ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Поука за понизноста на последната Пасха
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус им ги мие нозете на апостолите и им дава поука за понизноста

      ПОГЛАВЈЕ 116

      Поука за понизноста на последната Пасха

      МАТЕЈ 26:20; МАРКО 14:17; ЛУКА 22:14-18; ЈОВАН 13:1-17

      • ПОСЛЕДНАТА ПАСХА НА ИСУС СО АПОСТОЛИТЕ

      • ГИ ПОУЧИЛ АПОСТОЛИТЕ ТАКА ШТО ИМ ГИ ИЗМИЛ НОЗЕТЕ

      Петар и Јован дошле во Ерусалим пред другите затоа што Исус им рекол да ги направат потребните подготовки за Пасхата. Истиот ден подоцна, и Исус и останатите десет апостоли тргнале за Ерусалим. Додека се симнувале од Маслинската Гора, сонцето веќе полека заоѓало на запад. За Исус, тоа било последен пат да го види Ерусалим на дневна светлина од тоа место пред да воскресне.

      По кратко време, Исус и апостолите стигнале во градот и се упатиле кон куќата каде што требало да ја прослават Пасхата. Се качиле по скалите до големата горна соба, каде што веќе сѐ било подготвено. Исус очигледно со нетрпение ја очекувал таа пригода, затоа што рекол: „Имав силна желба да ја јадам оваа пасхална жртва со вас пред да почнат моите страдања“ (Лука 22:15).

      Како што било обичај веќе долги години, на Пасхата се подавале неколку чаши со вино од еден на друг човек. Земајќи една од чашите, Исус му се заблагодарил на Бог и рекол: „Земете ја и подајте си ја еден на друг! Зашто, ви велам, отсега нема повеќе да пијам од лозовиот род додека не дојде Божјето царство“ (Лука 22:17, 18). Со тоа јасно покажал дека се ближела неговата смрт.

      За време на вечерата се случило нешто необично. Исус станал, ја оставил настрана својата облека и зел крпа. Потоа, во еден од садовите што биле таму налеал вода. Во тоа време било вообичаено домаќинот да се погрижи да им бидат измиени нозете на гостите, нешто што обично го правел некој од слугите (Лука 7:44). Бидејќи во таа прилика домаќинот не бил присутен, за тоа се погрижил Исус. Иако тоа можел да го направи кој и да било од апостолите, никој не се понудил, можеби затоа што меѓу нив сѐ уште владеело соперништво. Која и да била причината, кога Исус почнал да им ги мие нозете, тие се засрамиле.

      Кога Исус стигнал до Петар, тој приговорил: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговорил: „Ако не те измијам, нема да бидеш во единство со мене“. Тогаш Петар му рекол: „Господару, тогаш немој да ми ги измиеш само нозете, туку и рацете и главата!“ Колку мора да се изненадил кога Исус му одговорил: „Оној што се искапал, не треба да мие ништо друго освен нозете, бидејќи целиот е чист. И вие сте чисти, но не сите“ (Јован 13:8-10).

      Исус им ги измил нозете на сите дванаесет апостоли, вклучувајќи го и Јуда Искариот. Потоа ја облекол својата облека, се вратил на трпезата, па ги прашал: „Сфаќате ли што ви направив? Вие ми се обраќате со: ‚Учителе‘ и ‚Господару‘, и со право го велите тоа, бидејќи тоа и сум. Значи, ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете, и вие треба да си ги миете нозете еден на друг. Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас. Вистина, вистина, ви велам, робот не е поголем од својот господар, и оној што е испратен не е поголем од оној што го испратил. Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:12-17).

      Каква прекрасна поука понизно да им служиме на другите! Следбениците на Исус не треба да имаат високо мислење за себеси и да сметат дека секогаш треба другите да им служат ним. Тие треба да го следат примерот на Исус, но не така што ќе извршуваат некаков обред на миење нозе, туку така што понизно и без предрасуди ќе им служат на другите.

      • Од кои зборови на Исус за време на Пасхата апостолите можеле да сфатат дека наскоро требало да умре?

      • Зошто било необично тоа што Исус им ги измил нозете на апостолите?

      • Каква поука дал Исус со тоа што им ги измил нозете на своите апостоли?

  • Господаровата вечера
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус ја воспоставува Господаровата вечера со своите единаесет верни апостоли

      ПОГЛАВЈЕ 117

      Господаровата вечера

      МАТЕЈ 26:21-29; МАРКО 14:18-25; ЛУКА 22:19-23; ЈОВАН 13:18-30

      • ИСУС КАЖАЛ ДЕКА ЈУДА ЌЕ ГО ПРЕДАДЕ

      • ЈА ВОСПОСТАВИЛ ГОСПОДАРОВАТА ВЕЧЕРА

      Со тоа што им ги измил нозете, Исус им покажал на апостолите колку е важна понизноста. Потоа, по сѐ изгледа откако завршиле со пасхалната вечера, Исус цитирал едно пророштво што го запишал Давид: „Дури и човекот што беше во мир со мене, во кого имав доверба, кој јадеше од мојот леб, се крена против мене“. Потоа рекол: „Еден од вас ќе ме предаде“ (Псалм 41:9; Јован 13:18, 21).

      Апостолите се погледнале еден со друг и секој од нив прашал: „Господару, да не сум јас?“ Дури и Јуда Искариот го прашал истото. Петар му рекол на Јован, кој на трпезата бил веднаш до Исус, да дознае кој бил тој што ќе го предаде. Јован се навалил кон Исус и го прашал: „Господару, кој е тој?“ (Матеј 26:22; Јован 13:25).

      Исус му одговорил: „Тоа е оној кому ќе му го дадам залакот што ќе го натопам“. Исус натопил залак леб во чинијата, му го дал на Јуда и рекол: „Синот човечки си заминува, како што е напишано за него, но тешко на оној човек што ќе го предаде Синот човечки! Подобро ќе му беше воопшто да не се ни родеше“ (Јован 13:26; Матеј 26:24). Тогаш Сатана влегол во Јуда. Тој човек, кој веќе имал злобно срце, од тој момент дозволил Ѓаволот потполно да управува со неговите постапки. Така станал „синот на пропаста“ (Јован 6:64, 70; 12:4; 17:12).

      Потоа Исус му рекол на Јуда: „Што ќе правиш, прави побргу!“ Останатите апостоли помислиле дека Исус сакал да му каже на Јуда, кај кого била кутијата со пари: „Купи ни што ни треба за празникот“, или дека му рекол да им даде нешто на сиромасите (Јован 13:27-30). Но, Јуда отишол да го предаде Исус.

      Истата таа вечер кога се празнувала Пасхата, Исус воспоставил една потполно нова прослава. Зел леб, се заблагодарил, го раскршил и им дал од него на апостолите. Потоа рекол: „Ова го претставува моето тело, кое ќе се даде за вас. Правете го ова за мој спомен!“ (Лука 22:19). Парчето леб поминало кај секого од нив и сите јаделе од него.

