ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Северниот цар во времето на крајот
    Стражарска кула (за проучување) 2020 | Мај
    • СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

      Северниот цар во времето на крајот

      Во времето на крајот, царот на југот ќе се препира со [северниот цар] (ДАН. 11:40)

      ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

      КРАТОК ПРЕГЛЕДa

      1. Што ни откриваат библиските пророштва?

      ШТО го очекува Јеховиниот народ во блиска иднина? Не мора да нагаѓаме. Библиските пророштва се како прозорец низ кој можеме да видиме некои многу важни настани кои ќе влијаат врз сите нас. Едно од тие пророштва ни помага да сфатиме што ќе направат некои од најмоќните влади на Земјата. Тоа пророштво е запишано во Даниел, поглавје 11. Во него се опишани два сопернички цара, кои се наречени северен и јужен цар. Бидејќи поголемиот дел од тоа пророштво веќе е исполнет, може да бидеме сигурни дека ќе се исполни и преостанатиот дел.

      2. Како што се гледа од 1. Мојсеева 3:15 и Откровение 11:7 и 12:17, кои важни работи треба да ги имаме на ум кога го разгледуваме пророштвото на Даниел?

      2 За да го разбереме пророштвото запишано во Даниел, поглавје 11, мора да имаме на ум дека се однесува само на владетели или влади кои имале директно влијание врз Божјиот народ. Иако Божјите слуги се релативно малку во споредба со целокупното светско население, честопати се мета на тие влади. Зошто? Затоа што Сатана и целиот негов свет имаат една главна цел — да ги уништат оние што им служат на Јехова и на Исус. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15 и Откровение 11:7; 12:17.) Освен тоа, пророштвото на Даниел мора да биде во склад со другите пророштва од Божјата Реч. Всушност, можеме точно да го разбереме она што го претскажал само ако го споредиме со други стихови од Библијата.

      3. Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

      3 Сега ќе го разгледаме Даниел 11:25-39. Ќе видиме кои политички сили биле во улога на северен и јужен цар од 1870 до 1991 год., и зошто имаше потреба од промена на нашето разбирање на тој дел од пророштвото. Во следната статија ќе го разгледаме Даниел 11:40 — 12:1, и ќе појасниме што откриваат тие стихови за периодот од 1991 год. до војната Армагедон. Додека ги проучуваш овие две статии, ќе биде добро да ја разгледаш и табелата „Соперничките цареви во времето на крајот“. Но, најпрво да видиме што ни помага да дознаеме кој е во улога на северен или на јужен цар.

      КАКО ДОЗНАВАМЕ КОЈ Е ВО УЛОГА НА СЕВЕРЕН ИЛИ НА ЈУЖЕН ЦАР?

      4. Кои три работи ни помагаат да дознаеме кој е во улога на северен или на јужен цар?

      4 Во почетокот, називите северен и јужен цар се однесувале на политичките сили кои владееле со територии северно и јужно од Израел. Од каде знаеме? Забележи што му рекол ангелот на Даниел: „Дојдов за да разбереш што ќе му се случи на твојот народ“ (Дан. 10:14). До Педесетница 33 год. од н.е., Јехова ги сметал родените Израелци за свој народ. Но, оттогаш тој јасно ставил до знаење дека негов народ се верните ученици на Исус. Затоа, голем дел од пророштвото запишано во Даниел, поглавје 11, не се однесува на родените Израелци туку на Христовите следбеници (Дела 2:1-4; Рим. 9:6-8; Гал. 6:15, 16). Низ историјата, различни владетели или царства биле во улогата на северен или на јужен цар. Но, кога и двата цара биле присутни на светската сцена, некои работи им биле заеднички. Прво, овие цареви имале директно влијание врз Божјите слуги. Со други зборови, или владееле на територија каде што имало многу Божји слуги или го прогонувале Божјиот народ. Второ, со начинот на кој постапувале кон Божјиот народ, тие покажале дека го мразат вистинскиот Бог, Јехова. И трето, двата цара воделе меѓусебна борба за превласт.

      5. Дали имало северен и јужен цар од вториот век од н.е. до крајот на 19 век? Објасни.

      5 Некаде во вториот век од н.е., во вистинското христијанско собрание почнале да се вовлекуваат сѐ повеќе лажни христијани. Тие поучувале за пагански идеи и ги криеле вистините од Божјата Реч. Оттогаш па сѐ до крајот на 19 век, Бог немал своја организација на Земјата. Лажните христијани се намножиле како какол, и поради тоа било многу тешко да се препознаат вистинските христијани (Мат. 13:36-43). Зошто е важно да го знаеме ова? Бидејќи тоа покажува дека она што е запишано за северниот и за јужниот цар не може да се однесува на владетели или царства кои биле на власт од вториот век од н.е. до втората половина на 19 век. Во тој период немало организирана група на Божји слуги кои би биле мета на нивните напади.b Но, при крајот на 19 век, северниот и јужниот цар повторно се појавиле на светската сцена. Од каде го знаеме ова?

      6. Кога почнале Божјите слуги повторно да дејствуваат на организиран начин? Објасни.

      6 Од 1870 год. наваму, Божјите слуги пак почнале да дејствуваат на организиран начин. Токму во таа година, Чарлс Расел и неговите соработници основале група за проучување на Библијата. Брат Расел и неговите блиски соработници биле претскажаниот гласник кој го „расчистил патот“ пред да биде воспоставено месијанското Царство (Мал. 3:1). Повторно имало организирана група која му служела на Јехова на исправен начин! Дали во тоа време постоеле светски сили на Земјата кои ќе имаат директно влијание врз Божјите слуги? Да видиме.

