Сите мораат да положат сметка пред Бог
„Секој од нас ќе одговара [ќе си положи сметка, НС] пред Бога за себе“ (РИМЈАНИТЕ 14:12).
1. Какви ограничувања биле поставени врз слободата на Адам и Ева?
ЈЕХОВА БОГ ги создал нашите прародители, Адам и Ева, како лица со слободна волја. Иако пониски од ангелите, тие биле интелигентни суштества, способни да донесуваат мудри одлуки (Псалм 8:4, 5). Па сепак, таа од Бога дадена слобода не претставувала дозвола за користење на самоодлучување. Тие биле одговорни пред својот Творец, а оваа одговорност била проширена на сите нивни потомци.
2. Каква пресметка наскоро ќе направи Јехова, и зошто?
2 Сега кога се приближуваме кон кулминацијата на овој зол систем на ствари, Јехова ќе направи една пресметка на Земјата. (Спореди Римјаните 9:28, НС.) Наскоро, безбожните луѓе ќе мораат да положат сметка пред Јехова Бог поради пљачкањето на Земјините ресурси, уништувањето на човечкиот живот и особено поради прогонувањето на неговите слуги (Откровение 6:10; 11:18).
3. Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Соочени со овој отрезнувачки изглед, корисно е да размислуваме за Јеховините праведни постапки со неговите суштества во минатите времиња. Како може да ни помогне Писмото ние од наша страна да положиме прифатлива сметка пред нашиот Творец? Кои примери може да бидат корисни, а кои треба да избегнуваме да ги имитираме?
Ангелите се одговорни
4. Откаде знаеме дека Бог ги смета ангелите за одговорни за нивните постапки?
4 Јеховините ангелски суштества на небесата се исто толку одговорни пред него како што сме ние. Пред потопот од времето на Ное, некои ангели непослушно се материјализирале со цел да се впуштаат во сексуални односи со жени. Како лица со слободна волја, овие духовни суштества можеле да ја донесат оваа одлука, но Бог ги сметал за одговорни. Кога непослушните ангели се вратиле во духовното подрачје, Јехова не им дозволил повторно да го добијат својот првобитен положај. Ученикот Јуда ни кажува дека тие биле ‚ставени во вечни окови, во мрак за суд на великиот ден‘ (Јуда 6).
5. Каков пад доживеале Сатана и неговите демони, и како ќе биде подмирена сметката за нивната побуна?
5 Овие непослушни ангели, односно демони, го имаат Сатана Ѓаволот како свој владетел (Матеј 12:24—26). Овој зол ангел се побунил против својот Творец и ја предизвикал законитоста на Јеховиниот суверенитет. Сатана ги навел нашите прародители на грев, а тоа довело до нивна конечна смрт (1. Мојсеева 3:1—7, 17—19). Иако Јехова му дозволил на Сатана извесен период после тоа да има пристап во небесните дворови, библиската книга Откровение прорекла дека во Божје одредено време, овој злобник би бил фрлен во близината на Земјата. Доказите покажуваат дека ова се случило кратко откако Исус Христос во 1914 година ја примил моќта на Царството. На крајот, Ѓаволот и неговите демони ќе отидат во вечно уништување. Откако најпосле ќе биде решено спорното прашање за сувереноста, извештајот за побуната потоа ќе биде праведно решен (Јов 1:6—12; 2:1—7; Откровение 12:7—9; 20:10).
Божјиот Син е одговорен
6. Како гледа Исус на својата сопствена одговорност пред својот Татко?
6 Колку само извонреден пример дал Божјиот Син, Исус Христос! Како совршен човек еднаков со Адам, Исус се радувал да ја врши божествената волја. Исто така, му било драго што бил сметан за одговорен за потчинувањето на Јеховиниот закон. Во врска со него, псалмистот прикладно прорекол: „Одлучив [се радував, НС] да ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; и Твојот закон е во срцето мое“ (Псалм 39:8; Евреите 10:6—9).
7. Зошто можел Исус да ги каже зборовите запишани во Јован 17:4, 5 кога се молел вечерта пред својата смрт?
7 И покрај противењето полно со омраза, што го доживеал Исус, тој ја вршел Божјата волја и задржал интегритет до смрт на маченички столб. Со тоа ја платил откупната цена за да го откупи човештвото од смртоносните последици на Адамовиот грев (Матеј 20:28). Затоа, вечерта пред својата смрт, Исус можел уверливо да се моли: „Јас Те прославив на земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане“ (Јован 17:4, 5). Исус можел да му ги каже овие зборови на својот небесен Татко затоа што успешно го положил испитот на одговорност и бил прифатлив за Бог.
