-
Изведен пред Судскиот совет, а потоа пред ПилатИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 127
Изведен пред судскиот совет, а потоа пред Пилат
МАТЕЈ 27:1-11; МАРКО 15:1; ЛУКА 22:66 — 23:3; ЈОВАН 18:28-35
ИСУС БИЛ ИЗВЕДЕН ПРЕД СУДСКИОТ СОВЕТ РАНО НАУТРО
ЈУДА ИСКАРИОТ СЕ ОБИДЕЛ ДА СЕ ОБЕСИ
ИСУС БИЛ ПРАТЕН КАЈ ПИЛАТ ЗА ДА БИДЕ ОСУДЕН
Ноќта веќе изминувала кога Петар по третпат се одрекол од Исус. Откако членовите на Судскиот совет завршиле со судењето на кое Исус бил исмејуван и понижуван, тие се разотишле. Кога се разденило, повторно се собрале, веројатно за да го прикријат незаконското судење што го одржале ноќта.
Кога Исус бил изведен пред нив, повторно му заповедале: „Ако си Христос, кажи ни!“ Исус им одговорил: „И да ви кажам, нема да верувате. И ако ве прашам, нема да одговорите“. Сепак, храбро им кажал дека тој е оној за кого зборувало пророштвото запишано во Даниел 7:13. Рекол: „Отсега Синот човечки ќе седи откај моќната десница на Бог“ (Лука 22:67-69; Матеј 26:63).
Членовите на Судскиот совет упорно го прашувале: „Значи, ти ли си Синот Божји?“ Исус им одговорил: „Вие сами велите дека сум“. Тој одговор им бил доволен за да го потврдат нивното обвинение дека Исус е богохулник и да го осудат на смрт. „Што ќе ни е друго сведоштво?“, прашале (Лука 22:70, 71; Марко 14:64). Тогаш го врзале Исус и го одвеле кај римскиот управител Понтиј Пилат.
Јуда Искариот веројатно видел дека Исус го водат кај Пилат. Кога сфатил дека Исус бил осуден, почувствувал грижа на совеста и паднал во очај. Но, наместо да го моли Бог да му прости, тој отишол кај главните свештеници и старешините за да им ги врати парите, велејќи им: „Згрешив кога предадов праведна крв“. Но тие бездушно му одговориле: „Што нѐ засега нас? Тоа си е твоја работа!“ (Матеј 27:4).
Јуда ги фрлил триесетте сребреници во храмот и потоа на своите грешки додал уште една со тоа што се обидел да се самоубие. Додека се обидувал да се обеси, по сѐ изгледа гранката на која го врзал јажето се скршила, па паднал врз карпата одоздола и телото му се распукало (Дела 1:17, 18).
Сѐ уште било рано наутро кога Исус бил доведен во палатата на Понтиј Пилат. Евреите што го воделе не сакале да влезат внатре затоа што сметале дека во близина на не-Евреи ќе станат нечисти. Тогаш не би можеле да јадат од оброкот на 15 нисан, првиот ден од Празникот на бесквасните лебови, кој бил сметан за дел од празникот Пасха.
Пилат излегол пред нив и ги прашал: „Какво обвинение изнесувате против овој човек?“ Тие му одговориле: „Ако овој не е злосторник, немаше да ти го предадеме тебе“. Пилат можеби почувствувал дека сакаат да го стават под притисок, па затоа им рекол: „Земете го вие и судете му според вашиот закон“. Без да ја скријат својата намера да го убијат Исус, Евреите му одговориле: „Нам не ни е дозволено да погубиме никого“ (Јован 18:29-31).
Всушност, ако го убиеле Исус на Пасхата, народот веројатно ќе се побунел. Но, ако ги убеделе Римјаните да го убијат под изговор дека се бунтувал против римската власт, тогаш Евреите ќе биле ослободени од одговорноста пред својот народ.
Верските водачи не му кажале на Пилат дека го осудиле Исус за богохулство. Пред него изнеле сосема поинакви обвиненија: „Го најдовме овој како [1] го заведува нашиот народ, [2] забранува да му се плаќа данок на цезарот и [3] вели за себе дека е Христос, цар“ (Лука 23:2).