      КОЈ Е ЈУЖНИОТ ЦАР?

      7. Кој бил во улогата на јужен цар речиси до крајот на Првата светска војна?

      7 До 1870 год., Британија станала најголема империја на Земјата и била најмоќна воена сила. Во едно пророштво на Даниел, таа била претставена со мал рог кој победил три други рога, односно Франција, Шпанија и Холандија (Дан. 7:7, 8). Речиси до крајот на Првата светска војна, Британија била во улогата на јужен цар. Во истиот тој период, Соединетите Американски Држави станале водечка економска сила и почнале тесно да соработуваат со Британија.

      8. Кој бил јужниот цар во текот на последните денови?

      8 Во текот на Првата светска војна, САД и Британија склучиле моќен воен сојуз. Тогаш од Британија и од Соединетите Држави — кои биле поранешна британска колонија — настанала англо-американската светска сила. Како што прорекол Даниел, овој „цар“ собрал „особено голема и моќна војска“ (Дан. 11:25). Во текот на последните денови, англо-американската светска сила е јужен цар.c Но, кој бил во улогата на северниот цар?

      Библиски пророштва за англо-американската светска сила

      Јужниот цар, односно англо-американската светска сила, е претставена на неколку начини во разни библиски пророштва. Таа е претставена со:

      • Стапалата од железо и глина

        стапалата од железо и глина (Дан. 2:41-43)

      • Главата на еден ѕвер со рогови. Меѓу неговите рогови се појавува еден мал рог кој има очи и уста.

        мал рог што израснал на главата на еден страшен ѕвер (Дан. 7:7, 8)

      • Ѕвер со десет рогови и седум глави.

        седмата глава на ѕверот (Отк. 13:1)

      • Ѕвер со два рога.

        ѕверот со два рога (Отк. 13:11-15)

      • Државни згради што ја претставуваат англо-американската светска сила.

        „лажниот пророк“ (Отк. 19:20)

      КОЈ Е СЕВЕРНИОТ ЦАР?

      9. Кога се појавил северниот цар, и како се исполнил Даниел 11:25?

      9 Во 1871 год., една година откако Расел и неговите соработници ја основале својата група за проучување на Библијата, повторно се појавил северниот цар. Таа година, Ото фон Бизмарк одиграл клучна улога во основањето на Германското Царство. Прускиот цар Вилхелм I станал првиот цар, и го поставил Бизмарк за прв канцелар.d Во следните неколку децении, Германија станала колонијална сила. Таа завладеала со некои земји во Африка и со некои острови во Тихиот Океан, обидувајќи се да стекне надмоќ во однос на Британија. (Прочитај Даниел 11:25.) Германското Царство имало огромна војска, како и морнарица која била втора по моќ во светот. Во Првата светска војна, Германија ја искористила таа воена сила во борбата против своите непријатели.

      10. Како се исполнил Даниел 11:25б, 26?

      10 Даниел исто така претскажал што ќе се случи со Германското Царство и со неговата воена сила. Според пророштвото, северниот цар „нема да опстане“. Зошто? „Бидејќи против него ќе направат сплетки. И оние што јадат на неговата маса ќе го доведат до пропаст“ (Дан. 11:25б, 26а). Во времето на Даниел, меѓу оние што се гоштавале на царската трпеза имало високи дворјани кои му служеле на царот (Дан. 1:5). На кого се однесува ова пророштво? На високите службеници во Германското Царство во кои спаѓале генералите и воените советници на царот. Тие на крајот придонеле за пропаста на монархијата.e Пророштвото не само што го претскажало падот на царството туку и исходот од војната со јужниот цар. Во врска со северниот цар се вели: „Неговата војска ќе биде однесена од поплава, и мнозина ќе паднат убиени“ (Дан. 11:26б). Во Првата светска војна, токму како што било проречено, германската војска била поразена и многумина биле убиени. До тој момент, тоа била најсмртоносната војна во човечката историја.

      11. Според Даниел 11:27-30, што направиле северниот и јужниот цар?

      11 Во врска со периодот пред да почне Првата светска војна, Даниел 11:27, 28 вели дека северниот и јужниот цар ќе седат „на една маса“ и „ќе зборуваат лага“. Исто така вели дека северниот цар ќе насобере „големо богатство“. Токму тоа и се случило. Иако Германија и Британија си кажувале дека сакаат мир, се покажало дека тоа се чисти лаги кога избувнала војната во 1914 год. Во децениите пред 1914 год., Германија толку се збогатила што станала втора економска сила во светот. А потоа, токму како што било проречено во Даниел 11:29 и првиот дел од стих 30, се борела со јужниот цар, но била поразена.

      ЦАРЕВИТЕ СЕ БОРАТ СО БОЖЈИОТ НАРОД

      12. Што направиле северниот и јужниот цар во Првата светска војна?

      12 Од 1914 год., двата цара се бореле сѐ пожестоко еден со друг, но и со Божјиот народ. На пример, во Првата светска војна, и германските и британските власти ги прогонувале Божјите слуги кои одбивале да носат оружје. Освен тоа, американската влада ги фрлила в затвор оние што предводеле во проповедничкото дело. Со ова прогонство се исполнило пророштвото запишано во Откровение 11:7-10.

      13. Што направил северниот цар во 1930-тите и во текот на Втората светска војна?