      Потоа зел чаша вино, повторно се заблагодарил и им ја подал на апостолите. Сите пиеле од неа, а Исус рекол: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас“ (Лука 22:20).

      На тој начин, Исус покажал како требало неговите следбеници да ја одбележуваат неговата смрт секоја година на 14 нисан. Така ќе се потсетеле што направиле Исус и неговиот Татко за да ги спасат верните луѓе од гревот и смртта. Пасхата ги потсетувала Евреите на ослободувањето од египетското ропство. Но, од тој момент натаму, таа вечер ќе била потсетник за вистинското ослободување на верните луѓе.

      Исус кажал дека неговата крв „ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите“. Меѓу оние на кои им било овозможено такво простување биле неговите верни апостоли, но и многу други верни ученици. Во иднина, тие ќе биле во Царството на неговиот Татко (Матеј 26:28, 29).

      • Кое пророштво на Давид го цитирал Исус, и како го објаснил?

      • Што му рекол Исус на Јуда, но што помислиле апостолите?

      • Која нова прослава ја воспоставил Исус, и која била нејзината цел?

  • Препирка околу тоа кој бил најголем
    Исус — патот, вистината и животот
    • Апостолите на Исус се расправаат околу тоа кој од нив е најголем

      ПОГЛАВЈЕ 118

      Препирка околу тоа кој бил најголем

      МАТЕЈ 26:31-35; МАРКО 14:27-31; ЛУКА 22:24-38; ЈОВАН 13:31-38

      • ИСУС ДАЛ СОВЕТ ЗА ИСТАКНУВАЊЕТО

      • ПРОРЕКОЛ ДЕКА ПЕТАР ЌЕ СЕ ОДРЕЧЕ ОД НЕГО

      • ВИСТИНСКИТЕ УЧЕНИЦИ ЌЕ СЕ ПОЗНАВААТ ПО ЉУБОВТА

      Во текот на својата последна вечер со апостолите, Исус им дал прекрасна поука за понизноста така што им ги измил нозете. Зошто било потребно тоа? Поради една слабост што ја покажале. Иако верно му служеле на Бог, сѐ уште им било важно кој бил најголем меѓу нив (Марко 9:33, 34; 10:35-37). Таа вечер, нивната слабост повторно дошла до израз.

      Меѓу апостолите настанала „препирка околу тоа кој од нив би можел да биде најголем“ (Лука 22:24). Колку мора да го разжалостило Исус тоа што повторно се расправале за истата работа! Што направил?

      Исус не ги искритикувал за нивниот став и однесување, туку стрпливо им објаснил: „Царевите господарат над народите, и оние што владеат над народите се нарекуваат добротвори. Но вие не бидете такви!.. Зашто, кој е поголем, оној што е на трпезата или оној што послужува?“ Потоа ги потсетил на примерот што самиот тој им го дал, велејќи им: „А јас сум во вашата средина како оној што послужува“ (Лука 22:25-27).

      И покрај своите мани, апостолите останале со Исус во повеќе тешки ситуации. Затоа тој им рекол: „Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз“ (Лука 22:29). Сојузот што Исус го склучил со своите верни ученици им овозможил да бидат во Царството и да царуваат на небото заедно со него.

      Но, иако апостолите добиле таква прекрасна можност, тие сѐ уште биле телесни и несовршени луѓе. Исус им рекол: „Сатана побара да ве просее како пченица“, која се распрснува насекаде додека се сее (Лука 22:31). Освен тоа, Исус им рекол: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате во верата поради она што ќе ми се случи, бидејќи е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот, и овците од стадото ќе се разбегаат‘“ (Матеј 26:31; Захарија 13:7).

      Петар самоуверено рекол: „Дури и сите други да се поколебаат во верата поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да се поколебам!“ (Матеј 26:33). Исус му рекол дека таа ноќ, уште пред петелот да запее двапати, тој ќе се одрече од него. Но, потоа додал: „Сесрдно се молев за тебе, твојата вера да не ослаби. А ти, штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа“ (Лука 22:32). Но, Петар упорно тврдел: „Дури и да мора да умрам со тебе, нема да се одречам од тебе!“ (Матеј 26:35). Истото го рекле и другите апостоли.

      Тогаш Исус им објаснил: „Уште малку сум со вас. Ќе ме барате, но како што им реков на Евреите: ‚Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘, сега тоа ви го велам и вам“. Освен тоа, им рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:33-35).

      Кога слушнал дека Исус ќе бил уште малку со нив, Петар прашал: „Господару, каде одиш?“ Исус му одговорил: „Таму каде што јас одам, ти не можеш да појдеш сега, но ќе појдеш подоцна“. Петар збунето му рекол: „Господару, зошто не можам да појдам по тебе сега? Својот живот ќе го дадам за тебе!“ (Јован 13:36, 37).

      Тогаш Исус ги потсетил апостолите на проповедничкото патување низ Галилеја, на кое ги пратил без ќесе за пари и патна торба (Матеј 10:5, 9, 10). Потоа ги прашал: „Дали нешто ви недостасуваше?“ Тие одговориле: „Не!“ Но, што требало да прават во иднина? Исус им рекол: „Кој има ќесе за пари, нека го земе! Исто така и торба! И кој нема меч, нека ја продаде својата облека и нека си купи! Зашто, ви велам дека мора да се изврши на мене она што е напишано: ‚Беше вброен меѓу беззаконици‘. Зашто, се извршува она што се однесува на мене“ (Лука 22:35-37).

      Исус, всушност, сакал да им каже дека ќе биде прикован на столб заедно со беззаконици, односно злосторници. Потоа и неговите следбеници ги очекувало жестоко прогонство. Бидејќи мислеле дека се спремни за такво нешто, апостолите рекле: „Господару, еве овде има два меча!“ А Исус им рекол: „Доволни се“ (Лука 22:38). Тие мечеви наскоро му послужиле на Исус за да им даде уште една важна поука.

      • За што се расправале апостолите, и што направил Исус?

      • Што било овозможено со сојузот што го склучил Исус со своите верни ученици?

      • Што рекол Исус кога Петар покажал преголема самоувереност?

  • Исус — патот, вистината и животот
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус во горната соба заедно со своите 11 верни апостоли

      ПОГЛАВЈЕ 119

      Исус — патот, вистината и животот

      ЈОВАН 14:1-31

      • ИСУС ЌЕ ОДЕЛ ДА ПОДГОТВИ МЕСТО

      • ВЕТИЛ ДЕКА ЌЕ ИСПРАТИ ПОМОШНИК

      • ТАТКОТО Е ПОГОЛЕМ ОД СИНОТ

      По вечерата што Исус ја воспоставил во негов спомен, тој и апостолите останале уште некое време во горната соба. Тогаш ги охрабрил: „Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог и верувајте во мене!“ (Јован 13:36; 14:1).

