-
Јонатан — храбар и верен пријателПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 42
Јонатан — храбар и верен пријател
Најстариот син на цар Саул се викал Јонатан и бил храбар воин. Давид рекол дека Јонатан бил побрз од орел и посилен од лав. Еден ден, Јонатан видел 20 Филистејци на еден рид. Тој му рекол на својот штитоносец: „Ќе ги нападнеме само ако Јехова ни даде знак. Ако Филистејците ни речат да се качиме кај нив, тогаш ќе ги нападнеме“. Филистејците им довикнале: „Дојдете да се бориме!“ Така Јонатан и штитоносецот се искачиле на ридот и ги победиле филистејските војници.
Бидејќи Јонатан бил најстариот син на Саул, тој требало да го наследи престолот и да биде следен цар. Но, Јонатан знаел дека за следен цар на Израел Јехова го избрал Давид. Сепак, не бил љубоморен. Напротив, Јонатан и Давид станале добри пријатели. Тие си ветиле дека ќе се бранат еден со друг. Во знак на пријателство, Јонатан му дал на Давид неколку свои работи — наметката, мечот, лакот и појасот.
Еднаш, додека Давид се криел од Саул, Јонатан отишол кај него и му рекол: „Биди храбар, не плаши се. Јехова те избра тебе за цар. Дури и татко ми го знае тоа“. Дали и ти би сакал да имаш толку добар пријател како Јонатан?
Јонатан неколку пати си го ризикувал животот за да му помогне на својот пријател. Тој знаел дека татко му сака да го убие Давид, па затоа му рекол: „Ќе направиш грев ако го убиеш Давид. Што ти згрешил?“ Кога го чул ова, Саул многу се налутил. Неколку години после тоа, Саул и Јонатан загинале во една битка.
Откако Јонатан умрел, Давид го побарал Мефивостеј, синот на Јонатан. Кога го донеле кај него, Давид му рекол: „Татко ти ми беше многу добар пријател. Затоа, ќе се грижам за тебе до крајот на твојот живот. Ќе живееш во мојата палата и секогаш ќе јадеш на мојата маса“. Давид никогаш не го заборавил својот пријател Јонатан.
„Сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас! Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13)
-
-
Гревот на цар ДавидПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 43
Гревот на цар Давид
Кога умрел Саул, Давид станал цар. Тогаш имал 30 години. Откако владеел некое време, Давид направил голема грешка. Една ноќ, излегол на покривот од својата палата и оттаму видел една убава жена. Давид дознал дека таа се вика Витсавеа и дека е омажена за еден војник по име Урија. Давид наредил да му ја доведат во палатата. Тој легнал со неа, и таа останала бремена. Давид се обидел да скрие што направил. Тој му рекол на својот воен заповедник во наредната битка да го постави Урија во првите борбени редови, и потоа сите да се повлечат назад и да го остават сам. Така Урија бил убиен во битката, а Давид ја зел Витсавеа за жена.
Но, Јехова видел колку лоши работи се случиле. Што направил во врска со тоа? Тој го испратил својот пророк Натан кај Давид. Кога Натан стигнал кај него, му рекол: „Еден богат човек си имаше многу овци, а еден сиромав човек имаше само една овчичка што многу ја сакаше. Но богатиот човек му ја зеде овчичката на сиромавиот“. Давид се налутил и рекол: „Тој богат човек заслужува да умре!“ Тогаш Натан му рекол на Давид: „Ти си тој човек!“ Ова многу го погодило Давид. Тој му признал на Натан: „Му згрешив на Јехова“. Поради овој грев, Давид и неговото семејство доживеале многу неволји. Јехова го казнил Давид, но го оставил жив бидејќи бил искрен и понизен.
Подоцна, Давид сакал да му изгради храм на Јехова. Но, Јехова рекол дека тоа нема да го направи тој, туку неговиот син Соломон. Давид почнал да прави подготовки за изградбата на храмот. Тој рекол: „Храмот на Јехова мора да биде величествен. Соломон е сѐ уште млад, но јас ќе му помогнам. Ќе подготвам сѐ што ќе му биде потребно“. Давид дал многу пари, нашол добри мајстори и собрал многу злато и сребро. Освен тоа, набавил кедрово дрво од Тир и Сидон. При крајот на својот живот, Давид му ги дал на Соломон плановите за изградба на храмот. Тој му кажал: „Јехова ми рече да ги напишам овие работи за да ти ги дадам тебе. Јехова ќе ти помага. Немој да се плашиш. Биди храбар и почни да градиш“.
„Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13)
-