      13 Потоа, во 1930-тите и особено во Втората светска војна, северниот цар немилосрдно ги нападнал Божјите слуги. Кога нацистите ја презеле власта во Германија, Хитлер и неговите следбеници го забраниле делото што го извршувал Божјиот народ. Противниците убиле стотици Јеховини слуги и испратиле неколку илјади во концентрациони логори. Даниел ги прорекол тие настани. Освен тоа, северниот цар го осквернил светилиштето и ја укинал „секојдневната жртва“ така што го забранил проповедничкото дело и ги спречил Божјите слуги јавно да го фалат Јехова (Дан. 11:30б, 31а). Хитлер, водачот на нацистичката партија, дури се заколнал дека ќе го истреби Божјиот народ од Германија.

      СЕ ПОЈАВУВА НОВ СЕВЕРЕН ЦАР

      14. Кој станал северен цар откако завршила Втората светска војна? Објасни.

      14 По Втората светска војна, комунистичката влада на Советскиот сојуз завладеала со големи територии кои порано ѝ припаѓале на Германија, и ја презела улогата на северен цар. Слично на тоталитарниот нацистички режим, Советскиот Сојуз ги прогонувал сите оние на кои им било поважно да му служат на вистинскиот Бог отколку да ѝ бидат апсолутно послушни на државата.

      15. Што направил северниот цар по Втората светска војна?

      15 Кратко откако завршила Втората светска војна, новиот северен цар — Советскиот Сојуз и неговите сојузници — го нападнал Божјиот народ. Во склад со пророштвото од Откровение 12:15-17, овој цар го забранил нашето проповедничко дело и протерал неколку илјади Јеховини слуги во Сибир. Во книгата Откровение, ова прогонство е споредено со река. Всушност, во текот на последните денови, преку северниот цар, Сатана продолжил да ги прогонува Божјите слуги во неуспешен обид да му стави крај на нивното дело.f

      16. Како Советскиот Сојуз ги исполнил пророчките зборови запишани во Даниел 11:37-39?

      16 Прочитај Даниел 11:37-39. Во исполнување на ова пророштво, северниот цар не покажал никаков обѕир кон „Богот на своите татковци“. Во кој поглед? Советскиот Сојуз, кој имал за цел да ја уништи религијата, се обидел да им ја одземе сета моќ и власт на традиционалните верски институции. Меѓу другото, за да ја оствари таа цел, советската влада уште од 1918 год. издала одредба на темел на која можеле да се поучуваат атеистички идеи во училиштата. А на кој начин овој северен цар го славел „богот на тврдините“? За да ја зацврсти својата моќ, Советскиот Сојуз потрошил огромни суми пари на развојот на својата војска и на производството на нуклеарно оружје. На крајот, и северниот и јужниот цар насобрале доволно оружје со кое можат да се убијат милијарди луѓе!

      ДВАТА ЦАРА СОРАБОТУВААТ!

      17. Што е „гадотијата која пустоши“?

      17 Иако двата цара се постојано во судир, сепак северниот цар му дал поддршка на јужниот цар во една важна работа. Тие соработувале за да „ја постават гадотијата која пустоши“ (Дан. 11:31). Оваа „гадотија“ ги претставува Обединетите нации.

      18. Зошто Обединетите нации се наречени „гадотијата која пустоши“?

      18 Организацијата на Обединетите нации е наречена „гадотија“ бидејќи тврди дека може да донесе светски мир — нешто што може да го постигне само Божјето Царство. Освен тоа, пророштвото вели дека гадотијата „пустоши“. Во која смисла? Обединетите нации ќе одиграат клучна улога во уништувањето на сите лажни религии. (Види ја рамката „Соперничките цареви во времето на крајот“.)

      ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ ЗНАЕМЕ ОВИЕ ИСТОРИСКИ ФАКТИ?

      19-20. а) Зошто треба да ги знаеме историските факти што ги разгледавме? б) Кое прашање ќе биде одговорено во следната статија?

      19 Зошто е важно да ги знаеме овие историски факти? Бидејќи тие докажуваат дека од 1870-тите до почетокот на 1990-тите пророштвото на Даниел за северниот и јужниот цар продолжило да се исполнува. Затоа може да бидеме уверени дека ќе се исполни и преостанатиот дел од тоа пророштво.

      20 Во 1991 год., Советскиот Сојуз се распадна. Кој е во улогата на северниот цар денес? Во следната статија ќе добиеме одговор на ова прашање.

      КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

      • Кои три работи ни помагаат да дознаеме кој е во улогата на северен или на јужен цар?

      • Кој бил во улога на северен и јужен цар од 1870-тите до 1991?

      • Зошто треба да ги знаеме историските факти што ги разгледавме во оваа статија?

      ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни!

      a Денес гледаме докази дека пророштвото што го дал Даниел во врска со северниот и јужниот цар продолжува да се исполнува. Зошто сме толку сигурни во тоа? И зошто е важно да ги разбереме деталите од ова пророштво?

      b Од оваа причина, повеќе не сметаме дека римскиот император Аврелиј (270-275 год. од н.е.) бил северен цар, или дека сириската царица Зенобија (267-272 год. од н.е.) била во улога на јужен цар. Ова е промена на нашето објаснување кое излезе во поглавја 13 и 14 од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!

      c Види ја рамката „Библиски пророштва за англо-американската светска сила“.

      d Во 1890 год., кајзер Вилхелм II го присилил Бизмарк да се повлече од власта.

      e Тие го забрзале падот на царството на повеќе начини. На пример, ја повлекле поддршката што му ја давале на кајзерот, разоткриле доверливи информации во поврзаност со војната и го присилиле царот да се откаже од престолот.

      f Како што се гледа од Даниел 11:34, во еден краток период северниот цар престанал да ги прогонува христијаните што живееле под негова власт. Ова се случило кога дошло до распаѓање на Советскиот Сојуз во 1991 год.

  • Кој е северниот цар денес?
    Стражарска кула (за проучување) 2020 | Мај
    • СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20

      Кој е северниот цар денес?

      Ќе му дојде крајот, и ќе нема кој да му помогне (ДАН. 11:45)

      ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно

      КРАТОК ПРЕГЛЕДa

      1-2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

      ДЕНЕС имаме повеќе докази од кога и да било порано дека живееме на крајот од последните денови на овој свет. Наскоро Јехова и Исус Христос ќе ги уништат сите влади што му се противат на Царството. Но, сѐ додека не се случи тоа, северниот и јужниот цар ќе продолжат да се борат еден со друг и со Божјиот народ.

      2 Во оваа статија ќе го разгледаме пророштвото запишано во Даниел 11:40 — 12:1. Ќе видиме кој е северен цар денес, и зошто можеме мирно и со целосна доверба во Јехова да се соочиме со она што ни претстои.

      СЕ ПОЈАВУВА НОВ СЕВЕРЕН ЦАР

      3-4. Кој е северен цар денес? Објасни.

      3 Откако се распадна Советскиот Сојуз во 1991 год., Божјиот народ кој живееше на тоа огромно подрачје доби „мала помош“ (Дан. 11:34). Некое време браќата можеа слободно да проповедаат, и за кратко бројот на објавители во поранешниот комунистички блок порасна на стотици илјади. Но, постепено Русија и нејзините сојузници ја презедоа улогата на северен цар. Како што видовме во претходната статија, потребни се три работи за некоја влада да биде северен или јужен цар. Таа мора 1) да има директно влијание врз Божјите слуги, 2) да покажува со она што го прави дека му е непријател на Јехова и на неговиот народ, и 3) да води борба за превласт со соперничкиот цар.

      4 Забележи зошто може да кажеме дека денес Русија и нејзините сојузници се во улога на северниот цар. 1) Тие го нападнаа Божјиот народ така што го забранија проповедничкото дело и почнаа да им го отежнуваат животот на стотици илјади браќа и сестри кои живеат на тие подрачја. 2) Со тие постапки покажуваат дека ги мразат Јехова и неговиот народ. 3) Русија и нејзините сојузници водат борба за превласт со јужниот цар, односно со англо-американската светска сила. Да ги разгледаме подетално доказите што покажуваат дека Русија и нејзините сојузници се северен цар.

      СЕВЕРНИОТ И ЈУЖНИОТ ЦАР ПРОДОЛЖУВААТ ДА „СЕ ТУРКААТ“

      5. На кој период се однесува Даниел 11:40-43, и што се случува тогаш?

      5 Прочитај Даниел 11:40-43. Овој дел од пророштвото се однесува на времето на крајот. Овие стихови го опишуваат соперништвото што постои меѓу северниот и јужниот цар. Даниел прорекол дека во времето на крајот јужниот цар „ќе се препира“, односно „ќе се турка“ со северниот цар (Дан. 11:40; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013).

      6. Кои докази ги имаме дека двата цара „се туркаат“ еден со друг?

      6 Северниот и јужниот цар и понатаму водат борба за превласт во светот. На пример, размисли што се случи по Втората светска војна, кога Советскиот сојуз и неговите сојузници го проширија своето влијание врз поголемиот дел од Европа. Со тоа северниот цар го принуди јужниот цар да формира меѓународен воен сојуз, познат како НАТО. Северниот цар и понатаму се натпреварува со јужниот цар во скапата трка за вооружување. Освен тоа, северниот цар се бореше со својот соперник така што поддржуваше војни и бунтови на територијата на некои земји во Африка, Азија и Јужна Америка. Во последниве години, Русија и нејзините сојузници ја проширија својата сфера на влијание низ целиот свет. Исто така, северниот цар води војна со својот соперник преку компјутерски напади. И двата цара се обвинуваат меѓу себе дека користат опасни компјутерски програми за да си нанесат штета во економски и политички поглед. И, како што прорекол Даниел, северниот цар и понатаму го напаѓа Божјиот народ (Дан. 11:41).

      СЕВЕРНИОТ ЦАР ВЛЕГУВА ВО „ЗЕМЈАТА УБАВИНА“

      7. Што е „земјата Убавина“?

      7 Даниел 11:41 вели дека северниот цар ќе влезе во „земјата Убавина“. Што претставува таа? Во библиски времиња, тоа била израелската земја, која била сметана за „најубава од сите земји“ (Езек. 20:6). Таа била посебна затоа што народот кој живеел во неа го славел вистинскиот Бог, Јехова. Од 33 год. од н.е., „земјата“ повеќе не се однесува на дословна географска локација. Разумно е да го заклучиме ова бидејќи Јеховините слуги живеат низ целиот свет. Денес „земјата Убавина“ е земниот дел од Јеховината организација. Оние што ѝ припаѓаат на оваа организација учествуваат во разни активности со кои го слават Јехова, како што се христијанските состаноци и службата на проповедање.

      8. Како северниот цар влегувал во „земјата Убавина“?

      8 Во текот на последните денови, северниот цар влегол повеќе пати во „земјата Убавина“. На пример, кога нацистичка Германија била во улога на северен цар, особено во текот на Втората светска војна, тој цар влегол во „земјата Убавина“ со тоа што ги прогонувал и ги убивал Божјите слуги. По Втората светска војна, кога Советскиот Сојуз станал северен цар, и тој влегол во „земјата Убавина“ со тоа што го прогонувал Божјиот народ и го протерал во изгнанство.

      9. Како Русија и нејзините сојузници влегле во „земјата Убавина“ во последниве години?

      9 Во последниве години, Русија и нејзините сојузници исто така влегоа во „земјата Убавина“. На кој начин? Во 2017 год., Русија го забрани делото на Јеховиниот народ и фрли некои наши браќа и сестри в затвор. Освен тоа, ги забрани нашите публикации, вклучувајќи го и Преводот Нов свет. А ја заплени и нашата подружница во Русија, како и некои наши сали за состаноци и конгресни сали. По сите овие настани, во 2018 год., Водечкото тело соопшти дека Русија и нејзините сојузници се северниот цар. Сепак, дури и кога жестоко се прогонувани, Јеховините слуги не учествуваат во никакви обиди да се поткопа или смени некоја човечка влада. Наместо тоа, ние сме послушни на Библијата која нѐ советува да упатуваме молитви за „сите што се на власт“, особено ако некои од нив треба да донесат одлуки поврзани со слободата на вероисповест (1. Тим. 2:1, 2).

      ДАЛИ СЕВЕРНИОТ ЦАР ЌЕ ГО УНИШТИ ЈУЖНИОТ ЦАР?

      10. Дали северниот цар ќе го уништи јужниот цар? Објасни.

      10 Пророштвото запишано во Даниел 11:40-45 главно зборува за она што ќе го прави северниот цар. Дали тој ќе го уништи јужниот цар? Не. Јужниот цар сѐ уште ќе биде „жив“, односно ќе постои кога Јехова и Исус ќе ги уништат сите човечки влади во војната Армагедон (Отк. 19:20). Зошто може да бидеме сигурни во ова? Да видиме што откриваат пророштвата запишани во книгите Даниел и Откровение.

      Камен се отцепува од една планина и удира во стапалата на еден огромен метален кип.

      Божјето Царство, кое е споредено со камен, во Армагедон ќе му стави крај на човечкото владеење кое е претставено со огромен кип. (Види во пасус 11)

      11. Што покажува Даниел 2:43-45? (Види ја сликата на насловната страница.)

      11 Прочитај Даниел 2:43-45. Пророкот Даниел опишал еден огромен кип чии делови од телото биле направени од различни метали. Секој дел претставувал одредена светска сила која имала директно влијание врз Божјиот народ. Сите тие владееле во различни временски периоди. Стапалата на овој кип биле направени од железо и глина. Тие ја претставуваат последната од тие човечки влади — англо-американската светска сила. Ова пророштво покажува дека Британија и Америка сѐ уште ќе бидат на власт кога Божјето Царство ќе ги уништи сите човечки влади.

      12. Што претставува седмата глава на ѕверот, и зошто тоа е важно?

      12 И апостол Јован дава опис на неколку светски сили кои имале влијание врз Божјиот народ. Во неговото пророштво, овие влади се претставени со седумте глави на еден ѕвер. Седмата глава ја претставува англо-американската светска сила. Ова е важно бидејќи тоа е последната глава на ѕверот, по неа не се појавува друга. Седмата глава на овој ѕвер сѐ уште ќе биде светска сила кога Христос, заедно со своите небесни војски, ќе ја уништи заедно со сите други влади во светотb (Отк. 13:1, 2; 17:13, 14).

      ШТО ЌЕ НАПРАВИ СЕВЕРНИОТ ЦАР ВО БЛИСКА ИДНИНА?

      13-14. Кој е „Гог од земјата Магог“, и што би можело да го наведе да го нападне Божјиот народ?

      13 Едно пророштво кое го запишал Езекиел ни кажува што можеби ќе се случува пред да бидат уништени северниот и јужниот цар. Се чини дека пророштвата од Езекиел 38:10-23; Даниел 2:43-45; 11:44 — 12:1 и Откровение 16:13-16, 21 зборуваат за ист временски период и за исти настани. Ако е така, тогаш би можеле да очекуваме да се случат следниве работи.

      14 Некое време откако ќе започне големата неволја, „царевите од целиот свет“ ќе се здружат, односно ќе формираат коалиција која ќе ја сочинуваат сите народи (Отк. 16:13, 14; 19:19). Библијата ја нарекува оваа коалиција „Гог од земјата Магог“ (Езек. 38:2). Таа со сите сили ќе го нападне целиот Божји народ. Што ќе го предизвика тој конечен напад? Во едно видение за овој период, апостол Јован видел како врз Божјите непријатели врне необично голем град. Овој симболичен град можеби ќе биде тешка порака на осуда која ќе ја објавува Јеховиниот народ. Можно е оваа порака да го наведе Гог од Магог да ги нападне Божјите слуги со цел да ги збрише од Земјата (Отк. 16:21).

      15-16. а) На кој настан можеби укажува Даниел 11:44, 45? б) Што ќе се случи со северниот цар и со сите други народи кои ја сочинуваат коалицијата наречена Гог од Магог?