8. а) Како покажал Павле дека мораме да положиме сметка за себе пред Јехова Бог? б) Што ќе ни помогне да бидеме прифатени од Бог?
8 За разлика од совршениот човек Исус Христос, ние сме несовршени. Сепак, одговорни сме пред Бог. Апостол Павле рекол: „А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов [пред Божјата судска столица, НС]. Оти е напишано: ‚Жив сум Јас, вели Господ, пред Мене ќе се преклони секое колено и секој јазик ќе Го исповеда Бога‘. И така, секој од нас ќе одговара [ќе си положи сметка, НС] пред Бога за себе“ (Римјаните 14:10—12). За да можеме да го сториме тоа и да бидеме прифатени од Јехова, тој со љубов ни дал и совест и својата инспирирана Реч, Библијата, за да нѐ водат во она што го зборуваме и правиме (Римјаните 2:14, 15; 2. Тимотеј 3:16, 17). Ако во потполност ги искористуваме Јеховините духовни подготовки и ја следиме нашата библиски школувана совест, тоа ќе ни помогне да бидеме прифатени од Бог (Матеј 24:45—47, НС). Јеховиниот свет дух, односно делотворна сила, претставува додатен извор на сила и водство. Ако постапуваме во склад со упатството на духот и водството на нашата библиски школувана совест, покажуваме дека не го ‚отфрлуваме [занемаруваме, НС] Бога‘, пред кого мораме да положиме сметка за сите наши постапки (1. Солунјаните 4:3—8; 1. Петрово 3:16, 21).
Одговорни како нации
9. Кои биле Едомците, и што им се случило поради нивното постапување со Израел?
9 Јехова ги повикува нациите на одговорност (Јеремија 25:12—14; Софонија 3:6, 7). Размисли за древното царство Едом, сместено јужно од Мртвото Море и северно од заливот Акаба. Едомците биле семитски народ, во блиско сродство со Израелците. Иако прататкото на Едомците бил Авраамовиот внук Езав, на Израелците им била одбиена дозволата да патуваат низ Едом по „царскиот пат“ додека биле на пат кон Ветената земја (4. Мојсеева 20:14—21). Низ вековите, непријателството на Едом се развило во непомирлива омраза кон Израел. Најпосле, Едомците морале да одговараат за тоа што ги подбуцнувале Вавилонците да го уништат Ерусалим во 607 година пр. н. е. (Псалм 136:7). Во шестиот век пр. н. е., вавилонските трупи под цар Набонид го поробиле Едом и тој станал опустошен, како што одредил Јехова (Јеремија 49:20; Авдиј 9—11).
10. Како постапиле Моавците спрема Израелците, и како Бог го повикал Моав на одговорност?
10 Моав не поминал ништо поарно. Моавското царство било на север од Едом и на исток од Мртвото Море. Пред Израелците да влезат во Ветената земја, Моавците не постапиле гостољубиво спрема нив, а очигледно ги обезбедиле со леб и со вода само заради финансиска добивка (5. Мојсеева 23:3, 4). Моавскиот цар Валак го изнајмил пророкот Валаам да го проколне Израел, а Моавките биле употребени за да ги намамат израелските мажи на неморал и на идолопоклонство (4. Мојсеева 22:2—8; 25:1—9). Меѓутоа, Јехова не дозволил омразата на Моав спрема Израел да помине незабележано. Како што било проречено, Моав претрпел опустошување од рацете на Вавилонците (Јеремија 9:25, 26; Софонија 2:8—11). Да, Бог го повикал Моав на одговорност.
11. Како кои градови станале Моав и Амон, и што покажуваат библиските пророштва во врска со сегашниот зол систем на ствари?
11 Не само Моав туку и Амон морал да положи сметка пред Бог. Јехова прорекол: „Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амона ќе бидат како Гомор, земја на коприви, соларник, пустиња за навек“ (Софонија 2:9). Земјите Моав и Амон биле опустошени, исто како што Бог ги уништил градовите Содом и Гомор. Според Геолошкото друштво од Лондон, истражувачите тврдат дека ги имаат лоцирано местата на разорените Содом и Гомор на источниот брег од Мртвото Море. Кој и да било доверлив доказ што би можел допрва да излезе на светлина во овој поглед, може само да ги поткрепи библиските пророштва кои покажуваат дека сегашниот зол систем на ствари исто така ќе биде повикан на одговорност од страна на Јехова Бог (2. Петрово 3:6—12).
