ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Давид и Голијат
    Поуки од Библијата
    • Со праќа, Давид фрла камен кон Голијат

      ПОГЛАВЈЕ 40

      Давид и Голијат

      Јехова му рекол на Самоил: „Оди во куќата на Јесеј. Еден од неговите синови ќе биде следен цар на Израел“. Така Самоил отишол кај Јесеј. Кога го видел неговиот најстар син, си помислил: „Јехова сигурно го избрал ова момче“. Но, Јехова му рекол дека не го избрал него. А потоа додал: „Јас гледам какви особини има еден човек, а не како изгледа“.

      Самоил го помазува Давид

      Јесеј донел пред Самоил уште шест свои синови. Но, Самоил му рекол: „Јехова не избра ниту еден од нив. Имаш ли други синови?“ Јесеј одговорил: „Имам уште еден — Давид, најмалиот. Тој ги пасе овците“. Кога дошол Давид, Јехова му рекол на Самоил: „Него го избрав!“ Самоил излеал масло врз главата на Давид, и со тоа го помазал за следен цар на Израел.

      Голијат

      По некое време, Израелците почнале војна со Филистејците. Од страната на Филистејците се борел еден огромен воин кој се викал Голијат. Тој секој ден ги исмевал Израелците. Голијат гласно извикувал: „Ајде, нека дојде некој да се бори со мене! Ако победи тој, ние ќе ви бидеме робови. Но ако победам јас, вие ќе ни бидете робови!“

      Еден ден, Давид дошол во воениот логор на Израелците за да им донесе храна на своите браќа кои биле војници. Кога слушнал што вели Голијат, Давид рекол: „Јас ќе се борам со него!“ Цар Саул му рекол: „Ама ти си уште дете“. Тогаш Давид одговорил: „Јехова ќе ми помогне“.

      Саул му ја дал својата воена опрема на Давид, но тој му рекол: „Не можам да се борам во ова“. Давид ја соблекол опремата, ја зел својата праќа — оружје со кое се фрлале камења — и отишол кај еден поток. Таму одбрал пет мазни камења и ги ставил во својата торба. Потоа Давид се стрчал кон џинот Голијат. Кога го видел, Голијат извикал: „Дојди дете, дојди кај мене! Со тебе ќе ги нахранам птиците и дивите животни!“ Дали Давид се уплашил? Не. Тој рекол: „Ти доаѓаш против мене со меч и со копје, но јас доаѓам против тебе во името на Јехова. Ти не се бориш против нас, туку против Бог. Сите што се овде ќе видат дека Јехова е помоќен од меч и од копје. Денес тој ќе ве предаде сите вас во наши раце“.

      Давид ставил еден камен во својата праќа, и почнал да ја врти со сета сила. Со помош од Јехова, каменот се забил точно во челото на Голијат. Џинот паднал мртов на земја. Кога го виделе тоа, Филистејците се разбегале на сите страни. Имаш ли и ти силна доверба во Јехова како Давид?

      „За луѓето тоа е невозможно, но не и за Бог. За Бог сѐ е возможно“ (Марко 10:27)

      Прашања: Кого избрал Јехова за следен цар на Израел? Како Давид го победил Голијат?

      1. Самоилова 16:1-13; 17:1-54

  • Давид и Саул
    Поуки од Библијата
    • Давид вика кон логорот на Саул

      ПОГЛАВЈЕ 41

      Давид и Саул

      Откако Давид го убил Голијат, цар Саул му дал задача да ја предводи војската. Давид извојувал многу победи, и станал познат меѓу народот. Секогаш кога ќе се врател од некоја битка, жените го пречекувале со играње и пеење. Тие пееле: „Саул погуби илјадници, а Давид десетици илјади!“ Затоа, Саул му станал љубоморен на Давид и сакал да го убие.

      Давид знаел да свири на харфа, и честопати му свирел на цар Саул. Еден ден, додека свирел, Саул го фрлил своето копје кон него. Давид брзо се тргнал и копјето се забило во ѕидот. Саул и во многу други прилики се обидел да го убие Давид. Затоа, Давид на крајот избегал оттаму и се криел во пустината.

      Додека Саул спие, Давид му го зема копјето

      Саул зел со себе војска од 3.000 луѓе и тргнал да го бара Давид. Без да знае, влегол токму во пештерата во која се криеле Давид и неговите луѓе. Овие луѓе му рекле на Давид: „Ова ти е шанса да го убиеш Саул“. Давид полека му се приближил на Саул и незабележливо отсекол парче од неговата наметка. Но, потоа на Давид му било криво што не покажал почит кон царот кој бил избран од Јехова. Тој не им дозволил на своите луѓе да го нападнат Саул. Кога Саул излегол од пештерата, Давид му довикнал дека можел да го убие но сепак не го направил тоа. Дали после ова Саул се откажал од својата намера да го убие Давид?

      Не. Тој не престанал да го бара Давид. Една ноќ, Давид и неговиот внук Ависај скришум влегле во логорот на Саул. Таму сите спиеле, дури и Авенир — главниот чувар на Саул. Ависај рекол: „Каква шанса ни е ова! Јас ќе го убијам!“ Но, Давид одговорил: „Јехова ќе се погрижи за Саул. Ние само да му ги земеме копјето и стомната за вода и да си одиме“.

      Откако Давид се искачил на планината од која се гледал логорот на Саул, извикал: „Авенир, зошто не го чуваше царот? Каде му се стомната и копјето?“ Саул го препознал гласот на Давид и му рекол: „Можеше да ме убиеш, но не го направи тоа. Знам дека после мене ти ќе бидеш цар на Израел“. Потоа, Саул се вратил во својата палата. Но, не го мразеле Давид сите од семејството на Саул.

      „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев“ (Римјаните 12:18, 19)

      Прашања: Зошто Саул сакал да го убие Давид? Зошто Давид не сакал да го убие Саул?

      1. Самоилова 16:14-23; 18:5-16; 19:9-12; 23:19-29; 24:1-15; 26:1-25

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели