-
Жената на ЛотПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 10
Жената на Лот
Лот живеел со својот чичко Авраам во земјата Ханаан. Со текот на времето, Авраам и Лот имале толку многу стока што немало доволно земја за сите. Затоа Авраам му рекол на Лот: „Повеќе не можеме да живееме заедно на исто место. Еве, ти прв одбери каде сакаш да живееш, а јас ќе одам на другата страна“. Ова што го направил Авраам било многу несебично, нели?
Лот видел дека земјата во близина на градот Содом е многу убава. Таму имало многу вода, а имало и многу пасишта. Затоа го избрал тоа место и се преселил таму со семејството.
Луѓето од Содом и од блискиот град Гомор биле многу лоши. Замисли, биле толку лоши што Јехова решил да ги уништи тие два града. Но, Бог сакал да ги спаси Лот и неговото семејство. Затоа, кај нив испратил двајца ангели, кои им рекле: „Брзо, бегајте од овој град! Јехова ќе го уништи!“
Лот не заминал веднаш, туку почнал да одолговлекува. Затоа ангелите ги зеле за рака Лот, жена му и нивните две ќерки, и брзо ги изнеле надвор од градот. Тогаш им рекле: „Трчајте! Бегајте за да се спасите. И немојте да се вртите назад. Ако се свртите, ќе умрете!“
Кога стигнале во градот Сигор, Јехова пуштил оган и сулфур од небото врз Содом и Гомор. Овие два града биле целосно уништени. А жената на Лот, бидејќи била непослушна и се свртила назад, се претворила во столб од сол. Но, Лот и неговите ќерки преживеале затоа што му биле послушни на Јехова. Сигурно им било многу жал што мајката не послушала. Навистина е многу важно секогаш да ги слушаме упатствата што ги дава Јехова.
„Сетете се на Лотовата жена“ (Лука 17:32)
-
-
Испит на вератаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 11
Испит на верата
Авраам го поучил својот син Исак да го сака Јехова и да има доверба во сите негови ветувања. Но, кога Исак имал околу 25 години, Јехова му дал една многу тешка задача на Авраам. Што требало да направи?
Бог му рекол на Авраам: „Те молам, земи го својот единствен син и принеси го како жртва на еден од ридовите во земјата Морија“. Авраам не знаел зошто Јехова бара такво нешто од него. Сепак, му бил послушен.
Следното утро, Авраам тргнал со Исак и со двајца свои слуги кон Морија. По три дена одење, во далечината се појавиле ридовите. Авраам им рекол на своите слуги да чекаат таму додека тој и Исак одат да принесат жртва. Авраам му дал на Исак да ги носи дрвата за огнот, а тој го зел ножот. Исак го прашал татка си: „А каде е овцата што треба да ја жртвуваме?“ Авраам му одговорил: „Јехова ќе се погрижи за тоа, сине“.
Кога стигнале на ридот, направиле жртвеник. Тогаш Авраам му ги врзал рацете и нозете на Исак и го ставил на жртвеникот.
Кога Авраам го зел ножот, од небото се слушнал глас на Јеховин ангел, кој рекол: „Авраам! Не му прави ништо лошо на момчето. Сега знам дека имаш вера во Бог бидејќи беше спремен да го жртвуваш својот син“. Тогаш Авраам видел еден овен кој бил заплеткан со роговите во една грмушка. Веднаш го одврзал Исак и наместо него го жртвувал овенот.
Тој ден, Јехова го нарекол Авраам свој пријател. Знаеш ли зошто? Затоа што Авраам бил спремен да направи сѐ што ќе побара Јехова од него, дури и кога не разбирал зошто.
Јехова му го повторил своето ветување на Авраам: „Ќе те благословам и ќе го намножам твоето потомство, односно твоите деца“. Исто така, Јехова му ветил на Авраам дека преку неговото потомство ќе ги благослови сите добри луѓе.
„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16)
-