      15 Оваа тешка порака на осуда и конечниот напад од страна на Божјите непријатели можеби се истите настани за кои се зборува во Даниел 11:44, 45. (Прочитај.) Таму Даниел вели дека „вести од исток и од север“ ќе го вознемират северниот цар кој ќе излезе „многу гневен“ со цел „да погуби мнозина“. По сѐ изгледа, изразот „мнозина“ се однесува на Јеховиниот народ.c Можно е и Даниел овде да го опишува последниот напад врз сите Божји слуги.

      16 Нападот на северниот цар и на сите други светски влади врз Божјиот народ ќе го предизвика гневот на Семоќниот Бог и ќе води до војната Армагедон (Отк. 16:14, 16). Во тоа време „ќе му дојде крајот“ на северниот цар, како и на сите други народи што ја сочинуваат коалицијата наречена Гог од Магог. „Ќе нема кој да му помогне“ (Дан. 11:45).

      Исус јава на бел коњ со лак и стрела во рацете. Други ангели јаваат на бели коњи со меч во раката.

      Во војната Армагедон, Исус Христос и неговите небесни војски ќе го уништат злобниот свет на Сатана и ќе го избават Божјиот народ (Види во пасус 17)

      17. Кој е Михаел, „големиот кнез“, кој се спомнува во Даниел 12:1, што прави тој од 1914 год., и што ќе направи во блиска иднина?

      17 Веќе во следниот стих од извештајот на Даниел има повеќе детали за тоа како ќе им биде ставен крај на северниот цар и на неговите сојузници, и како ние ќе бидеме спасени. (Прочитај Даниел 12:1.) Што значи овој стих? Михаел е друго име за нашиот Цар, Исус Христос. Тој „стои и им помага“ на Божјите слуги од 1914 год., кога неговото Царство било воспоставено на небото. Во блиска иднина, тој „ќе стане“ во таа смисла што ќе се крене за да ги уништи своите непријатели во војната Армагедон. Таа битка ќе биде завршница на она што Даниел го нарекува најстрашно „време на неволја“ во човечката историја. Во своето пророштво во книгата Откровение, Јован го нарекува истиот тој период „големата неволја“ (Отк. 6:2; 7:14).

      ДАЛИ ТВОЕТО ИМЕ ЌЕ БИДЕ ЗАПИШАНО „ВО КНИГАТА“?

      18. Зошто можеме смирено и со доверба да ја очекуваме иднината?

      18 И Даниел и Јован јасно кажале дека оние што им служат на Јехова и на Исус ќе ја преживеат големата неволја. Затоа можеме смирено и со доверба да го очекуваме сето она што ќе се случи во иднина. Даниел вели дека ќе преживеат оние чии имиња се запишани „во книгата“ (Дан. 12:1). Како може и нашето име да се најде таму? Мора јасно да покажуваме дека имаме вера во Исус, Божјето Јагне (Јован 1:29). Треба да му го заветуваме својот живот на Бог и да се крстиме (1. Пет. 3:21). И мора да му ја даваме својата поддршка на Божјето Царство така што ќе ги поучуваме другите за Јехова.

      19. Што треба да правиме сега, и зошто?

      19 Сега е време да си ја зајакнеме довербата во Јехова и во неговата организација која верно му служи. Сега е време да го поддржуваме Божјето Царство. Ако го правиме тоа, ќе бидеме спасени кога Царството ќе ги уништи северниот и јужниот цар.

      КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

      • Кој е северен цар денес?

      • Како северниот цар влегувал во „земјата Убавина“?

      • Што ќе се случи со северниот и со јужниот цар?

      ПЕСНА 149 Победничка песна

      a Кој е северниот цар денес? И како ќе му дојде крајот? Одговорот на овие прашања може да ни ја зајакне верата и да ни помогне да се подготвиме за тешкотиите со кои ќе се соочиме наскоро, во големата неволја.

      b Подетално објаснување на Даниел 2:36-45 и Откровение 13:1, 2, има во Стражарска кула од 15 јуни 2012, стр. 7-19.

      c Нешто повеќе за ова има во Стражарска кула од 15 мај 2015, стр. 29-30.

  • Соперничките цареви во времето на крајот
    Стражарска кула (за проучување) 2020 | Мај
    • Соперничките цареви во времето на крајот

      Пророштвата во оваа табела опишуваат настани кои временски се преклопуваат. Сите тие пророштва јасно покажуваат дека живееме во „времето на крајот“ (Дан. 12:4).

      Табела со пророштва на која е прикажано кои биле северниот и јужниот цар од 1870 год. до денес.
      • На првата табела се прикажани пророштва за времето на крајот кои се преклопуваат и го опфаќаат периодот од 1870 до 1918. Од 1914 год. почнало да тече времето на крајот. Пророштво 1: Ѕвер со седум глави кој постоел уште пред првиот датум во табелата. Во текот на Првата светска војна, седмата глава на ѕверот била ранета. Од 1917 год. наваму, седмата глава заздравела и ѕверот закрепнал. Пророштво 2: Од 1871 год. можело да се знае кој е северен цар, а од 1870 год. можело да се знае кој е јужен цар. Во 1871 год., северен цар станала Германија. Во почетокот, јужниот цар била Велика Британија, но во 1917 год. била заменета со англо-американската светска сила. Пророштво 3: Почнувајќи од 1870 год., Чарлс Расел и неговите соработници биле проречениот „гласник“. Во текот на 1880-тите, Сионска Стражарска кула почнала да ги поттикнува своите читатели да ја проповедаат добрата вест. Пророштво 4: Од 1914 год. наваму, почнало времето на жетвата. Каколот почнал да се одвојува од пченицата. Пророштво 5: Од 1917 год. се појавиле стапалата од железо и глина. На табелата има и приказ на: Светските настани од 1914 до 1918 год., Првата светска војна. Настани кои влијаеле врз Јеховиниот народ: Од 1914 до 1918 год., некои од Истражувачите на Библијата во Британија и Германија биле ставени в затвор. Браќата од главното седиште во САД биле ставени в затвор.
        Пророштво 1.