      На своите верни апостоли Исус им кажал и зошто не требало да бидат тажни поради тоа што ќе си заминел: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта... А кога ќе појдам и ќе ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом, за да бидете и вие таму каде што сум јас“. Апостолите не сфаќале дека Исус зборувал за неговото заминување на небото. Затоа Тома прашал: „Господару, не знаеме каде одиш. Од каде да го знаеме патот?“ (Јован 14:2-5).

      „Јас сум патот и вистината и животот“, му одговорил Исус. Само оној што верувал во него и во неговите учења и живеел онака како што живеел тој ќе можел да влезе во небесната куќа на неговиот Татко. Исус објаснил: „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6).

      Филип, кој внимателно слушал, рекол: „Господару, покажи ни го Таткото, и тоа ни е доволно!“ Филип очигледно сакал Исус да им овозможи на некој начин да го видат Бог, како што во старо време Мојсеј, Илија и Исаија можеле да го видат Бог во видение. Но, апостолите имале можност да видат нешто подобро. Исус го нагласил тоа кога рекол: „Толку време сум со вас, а ти Филипе, уште не си ме запознал? Кој ме видел мене, го видел и Таткото“. Исус толку совршено ги одразувал особините на својот Татко што оние кои биле со него и го набљудувале, така да се каже, можеле да го видат неговиот Татко. Се разбира, Таткото е поголем од Синот, како што потврдил и самиот Исус кога рекол: „Она што ви го зборувам јас, не го зборувам сам од себе“ (Јован 14:8-10). Апостолите можеле јасно да видат дека целата заслуга за неговите поуки Исус му ја припишал на својот Татко.

      Апостолите имале можност да видат голем број од чудесните дела на Исус и да го слушаат како ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Затоа Исус им рекол: „Кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави и поголеми дела од овие“ (Јован 14:12). Со тоа не мислел дека неговите следбеници ќе прават поголеми чуда од неговите, туку дека ќе проповедаат многу подолг период, на далеку поголемо подрачје и на многу повеќе луѓе.

      Исус немало да ги напушти учениците по својата смрт. Тој им ветил: „Ако замолите за нешто во мое име, тоа ќе го направам“. Освен тоа, додал: „Јас ќе го замолам Таткото, и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш, духот на вистината“ (Јован 14:14, 16, 17). Тој помошник бил светиот дух, кој Исус подоцна го излеал врз учениците на празникот Педесетница.

      „Уште малку“, рекол Исус, „и светот повеќе нема да ме види, но вие ќе ме видите, бидејќи јас живеам, а и вие ќе живеете“ (Јован 14:19). Откако воскреснал, Исус им се појавил на учениците во човечко тело, а подоцна и ги воскреснал за да бидат со него на небото како духовни суштества.

      Потоа Исус изнел едно едноставно начело: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам и ќе му се објавам“. Тогаш апостолот Јуда, наречен и Тадеј, го прашал: „Господару, зошто имаш намера да ни се објавиш нам, а не на светот?“ Исус му одговорил: „Ако некој ме сака, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го сака... Кој не ме сака, не ја држи мојата реч“ (Јован 14:21-24). За разлика од следбениците на Исус, повеќето луѓе не сфатиле дека тој е патот, вистината и животот.

      Но, откако Исус ќе си заминел, како ќе можеле учениците да се сетат на сѐ што ги поучил? Исус им објаснил: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“. Тоа ветување сигурно ги утешило апостолите, бидејќи веќе виделе колку моќен бил светиот дух и што сѐ можел да направи. Исус додал: „Мир ви оставам, мирот свој ви го давам... Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши!“ (Јован 14:26, 27). Апостолите можеле да бидат сигурни дека ќе добијат водство и заштита од Таткото на Исус.

      Наскоро Бог ќе покажел дека го штити Исус. „Доаѓа владетелот на светот. Тој нема власт над мене“, рекол Исус (Јован 14:30). Ѓаволот успеал да влезе во Јуда и почнал да го користи за да ја оствари својата намера. Но, Исус немал ниту една грешна склоност која Сатана би можел да ја искористи за да го сврти против Бог. Освен тоа, Сатана не можел да го спречи воскресението на Исус. „Јас правам така како што ми заповеда Таткото“, рекол Исус, потполно уверен дека неговиот Татко ќе го воскресне (Јован 14:31).

      • Каде требало Исус да отиде, и во што го уверил Тома?

      • Што побарал Филип од Исус?

      • Во која смисла следбениците на Исус ќе правеле поголеми дела од неговите?

      • Зошто е утешно тоа што Таткото е поголем од Исус?

  • Оние што носат плод му се пријатели на Исус
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус разговара со своите апостоли додека излегуваат од горната соба

      ПОГЛАВЈЕ 120

      Оние што носат плод му се пријатели на Исус

      ЈОВАН 15:1-27

      • ВИСТИНСКАТА ЛОЗА И ПРАЧКИТЕ

      • КАКО ДА СЕ ОСТАНЕ ВО ЉУБОВТА НА ИСУС

      Блискиот разговор меѓу Исус и апостолите сѐ уште траел. Тој продолжил да им дава корисни совети и да ги храбри. Можеби некаде после полноќ, Исус почнал да ја раскажува следнава споредба:

      „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“ (Јован 15:1). Таа споредба потсетувала на она што било кажано за израелскиот народ неколку векови порано, кога Јехова го нарекол своја лоза (Еремија 2:21; Осија 10:1, 2). Но, Јехова требало да го отфрли тој народ (Матеј 23:37, 38). Според тоа, Исус сакал да открие нешто ново. Самиот тој бил лозата што ја засадил неговиот Татко. Тоа се случило при неговото крштавање во 29 год. од н.е., кога бил помазан со свет дух. Но, Исус објаснил дека вистинската лоза не го претставува само него. Тој рекол:

      „Секоја прачка на мене што не носи плод, [мојот Татко] ја отстранува, а секоја што носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод... Како што прачката не може да донесе плод сама од себе, ако не остане на лозата, така не можете ни вие, ако не останете во единство со мене. Јас сум лозата, вие сте прачките“ (Јован 15:2-5).

      Исус веќе им ветил на своите верни ученици дека, откако ќе си замине, ќе им го испрати помошникот, односно светиот дух. Педесет и еден ден откако Исус им го кажал сето тоа, врз апостолите и некои други ученици бил излеан светиот дух, со што станале прачки на лозата. „Прачките“ требало да останат во единство со Исус. Со каква цел?

