-
Испитот на планината КармилПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 46
Испитот на планината Кармил
Со царството Израел, кое го сочинувале 10 племиња, владееле многу лоши цареви. Но, Ахав бил еден од најлошите. Тој се оженил со злобната Језавела, која му служела на лажниот бог Ваал. Ахав и Језавела го рашириле обожавањето на Ваал низ целата земја и убиле многу пророци на Јехова. Што направил Јехова? Тој го испратил пророкот Илија кај Ахав да му пренесе една порака.
Илија му рекол на цар Ахав дека во Израел нема да врне дожд поради неговата злоба. Повеќе од три години, на полињата не растело ништо и луѓето биле многу гладни. По некое време, Јехова пак го испратил Илија кај Ахав. Царот рекол: „Само ни правиш проблеми! Види што нѐ снајде поради тебе“. А Илија му рекол: „Сушата не е поради мене, туку поради тебе — бидејќи го обожаваш Ваал. Ама ајде да провериме кој е вистинскиот Бог. Собери ги народот и пророците на Ваал на врвот на планината Кармил“.
Кога луѓето се собрале, Илија им рекол: „Решете што ќе правите. Ако Јехова е вистинскиот Бог, служете му нему. А ако е Ваал, тогаш служете му нему. Но ајде да го испитаме тоа. Овие 450 пророци на Ваал нека ја подготват својата жртва и нека го повикаат својот бог, а и јас ќе подготвам жртва и ќе го повикам Јехова. Богот што ќе одговори со оган е вистинскиот Бог“. Луѓето се согласиле.
Пророците на Ваал ја спремиле својата жртва. Цел ден го викале својот бог: „Ваал! Ваал, слушни нѐ!“ Бидејќи Ваал никаде го немало, Илија почнал да ги исмејува. Тој им рекол: „Викајте погласно. Можеби заспал, па некој треба да го разбуди“. Пладнето поминало, а пророците на Ваал сѐ уште викале по него. Но, од нивниот бог немало ни трага ни глас.
Илија ја ставил својата жртва на еден жртвеник и ја полеал со вода. Тогаш се помолил: „Јехова, те молам покажи им на луѓето дека ти си вистинскиот Бог“. Во истиот момент, Јехова пуштил оган од небото и ја изгорел жртвата. Луѓето почнале да извикуваат: „Јехова е вистинскиот Бог!“ Илија рекол: „Фатете ги сите пророци на Ваал!“ Тој ден, сите 450 пророци на Ваал биле убиени.
На небото се појавил еден мал облак, и Илија му рекол на Ахав: „Ќе има бура. Качи се на твојата коњска кола и оди си дома“. Одеднаш, темни облаци го покриле целото небо, почнало да дува ветар и заврнало силен дожд. Конечно сушата престанала. Ахав јавал колку што можел побрзо. Но, со помош од Јехова, Илија трчал толку брзо што ја престигнал дури и колата на Ахав! Дали ова било крајот на маките на Илија? Да видиме.
„За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18)
-
-
Јехова го зајакнал ИлијаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 47
Јехова го зајакнал Илија
Кога дознала што се случило со пророците на Ваал, Језавела збеснала. Таа му порачала на Илија: „Утре и ти ќе бидеш мртов како пророците на Ваал!“ Ова многу го исплашило Илија и затоа побегнал во пустината. Тој се молел: „Јехова, не можам повеќе. Сакам да умрам“. Илија повеќе немал сила и заспал под едно дрво.
Еден ангел го разбудил со зборовите: „Стани и јади“. Тогаш Илија видел еден тркалезен леб на вжарени камења и стомна со вода. Тој јадел, пиел вода и пак заспал. Ангелот повторно го разбудил и му рекол: „Јади. Ќе ти треба сила за патот што те чека“. Затоа Илија јадел уште малку. Потоа патувал 40 дена и 40 ноќи сѐ додека не стигнал до планината Хорив. Таму Илија нашол една пештера и влегол во неа за да спие. Но, Јехова го прашал: „Што правиш овде, Илија?“ Илија му одговорил: „Израелците не го прават тоа што ти го ветија. Ги урнаа твоите жртвеници и ги убија твоите пророци. А сега сакаат и мене да ме убијат“.
Јехова му рекол: „Излези од пештерата“. Во тој момент почнало да дува многу силен ветар. Потоа имало земјотрес, па оган. На крајот, Илија слушнал еден пријатен и тивок глас. Тогаш си го покрил лицето со наметката и излегол од пештерата. Јехова го прашал зошто избегал, а Илија му одговорил: „Ги убија сите твои пророци, само јас останав жив“. Но, Јехова му рекол: „Не си само ти. Има уште 7.000 луѓе во Израел кои сѐ уште ми служат верно. Оди и постави го Елисеј за пророк наместо тебе“. Илија не одложувал, туку веднаш тргнал да го направи тоа што Јехова му го кажал. Што мислиш, дали Јехова и тебе ќе ти помага да го правиш она што е исправно? Секако. Ајде сега да видиме што друго се случило за време на сушата.
„Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6)
-