Деветто поглавје
,Не барај големи работи за себе‘
1, 2. а) Со каков проблем се соочил Варух во четвртата година од владеењето на Јоаким? б) Како Јехова му помогнал на Варух?
ВАРУХ, верниот писар на Еремија, се чувствувал исцрпено. Во тоа време — четвртата година од владеењето на злобниот цар Јоаким (околу 625 год. пр.н.е.) — Еремија му рекол да ги запише во свиток сите зборови што му ги кажал Јехова за Ерусалим и за Јуда. Всушност, тоа биле објави што Бог ги давал цели 23 години, откако Еремија станал пророк па сѐ до тој момент (Ерем. 25:1-3; 36:1, 2). Варух не им го прочитал овој свиток на Евреите веднаш штом го напишал. Тоа го сторил дури следната година (Ерем. 36:9, 10). Но, што го мачело овој човек?
2 „Тешко мене“, се жалел тој, „бидејќи Јехова ми додава тага на мојата болка! Премалев од воздивнување.“ Веројатно и тебе некогаш ти било толку тешко во душата што ти дошло да кажеш нешто слично, било гласно било во своето срце. Сеедно како Варух го кажал тоа, Јехова го слушнал. Оној што ги испитува човечките срца знаел зошто му било тешко, и затоа љубезно го исправил преку Еремија. (Прочитај Еремија 45:1-5.) Но, можеби се прашуваш зошто Варух се чувствувал така. Дали поради задачата што ја добил или поради условите во кои требало да ја изврши? Не. Всушност, коренот на проблемот бил во неговото срце. Варух ‚барал големи работи‘. За што станувало збор? Што му ветил Јехова дека ќе му даде доколку го прифател Неговиот совет и водство? И што може да научиме од она што се случило со Варух?
КОИ „ГОЛЕМИ РАБОТИ“ ГИ БАРАЛ ВАРУХ?
3. Каде лежел коренот на духовниот проблем на Варух?
3 Варух сигурно знаел на кои „големи работи“ мислел Јехова. А сфатил и дека Божјите „очи се насочени кон човековите патишта, [и дека] сите негови чекори тој ги гледа“ (Јов 34:21). Причината зошто ‚не наоѓал починка‘ додека ги пишувал пророчките објави на Еремија не била задачата што ја имал, туку неговиот став кон работите што му се чинеле важни — став кој извирал од неговото срце. Бидејќи бил толку преокупиран со тие „големи работи“, Варух ги изгубил од вид поважните работи што биле поврзани со вршењето на Божјата волја (Фил. 1:10). На изворниот хебрејски јазик, глаголската форма на зборот „бара“, кој се користи во Еремија 45:5, укажува на трајно, односно подолго дејство. Ова наведува на заклучокот дека Варух не помислил само еднаш-двапати на тие „големи работи“. Напротив, тој веќе извесно време ги барал, пред Јехова да го предупреди да не го прави тоа. Значи, иако ја вршел Божјата волја заедно со Еремија, верниот писар истовремено копнеел и по „големи работи“ за себе.
4, 5. Зошто ‚големите работи‘ што ги барал Варух можеби биле поголем углед и положба, и зошто било навремено Јеховиното предупредување?
4 За што бил загрижен Варух? Една можност е дека бил преокупиран со сопствениот углед и положба. Иако ги запишувал зборовите на Еремија, тој можеби не му бил само личен писар на овој пророк. Еремија 36:32 укажува на тоа дека Варух бил писар по занимање. Според археолошките докази, изгледа дека во тоа време „писар“ било титула на висок дворјанин. Всушност, истиот назив се користи и за Елисама, кој бил вброен во јудините кнезови. Со оглед на тоа што бил писар како Елисама, веројатно и Варух имал пристап до „трпезаријата на писарот“ во „царскиот дворец“ (Ерем. 36:11, 12, 14). Според тоа, тој мора да бил образован дворјанин. Неговиот брат Сераја му служел на цар Седекија како надзорник и го придружувал царот при една важна посета на Вавилон. (Прочитај Еремија 51:59.) Сераја веројатно бил задолжен за храната и за ноќевањето на царот кога бил на пат, што исто така укажува на неговата висока функција.
5 Разбирливо е зошто на еден толку висок дворјанин како Варух му станало тешко да запишува само пораки на суд против Јуда. Всушност, со тоа што му помагал на Божјиот пророк, тој можеби ја довел во опасност својата положба на царскиот двор. Но, размисли какви ќе биле последиците кога Јехова ќе го урнел она што го изградил, како што читаме во Еремија 45:4. ‚Големите работи‘ што ги имал на ум Варух — сеедно дали станувало збор за поголем углед на царскиот двор или, пак, за материјално богатство — ќе немале никаква вредност. Доколку барал некаква положба и сигурност во тогашниот еврејски поредок, кој бил осуден на пропаст, тогаш Бог имал добри причини да го одврати од таа намера.
