа, ‚Езекија се понижил затоа што му се возгордеало срцето‘ и повторно ја стекнал Божјата наклоност (2. Летописи 32:25, 26). Забележи дека лекот за горделивоста на Езекија била понизноста. Да, понизноста е сосема спротивна на горделивоста и вообразеноста. Затоа, во следната статија ќе разгледаме како можеме да стекнеме и да задржиме христијанска понизност.

21. Што можат со радост да очекуваат понизните христијани?

21 Сепак, да не ги заборавиме сите лоши последици што произлегуваат од горделивоста и вообразеноста. Бидејќи „Бог им се спротивставува на вообразените“, да бидеме цврсто решени да ги отфрлиме чувствата на неисправна гордост. Додека се трудиме да бидеме понизни христијани, можеме со радост да очекуваме да го преживееме големиот Божји ден, кога горделивите и последиците од нивните постапки ќе бидат отстранети од Земјата. Тогаш, „човечката гордост ќе падне, човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој — во оној ден“ (Исаија 2:17).

За размислување

• Како би го опишал оној што е горделив?

• Од каде потекнува горделивоста?

• Од кои причини некој може да се возгордее?

• Зошто мораме да се чуваме од горделивоста?

[Слика на страница 23]

Фараонот бил понижен затоа што бил горделив

[Слика на страница 24]

Агара се возгордеала кога се нашла во подобра положба

[Слика на страница 25]

Езекија се понизил и повторно ја стекнал Божјата наклоност

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели