-
Авраам и Сара го послушале БогПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 8
Авраам и Сара го послушале Бог
Недалеку од Вавел се наоѓал градот Ур. Таму луѓето не му служеле на Јехова, туку на многу други богови. Но, во Ур живеел и еден човек кој му служел само на Јехова. Тој се викал Авраам.
Јехова му рекол на Авраам: „Напушти го твојот дом и твоите роднини, и оди во земјата што ќе ти ја покажам“. Потоа Бог му ветил: „Од тебе ќе стане голем народ, и преку тебе ќе им направам добро на многу луѓе од целата Земја“.
Авраам не знаел каде треба да оди, но имал доверба во Јехова. Така Авраам, жена му Сара, татко му Тара и внук му Лот ги зеле своите работи и послушно тргнале на едно долго патување.
Авраам имал 75 години кога со своето семејство пристигнал во земјата што Јехова сакал да му ја покаже. Таа земја се викала Ханаан. Таму Бог му го дал на Авраам следново ветување: „Целата оваа земја што ја гледаш ќе им ја дадам на твоите деца“. Но, Авраам и Сара биле стари и немале деца. Како Јехова ќе го исполнел ова ветување?
„Со вера Авраам... послуша и отиде во крај кој требаше да го добие како наследство. Отиде не знаејќи каде оди“ (Евреите 11:8)
-
-
Најпосле добиле син!Поуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 9
Најпосле добиле син!
Авраам и Сара биле во брак долги години. Откако го напуштиле својот убав дом во градот Ур, живееле во шатори. Но, Сара не се жалела поради тоа бидејќи знаела дека она што Јехова го бара е за нивно добро.
Сара толку многу сакала да има дете што му рекла на Авраам: „Ако мојата слугинка Агара роди дете, ќе биде како мое“. По некое време, Агара родила син. Му го дале името Исмаел.
Со години подоцна, кога Авраам имал 99 а Сара 89 години, ги посетиле тројца мажи. Авраам ги поканил да дојдат под едно дрво за да се одморат и да им даде да јадат. Знаеш ли кои биле тие? Тие биле ангели! Овие ангели му рекле на Авраам: „Следната година во ова време, ти и твојата жена ќе имате син“. Сара била во шаторот и го слушала овој разговор. Таа се насмеала во себе и си рекла: „Како можам јас да имам дете кога сум толку стара?“
Следната година, Сара навистина родила син, токму како што рекол Јеховиниот ангел. Авраам му го дал името Исак, што значи „смеа“.
Кога Исак имал околу пет години, Сара видела како Исмаел го исмејува. Бидејќи сакала да го заштити своето дете, му рекла на Авраам да ги истера Агара и Исмаел откај нив. Во почетокот, Авраам не сакал да го направи тоа. Но, Јехова му рекол: „Послушај ја Сара. Јас ќе се грижам за Исмаел. А моите ветувања ќе се исполнат преку Исак“.
„Со вера и Сара доби моќ да зачне потомок... зашто го сметаше за верен оној што ѝ даде ветување“ (Евреите 11:11)
-