6, 7. Ако ‚големите работи‘ што ги барал Варух биле материјални поседи, кој друг имал ист став како него, и што учиме ние?
6 Од друга страна, ‚големите работи‘ што ги барал Варух можеби биле материјални поседи. Народите околу Јуда во голема мера се потпирале на она што го поседувале. Моавците се надевале на „своите дела и на своето богатство“. Истото било случај и со Амонците. Освен тоа, под Јеховино водство, Еремија запишал дека и Вавилонците ‚имале многу богатство‘ (Ерем. 48:1, 7; 49:1, 4; 51:1, 13). Како и да е, факт е дека Бог ги осудил тие народи.
7 Според тоа, ако Варух барал за себе имот и богатство, можеш лесно да сфатиш зошто Јехова го предупредил да не го прави тоа. Кога Бог ‚ќе ја подигнел својата рака‘ на Евреите, нивните куќи и ниви ќе им биле предадени на непријателите (Ерем. 6:12; 20:5). Замисли да си живеел во Ерусалим во времето на Варух. Повеќето твои сонародници — меѓу кои и кнезовите, свештениците, па и самиот цар — сметале дека треба да се борат против Вавилонците кои ги напаѓале. Меѓутоа, ти си ја чул пораката од Еремија: „Служете му на вавилонскиот цар, и ќе останете живи!“ (Ерем. 27:12, 17). Дали, ако си имал многу поседи во градот, ќе ти било полесно да го следиш советот од Бог? Дали твоите чувства кон тие поседи ќе ти олеснеле да го послушаш предупредувањето на Еремија или, пак, ќе те навеле да се поведеш по мноштвото? На крајот, сите вредни работи во Јуда и во Ерусалим, вклучувајќи ги и оние во храмот, биле опљачкани и однесени во Вавилон. Во тие околности, навистина било бескорисно некој да трча по богатство (Ерем. 27:21, 22). Што учиме од тоа?
На кој начин Јехова љубезно го исправил Варух за да не бара „големи работи“? Зошто сметаш дека е мудро да ја прифатиш секоја исправка од Бог?
„ЌЕ ТИ ЈА ДАДАМ ТВОЈАТА ДУША КАКО ПЛЕН“
8, 9. Зошто би рекол дека тоа што Варух ја добил својата душа како плен не било мала работа?
8 Сега размисли за ова: Што ќе добиел Варух ако го послушал советот од Бог? Својата душа! Јехова му гарантирал дека ќе го добие својот живот „како плен“. (Прочитај Еремија 45:5.) Релативно малку луѓе се спасиле. Кои? Оние што го послушале Бог и им се предале на Халдејците (Ерем. 21:9; 38:2). Но, некој можеби ќе си рече: ‚Зарем тоа било сѐ што добиле за својата послушност?‘
9 Замисли си го очајот во кој полека тонел Ерусалим додека Вавилонците го стегале обрачот околу него. За разлика од овој град, Содом бил уништен, така да се каже, за миг. Значи, на некој начин, казната на Ерусалим била потешка и од казната на Содом (Плач 4:6). Варух го запишал пророштвото дека неговите жители ќе умрат од меч, од глад или од болест. А потоа, сигурно го видел ова и со свои очи. Резервите од храна биле потполно исцрпени. Колку страшни биле тие дни за оние што се наоѓале во градот каде што мајките, кои по природа се сочувствителни, ги вареле и ги јаделе сопствените деца! (Плач 2:20; 4:10; Ерем. 19:9). И покрај сето тоа, Варух преживеал. Да, сред еден таков метеж, животот навистина бил плен — како награда што ја добиваат победниците во битка. Очигледно, Варух го прифатил и го послушал Божјиот совет да не бара „големи работи“. И, Јехова го наградил — тој навистина преживеал! (Ерем. 43:5-7).
ЌЕ БАРАШ ЛИ ТИ „ГОЛЕМИ РАБОТИ“?
10, 11. Како извештајот за Варух се однесува на нашево време и на нас лично?
10 Иако Варух бил зафатен со вршењето на Божјата волја, извесно време морал да се бори со копнежот по „големи работи“. Јехова го предупредил дека таквите желби се опасни, и со тоа го спасил од духовна пропаст, а и од дословна смрт. Иако и ние сме зафатени во службата за Јехова, дали сепак е можно да бидеме искушани, па дури и сосема совладани од некои желби што ни тлеат длабоко во срцето?