Како претставник на римската власт, Пилат со право го загрижило обвинението дека Исус се смета себеси за цар. Затоа повторно влегол во палатата, го викнал Исус и го прашал: „Дали си ти царот на Евреите?“ Со други зборови, сакал да знае дали Исус го прекршил законот со тоа што за себе тврдел дека е цар и така му го оспорувал авторитетот на цезарот. Веројатно за да дознае колку Пилат знае за него, Исус го прашал: „Го велиш ли тоа сам од себе или други ти кажале за мене?“ (Јован 18:33, 34).
Пилат признал дека не бил запознаен со фактите, но сакал да ги дознае. „Зарем јас сум Евреин?“, му рекол. „Твојот народ и главните свештеници те предадоа кај мене. Што си направил?“ (Јован 18:35).
Исус воопшто не се обидел да го избегне одговорот на клучното прашање што го интересирало Пилат — дали е цар или не. Неговиот одговор сигурно многу го изненадил управителот Пилат.
-
-
Ниту Пилат ниту Ирод не нашле вина кај ИсусИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 128
Ниту Пилат ниту Ирод не нашле вина кај Исус
МАТЕЈ 27:12-14, 18, 19; МАРКО 15:2-5; ЛУКА 23:4-16; ЈОВАН 18:36-38
ИСУС БИЛ ИСПРАШУВАН ОД ПИЛАТ И ОД ИРОД
Исус не се обидел да скрие од Пилат дека навистина е цар. Сепак, му објаснил дека неговото Царство не претставува никаква закана за Рим. „Моето царство не е дел од овој свет“, му рекол Исус. „Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Така Исус јасно кажал дека има свое Царство, но дека тоа не е од овој свет.
Сепак, Пилат не се задоволил со одговорот. Повторно прашал: „Значи, ти си цар?“ За да му покаже дека дошол до исправен заклучок, Исус му рекол: „Ти самиот велиш дека сум цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој што е на страната на вистината, го слуша мојот глас“ (Јован 18:37).
Во една претходна прилика, Исус му рекол на Тома: „Јас сум патот и вистината и животот“. А сега и Пилат слушнал со која цел дошол Исус на Земјата — да сведочи за „вистината“, особено за вистината за неговото Царство. За таа вистина Исус бил спремен да го даде и својот живот. Тогаш Пилат прашал: „Што е вистина?“, но не чекал да добие одговор. Сметал дека тоа што го чул било доволно за да донесе одлука (Јован 14:6; 18:38).
Потоа Пилат се вратил кај мноштвото што чекало пред палатата. Очигледно додека Исус стоел до него, на главните свештеници и на другите што биле со нив Пилат им рекол: „Јас не наоѓам никаква вина во него“. Незадоволни од таквата одлука, луѓето упорно повторувале: „Со своето учење тој го поттикнува народот на бунт по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па сѐ довде“ (Лука 23:4, 5).
Пилат мора многу да се изненадил кога видел колку неразумни и заслепени од омраза биле Евреите. Додека главните свештеници и старешините упорно викале, Пилат го прашал Исус: „Зарем не слушаш со колку работи сведочат против тебе?“ (Матеј 27:13). Но, Исус не одговорил ништо. Пилат бил зачуден што Исус останал смирен и покрај толку тешки обвиненија.
Евреите рекле дека учењето на Исус ‚почнало од Галилеја‘. Оттука, Пилат заклучил дека Исус е од Галилеја. Тогаш се сетил како би можел да ја избегне одговорноста тој да донесе конечна пресуда. Бидејќи за Пасхата во Ерусалим бил дојден владетелот на Галилеја, Ирод Антипа (синот на Ирод Велики), Пилат го пратил Исус кај него. Ирод Антипа бил тој што наредил да му се отсече главата на Јован Крстител. Кога подоцна чул за чудата на Исус, тој се исплашил дека Исус можеби е воскреснатиот Јован (Лука 9:7-9).
Ирод се израдувал што му се укажала можност да го види Исус, но не затоа што сакал да му помогне ниту, пак, затоа што сакал да види дали обвиненијата против него биле точни. Ирод едноставно бил љубопитен и се надевал „дека од него ќе види некакво чудо“ (Лука 23:8). Но, Исус не ја задоволил неговата љубопитност. Всушност, не одговорил на ниту едно негово прашање. Разочаран, Ирод заедно со своите војници ‚го понижил‘ Исус (Лука 23:11). Го облекле во сјајна облека и го исмевале. Потоа Ирод го испратил Исус назад кај Пилат. Иако Ирод и Пилат дотогаш биле во лоши односи, од тој ден станале пријатели.