        Стихови Отк. 11:7; 12:13, 17; 13:1-8, 12

        Пророштво „Ѕверот“ ќе беснее на Земјата со векови. Во времето на крајот неговата седма глава ќе биде ранета. Подоцна таа глава ќе заздрави и „целата земја“ ќе го следи ѕверот. Преку него Сатана ќе „води војна со преостанатите“ потомци на „жената“.

        Исполнување После Потопот, на светската сцена се појавиле човечки влади кои му биле непријатели на Јехова. Со векови подоцна, за време на Првата светска војна, Британската Империја многу заслабнала. Повторно се засилила кога станале сојузници со Соединетите Држави. Особено во времето на крајот, Сатана го користи целокупниот политички систем за да го прогонува Божјиот народ.

      • Пророштво 2.

        Стихови Дан. 11:25-45

        Пророштво Северниот и јужниот цар ќе водат борба за превласт.

        Исполнување Германија и англо-американската светска сила воделе борба за превласт. Во 1945 год., Советскиот Сојуз и неговите сојузници ја презеле улогата на северен цар. Но, во 1991 год., Советскиот Сојуз се распадна. Со текот на времето, Русија и нејзините сојузници станаа северен цар.

      • Пророштво 3.

        Стихови Иса. 61:1; Мал. 3:1; Лука 4:18

        Пророштво Јехова ќе го испрати својот „гласник“ за да „го расчисти патот“ пред да биде воспоставено месијанското Царство. Овој „гласник“ ќе почне да им ја објавува „добрата вест на кротките“.

        Исполнување Од 1870 год., Чарлс Расел и неговите соработници почнале ревносно да ја проучуваат Библијата за да ги разјаснат вистините запишани во неа. Во 1881 год., тие сфатиле дека е многу важно Божјите слуги да проповедаат. Почнале да издаваат статии како што биле „Потребни се 1.000 проповедници“ и „Помазани да проповедаат“.

      • Пророштво 4.

        Стихови Мат. 13:24-30, 36-43

        Пророштво Еден непријател ќе посее какол на нивата со пченица. Каколот ќе биде оставен да расте и да ја сокрие пченицата сѐ додека не дојде времето за жетвата. Тогаш каколот ќе биде одвоен од пченицата.

        Исполнување Од 1870 год., разликата меѓу вистинските и лажните христијани станувала сѐ појасна. Во времето на крајот, вистинските христијани се собираат во Божјето собрание и се одвојуваат од лажните христијани.

      • Пророштво 5.

        Стихови Дан. 2:31-33, 41-43

        Пророштво Стапалата од железо и глина се дел од еден кип кој е направен од различни метали.

        Исполнување Глината го претставува обичниот народ под власта на Британија и САД, кој честопати протестира против тие влади, и на тој начин ги спречува да владеат со железна цврстина.

      • На втората табела се прикажани пророштва за времето на крајот кои се преклопуваат и го опфаќаат периодот од 1919 до 1945 год. До 1945 год., северниот цар била Германија. Јужниот цар била англо-американската светска сила. Пророштво 6: Во 1919 год., помазаните христијани почнале да се собираат во очистеното христијанско собрание. Од 1919 наваму се проповеда во сѐ поголема мера. Пророштво 7: Во 1920 од., била основана Лигата на народите, која продолжила да постои сѐ до почетокот на Втората светска војна. На табелата има и приказ на: Пророштвото 1, во врска со ѕверот со седум глави, продолжува да се исполнува. Пророштво 5, во врска со стапалата од железо и глина, продолжува да се исполнува. Светски настани од 1939 до 1945 год., Втората светска војна. Настани што влијаат врз Јеховиниот народ: Во Германија, од 1933 до 1945 год., биле ставени в затвор над 11.000 Сведоци. Во Британија, од 1939 до 1945 год., биле ставени в затвор околу 1.600 Сведоци. Во Соединетите Држави, од 1940 до 1944 год., Сведоците биле мета на над 2.500 напади на насилни толпи.
        Пророштво 6.

        Стихови Мат. 13:30; 24:14, 45; 28:19, 20

        Пророштво „Пченицата“ ќе почне да се собира во „амбарот“ и над „слугите“ ќе биде поставен „верен и разборит роб“. „Добрата вест за царството“ ќе се проповеда „по целиот свет“.

        Исполнување Во 1919 год., верниот роб бил поставен над Божјиот народ. Оттогаш Истражувачите на Библијата почнале да проповедаат во уште поголема мера. Денес Јеховините сведоци проповедаат во над 200 земји и издаваат библиски публикации на повеќе од 1.000 јазици.

      • Пророштво 7.

        Стихови Дан. 12:11; Отк. 13:11, 14, 15

        Пророштво Ѕверот со два рога ќе ги наведе луѓето да направат „кип на ѕверот“ кој има седум глави и ќе „му вдахне живот на кипот“.