11 Доколку Варух сакал да стекне поголем углед, тоа веројатно било вистинско искушение за него. Кој знае дали не се прашувал: ‚Ќе можам ли да ја задржам својата убава работа? Ќе успеам ли да добијам уште повисока положба?‘ А како е со нас? Прашај се: ‚Дали можеби некаде длабоко во срцето и јас негувам „амбиции“ да изградам успешна кариера во светот, сега или во блиска иднина?‘ Би било добро некои помлади христијани да се прашаат: ‚Дали можноста да станам некој и нешто во светот или да се обезбедам финансиски со тоа што ќе стекнам повисоко образование може да ме намами да барам „големи работи“ за себе?‘
12. Како еден брат барал големи работи за Јехова, и што мислиш ти за неговиот избор?
12 Еден брат кој сега служи во светското седиште на Јеховините сведоци имал 15 години кога му била понудена стипендија за факултет. Неговите професори се запрепастиле кога ја одбил понудата затоа што сакал да служи како пионер. Но, неговата љубов кон учењето не згаснала. Тој станал мисионер на далечен остров. Таму морал да научи јазик кој го зборуваат нешто повеќе од 10.000 лица. Бидејќи немало никаков речник на тој јазик, морал сам да си направи список со зборови. На крајот, добро го научил јазикот и учествувал во преведувањето на некои од нашите христијански публикации. Подоцна, списокот со зборови што го изработил бил употребен како основа за првиот речник на тој јазик. Еднаш овој брат им го кажа следново на мноштвото присутни на еден обласен конгрес: „Да се запишев на факултет, сите мои академски достигнувања ќе беа за моја лична слава. А вака, немам ниту една посебна световна диплома. Затоа, сета заслуга за она што го правам му припаѓа на Јехова, а не мене“ (Изр. 25:27). Што мислиш ти за одлуката што ја донел овој брат кога имал 15 години? Со текот на времето, тој вршел најразлични задачи во корист на Божјиот народ. Како би сакал ти да ги употребиш своите дарби? Наместо да бараш слава и чест за себе, дали си решен да ги користиш за да го фалиш Јехова?
13. Зошто некои родители треба добро да размислат за проблемот со кој се соочил Варух?
13 Во поврзаност со ова, постои уште една опасност: да бараме „големи работи“ за или преку оние што ги сакаме и врз кои можеме да влијаеме. Веројатно си имал прилика да видиш како некои световни родители прават сѐ за да може нивното дете да постигне во животот повеќе од нив или да стане некој со кого ќе можат да се фалат. Можеби си слушнал изјави од типот: „Не сакам моето дете да се мачи како што се мачев јас“, или „Сакам да заврши факултет за да му биде полесно во животот“. И некои христијански родители можеби имаат слични чувства. Точно, некој ќе рече: ‚Па, јас не барам големи работи за себе‘. Но, можно ли е тоа да го правиме индиректно, односно преку нашиот син или ќерка? Исто како што Варух можеби бил на искушение да ја искористи својата положба за да стекне некаков углед, и еден родител може длабоко во себе да има желба да стекне углед и да се труди да го постигне тоа преку своето дете. Но, зарем Оној што „ги испитува срцата“ не го гледа ова, исто како што го видел и кај Варух? (Изр. 17:3). И зарем не треба да го молиме Бог да ги испита нашите најскриени чувства како што го молел Давид? (Прочитај Псалм 26:2; Еремија 17:9, 10.) Јехова може да користи различни средства, како што е и ова поглавје за Варух, за да нѐ предупреди колку е опасно да бараме „големи работи“.
Како Варух можеби барал „големи работи“? Што учиш ти од ова?
ЗАМКАТА НА БОГАТСТВОТО
14, 15. Како може богатството да ни стане една од ‚големите работи‘?
14 Да си претпоставиме дека ‚големите работи‘ што ги барал Варух биле од материјална природа. Како што веќе беше спомнато, ако тој бил цврсто приврзан кон своите поседи во Јуда, веројатно ќе му било многу тешко да ја послуша Божјата заповед да им се предаде на Халдејците. Сигурно си забележал дека богатиот обично се потпира на своето богатство, но Библијата јасно покажува дека заштитата што му ја нуди тоа не е вистинска, туку е само „во неговото мечтаење“ (Изр. 18:11). Добро е сите слуги на Јехова да се потсетуваат на урамнотеженото гледиште за материјалните работи кое е изнесено во Неговата Реч. (Прочитај Изреки 11:4.) Сепак, можеби некој ќе рече: ‚А зошто да не уживам барем во нешто од она што го нуди светот?‘
15 Ако еден христијанин се приврзе кон материјалните поседи, може да почне да копнее по работи што се дел од овој свет кој наскоро ќе го снема. Еремија и Варух не се приврзале кон она што го поседувале. Со години подоцна, Исус дал едно предупредување за луѓето што ќе живеат „кога ќе се појави Синот човечки“. Тој рекол: „Сетете се на Лотовата жена“. За христијаните денес би важела и следнава опомена: ‚Сетете се на Еремија и на Варух‘ (Лука 17:30-33). Доколку силно се приврземе кон материјалните работи, ќе ни биде тешко да ги послушаме зборовите на Исус. Но, не заборавај — Варух го послушал Божјето предупредување, и затоа останал жив.
16. Наведи еден пример кога Божјите слуги задржале исправен став кон материјалните работи.
16 Размисли за ситуацијата во која се наоѓале браќата во Романија за време на комунизмот. Владините служби понекогаш вршеле претрес на домовите на Сведоците и им ги одземале личните работи, особено оние што можеле да се продадат (Плач 5:2). Многу браќа и сестри под тој режим биле спремни да ги изгубат своите поседи. Кога биле иселени од своите домови, некои морале да остават зад себе сѐ што имале, но сепак му останале верни на Јехова. Ако и ти еден ден се соочиш со таков испит, ќе дозволиш ли твојата приврзаност кон материјалните работи да те спречи да му останеш верен на Бог? (2. Тим. 3:11).
17. Каква поддршка можеби им дале на Еремија и на Варух некои нивни сонародници?
17 Интересно е да се забележи дека Еремија и Варух имале поддршка од некои свои сонародници. Софонија пророкувал додека владеел Јосија, значи, во истото време кога Еремија служел како пророк. Што можеби мислел Еремија за зборовите што се наоѓаат во Софонија 1:18? (Прочитај.) И зарем не е логично да заклучиш дека тој ги споделил тие Божји мисли со Варух? Друг пророк што служел во тоа време бил Езекиел, кој бил одведен како заробеник во Вавилон во 617 год. пр.н.е. Некои работи што ги правел тој и некои од пораките што ги пренел се однесувале токму на Евреите кои останале во својата родна земја. Еремија сигурно дознал што зборувал или правел Езекиел, а веројатно и обратното било случај. Тоа би значело дека на Еремија му биле познати и зборовите што се запишани во Езекиел 7:19. (Прочитај.) Исто како што овие зборови од Бог можеле да ги охрабрат него и Варух, можат да нѐ охрабрат и нас. Во Јеховиниот ден, луѓето ќе бараат спас од своите богови. Сепак, ниту нивните богови ниту нивното богатство нема да ги спасат (Ерем. 2:28).
ЌЕ ЈА ДОБИЕШ ЛИ ‚СВОЈАТА ДУША КАКО ПЛЕН‘?
18. Што би требало да сакаме да добиеме како плен? Што е потребно за да успееме во тоа?
18 Не смееме да заборавиме дека она што Јехова ни го ветува како плен е нашата „душа“. Дури и ако некои негови слуги бидат убиени во прогонството до кое може да дојде за време на „големата неволја“, кога политичките рогови на ѕверот ќе се свртат против религијата, тие верни лица, всушност, нема да претрпат трајна штета. Јехова им гарантира дека ќе ја добијат својата „душа“ — тие повторно ќе оживеат и ќе го освојат „вистинскиот живот“ во новиот свет (Отк. 7:14, 15; 1. Тим. 6:19). Сепак, може да бидеме уверени дека повеќето Божји слуги што ќе останат верни ќе ја преживеат големата неволја. Можеш да бидеш сигурен дека, кога Бог ќе се пресмета со народите, ниту еден негов верен слуга нема да биде меѓу ‚погубените од Јехова‘ (Ерем. 25:32, 33).
19. Во кој поглед примерите на Еремија и на Варух ти помагаат да бидеш уште поцврсто решен да не бараш „големи работи“?
19 Некој можеби ќе се разочара кога ќе слушне дека би можел да преживее добивајќи ја само својата „душа како плен“. Но, всушност, воопшто не треба да бидат разочарани. Сети се дека Јехова му помогнал на Еремија да остане жив додека луѓето во Ерусалим умирале од глад. Како? Цар Седекија го затворил во Стражарскиот Двор и наредил да му даваат ‚секој ден по еден тркалезен леб од пекарската улица, сѐ додека не снемало леб во градот‘ (Ерем. 37:21). И, Еремија преживеал! Јехова може да најде начин да му го обезбеди на својот народ она што му е потребно за да преживее. Ние сме сигурни дека тој и ќе го стори тоа, бидејќи ни гарантира вечен живот. Варух го преживеал уништувањето на Ерусалим затоа што престанал ‚да бара големи работи‘. Слично на него, и ние можеме со нетрпение да очекуваме да го преживееме Армагедон и да го фалиме Јехова со својата „душа“ која ќе ни ја даде како плен засекогаш.
Зошто денес е мудро да не бараме „големи работи“ за себе, туку да гледаме само да ја добиеме својата „душа“ како плен?
[Слики на страница 113]
Избери го она што е навистина вредно (спореди со сликите на 46. страница)