-
Израелците не го исполниле ветувањетоПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 24
Израелците не го исполниле ветувањето
Јехова му кажал на Мојсеј: „Качи се кај мене на планината. Ќе ти ги напишам законите на камени плочи и ќе ти ги дадам“. Мојсеј се качил на планината, и останал таму 40 дена и 40 ноќи. Додека бил таму, Јехова ги напишал десетте заповеди на две камени плочи и му ги дал.
Бидејќи поминало некое време откако Мојсеј се качил на планината, Израелците помислиле дека тој нема да се врати. Затоа му рекле на Арон: „Ни треба некој што ќе нѐ води! Направи ни бог!“ Арон им одговорил: „Дајте ми го вашиот златен накит“. Тој го стопил златото и од него направил теле. Тогаш луѓето извикале: „Ова теле е нашиот бог кој нѐ ослободи од Египет!“ Почнале да му се поклонуваат на златното теле и одржале прослава во негова чест. Дали луѓето згрешиле? Да. Тие ветиле дека ќе му служат само на Јехова, но не го исполниле тоа ветување.
Јехова видел што се случило, па затоа му рекол на Мојсеј: „Оди долу кај луѓето. Ја прекршија заповедта што им ја дадов и му се поклонуваат на лажен бог“. Така Мојсеј се симнал од планината, а со себе ги носел двете камени плочи.
Кога Мојсеј се приближил до логорот, имало што да види! Луѓето играле и пееле и му се поклонувале на едно златно теле. Тој толку многу се налутил што ги фрлил камените плочи на земја и тие се скршиле на парчиња. Мојсеј не чекал ни миг — веднаш го уништил златното теле. Потоа го прашал Арон: „Како можеа да те убедат луѓето да направиш нешто толку лошо?“ Арон рекол: „Немој да ми се лутиш. Знаеш какви се луѓето. Тие сакаа бог, и јас им кажав да ми го донесат нивното злато, па така излезе ова теле!“ Арон направил голема грешка. По ова, Мојсеј повторно се качил на планината и од срце го молел Јехова да му прости на народот.
Јехова им простил на сите што сакале да му бидат послушни. Дали сфаќаш колку било важно Израелците да го следат водството на Мојсеј?
„Кога ќе му се заветуваш на Бог, не колебај се да го исполниш тоа, зашто безумниците никому не му се мили. Тоа што си го заветувал, исполни го“ (Проповедник 5:4)
-
-
Светиот шаторПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 25
Светиот шатор
Додека Мојсеј бил на планината Синај, Јехова му кажал да направи еден посебен шатор, кој бил наречен свет шатор. Таму Израелците можеле да му служат. Овој шатор требало да го носат со нив секогаш кога ќе се преселеле од едно место на друго.
Јехова рекол: „Кажи им на луѓето да дадат колку што можат повеќе прилози за да се направи шаторот“. Тогаш Израелците почнале да носат злато, сребро, бакар, скапоцени камења и накит. А давале и волна, лен, животинска кожа и други работи. Толку биле дарежливи што Мојсеј им кажал: „Собравме доволно! Не носете ништо повеќе“.
Голем број вешти мажи и жени помогнале да се изработи светиот шатор. Јехова им дал мудрост и способност за добро да работат. Некои од нив пределе, ткаеле или везеле, а други местеле камења, обработувале злато или резбале дрво.
Израелците го направиле шаторот токму како што им кажал Јехова. Тие изработиле една убава завеса која го делела шаторот на два дела. Едниот дел се викал Светиња, а другиот Светиња над светињите. Во Светињата над светињите бил сместен ковчегот на сојузот, кој бил направен од дрвото акација и од злато. А во Светињата имало златен светилник, маса и жртвеник на кој се палело темјан. Во дворот имало бакарен мијалник, како и голем жртвеник. Ковчегот на сојузот ги потсетувал Израелците на нивното ветување дека ќе го слушаат Јехова. Знаеш ли што значи зборот сојуз? Тоа е еден вид свечено ветување.
Јехова ги избрал Арон и неговите синови за да бидат свештеници во светиот шатор. Тие требало да се грижат за него и таму да му принесуваат жртви на Јехова. Но, во Светињата над светињите смеел да влезе само првосвештеникот Арон. Тоа го правел еднаш годишно кога принесувал жртви за своите гревови, за гревовите на другите во неговото семејство, како и за гревовите на целиот израелски народ.
Светиот шатор бил завршен околу една година откако Израелците излегле од Египет. Сега тие имале место каде што можеле да му служат на Јехова.
Јехова покажал дека е задоволен од изработката на светиот шатор така што поставил еден облак над него. Сѐ додека тој облак стоел над шаторот, Израелците останувале на истото место. Но, штом облакот ќе се кренел, тоа им било знак дека треба да се селат. Тогаш го расклопувале светиот шатор, и го следеле облакот.
„Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ’Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив‘“ (Откровение 21:3)
-