Кога повторно го донеле Исус кај Пилат, тој ги повикал главните свештеници, народните поглавари и народот и им рекол: „Јас го испрашав пред вас, но не утврдив дека тој човек е виновен за она за кое го обвинувате. А не најде ни Ирод, бидејќи го испрати назад кај нас. Еве, тој не направил ништо со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“ (Лука 23:14-16).
Пилат сакал да го ослободи Исус бидејќи знаел дека свештениците му го предале од завист. А додека барал начин да го ослободи, се случило нешто што му дало додатен поттик да го стори тоа. Додека седел на судиската столица, добил порака од неговата жена: „Немај ништо со тој праведен човек, зашто денес многу страдав насон [кој очигледно бил од Бог] поради него“ (Матеј 27:19).
Дали Пилат имал сила да постапи исправно и да ослободи еден невин човек?
-
-
Пилат рекол: „Еве го човекот!“Исус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 129
Пилат рекол: „Еве го човекот!“
МАТЕЈ 27:15-17, 20-30; МАРКО 15:6-19; ЛУКА 23:18-25; ЈОВАН 18:39 — 19:5
ПИЛАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО ОСЛОБОДИ ИСУС
ЕВРЕИТЕ ПОБАРАЛЕ ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ВАРАВА
ИСУС БИЛ ИСМЕЈУВАН И ИЗМАЧУВАН
На мноштвото кое барало Исус да биде погубен, Пилат му рекол: „Јас... не утврдив дека тој човек е виновен за она за кое го обвинувате. А не најде ни Ирод“ (Лука 23:14, 15). За да го ослободи Исус, Пилат се послужил со уште една тактика. На мноштвото му рекол: „Кај вас е обичај на Пасхата да ви пуштам некого. Тогаш, сакате ли да ви го пуштам царот на Евреите?“ (Јован 18:39).
Пилат знаел дека во затворот имало еден човек по име Варава, кој бил крадец, бунтовник и убиец. Затоа прашал: „Кого сакате да ви го пуштам, Варава или Исус кого го нарекуваат Христос?“ Народот, изманипулиран од главните свештеници, побарал да биде пуштен Варава, а не Исус. Пилат повторно ги прашал: „Кој од овие двајца сакате да ви го пуштам?“ Мноштвото извикувало: „Варава!“ (Матеј 27:17, 21).
Запрепастен, Пилат прашал: „Тогаш што да правам со Исус кого го нарекуваат Христос?“ Народот одговорил: „Нека биде прикован на столб!“ (Матеј 27:22) Без трошка совест, тие луѓе ја барале смртта на невин човек. Затоа Пилат пробал да ги вразуми со зборовите: „Па, какво зло направил тој? Не најдов ништо кај него со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“ (Лука 23:22).
И покрај сите негови обиди, разбеснетата толпа уште посилно извикувала: „Нека биде прикован на столб!“ (Матеј 27:23) Верските водачи успеале да го доведат народот до толкаво лудило што упорно барал да се пролее крв. Но, не ја барале крвта на некој злосторник или убиец, туку крвта на еден невин човек кој пред само пет дена бил пречекан во Ерусалим како Цар. Не знаеме дали пред палатата на Пилат биле и учениците на Исус, но ако биле, молчеле и останале незабележани.
Пилат видел дека неговите обиди се безуспешни и дека метежот станува сѐ поголем. Затоа зел вода, ги измил рацете пред народот и рекол: „Јас сум невин за крвта на овој човек. Тоа си е ваша работа“. Но, ни тоа не ги натерало да се премислат. Рекле: „Неговата крв нека падне на нас и на нашите деца!“ (Матеј 27:24, 25)
Пилат одлучил да ја задоволи желбата на народот, наместо да го направи она што знаел дека е исправно. Затоа го исполнил нивното барање и го ослободил Варава, а Исус им го предал на војниците, кои го соблекле и го камшикувале.