12. Што било проречено во врска со еден еврејски остаток, иако Израел морал за своите гревови да положи сметка пред Бог?
12 Иако Израел бил високо повластен од Јехова, тој морал за своите гревови да положи сметка пред Бог. Кога Исус Христос дошол кај израелската нација, повеќето го отфрлиле. Само еден остаток практикувал вера и тие лица станале негови следбеници. Павле применил извесни пророштва на овој еврејски остаток кога напишал: „Исаија извика за Израилот: ‚Иако е бројот на Израилевите синови колку што е морскиот песок, остатокот само ќе се спаси, оти ќе го заврши делото и ќе реши по правда: Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата [зашто Јехова ќе направи пресметка на Земјата, НС]‘. И како што предрече Исаија: ‚Ако Господ Саваот не беше ни оставил семе, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомор‘“ (Римјаните 9:27—29; Исаија 1:9; 10:22, 23). Апостолот го навел примерот на седумте илјади од времето на Илија кои не му се поклониле на Ваал, и потоа рекол: „Така е, пак, во сегашно време; остатокот се спаси по избор на благодатта“ (Римјаните 11:5). Тој остаток бил составен од поединци кои лично му биле одговорни на Бог.
Примери на лична одговорност
13. Што се случило со Каин кога Бог го повикал на одговорност заради убивањето на брата си Авела?
13 Библијата наведува многу случаи на лична одговорност пред Јехова Бог. Земи го за пример Адамовиот првороден син Каин. И тој и неговиот брат Авел му принеле жртви на Јехова. Авеловата жртва била прифатлива за Бог, но Каиновата не била. Кога бил повикан на одговорност поради бруталното убиство на својот брат, Каин бездушно му рекол на Бог: „Зар сум јас чувар на братот мој?“ Поради својот грев, Каин бил протеран во „земјата Наит [во земјата на Бегството, НС], источно од Едем“. Тој не покажал искрено каење за својот злочин, а жалел само за својата заслужена казна (1. Мојсеева 4:3—16).
14. На кој начин личната одговорност пред Бог била илустрирана во случајот со првосвештеникот Илиј и неговите синови?
14 Личната одговорност на едно лице пред Бог е илустрирана и во случајот со Израеловиот првосвештеник Илиј. Неговите синови, Офни и Финес, служеле како свештеници кои вршат служба, но „биле виновни за неправда спрема луѓето и за безбожност спрема Бог, и не се воздржувале од никаков вид злоба“ — вели историчарот Јосиф. Овие „лоши луѓе“ не го признавале Јехова, се впуштиле во светогрдно однесување и биле виновни за тежок неморал (1. Царства 1:3; 2:12—17, 22—25). Како нивни татко и Израелов првосвештеник, Илиј ја имал должноста да ги укори, но тој само благо ги покарал. Илиј ‚ги претпочитал синовите свои повеќе од Јехова‘ (1. Царства 2:29, НС). Врз домот на Илиј дошла казна. Обата сина умреле во истиот ден како и нивниот татко, а нивната свештеничка линија на крајот била потполно отсечена. На тој начин сметката била намирена (1. Царства 3:13, 14; 4:11, 17, 18).
15. Зошто бил награден Сауловиот син Јонатан?
15 Сосема поинаков пример дал Јонатан, синот на цар Саул. Набргу откако Давид го убил Голијат, ‚душата на Јонатан се приврзала до душата негова‘ и тие склучиле сојуз на пријателство (1. Царства 18:1, 3). Веројатно Јонатан увидел дека Божјиот дух го напуштил Саула, но неговата сопствена ревност за вистинското обожавање останала несмалена (1. Царства 16:14). Јонатановото ценење за Давидовиот авторитет даден од Бог, никогаш не се поколебало. Јонатан ја увидел својата одговорност пред Бог, а Јехова го наградил за неговиот чесен пат со тоа што обезбедил неговата семејна лоза да продолжи со генерации (1. Летописи 8:33—40).
Одговорност во христијанското собрание
16. Кој бил Тит, и зошто може да се рече дека положил добра сметка за себе пред Бог?
16 Христијанските грчки списи поволно зборуваат за многу мажи и жени кои положиле добра сметка за себе. На пример, постоел грчкиот христијанин по име Тит. Се укажува дека тој станал христијанин за време на Павловото прво мисионерско патување на Кипар. Поради тоа што за време на Пентакост 33 година н. е. во Ерусалим можеби имало Евреи и прозелити од Кипар, можеби христијанството стигнало до овој остров кратко после тоа (Дела 11:19). Меѓутоа, Тит се покажал како еден од Павловите верни соработници. Тој ги придружувал Павле и Варнава на патувањето во Ерусалим околу 49 година н. е., кога било решено многу важното спорно прашање за обрежувањето. Фактот дека Тит бил необрежан додал тежина кон Павловиот аргумент дека преобратениците на христијанството не треба да бидат под Мозаитскиот Закон (Галатјаните 2:1—3). За добрата служба на Тит е посведочено во Писмата, а Павле дури му упатил и едно божествено инспирирано писмо (2. Коринтјаните 7:6; Тит 1:1—4). Очигледно, до самиот крај на својот земен пат, Тит продолжил да полага добра сметка за себе пред Бог.
17. Каква сметка положил Тимотеј, и како може овој пример да влијае врз нас?
17 Тимотеј бил уште еден ревносен поединец кој на Јехова Бог му полагал прифатлива сметка за себе. Иако Тимотеј имал некакви здравствени проблеми, тој покажувал „нелицемерна вера“ и ‚слугувал заедно со Павле при благовествувањето‘. Затоа, апостолот можел да им рече на сохристијаните во Филипи: „Немам никого еднаков со моите мисли [како Тимотеевите], кој толку искрено би се грижел за вас“ (2. Тимотеј 1:5; Филипјаните 2:20, 22; 1. Тимотеј 5:23). И покрај човечките слабости и други искушенија, и ние можеме да имаме нелицемерна вера и можеме пред Бог да положиме прифатлива сметка за себе.
18. Која била Лидија, и каков дух покажувала таа?
18 Лидија била една побожна жена која очигледно полагала добра сметка за себе пред Бог. Таа и нејзиното домаќинство биле меѓу првите поединци во Европа кои го прифатиле христијанството поради Павловата активност во Филипи околу 50 година н. е. Родена во Тиатир, Лидија веројатно била еврејски прозелит, но во Филипи можеби имало малкумина Евреи и ниедна синагога. Таа и други оддадени жени биле состанати кај една река кога Павле им зборувал. Како резултат на тоа, Лидија станала христијанка и го убедила Павле и неговите придружници да престојуваат кај неа (Дела 16:12—15). Гостопримството што го покажала Лидија останува обележје на вистинските христијани.
19. Со какви добри дела Дорка положила добра сметка за себе пред Бог?
19 Дорка била уште една жена која полагала добра сметка за себе пред Јехова Бог. Кога умрела, Петар отишол во Јопија, во одговор на молбата на учениците кои живееле таму. Двајцата мажи кои се сретнале со Петар ‚го одвеле во горната одаја, и дошле кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги правела Срна [Дорка, НС], додека живеела со нив‘. Дорка била вратена во живот. Но, дали таа треба да се помни само поради нејзиниот великодушен дух? Не. Таа била „ученица“ и сигурно и самата се ангажирала во делото на правење ученици. Денешните христијанки на сличен начин ‚се исполнети со милостиња и добри дела‘. Тие исто така се радуваат да имаат активен удел во објавувањето на добрата вест за Царството и во правењето ученици (Дела 9:36—42; Матеј 24:14; 28:19, 20).
20. Кои прашања можеме да си ги поставиме?
20 Библијата јасно покажува дека нациите и поединците мораат да положат сметка пред Суверениот Господ Јехова (Софонија 1:7). Ако сме му предадени на Бог, тогаш можеме да се запрашаме: ‚Како гледам јас на моите предности и одговорности дадени од Бог? Каква сметка давам за себе пред Јехова Бог и пред Исус Христос?‘
Како гласат твоите одговори?
◻ Како би докажал дека ангелите и Божјиот Син се одговорни пред Јехова?
◻ Кои библиски примери покажуваат дека Бог ги смета нациите за одговорни?
◻ Што вели Библијата за личната одговорност пред Бог?
◻ Кои биле некои поединци од библискиот извештај кои положиле добра сметка пред Јехова Бог?
[Слика на страница 10]
Исус Христос положил добра сметка за себе пред својот небесен Татко
[Слика на страница 15]
Како Дорка, христијанките денес полагаат добра сметка за себе пред Јехова Бог
[Извор на слика на страница 13]
Смртта на Авел/The Doré Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.