-
Грмушката што горелаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 18
Грмушката што горела
Мојсеј живеел во Мадијам 40 години. Таму се оженил и имал деца. Еден ден, додека ги пасел овците во близина на планината Синај, видел нешто чудно. Една грмушка горела, но никако да изгори! Мојсеј се приближил за да види што се случува, но тогаш еден глас од грмушката му рекол: „Мојсеј! Не се приближувај. Собуј ги сандалите бидејќи стоиш на свето место“. Тоа биле зборови на Јехова, кои ги кажал еден ангел.
Мојсеј се исплашил и си го покрил лицето. Овој глас му рекол: „Видов колку се мачат Израелците во Египет. Затоа ќе ги ослободам од таму и ќе ги однесам во убава земја. Те поставувам тебе да го водиш мојот народ“. Што мислиш, дали Мојсеј се изненадил кога го слушнал тоа?
Мојсеј прашал: „Што да им кажам на луѓето кога ќе ме прашаат кој ме испратил?“ Бог му одговорил: „Кажи им дека те испратил Јехова — Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков“. Мојсеј рекол: „А што ако народот не ме слуша?“ Тогаш Јехова направил чудо за да докаже дека тој ќе му помага на Мојсеј. Тој му рекол на Мојсеј да го фрли стапот на земја. Во истиот момент, стапот се претворил во змија! Кога Мојсеј ја фатил змијата за опашката, таа повторно станала стап. Јехова рекол: „Кога народот ќе го види ова, ќе ти верува дека јас те испраќам“.
Мојсеј рекол: „Ама јас не зборувам добро“. Затоа Јехова му ветил: „Јас ќе ти кажам што да зборуваш, а со тебе ќе го пратам и брат ти Арон за да ти помага“. Бидејќи се уверил дека Јехова ќе биде со него, Мојсеј отишол во Египет заедно со жена му и неговите синови.
„Не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да зборувате“ (Матеј 10:19)
-
-
Првите три неволјиПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 19
Првите три неволји
Израелците биле робови и морале напорно да работат. Јехова ги испратил Мојсеј и Арон кај фараонот за да му кажат: „Пушти го мојот народ да оди во пустината за да ми принесе жртва“. Фараонот горделиво рекол: „Што ми е гајле што вели Јехова! Нема да ги пуштам Израелците“. Тогаш фараонот му дал уште потешка работа на народот. Дошло време Јехова да му одржи лекција на фараонот. Знаеш ли како го направил тоа? Му нанел на Египет десет неволји. Јехова му рекол на Мојсеј: „Фараонот не ме послуша. Утре, рано наутро, тој ќе биде кај реката Нил. Оди кај него и речи му дека целата вода од реката ќе се претвори во крв бидејќи не го пушти мојот народ“. Мојсеј послушно отишол кај фараонот. Пред очите на фараонот, Арон удрил по реката со својот стап, и целата вода се претворила во крв. Реката засмрдела, рибите во неа умреле и водата повеќе не била за пиење. Но, фараонот сепак не ги пуштил Израелците.
По седум дена, Јехова повторно го испратил Мојсеј кај фараонот да му рече: „Ако не го ослободиш мојот народ, во Египет ќе пуштам многу жаби“. Бидејќи фараонот не го ослободил народот, Арон го подигнал стапот, и насекаде почнале да скокаат жаби — во куќите на луѓето, во нивните кревети и во нивните садови. Било преполно со жаби! Фараонот му рекол на Мојсеј да го моли Јехова да ја запре оваа неволја и ветил дека ќе ги пушти Израелците да заминат. Така Јехова ја прекинал неволјата, а Египќаните почнале да ги собираат мртвите жаби на купови. Во земјата се раширила неподнослива смрдеа. И покрај тоа, фараонот не го пуштил народот.
Потоа Јехова му рекол на Мојсеј: „Арон нека удри со стапот по земјата, и правот ќе се претвори во комарци“. Одеднаш, насекаде се разлетале комарци. Некои од слугите му рекле на фараонот: „Неволјата е од Бог“. Но, фараонот и овојпат не сакал да ги пушти Израелците.
„Ќе им дозволам да ги запознаат... мојата рака и мојата моќ, па ќе знаат дека моето име е Јехова“ (Еремија 16:21)
-