По тоа сурово мачење, војниците го одвеле Исус во палатата на управителот. Таму околу него се собрала цела чета војници кои продолжиле да го измачуваат. Тие сплеле круна од трње и му ја ставиле на главата. Во десната рака му ставиле трска и му облекле црвена наметка каква што носеле царевите. Го исмејувале, велејќи му: „Здраво, царе на Евреите!“ (Матеј 27:28, 29) Освен тоа, го плукале и му удирале шлаканици. Потоа му ја зеле трската од раката и почнале со неа да го удираат по главата, поради што острите трња од „круната“ сѐ повеќе му се забивале во кожата.
Неверојатната смиреност и храброст што Исус ги покажал му оставиле голем впечаток на Пилат. Не сакајќи да сноси никаква вина, уште еднаш се обидел да го ослободи, велејќи: „Еве, ви го изведувам за да знаете дека не наоѓам никаква кривица во него“. Дали се надевал дека нивните срца ќе омекнат кога ќе ги видат раните на неговото тело? Додека Исус стоел пред тие бездушни луѓе, Пилат рекол: „Еве го човекот!“ (Јован 19:4, 5)
Иако бил изнемоштен од измачувањето, Исус покажал таква достоинственост и спокојство што Пилат не можел да остане рамнодушен. Во неговите зборови може да се почувствува почит и жал.
-
-
Исус бил предаден на свештениците за да го убијатИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 130
Исус бил предаден на свештениците за да го убијат
МАТЕЈ 27:31, 32; МАРКО 15:20, 21; ЛУКА 23:24-31; ЈОВАН 19:6-17
ПИЛАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО ОСЛОБОДИ ИСУС
ИСУС БИЛ ОСУДЕН И ИСПРАТЕН НА ПОГУБУВАЊЕ
Откако Исус бил измачуван и исмејуван, Пилат се обидел да го ослободи, надевајќи се дека главните свештеници и нивните соучесници ќе се сожалат на него. Но, тие не дозволиле ништо да ги премисли. Постојано викале: „Прикови го на столб! Прикови го на столб!“ Пилат одговорил: „Земете го вие и приковете го на столб, бидејќи јас во него не наоѓам никаква вина!“ (Јован 19:6).
Евреите не успеале да го убедат Пилат дека Исус е против римската власт. Затоа, решиле да се вратат на своето прво обвинение. Како и на судењето пред Судскиот совет, тие го обвиниле Исус дека хули на Бог. „Ние имаме закон“, рекле, „и според законот, тој треба да умре, бидејќи за себе тврдеше дека е Божји син“ (Јован 19:7).
Пилат се вратил во палатата за да најде некаков начин да го ослободи човекот кој претрпел сурово малтретирање и поради кого неговата жена страдала на сон (Матеј 27:19). Евреите изнеле сосема ново обвинение. Дали било можно тој затвореник навистина да е „Божји син“? Пилат знаел дека Исус бил од Галилеја (Лука 23:5-7). Сепак го прашал: „Од каде си ти?“ (Јован 19:9). Можеби се прашувал дали Исус постоел и претходно и дали навистина имал божествено потекло.
Исус веќе му кажал на Пилат дека е цар, но дека неговото Царство не е дел од овој свет. Бидејќи немало потреба и понатаму да објаснува околу тоа, Исус молчел. Гордоста на Пилат била повредена кога видел дека Исус не му одговара, па налутено му рекол: „Зар мене не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да те пуштам и имам власт да те приковам на столб?“ (Јован 19:10).
Исус му одговорил: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора. Затоа поголем грев има оној што ме предаде на тебе“ (Јован 19:11). Со тие зборови, Исус не мислел на никого посебно. Едноставно сакал да каже дека Кајафа, неговите помошници и Јуда Искариот носеле многу поголема одговорност од Пилат.
Восхитен од однесувањето и зборовите на Исус, но и од страв дека можеби навистина дошол од небото, Пилат повторно се обидел да го ослободи. Но, тогаш Евреите изнеле како обвинение нешто што сигурно го плашело Пилат. Тие му се заканиле со зборовите: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот! Секој што се прави цар, му се противи на цезарот“ (Јован 19:12).
Пилат уште еднаш го извел Исус пред народот и, откако седнал на судиската столица, рекол: „Еве го вашиот цар!“ Но, Евреите не попуштале. „Погуби го! Погуби го! Прикови го на столб!“, викале. Не знаејќи веќе што да направи, Пилат прашал: „Зар вашиот цар да го приковам на столб?“ Евреите ги мразеле Римјаните и нивната власт, но главните свештеници сепак на сиот глас тврделе: „Ние немаме друг цар, освен цезарот!“ (Јован 19:14, 15).
Исплашен за својата положба и углед, Пилат на крајот попуштил под силниот притисок на Евреите и им го предал Исус за да го убијат. Војниците му ја соблекле црвената наметка и му ја облекле неговата облека. Додека го воделе кон местото на погубување, Исус морал сам да го носи столбот на кој требало да биде прикован.
Било петок, 14 нисан, и се ближело пладне. Исус бил буден уште од четврток наутро и претрпел сурово малтретирање. Затоа, додека го носел тешкиот столб, неговата сила попуштила. Тогаш војниците натерале некој минувач, Симон од Киринија во Африка, да го носи столбот наместо Исус до местото на погубување. По Исус оделе многу луѓе кои од жал се удирале в гради и плачеле.
Во еден момент, Исус се свртел кон жените што тажеле и рекол: „Ќерки ерусалимски, не плачете за мене! Подобро е да плачете за себе и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат дни кога ќе речат: ‚Среќни се неротките, утробите што не раѓале и градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас!‘ — и на ридовите: ‚Покријте нѐ!‘ Зашто, ако го прават ова додека дрвото е зелено, што ли ќе се случи кога ќе биде суво?“ (Лука 23:28-31).
Исус зборувал за еврејскиот народ. Како едно дрво што почнало да се суши но сѐ уште не ја изгубило сета своја влажност, и тој народ сѐ уште бил донекаде жив затоа што меѓу нив биле Исус и мал број Евреи што верувале во него. Но, кога тоа се сменило, останал само духовно мртов народ, кој потсетувал на суво дрво. Плачот за кој зборувал Исус се слушнал кога римските војски го опустошиле Ерусалим и со тоа ја извршиле Божјата казна врз еврејскиот народ.
-
-
Цар кој бил неправедно измачуванИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 131
Цар кој бил неправедно измачуван
МАТЕЈ 27:33-44; МАРКО 15:22-32; ЛУКА 23:32-43; ЈОВАН 19:17-24
ИСУС БИЛ ПРИКОВАН НА МАЧЕНИЧКИ СТОЛБ
БИЛ ИСМЕЈУВАН ПОРАДИ НАТПИСОТ НАД НЕГОВАТА ГЛАВА
ИСУС ДАЛ НАДЕЖ ЗА ЖИВОТ ВО РАЈ НА ЗЕМЈАТА
Заедно со уште двајца злосторници, Исус бил одведен недалеку од градот, на местото каде што требало да биде погубен. Тоа место се викало Голгота, односно Место на черепите, и можело да се види „оддалеку“ (Марко 15:40).
Таму им ги соблекле облеките и им понудиле вино помешано со опојна смирна и жолчка, кое служело за ублажување на болките. Тоа вино веројатно го подготвиле жените од Ерусалим, а Римјаните не забранувале да им се дава на оние што требало да бидат погубени. Меѓутоа, кога го пробал, Исус не сакал да пие од него. Зошто? Очигледно сакал да биде потполно свесен во текот на најтешкиот испит на својата вера и да остане верен сѐ до смртта.
Војниците го приковале Исус на столбот (Марко 15:25). Во рацете и стапалата му забиле големи клинци. Исус чувствувал огромна болка додека клинците му продирале низ месото. А додека столбот полека се исправал нагоре и телото му натежнувало, раните на рацете се расцепувале, а болката станувала неподнослива. Но, Исус не им се заканувал на римските војници, туку се молел за нив: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават!“ (Лука 23:34).
Римјаните имале обичај на столбот да постават натпис на кој пишувало за што бил осуден оној што бил прикован. На столбот на кој висел Исус, Пилат го поставил натписот: „Исус Назареќанецот, царот на Евреите“. Бил напишан на хебрејски, латински и грчки јазик, така што сите можеле да го прочитаат. Со тоа покажал колкаво гадење чувствувал кон Евреите, кои го принудиле да го осуди Исус на смрт. Запрепастени од натписот, главните свештеници приговориле: „Не пишувај: ‚Цар на Евреите‘, туку дека тој рече: ‚Јас сум царот на Евреите‘“. Одбивајќи повторно да падне под нивно влијание, Пилат им рекол: „Што напишав, напишав!“ (Јован 19:19-22).
