-
Дванаесетте извидувачиПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 26
Дванаесетте извидувачи
Израелците си заминале откај планината Синај и, додека патувале низ пустината Фаран, стигнале до едно место наречено Кадис. Таму Јехова му рекол на Мојсеј: „Испрати 12 мажи, по еден маж од секое племе, да ја извидат земјата Ханаан. Таа земја ќе им ја дадам на Израелците“. Мојсеј избрал 12 мажи и им рекол: „Одете во Ханаан и видете дали земјата е плодна. Проверете дали таму луѓето се силни и дали живеат во шатори или, пак, во градови“. Тогаш 12-те извидувачи, меѓу кои биле Исус Навин и Халев, тргнале на пат кон Ханаан.
Извидувачите се вратиле по 40 дена и донеле смокви, калинки и грозје. Тие рекле: „Земјата е многу добра, ама луѓето се силни и живеат во градови со високи ѕидови“. Но, Халев рекол: „Ама можеме да ги победиме. Да не чекаме, ајде веднаш да тргнеме!“ Знаеш ли зошто Халев го кажал тоа? Затоа што тој и Исус Навин имале вера во Јехова. Сепак, останатите 10 извидувачи рекле: „Нема шанси! Луѓето таму се огромни, како џинови! Во споредба со нив ние сме како скакулци“.
Ова многу ги разочарало Израелците. Тие почнале да се жалат и да си велат еден на друг: „Ајде да си избереме друг водач и да се вратиме во Египет. Зошто да одиме во тоа место и да изгинеме?“ Исус Навин и Халев ги уверувале: „Не му грешете на Јехова и немојте да се плашите. Јехова ќе нѐ заштити“. Сепак, Израелците не сакале да ги послушаат. Замисли, дури сакале да ги убијат Исус Навин и Халев!
Што направил Јехова? Му кажал на Мојсеј: „Израелците не сакаат да ме слушаат иако направив толку многу за нив. Затоа, ќе останат во пустината 40 години, а таму и ќе умрат. Само нивните деца, како и Исус Навин и Халев, ќе живеат во земјата што ветив дека ќе им ја дадам“.
„Што сте се уплашиле? Зар сѐ уште немате вера?“ (Марко 4:40)
-
-
Некои се побуниле против ЈеховаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 27
Некои се побуниле против Јехова
По некое време, додека Израелците сѐ уште биле во пустината, Кореј, Датан, Авирон и 250 други се побуниле против Мојсеј и Арон. Тие рекле: „Преку глава ни е од вас! Мојсеј, зошто мора баш ти да ни бидеш водач, а Арон првосвештеник? Јехова е со секого од нас, а не само со тебе и со брат ти“. Ова многу го налутило Јехова. Тоа што народот се побунил против Мојсеј и Арон, за Јехова било како да се побуниле против него лично!
Мојсеј им кажал на Кореј и на другите што му се придружиле: „Утре дојдете кај светиот шатор и донесете си кадилници со темјан. Јехова ќе покаже кого избрал“.
Утредента, Кореј и 250-те луѓе отишле кај светиот шатор за да се сретнат со Мојсеј. Таму запалиле темјан, како што обично правеле свештениците. Јехова им кажал на Мојсеј и Арон: „Оддалечете се од Кореј и од луѓето што се со него“.
Кореј го послушал Мојсеј и отишол кај светиот шатор, но Датан и Авирон, како и нивните семејства, не сакале да го направат ниту тоа. Јехова им кажал на Израелците да се оддалечат од шаторите на Кореј, Датан и Авирон. Кога го чуле тоа, тие веднаш се тргнале оттаму. Датан и Авирон, заедно со своите семејства, стоеле пред своите шатори. Одеднаш земјата се расцепила и ги голтнала! На влезот на светиот шатор слегол оган од небото и ги изгорел Кореј и неговите 250 луѓе.
Откако се случило сето тоа, Јехова му рекол на Мојсеј: „Земи по еден стап од поглаварот на секое племе. На секој стап напиши го името на поглаварот, но на стапот од племето Леви напиши го името на Арон. Потоа, стави ги во светиот шатор. Стапот на оној што јас ќе го изберам ќе расцвета“.
Следниот ден, Мојсеј ги извадил сите стапови и им ги покажал на поглаварите. Стапот на Арон бил расцветан и на него имало зрели бадеми. На тој начин, Јехова потврдил дека го избрал Арон за првосвештеник.
„Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни“ (Евреите 13:17)
-