      Исус објаснил: „Кој останува во единство со мене и јас во единство со него, тој донесува многу плод, зашто одвоени од мене не можете да направите ништо“. „Прачките“, односно верните следбеници на Исус, ќе носеле многу плод така што ќе ги покажувале особините на Исус, ревносно ќе ја објавувале веста за Царството и ќе правеле многу ученици. А што ќе било со оние што немало да останат во единство со Исус и немало да носат плод? Исус рекол: „Ако некој не остане во единство со мене, ќе биде исфрлен надвор“. Потоа додал: „Ако останете во единство со мене и ако моите зборови останат во вас, замолете за што и да сакате, и ќе ви се случи“ (Јован 15:5-7).

      Тогаш Исус повторно се навратил на нешто што го спомнал веќе два пати — дека треба да ги држат неговите заповеди (Јован 14:15, 21). Потоа кажал една важна работа по која ќе се гледало дали го прават тоа: „Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“. Но, од нив се очекувало уште нешто. Исус рекол: „Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас! Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели. Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:10-14).

      Само неколку часа подоцна, Исус ја покажал својата ненадминлива љубов така што го дал животот за сите што веруваат во него. Неговиот пример требало да ги поттикне и неговите следбеници да покажуваат таква самопожртвувана љубов. Таквата љубов требало да биде знак по кој другите ќе можеле да ги препознаат, како што Исус им објаснил и пред тоа: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35).

      Апостолите требало да имаат на ум дека Исус ги нарекол „пријатели“. Тој им кажал зошто ги сметал за толку блиски: „Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“. Каква посебна чест имале — да бидат блиски пријатели со Исус и да знаат сѐ што му кажал неговиот Татко! Но, ако сакале да го сочуваат тој близок однос, морало ‚да донесуваат плод‘. Тогаш, ‚што и да побарале од Таткото во негово име, тој ќе им дал‘ (Јован 15:15, 16).

      Тоа што „прачките“, односно учениците ќе се сакале меѓусебе, ќе им помогнело да го издржат она што ги чекало. Исус ги предупредил дека светот ќе ги мрази. Сепак, ги утешил: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас. Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но бидејќи не сте дел од светот... затоа светот ве мрази“ (Јован 15:18, 19).

      Наведувајќи уште една причина поради која светот ќе ги мрази, Исус рекол: „Сето тоа ќе ви го прават поради моето име, бидејќи не го познаваат оној што ме прати“. Потоа објаснил дека неговите чуда на некој начин ги осудиле оние што го мразеле: „Да не ги направев меѓу нив делата што никој друг не ги има направено, немаше да имаат грев, но сега ги видоа, па нѐ замразија и мене и мојот Татко“. Нивната омраза била доказ дека се исполнуваат библиските пророштва (Јован 15:21, 24, 25; Псалм 35:19; 69:4).

      На крајот, повторно им ветил дека ќе им го испрати помошникот, светиот дух. Таа моќна сила им стои на располагање на сите негови следбеници и може да им помогне да донесуваат плод, односно ‚да сведочат‘ (Јован 15:27).

      • Кој бил претставен со лозарот, лозата и прачките?

      • Каков плод очекува Бог од прачките?

      • Како можеле учениците на Исус да бидат негови пријатели, и што ќе им помогнело храбро да се соочат со омразата на светот?

  • „Бидете храбри, јас го победив светот!“
    Исус — патот, вистината и животот
    • Учениците се растажиле кога Исус им кажал што ги очекувало

      ПОГЛАВЈЕ 121

      „Бидете храбри, јас го победив светот!“

      ЈОВАН 16:1-33

      • ИСУС ЌЕ БИЛ СО АПОСТОЛИТЕ УШТЕ КРАТКО ВРЕМЕ

      • ТАГАТА НА АПОСТОЛИТЕ ЌЕ СЕ ПРЕТВОРЕЛА ВО РАДОСТ

      Исус и апостолите секој момент требало да излезат од горната соба, каде што ја прославиле Пасхата. Бидејќи им кажал многу работи во врска со она што ги очекувало во иднина, Исус им објаснил: „Ова ви го зборував за да не се поколебате во верата“. Зошто било потребно да ги предупреди на такво нешто? Исус продолжил: „Ќе ве исклучуваат од синагогите. Всушност, доаѓа часот кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека му служи на Бог“ (Јован 16:1, 2).

      Тоа можеби ги уплашило апостолите. Исус им кажал дека светот ќе ги мрази, но сѐ дотогаш им немал отворено кажано дека ќе бидат убиени. Зошто? „Ова не ви го кажав во почетокот, бидејќи бев со вас“, им објаснил (Јован 16:4). Но, пред да си замине, сакал да ги предупреди на она што ги чекало. Тоа ќе им помогнело да не се поколебаат подоцна.

      Исус продолжил: „Одам кај оној што ме испрати, и никој од вас не ме прашува: ‚Каде одиш?‘“ Истата таа вечер, тие го прашале каде ќе оди (Јован 13:36; 14:5; 16:5). Но, откако чуле за прогонството што ги очекувало, од тага занемеле. Затоа не го прашале ништо повеќе за славата што Исус ќе ја добиел ниту, пак, што ќе значело тоа за неговите верни следбеници. Свесен за тоа, Исус рекол: „Жалост ги исполни вашите срца бидејќи ви го кажав ова“ (Јован 16:6).

      Потоа им објаснил: „За ваше добро е што си заминувам. Зашто, ако не си заминам, помошникот нема да дојде кај вас, но ако си заминам, ќе ви го испратам“ (Јован 16:7). Учениците ќе можеле да го добијат светиот дух само откако Исус ќе умрел и ќе заминел на небото. Освен тоа, тогаш Исус ќе можел да им даде свет дух на своите следбеници по целата Земја.

      Исус рекол дека светиот дух „ќе му покаже на светот што е грев, што е праведност, а што осуда“ (Јован 16:8). Светот направил грев во таа смисла што не покажал вера во Божјиот Син, и тој грев требало да биде разоткриен. Тоа што Исус се вознел на небото покажало дека тој навистина бил праведен и дека Сатана, „владетелот на овој свет“, заслужува да биде осуден на пропаст (Јован 16:11).

      „Имам уште многу да ви кажам“, продолжил Исус, „но сега не можете да носите.“ Сепак, им ветил дека светиот дух што ќе им го испрател ќе ги упател во „сета вистина“, и така ќе можеле да живеат според вистината (Јован 16:12, 13).

      Тогаш Исус кажал нешто што ги збунило апостолите: „Уште малку, и повеќе нема да ме видите, и пак уште малку, па ќе ме видите“. Затоа, едни со други почнале да се прашуваат што сакал да каже. Исус видел дека тоа ги интересирало, па им објаснил: „Вистина, вистина, ви велам, вие ќе плачете и ќе тажите, а светот ќе се радува. Вие ќе тажите, но вашата тага ќе се претвори во радост“ (Јован 16:16, 20). Кога Исус бил убиен следното попладне, верските водачи се радувале, а неговите ученици жалеле. Но кога Исус воскреснал, нивната тага се претворила во радост. А кога им го излеал Божјиот свет дух, нивната радост станала уште поголема.

