-
Роб кој му бил послушен на БогПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 14
Роб кој му бил послушен на Бог
Јосиф бил еден од помалите синови на Јаков. Неговите постари браќа виделе дека татко им најмногу го сака него. Што мислиш, како се чувствувале поради тоа? Тие му биле љубоморни на Јосиф и го замразиле. Кога Јосиф сонил некои необични сонови, им ги раскажал на своите браќа. Овие сонови значеле дека еден ден тие ќе му се поклонат. Затоа го замразиле уште повеќе!
Еден ден, браќата на Јосиф ги чувале овците близу градот Сихем. Јаков го испратил Јосиф да види дали се добро. Кога го забележале Јосиф како доаѓа накај нив, тие рекле: „Ене го оној сонувачот. Ајде да го убиеме!“ Кога дошол, го фатиле и го фрлиле во една длабока јама. Но Јуда, еден од браќата, рекол: „Да не го убиваме. Подобро да го продадеме како роб“. Така го продале Јосиф за 20 сребреници на некои мадијамски трговци кои оделе за Египет.
Потоа, браќата на Јосиф ја натопиле неговата облека во крв од јаре, ја испратиле кај татко им и рекле: „Изгледа ова е облеката на син ти“. Така Јаков помислил дека некое диво животно го убило Јосиф. Бил скршен од болка. Никој не можел да го утеши.
Во Египет, Јосиф бил продаден како роб на еден човек кој бил на висока положба и се викал Петефри. Но, Јехова и понатаму бил со Јосиф. Петефри видел дека Јосиф добро си ја врши работата и дека може да му се верува. По кратко време, го поставил да управува со сиот негов имот.
Жената на Петефри забележала дека Јосиф е убав и силен. Секој ден го убедувала Јосиф да легне со неа. Што направил Јосиф? Тој упорно велел: „Не! Тоа е погрешно. Мојот господар има доверба во мене, а ти си му жена. Ако легнам со тебе, ќе му згрешам на Бог!“
Еден ден, жената на Петефри пробала со сила да го натера Јосиф да легне со неа. Го фатила за облеката, но тој избегал. Кога Петефри дошол дома, таа му рекла дека Јосиф ја нападнал. Но, тоа не било вистина. Петефри многу се налутил, и наредил да го стават Јосиф во затвор. Сепак, Јехова не го заборавил Јосиф.
„Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6)
-
-
Јехова не го заборавил ЈосифПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 15
Јехова не го заборавил Јосиф
Додека Јосиф бил во затвор, фараонот — царот на Египет — сонувал нешто што никој не можел да му објасни што значи. Еден негов слуга му кажал дека Јосиф може да му ги објасни неговите сонови. Фараонот веднаш наредил да му го доведат Јосиф.
Фараонот го прашал: „Можеш ли да ми објасниш што значат соновите?“ Јосиф одговорил: „Во следните седум години, во Египет ќе има многу храна. Но потоа, седум години ќе има голем глад. Одбери еден мудар човек кој ќе собере многу храна за луѓето да не умрат од глад“. Тогаш фараонот рекол: „Ти биди тој човек! Те поставувам за втор најмоќен човек во Египет“. Од каде знаел Јосиф што значат соновите на фараонот? Јехова му помогнал да ги разбере.
Следните седум години, Јосиф собирал храна. А потоа, по целата Земја настанал глад, токму како што рекол Јосиф. Од секаде доаѓале луѓе за да купат храна од Јосиф. Кога татко му, Јаков, слушнал дека во Египет има храна, испратил десет свои синови за да купат храна за нивното семејство.
Кога синовите на Јаков отишле кај Јосиф, тој веднаш ги препознал. Но, тие не го препознале него. Браќата му се поклониле, токму како што сонувал Јосиф кога бил помлад. Јосиф сакал да дознае дали неговите браќа сѐ уште се лоши. Затоа им рекол: „Вие сте шпиони. Сакате да откриете каде е незаштитена нашата земја“. Тие одговориле: „Не е така. Ние сме 12 браќа од Ханаан. Еден од нашите браќа умре, а најмалиот е со нашиот татко“. Тогаш Јосиф им рекол: „Донесете го најмалиот брат, па тогаш ќе ви верувам“. Така тие се вратиле дома кај татко им.
Кога семејството повторно останало без храна, Јаков пак ги пратил своите синови да одат во Египет. Овојпат тие го зеле и Венијамин, нивниот најмал брат. За да ги испита своите браќа, Јосиф наредил да ја стават неговата сребрена чаша во вреќата со жито на Венијамин, а потоа ги обвинил своите браќа дека ја украле. Кога слугите на Јосиф ја нашле чашата во вреќата на Венијамин, браќата не можеле да поверуваат. Тогаш почнале го молат Јосиф да ги казни нив наместо Венијамин.
Јосиф видел дека неговите браќа се смениле. Толку бил возбуден што не можел да се воздржи. Заплакал и им рекол: „Јас сум Јосиф, вашиот брат. Жив ли е уште татко ми?“ Неговите браќа многу се изненадиле. Затоа им рекол: „Немојте да се грижите поради она што ми го направивте. Бог ме доведе овде за да ве спаси. А сега брзо, одете и донесете го татко ми овде“.
Тие се вратиле дома, му ја кажале убавата вест на татко им и сите заедно отишле во Египет. После толку многу години, Јосиф и татко му повторно биле заедно.
„Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“ (Матеј 6:15)
-