        Исполнување На иницијатива на англо-американската светска сила, била основана Лигата на народите. И други земји ѝ се придружиле на оваа организација. Од 1926 до 1933 год., и северниот цар бил член на оваа Лига. Луѓето сметале дека таа ќе донесе светски мир — нешто што може да го стори само Божјето Царство. Тие полагаат исти надежи и во Обединетите нации (ОН).

      • На третата табела се прикажани пророштва за времето на крајот кои се преклопуваат и го опфаќаат периодот од 1945 до 1991 год. Северниот цар е Советскиот сојуз и неговите сојузници сѐ до 1991 год., а потоа е Русија и нејзините сојузници. Јужниот цар е англо-американската светска сила. Пророштво 8: Облак од експлозија на атомска бомба која била фрлена од англо-американската светска сила, со која било предизвикано невидено уништување. Пророштво 9: Во 1945 год. биле основани Обединетите нации, кои ја замениле Лигата на народите. На табелата има и приказ на: Пророштво 1, во врска со ѕверот со седум глави, продолжува да се исполнува. Пророштво 5, во врска со стапалата од железо и глина, продолжува да се исполнува. Пророштво 6, во 1945 год. имало над 156.000 објавители. Во 1991 год. имало над 4.278.000 објавители. Настани кои влијаеле врз Јеховиниот народ: Од 1945 до 1951, во Советскиот Сојуз илјадници Сведоци биле протерани во Сибир.
        Пророштво 8.

        Стихови Дан. 8:23, 24

        Пророштво Еден „цар со сурово лице“ ќе „пустоши на зачудувачки начин“.

        Исполнување Англо-американската светска сила предизвикала огромни човечки и материјални загуби. На пример, во текот на Втората светска војна, Соединетите Држави пуштиле две атомски бомби врз една земја која им била непријател ним и на Британија, и со тоа предизвикале невидено уништување.

      • Пророштво 9.

        Стихови Дан. 11:31; Отк. 17:3, 7-11

        Пророштво „Црвениот ѕвер“ со десет рога ќе излезе од бездната и ќе биде осми цар. Во книгата Даниел овој цар е наречен „гадотијата која пустоши“.

        Исполнување Во текот на Втората светска војна, Лигата на народите била потполно неактивна. По војната, била „поставена“, односно основана Организацијата на ОН. Исто како што било случај со Лигата на народите, луѓето им ја припишуваат на ОН заслугата што му припаѓа на Божјето Царство. ОН ќе ја нападнат религијата.

      • На четвртата табела се прикажани пророштва за времето на крајот кои се преклопуваат и се однесуваат на нашево време па сѐ до Армагедон. Северниот цар е Русија со своите сојузници. Јужниот цар е англо-американската светска сила. Пророштво 10: Светските водачи ќе објават „мир и сигурност“. Потоа ќе започне големата неволја. Пророштво 11: Политичките сили ќе ги нападнат институциите на лажната религија. Пророштво 12: Светските влади ќе го нападнат Божјиот народ. Преостанатите помазаници ќе бидат собрани на небото. Пророштво 13: Армагедон. Јавачот на белиот коњ ќе извојува конечна победа. Ѕверот со седум глави ќе биде уништен; огромниот кип ќе биде здробен откако ќе биде удрен во стапалата од железо и глина. На табелата има и приказ на: Пророштво 1, во врска со ѕверот со седум глави, продолжува да се исполнува до Армагедон. Пророштво 5, во врска со стапалата од железо и глина, продолжува да се исполнува до Армагедон. Пророштво 6, денес има над 8.580.000 објавители. Настани кои влијаат врз Јеховиниот народ: во 2017 год., властите во Русија затворија некои Јеховини сведоци и го запленија имотот на подружницата.
        Пророштва 10 и 11.

        Стихови 1. Сол. 5:3; Отк. 17:16

        Пророштво Светските водачи ќе објават „мир и сигурност“, а „десетте рогови“ и „ѕверот“ ќе ја нападнат „блудницата“ и ќе ја уништат. Потоа сите народи ќе бидат уништени.

        Исполнување Светските водачи ќе тврдат дека постигнале мир и сигурност. Потоа земјите-членки на ОН ќе ги уништат институциите на лажната религија. Ова ќе го означи почетокот на големата неволја. Таа неволја ќе заврши со Армагедон, кога ќе биде уништен целокупниот свет на Сатана.

      • Пророштво 12.

        Стихови Езек. 38:11, 14-17; Мат. 24:31

        Пророштво Гог ќе ја нападне „земјата“ на Божјиот народ. Потоа ангелите ќе ги соберат „избраните“.

        Исполнување Северниот цар и другите светски влади ќе го нападнат Божјиот народ. Откако ќе започне овој напад, преостанатите помазаници ќе бидат собрани на небото.

      • Пророштво 13.

        Стихови Езек. 38:18-23; Дан. 2:34, 35, 44, 45; Отк. 6:2; 16:14, 16; 17:14; 19:20

        Пророштво „Јавачот“ на „белиот коњ“ ќе извојува „конечна победа“ со тоа што ќе ги уништи Гог и неговите војски. „Ѕверот“ ќе биде фрлен во „огненото езеро“, а огромниот кип ќе биде здробен.

        Исполнување Исус, кој владее како Цар на Божјето Царство, ќе го спаси Божјиот народ. Заедно со своите 144.000 совладетели и со своите ангелски војски, тој ќе ја уништи коалицијата која се состои од сите народи, односно целокупниот политички систем на Сатана.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели