Може ли да се умре поради скршено срце?
ЗА ЖАЛ, ова се случува премногу често: наизглед здраво постаро лице на кое тукушто му починал брачниот другар, пропаѓа и умира за неколку денови или недели. Причина за смртта? „Скршено срце“, велат пријателите.
Ова би можело да биде нешто повеќе отколку само стилска фигура. Истражувачите веќе одамна знаат дека неотстранетиот стрес го поплавува срцето со хемикалии поради кои може да дојде до неправилно чукање на срцето, па дури и до грчеви. Но, сѐ уште останува тајна како точно започнува овој процес во мозокот.
Стефен М. Опенхајмер, невролог на Медицинскиот универзитет Џон Хопкинс во Балтимор (Мериленд, САД), смета дека го идентификувал оној дел од мозокот кој ги поврзува срцето и емоциите. Инсуларниот кортекс е еден мал дел од мозокот каде што вегетативниот нервен систем, кој ги контролира функциите како што се дишењето и чукањето на срцето, се сретнува со лимбичниот систем, кој управува со емоциите како што се лутината, стравот и радоста. Д-р Опенхајмер открил дека надразнувањето на инсуларниот кортекс кај стаорците имало за последица оштетување на срцевиот мускул, што е слично на оштетувањето кое е видливо кај луѓето со ненадејна кардијална фибрилација. Исто така, се покажало дека надразнувањето на инсуларниот кортекс кај луѓето предизвикува промени во брзината на чукање на срцето и во крвниот притисок. Овие откритија укажуваат на тоа дека навистина е можно да се умре поради скршено срце.
Некои велат дека скршеното срце било еден фактор при смртта на Исус Христос, за кого било проречено: „Самото осрамотување го скрши моето срце, а раната е неизлечива“ (Псалм 69:20, НС). Дали треба овие зборови да се сфатат дословно? Можеби да, бидејќи часовите кои ѝ претходеле на Христовата смрт биле измачувачки — не само во физички поглед туку и емоционално (Матеј 27:46; Лука 22:44; Евреите 5:7). Понатаму, скршеното срце може да објасни зошто истекло „крв и вода“ од раната што му била нанесена на Исус со копје веднаш по неговата смрт. При прснувањето на срцето или на некој поголем крвен сад би можело да дојде до испуштање крв или во градната празнина или во перикардот — мембрана што содржи течност и нежно го обвиткува срцето. И на двете места, со прободување би можело да се предизвика да истече нешто што изгледа како „крв и вода“ (Јован 19:34).
Се разбира, за Исусовата релативно брза смрт несомнено придонеле и други фактори, во кои спаѓа и начинот на неговото приковување, како и измачувањето кое го претрпел претходно. Колку само сме благодарни што и под вакви напнати околности Исус ја одржал својата лојалност! Како резултат на тоа, него високо го воздигнал неговиот Татко, Јехова (Филипјаните 2:8-11). Освен тоа, тој ни овозможил да живееме вечно на една рајска Земја (Јован 17:3; Откровение 21:3, 4).