      Состојбата на учениците Исус ја споредил со состојбата на една жена која има породилни болки. Тој рекол: „Жената е тажна кога раѓа, зашто ѝ дошол часот, но кога ќе се роди детето, не се сеќава веќе на маката, од радост што се родил човек на светот“. Потоа ги охрабрил со зборовите: „Така и вие сега сте натажени, но повторно ќе ве видам, и вашите срца ќе се радуваат, и никој нема да ви ја одземе радоста“ (Јован 16:21, 22).

      Сѐ дотогаш, апостолите не му упатувале молби на Бог во името на Исус. Но, во оваа прилика Исус им рекол: „Во тој ден ќе молите во мое име“. Зошто било потребно да се молат во името на Исус? Сигурно не поради тоа што Бог немало да сака да им одговори на молитвите. Исус им кажал: „Самиот Татко ве сака бидејќи вие ме сакавте мене... како застапник на Таткото“ (Јован 16:26, 27).

      Веројатно поттикнати од овие зборови, апостолите му рекле: „Затоа веруваме дека си излегол откај Бог“. Но, наскоро нивната вера ќе била ставена на испит. Исус им кажал што ќе се случело за кратко време: „Еве, доаѓа часот, и веќе дошол, кога ќе се распрснете, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам“. Потоа ги уверил: „Ова ви го реков за да имате мир преку мене. Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот“ (Јован 16:30-33). Исус во никој случај немало да ги напушти своите ученици. Тој бил уверен дека и тие ќе го победат светот. Како? На истиот начин како што го победил и тој — така што верно ќе ја извршуваат Божјата волја и покрај противењето на Сатана и неговиот свет.

      • Кое предупредување ги вознемирило апостолите?

      • Зошто апостолите не го прашале Исус ништо повеќе?

      • Со кој пример Исус покажал дека тагата на апостолите ќе се претворела во радост?

  • Последната молитва на Исус во горната соба
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус се моли пред своите апостоли гледајќи кон небото

      ПОГЛАВЈЕ 122

      Последната молитва на Исус во горната соба

      ЈОВАН 17:1-26

      • БЛАГОСЛОВИТЕ ЗА ОНИЕ ШТО ЌЕ ГИ ЗАПОЗНААТ БОГ И НЕГОВИОТ СИН

      • ЕДИНСТВОТО МЕЃУ ЈЕХОВА, ИСУС И УЧЕНИЦИТЕ

      На Исус му останувало уште кратко време да биде со своите апостоли. Полн со грижа и љубов кон нив тој правел сѐ што можел за да ги подготви за своето неизбежно заминување. Исус ги подигнал очите кон небото и почнал да му се моли на својот Татко: „Прослави го својот син, за да те прослави синот тебе, па со власта што му ја даде над сите луѓе да им даде вечен живот на сите што му ги даде“ (Јован 17:1, 2).

      Исус знаел дека најважното нешто било да се прослави Бог. Сепак, колку утешно било за апостолите кога слушнале дека имаат можност да живеат вечно! Бидејќи Исус добил ‚власт над сите луѓе‘, благословите од неговата откупна жртва можело да ги добие целото човештво. Но, немало сите да бидат благословени. Зошто? Затоа што Исус ќе ја употребел откупнината само во корист на оние што ќе постапеле во склад со зборовите што ги кажал потоа: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

      Секој што сака да добие вечен живот, мора добро да ги запознае Таткото и Синот и да изгради блиско пријателство со нив. Мора да ги усвои нивните гледишта и нивниот начин на размислување. Освен тоа, во своето однесување мора да се труди да ги покажува особините што ги имаат тие. А треба и да согледа дека поважно е да се прослави Бог отколку да се добие вечен живот. Во врска со тоа, Исус продолжил:

      „Јас те прославив тебе на земјата, довршувајќи го делото што ми го даде да го извршам. А сега ти, Татко, прослави ме мене кај себе со славата што ја имав кај тебе пред да настане светот“ (Јован 17:4, 5). Исус го молел Јехова повторно да му ја подари славата што претходно ја имал на небото така што ќе го воскресне.

      Сепак, Исус добро знаел што постигнал со својата служба на Земјата. Понатаму во молитвата рекол: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот. Твои беа, а ти ми ги даде мене, и тие ја држеа твојата реч“ (Јован 17:6). Во текот на својата служба, Исус го користел Божјето име, Јехова, но направил и повеќе од тоа. На своите апостоли им помогнал да го сфатат значењето на тоа име — да сфатат дека тоа име ги покажува особините на Бог и начинот на кој тој постапува со луѓето.

      Апостолите разбрале кој е Јехова, која била улогата на Исус и на што сакал да ги поучи. Исус понизно рекол: „Зборовите што ми ги даде мене, јас им ги дадов ним, и тие ги примија и навистина спознаа дека излегов како твој застапник, па поверуваа дека ти ме испрати“ (Јован 17:8).

      Потоа ја истакнал разликата помеѓу своите следбеници и другите луѓе. Рекол: „Не молам за светот, туку за оние што ми ги даде, бидејќи се твои... Свети Татко, чувај ги заради своето име, кое ми го даде, за да бидат едно, исто како нас... И ги зачував, и ниту еден од нив не пропадна, освен синот на пропаста“, односно Јуда Искариот кој веќе почнал да го спроведува својот план да го предаде Исус (Јован 17:9-12).

      „Светот ги замрази“, продолжил да се моли Исус. „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги зачуваш од Злобниот. Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14-16). Иако апостолите и другите ученици живееле во светот — човечкото општество со кое управува Сатана — сепак морало да останат одвоени од него и од неговата злоба. Како ќе успееле во тоа?

      Тие морало да останат свети, издвоени за служба на Бог, така што ќе живееле според вистините што се наоѓале во Хебрејските списи и вистините за кои ги поучил самиот Исус. Затоа Исус рекол: „Посвети ги со вистината! Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Подоцна, под водство на светиот дух, и некои од апостолите напишале книги кои денес се дел од „вистината“ која може да посвети некого.

      Но, со текот на времето ќе имало и други што ќе ја прифателе „вистината“. Исус се молел ‚не само за [единаесетте апостоли] туку и за оние што ќе поверувале во него преку нивната реч‘. Што побарал Исус за сите нив? „Да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе, и тие да бидат во единство со нас“ (Јован 17:20, 21). Исус и Таткото не биле дословно една личност. Тие биле едно во таа смисла што во сѐ биле единствени и сложни. Исус се молел и неговите следбеници да бидат обединети на истиот начин.

      Кратко пред тоа, Исус им рекол на Петар и на другите апостоли дека ќе оди да им приготви место, мислејќи на место на небото (Јован 14:2, 3). Затоа, од својот Татко побарал: „Татко, сакам и оние што ми ги даде да бидат со мене, таму каде што сум јас, за да ја гледаат мојата слава што ми ја даде ти, зашто ме сакаше пред создавањето на светот“ (Јован 17:24). Со тие зборови потврдил дека уште од многу одамна, пред Адам и Ева да добијат потомци, Бог го сакал својот единороден Син, кој станал Исус Христос.

      На крајот од својата молитва, Исус повторно го спомнал името на својот Татко, како и љубовта на Бог кон апостолите и кон другите што допрва ќе ја прифателе „вистината“: „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:26).

      • Што значи да се запознаат Бог и неговиот Син?

      • На кој начин Исус го објавил Божјето име?

      • Зошто може да се рече дека Бог, неговиот Син и сите негови вистински слуги се „едно“?

  • Исус се молел исполнет со немир
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус се моли во градината Гетсиманија додека Петар, Јаков и Јован спијат

      ПОГЛАВЈЕ 123

      Исус се молел исполнет со немир

      МАТЕЈ 26:30, 36-46; МАРКО 14:26, 32-42; ЛУКА 22:39-46; ЈОВАН 18:1

      • ИСУС ВО ГРАДИНАТА ГЕТСИМАНИЈА

      • ПОТТА МУ СТАНАЛА КАКО КАПКИ КРВ

      Исус ја завршил молитвата со своите верни апостоли. Потоа, ‚откако испеале фалбени песни, излегле на Маслинската Гора‘ (Марко 14:26). Се упатиле на исток кон градината Гетсиманија, каде што Исус честопати одел.

      Откако стигнале на тоа убаво место полно со маслинови дрвја, Исус се оддалечил со тројца од апостолите. Останатите осуммина најверојатно останале некаде кај влезот на градината, бидејќи Исус им рекол: „Седнете овде додека јас да појдам онаму и да се помолам“. Заедно со Петар, Јаков и Јован, Исус влегол во градината. Таму го обзел голем жал, и на тројцата апостоли им рекол: „Душата ми е нажалена до смрт. Останете овде и бдејте со мене“ (Матеј 26:36-38).

      Потоа малку се оддалечил од нив, ‚паднал наземи и почнал да се моли‘. За што се молел во тој тежок момент? Исус рекол: „Татко, за тебе сѐ е можно! Тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде како што сакам јас, туку како што сакаш ти“ (Марко 14:35, 36). Зошто Исус го рекол тоа? Дали посакал да се откаже од својата улога на Откупител? Во никој случај.

      Додека бил на небото, Исус можел да види колку многу страдале оние што биле погубувани од Римјаните. Сега, кога и самиот бил човек, Исус можел да го почувствува сето она што го чувствуваат луѓето и сигурно не му било сеедно кога ќе помислел низ што сѐ требало да помине. Освен тоа, му било тешко затоа што знаел дека ќе умре како тежок злосторник и го мачела помислата дека со тоа би можел да го оцрни името на својот Татко. Знаел дека за само неколку часа ќе биде прикован на столб како богохулник.

      Откако долго се молел, Исус се вратил кај тројцата апостоли и ги нашол како спијат. Тогаш му рекол на Петар: „Зар не можевте да бдеете со мене ниту еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“. Сепак, свесен дека биле под голем притисок и дека веќе било прилично доцна, им рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Матеј 26:40, 41).

      Потоа отишол да се моли по вторпат и го замолил Бог да ја тргне од него ‚таа чаша‘. Кога се вратил кај тројцата апостоли, повторно ги затекнал како спијат, иако им рекол да се молат за да не паднат во искушение. Тогаш ‚не знаеле што да му одговорат‘ (Марко 14:40). Исус отишол да се моли и по третпат, клекнувајќи на колена.

      Бидејќи знаел дека ќе биде осуден како злосторник, Исус се плашел дека тоа би можело негативно да се одрази врз името на неговиот Татко. Јехова ги слушнал молитвите на својот Син и испратил ангел за да го зајакне. Сепак, Исус не престанал да бара помош од својот Татко, туку продолжил да се моли „уште посесрдно“. Бил под неверојатно силен притисок. Колку огромен товар носел! Од него зависел не само неговиот вечен живот туку и животот на целиот човечки род. Му било толку тешко што ‚потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘ (Лука 22:44).

      Кога Исус по третпат се вратил кај апостолите, видел дека повторно заспале. „Во ваков момент спиете и се одморате“, им рекол. „Еве, се приближи часот Синот човечки да биде издаден и предаден во рацете на грешници. Станете, да одиме! Еве, мојот предавник се приближи!“ (Матеј 26:45, 46).

      ПОТТА МУ СТАНАЛА КАКО КАПКИ КРВ

      Лекарот Лука не објаснил на кој начин потта на Исус ‚станала како капки крв‘ (Лука 22:44). Можно е Лука да се изразил сликовито, како потта да личела на капки крв што течат од рана. Но, постои и друго мислење. Д-р Вилијам Д. Едвардс во едно списание вели: „Иако е многу ретка појава, во состојба на голема психичка и емоционална напнатост потта може да стане крвава... Како последица на крвавењето што настанува во потните жлезди, кожата станува слаба и осетлива“ (The Journal of the American Medical Association).

      • Каде ги одвел Исус апостолите откако си заминале од горната соба?

      • Што правеле тројцата апостоли додека Исус се молел?

      • Зошто потта на Исус станала како капки крв?

  • Христос бил предаден и уапсен
    Исус — патот, вистината и животот
    • Исус го прекорува Петар кој со меч му го отсекол увото на Малх; војниците се спремни да го уапсат Исус

      ПОГЛАВЈЕ 124

      Христос бил предаден и уапсен

      МАТЕЈ 26:47-56; МАРКО 14:43-52; ЛУКА 22:47-53; ЈОВАН 18:2-12

      • ЈУДА ГО ПРЕДАЛ ИСУС ВО ГРАДИНАТА

      • ПЕТАР МУ ГО ОТСЕКОЛ УВОТО НА ЕДЕН ЧОВЕК

      • ИСУС БИЛ УАПСЕН

      Веќе поминало полноќ кога Јуда, заедно со голем број главни свештеници и фарисеи, тргнал да го бара Исус. Тие му платиле триесет сребреници за да им го предаде. Заедно со нив тргнала и чета римски војници со својот илјаданачалник.

      Откако излегол од горната соба, Јуда очигледно отишол право кај главните свештеници (Јован 13:27). Тие веднаш ги собрале своите стражари и чета војници. Јуда можеби најпрво ги одвел во куќата каде што Исус и апостолите ја прославиле Пасхата. Кога видел дека веќе не биле таму, со толпата вооружени луѓе поминал низ долината Кедрон и се упатил кон градината. Решени по секоја цена да го најдат Исус, освен оружје луѓето носеле факли и светилки.

      Јуда добро знаел каде ќе го најде Исус. Во текот на последната седмица, тој и апостолите секој ден патувале од Витанија до Ерусалим и често навраќале во градината Гетсиманија. Но, во мракот меѓу маслиновите дрвја, војниците тешко дека би го препознале Исус, кого можеби никогаш не го виделе. За да им помогне во тоа, Јуда се договорил да им даде знак. Им рекол: „Кого ќе го бакнам, тој е! Фатете го и одведете го под стража!“ (Марко 14:44).

      Кога со мноштвото дошол во градината, Јуда го видел Исус заедно со апостолите и отишол право кај него. „Здраво, учителе“, му рекол Јуда и нежно го бакнал. „Пријателе, зошто си овде?“, го прашал Исус (Матеј 26:49, 50). Потоа самиот одговорил на своето прашање: „Јудо, зарем со бакнеж го предаваш Синот човечки?“ (Лука 22:48). Повеќе воопшто не вредело Исус да разговара со својот предавник.

      Откако го рекол тоа, Исус истапил пред насобраните луѓе, и под светлината на факлите и светилките тие можеле добро да го видат. „Кого барате?“, ги прашал. Тие му одговориле: „Исус Назареќанецот“. Тогаш Исус храбро им рекол: „Јас сум тој“ (Јован 18:4, 5). Не знаејќи што да очекуваат од него, тие се тргнале назад и паднале наземи.

      Исус не го искористил моментот за да им побегне во темнината, туку повторно ги прашал кого бараат. Кога тие по вторпат одговориле „Исус Назареќанецот“, тој смирено продолжил: „Ви реков дека јас сум тој. Затоа, ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ Дури и во тој пресуден момент, Исус не заборавил на она што го рекол претходно — дека нема да изгуби никого од оние што му ги дал Бог (Јован 6:39; 17:12). Тој ги сочувал своите верни апостоли и не изгубил ниту еден од нив, „освен синот на пропаста“, Јуда (Јован 18:7-9). Затоа, побарал од толпата да ги пушти неговите ученици.

      Кога војниците се исправиле и тргнале кон Исус, апостолите сфатиле што се случува. „Господару, да удриме ли со меч?“, прашале (Лука 22:49). Уште пред Исус да одговори, Петар извлекол еден од двата меча што ги понеле, замавнал и му го пресекол десното уво на Малх, еден од слугите на првосвештеникот.

      Исус го допрел увото на Малх и го излекувал. Потоа дал една важна поука, велејќи му на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“. Исус не се спротивставил бидејќи, како што објаснил: „Како тогаш ќе се исполни Писмото, во кое стои дека ова мора да се случи?“ (Матеј 26:52, 54). Освен тоа, додал: „Зар да не ја пијам чашата што ми ја даде Таткото?“ (Јован 18:11). Исус бил спремен потполно да се подложи на Божјата волја, па дури и да умре.

      Потоа Исус му се обратил на мноштвото: „Зарем со мечеви и со стапови сте излегле да ме фатите како да сум разбојник? Секој ден седев во храмот и поучував, и не ме фативте. Но сето ова се случи за да се исполни пророчкото Писмо“ (Матеј 26:55, 56).

      Тогаш еврејските стражари и војниците со својот илјаданачалник го фатиле Исус и го врзале. Кога го виделе тоа, апостолите побегнале. Меѓутоа „едно момче“, можеби ученикот Марко, останало меѓу мноштвото за да го следи Исус (Марко 14:51). Откако луѓето од мноштвото го препознале, се обиделе да го фатат. Тој успеал да им се оттргне и бегајќи ја оставил својата ленена облека зад себе.

      • Зошто Јуда отишол да го бара Исус во градината Гетсиманија?

      • Како Петар се обидел да го одбрани Исус, но што му рекол тој?

      • Како Исус покажал дека е спремен потполно да се подложи на Божјата волја?

      • Кој останал откако апостолите се разбегале, и што се случило со него?

  • Исус бил одведен кај Ана, а потоа кај Кајафа
    Исус — патот, вистината и животот
    • Кајафа си ја раскинува облеката; другите му удираат шлаканици на Исус, го удираат со тупаници и го исмеваат

      ПОГЛАВЈЕ 125

      Исус бил одведен кај Ана, а потоа кај Кајафа

      МАТЕЈ 26:57-68; МАРКО 14:53-65; ЛУКА 22:54, 63-65; ЈОВАН 18:13, 14, 19-24

      • ИСУС БИЛ ОДВЕДЕН КАЈ ПОРАНЕШНИОТ ПРВОСВЕШТЕНИК АНА

      • СУДСКИОТ СОВЕТ ИЗВРШИЛ НЕЗАКОНСКО СУДЕЊЕ

      Откако бил врзан како да е злосторник, Исус најпрво го одвеле кај Ана, кој бил првосвештеник кога малиот Исус ги воодушевил учителите во храмот (Лука 2:42, 47). Подоцна, како првосвештеници служеле некои од синовите на Ана, а сега, во 33 год. од н.е., таа должност ја извршувал неговиот зет Кајафа.

      Додека Исус бил во домот на Ана, Кајафа имал време да го свика Судскиот совет. Тој суд се состоел од седумдесет и еден член, меѓу кои бил првосвештеникот, како и некои што претходно биле на таа позиција.

      Ана го испрашувал Исус „за неговите ученици и за неговото учење“. Исус едноставно одговорил: „Јас му зборував на светот јавно. Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Евреи. Ништо не зборував во тајност. Зошто ме прашуваш мене? Прашај ги оние што чуле што им зборував“ (Јован 18:19-21).

      По тие зборови, еден од стражарите, кој стоел во близина, го удрил Исус по лицето и му рекол: „Зарем така му одговараш на главниот свештеник?“ Исус знаел дека не направил ништо погрешно, па затоа му одговорил: „Ако кажав нешто погрешно, докажи дека е погрешно! Но ако кажав право, зошто ме удираш?“ (Јован 18:22, 23). Потоа Ана го испратил Исус кај својот зет Кајафа.

      Во меѓувреме, во домот на Кајафа се собрал целиот Судски совет — првосвештеникот, народните старешини и книжниците. Еврејскиот закон забранувал да се одржува судење ноќе за време на Пасхата, но тоа ни малку не ги одвратило од нивната злобна намера.

      Се разбира, тие луѓе воопшто не биле непристрасни. Уште кога Исус го воскреснал Лазар, Судскиот совет одлучил дека Исус мора да умре (Јован 11:47-53). А само неколку дена претходно, верските водачи се договарале како со измама да го фатат Исус и да го убијат (Матеј 26:3, 4). Значи, Исус бил осуден уште пред да почне да му се суди!