Гневните свештеници ги повториле лажните обвиненија против Исус што биле изнесени пред Судскиот совет. Затоа не е чудно што минувачите почнале подбивно да вртат со главите и да го навредуваат Исус, велејќи: „Ајде, ти што ќе го урнеше храмот и ќе го изградеше за три дена, спаси се себеси и слези од столбот!“ И главните свештеници и книжниците зборувале меѓусебе: „Сега Христос, царот на Израел, нека слезе од столбот, за да видиме, па да поверуваме!“ (Марко 15:29-32). Го исмејувале дури и разбојниците што биле приковани од неговата лева и десна страна иако, за разлика од нив, тој бил неправедно осуден.
Потоа со Исус почнале да се потсмеваат и војниците. Можеби пиеле од скиснатото вино, па подбивајќи се со него му понудиле и нему, веројатно така што го доближиле до неговите усни иако знаеле дека тој не можел да се навали за да се напие. „Ако си еврејски цар, спаси се самиот себеси!“, зајадливо му велеле поради натписот над неговата глава (Лука 23:36, 37). Замисли си! Човекот што бил патот, вистината и животот сега бил незаслужено измачуван и исмејуван. Сепак, храбро поднел сѐ, без да им приговори на Евреите што го гледале, на римските војници што се подигрувале со него, или на двајцата разбојници што виселе покрај него.
Четворицата војници ја зеле горната облека на Исус и ја разделиле на четири дела, а потоа фрлиле ждрепка за да си ја поделат меѓу себе. Но, долната облека била изработена на посебен начин, ‚немала шев, туку целата била исткаена во едно парче‘. Затоа војниците рекле: „Да не ја кинеме, туку со ждрепка да одлучиме чија ќе биде“. Со тоа ги исполниле пророчките зборови: „Моите алишта ги делат меѓу себе и фрлаат ждрепка за мојата облека“ (Јован 19:23, 24; Псалм 22:18).
По некое време, едниот од разбојниците сфатил дека Исус навистина бил цар. Затоа го прекорил другиот разбојник со зборовите: „Зарем не се боиш од Бог? И ти ја трпиш истата казна. Ние сме со право осудени, зашто го добиваме она што го заслуживме со своите дела, но овој не направил никакво зло“. Потоа го замолил Исус: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ (Лука 23:40-42).
Исус му одговорил: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене“, но не во Царството, туку „во Рајот“ (Лука 23:43). Ветувањето што Исус му го дал на разбојникот не било исто со ветувањето што им го дал на апостолите, на кои им рекол дека ќе седат на престоли заедно со него во Царството (Матеј 19:28; Лука 22:29, 30). Тој разбојник бил Евреин, и веројатно имал слушнато за рајот во кој Јехова имал намера да живеат Адам и Ева и нивните потомци. Иако требало да умре, можел да се надева дека еден ден ќе живее во рајот на Земјата.
-
-
„Овој човек навистина беше Божји Син!“Исус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 132
„Овој човек навистина беше Божји Син!“
МАТЕЈ 27:45-56; МАРКО 15:33-41; ЛУКА 23:44-49; ЈОВАН 19:25-30
ИСУС УМРЕЛ НА СТОЛБОТ
ДОДЕКА УМИРАЛ СЕ СЛУЧИЛЕ НЕОБИЧНИ РАБОТИ
Точно напладне, односно во „шестиот час“, по целата земја се спуштила необична темнина која траела „сѐ до деветтиот час“, односно до 15 часот (Марко 15:33). Бидејќи за време на Пасхата месечината секогаш била полна, темнината не била резултат на затемнување на Сонцето, појава до која доаѓа само при млада месечина. Освен тоа, оваа темнина не траела само неколку минути, како што е случај кога има затемнување на Сонцето. Без сомнение, таа темнина ја предизвикал Бог.
Замисли си како им било на оние што го исмејувале Исус кога одеднаш местото го обвила густа темнина. Додека траела темнината, четири жени дошле до маченичкиот столб — мајката на Исус, Салома, Марија Магдалена и Марија, мајката на апостолот Јаков Помалиот.
Апостол Јован бил покрај Марија, мајката на Исус, која преполна со тага стоела „кај Исусовиот столб“. Синот што со толку љубов го одгледала трпел ужасни маки. Се чувствувала како ‚меч да ѝ ја прободел душата‘ (Јован 19:25; Лука 2:35). Но, Исус не мислел на своето страдање, туку на потребите на својата мајка. Со последни сили погледнал кон Јован и на мајка си ѝ рекол: „Жено, еве ти син“. Потоа погледнал кон Марија и му рекол на Јован: „Еве ти мајка“ (Јован 19:26, 27).
Така, грижата за својата мајка, која тогаш очигледно била вдовица, Исус му ја доверил на апостолот кого посебно го сакал. Тоа го направил затоа што неговите полубраќа, останатите деца на Марија, сѐ уште не верувале во него. Со тоа што се погрижил не само за материјалните туку и за духовните потреби на својата мајка, Исус оставил убав пример за сите нас.
Темнината веќе почнала да се повлекува кога Исус рекол: „Жеден сум“. Со тие зборови исполнил едно пророштво од Библијата (Јован 19:28; Псалм 22:15). Исус чувствувал дека неговиот Татко, така да се каже, ја повлекол својата заштита за неговата верност да биде испитана до крај. Тогаш со силен глас извикал: „Ели, Ели, лама савахтани?“ Овие зборови, кои Исус можеби ги кажал на галилејски дијалект на арамејскиот јазик, значат: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ Некои од луѓето што стоеле во близина не го разбрале и рекле: „Гледај, го повикува Илија“. Еден од нив отрчал, натопил сунѓер во кисело вино, го ставил на трска и му дал да се напие. Но, други рекле: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го симне“ (Марко 15:34-36).
Тогаш Исус извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30). Тој ја довршил задачата поради која Таткото го испратил на Земјата. На крајот рекол: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“ (Лука 23:46). Со тоа сакал да каже дека својот живот му го доверува на Јехова, потполно уверен дека тој повторно ќе му го врати. Со цврста доверба во Бог, Христос ја наведнал главата и умрел.
Во тој момент се случил силен земјотрес, од кој се распукале карпите. Бил толку силен што дури и гробовите надвор од Ерусалим се отвориле и од нив ‚биле подигнати‘ многу тела. Минувачите што го виделе тоа влегле во „светиот град“ и раскажале што се случило (Матеј 27:51-53).
Освен тоа, во моментот кога Исус умрел, големата завеса што ја одвојувала Светињата од Светињата над светињите се расцепила надве, одозгора додолу. Со тоа необично чудо, Бог покажал колкав гнев чувствувал кон оние што го убиле неговиот Син. Тоа укажало и дека со смртта на Исус бил отворен пат до симболичната Светиња над светињите, односно самото небо (Евреите 9:2, 3; 10:19, 20).
Луѓето што го виделе сето тоа сигурно биле преплашени. Стотникот кој бил задолжен за погубувањето на Исус, рекол: „Овој човек навистина беше Божји Син!“ (Марко 15:39). Можеби и тој бил присутен на судењето пред Пилат кога Исус бил испитуван дали е Божји Син или не. Сега се уверил дека Исус бил праведен и дека навистина е Божји Син.
Други, пак, откако ги виделе необичните случувања, натажени и засрамени тргнале кон своите домови „удирајќи се в гради од тага“ (Лука 23:48). Помеѓу оние што набљудувале отстрана, имало и многу жени кои биле ученици на Исус и кои понекогаш оделе со него додека проповедал. И тие биле многу погодени од сето она што се случило.
-
-
Исус бил погребанИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 133
Исус бил погребан
МАТЕЈ 27:57 — 28:2; МАРКО 15:42 — 16:4; ЛУКА 23:50 — 24:3; ЈОВАН 19:31 — 20:1
ТЕЛОТО НА ИСУС БИЛО СИМНАТО ОД СТОЛБОТ
БИЛЕ НАПРАВЕНИ ПОДГОТОВКИ ЗА ПОГРЕБОТ
ЖЕНИТЕ ГО НАШЛЕ ГРОБОТ ПРАЗЕН
Било доцна попладне, петок, 14 нисан. Со заоѓањето на сонцето требало да започне 15 нисан. Исус веќе бил мртов, но двајцата разбојници до него сѐ уште биле живи. Според Божјиот закон, телата на погубените ‚не требало да останат на столбот преку ноќта‘, туку требало да бидат погребани „истиот ден“ (5. Мојсеева 21:22, 23).
Освен тоа, петокот бил наречен Подготовка затоа што луѓето тогаш подготвувале храна за саботата и ги завршувале сите работи што не можеле да ги одложат до недела. Саботата што требало да почне на зајдисонце не била вообичаен ден за одмор, туку била двоен, или таканаречен „голем“ ден за одмор (Јован 19:31). Така било затоа што тој ден, освен што било сабота, било и 15 нисан, првиот ден од седумдневниот Празник на бесквасните лебови кој секогаш бил ден за одмор, без разлика на кој ден ќе се паднел (3. Мојсеева 23:5, 6). Овојпат, првиот ден од празникот се поклопил со седмичната сабота, седмиот ден.
Затоа, Евреите побарале од Пилат да им ги скршат нозете на тројцата осуденици. Така ќе немале сила да ги подигаат телата за да можат да дишат и побрзо ќе умреле. На двајцата разбојници, кои сѐ уште биле живи, војниците им ги скршиле нозете. Но, бидејќи Исус веќе бил мртов, немало потреба и нему да му го направат тоа. Со тоа се исполниле пророчките зборови од Псалм 34:20, каде што стои: „Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив не е скршена“.
Сепак, за да бидат сигурни дека е мртов, еден од војниците го пробол со копје во пределот околу срцето, и ‚веднаш потекло крв и вода‘ (Јован 19:34). Со тоа се исполнило едно друго пророштво: „Ќе гледаат во оној кого го прободоа“ (Захарија 12:10).
На погубувањето бил и Јосиф од Ариматеја, „богат човек“ и угледен член на Судскиот совет (Матеј 27:57). Тој е опишан како „добар и праведен човек“, кој ‚го чекал Божјето царство‘. Јосиф, всушност, бил ‚Исусов ученик, но го криел тоа поради страв од Евреите‘. Исто така, тој не ја поддржал одлуката на судот (Лука 23:50; Марко 15:43; Јован 19:38). Откако Исус умрел, Јосиф собрал храброст и отишол кај Пилат за да го побара неговото тело. Пилат го повикал одговорниот стотник и, откако тој му потврдил дека Исус е мртов, му го предал телото на Јосиф.
Јосиф купил чисто, фино платно, и го симнал телото на Исус од столбот. Потоа го завиткал во платното за да може да биде погребан. Во подготовките околу погребот помогнал и Никодим, ‚кој првиот пат дошол кај [Исус] ноќе‘ (Јован 19:39). Тој донел околу триесет и три килограми скапоцена мешавина од смирна и алое. Според еврејскиот обичај за погреб, телото го завиткале со завои на кои имало од оваа мешавина.
Близу до местото каде што Исус бил погубен, Јосиф имал еден нов гроб издлабен во карпа. Во него го положиле телото на Исус. Потоа, на влезот од гробот дотркалале голем камен. Сето ова го направиле многу брзо, бидејќи морало да завршат пред да почне саботата. Затоа Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков Помалиот, кои веројатно помагале во подготовката на Исусовото тело, брзо се вратиле дома „за да приготват мирисливи масла и други мирисливи материи“. Со нив планирале да ја довршат подготовката на телото по саботата (Лука 23:56).
Следниот ден, во сабота, главните свештеници и фарисеите отишле кај Пилат и му рекле: „Се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ‚По три дена ќе воскреснам‘. Затоа заповедај гробот да биде обезбеден до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: ‚Стана од мртвите!‘ Така, таа последна измама ќе биде полоша од првата“. Тогаш Пилат им рекол: „Имате стража! Одете и обезбедете го како што знаете“ (Матеј 27:63-65).
Рано наутро во недела, Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков, како и некои други жени, дошле кај гробот на Исус носејќи ги мирисливите масла што ги подготвиле. По пат се прашувале: „Кој ќе ни го отркала каменот од влезот на гробот?“ (Марко 16:3). Во меѓувреме имало земјотрес. Освен тоа, еден Божји ангел го поместил каменот, стражарите ги немало, а гробот бил празен!
-