      Освен што спровеле незаконско судење, главните свештеници и другите членови на Судскиот совет пробале да најдат сведоци кои лажно ќе сведочат против Исус за да можат да го осудат. Тие нашле многу сведоци, но нивното сведоштво не се совпаѓало. На крајот, двајца од нив изјавиле: „Ние го чувме како вели: ‚Ќе го урнам овој храм, кој е направен со човечки раце, и за три дена ќе изградам друг, кој нема да биде направен со човечки раце‘“ (Марко 14:58). Но, дури и сведоштвото на тие двајца не се совпаѓало сосема.

      Кајафа го прашал Исус: „Зарем ништо не одговараш? Што велиш за обвиненијата што ги изнесуваат против тебе?“ (Марко 14:60). Исус молчел пред лажните обвиненија што ги изнеле сведоци чии изјави не се совпаѓаат. Затоа првосвештеникот Кајафа решил да употреби друга тактика.

      Кајафа знаел колку би се навредиле и вознемириле Евреите ако некој тврдел дека е Божји Син. Во две претходни прилики, кога Исус го нарекол Бог свој Татко, тие сакале да го убијат бидејќи сметале дека се ‚изедначува со Бог‘ (Јован 5:17, 18; 10:31-39). Знаејќи дека тоа е чувствителна тема за Евреите, Кајафа му рекол на Исус: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос, Синот Божји!“ (Матеј 26:63). Исус веќе имал кажано дека тој е Божји Син (Јован 3:18; 5:25; 11:4). Ако сега молчел, ќе излегло дека го одрекува она што го кажал претходно. Затоа рекол: „Да, јас сум. И ќе го видите Синот човечки како седи од десната страна на Силниот и доаѓа со облаците небесни“ (Марко 14:62).

      Тогаш Кајафа театрално си ја раскинал облеката и извикал: „Тој хули! Зар ни се потребни други сведоци? Еве, сега ја чувте хулата! Што мислите?“ Судскиот совет ја изнел својата неправедна одлука: „Заслужува смрт!“ (Матеј 26:65, 66).

      Потоа почнале да го исмеваат Исус и да го удираат со тупаници. Други му удирале шлаканици и го плукале в лице. Му ја покриле главата и подбивно му велеле: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“ (Лука 22:64). Така, Божјиот Син бил незаконски суден ноќе, на нечесен и понижувачки начин.

      • Каде бил одведен Исус најпрво, и што се случувало таму?

      • Каде бил одведен Исус по првото сослушување, и како Кајафа успеал да го наведе Судскиот совет да го осуди Исус на смрт?

      • Како бил малтретиран Исус во текот на судењето?

  • Петар се одрекол од Исус
    Исус — патот, вистината и животот
    • Петар се одрекува од Исус, а тој го погледнува од терасата; во позадина има петел

      ПОГЛАВЈЕ 126

      Петар се одрекол од Исус

      МАТЕЈ 26:69-75; МАРКО 14:66-72; ЛУКА 22:54-62; ЈОВАН 18:15-18, 25-27

      • ПЕТАР СЕ ОДРЕКОЛ ОД ИСУС

      Откако Исус бил уапсен во градината Гетсиманија, апостолите од страв побегнале. Но, двајца од нив се предомислиле. Тоа биле Петар „и еден друг ученик“, најверојатно апостолот Јован (Јован 18:15; 19:35; 21:24). Тие можеби го стигнале Исус додека толпата го водела кај Ана. Кога Ана го пратил Исус кај првосвештеникот Кајафа, Петар и Јован го следеле оддалеку. Од една страна се плашеле за својот живот, а од друга страна биле загрижени што ќе се случи со нивниот Господар.

      Кога стигнале до куќата на Кајафа, Јован успеал да влезе во дворот затоа што се познавал со првосвештеникот, а Петар останал пред портата. Но, наскоро Јован се вратил и разговарал со вратарката, која потоа го пуштила Петар да влезе.

      Бидејќи вечерта било ладно, оние што биле во дворот запалиле оган и стоеле околу него. Петар седел со слугите околу огнот и чекал „да види што ќе се случи“ (Матеј 26:58). На светлината од огнот, вратарката можела подобро да го види Петар. „Да не си и ти ученик на тој човек?“, го прашала (Јован 18:17). Тогаш и другите го препознале и го обвиниле дека бил со Исус (Матеј 26:69, 71-73; Марко 14:70).

      Тоа го преплашило Петар. Се обидел да не привлече внимание на себе така што се повлекол во предворјето. Сепак, одрекол дека го познава Исус, па дури и рекол: „Ниту го познавам, ниту разбирам што зборуваш!“ (Марко 14:67, 68). За уште повеќе да ги увери во тоа, почнал „да се колне и да се заколнува“, што значело дека толку цврсто стоел зад своите зборови што бил спремен да ги поднесе последиците ако лаже (Матеј 26:74).

      Во меѓувреме се одвивало судењето на Исус, најверојатно во една просторија на катот од куќата на Кајафа од каде се гледал дворот. Петар и другите што чекале долу можеле да видат како доаѓаат и си одат многу сведоци.

      Бидејќи Петар имал галилејско наречје, луѓето не му поверувале кога рекол дека не го познава Исус. Освен тоа, меѓу нив бил и еден роднина на Малх, кому Петар му го отсекол увото. Тој му рекол на Петар: „Зар не те видов тебе во градината со него?“ Кога Петар по третпат се одрекол од Исус, запеал петел, како што било проречено (Јован 13:38; 18:26, 27).

      Тогаш Исус, кој најверојатно бил на терасата и гледал кон дворот, се свртел кон Петар и го погледнал. Тој поглед сигурно го прободел срцето на Петар како меч. Веднаш се сетил на она што му го рекол Исус само неколку часа претходно во горната соба. Колку мора да му било тешко кога сфатил што направил! Скршен од тага, излегол надвор и горко заплакал (Лука 22:61, 62).

      Како можел Петар, кој бил толку сигурен во себе, да се одрече од својот Учител? Очигледно ситуацијата го затекнала неподготвен. Луѓето ги извртиле фактите, и Исус бил претставен како подол измамник. Наместо да застане во одбрана на еден невин човек, тој му свртел грб на Оној што ‚ги имал зборовите на вечниот живот‘ (Јован 6:68).

      Оваа тажна случка со Петар ни покажува дека дури и некој што има вера може да попушти кога ќе го снајдат ненадејни прогонства и искушенија доколку не е добро подготвен за тоа. Она што му се случило на Петар е предупредување за сите Божји слуги.

      • Како Петар и Јован успеале да влезат во дворот на куќата на Кајафа?

      • Што се случувало во куќата додека Петар и Јован чекале во дворот?

      • Што значело тоа што Петар ‚се колнел и се заколнувал‘?

      • Која важна поука можеме да ја извлечеме од она што му се случило на Петар?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели