ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Старешини, дали сте спремни да оспособувате други браќа?
    Стражарска кула 2015 | 15 Април
    • Самоил и Саул јадат заедно на покривот

      Старешини, дали сте спремни да оспособувате други браќа?

      „Сѐ си има свое време“ (ПРОП. 3:1)

      КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

      • Колку е важно да се обучуваат браќата, и зошто?

      • Како старешините што оспособуваат други браќа му помагаат на собранието?

      • Како можат старешините да го следат примерот на Самоил кога ги обучуваат другите?

      1, 2. Што забележале покраинските надгледници во многу собранија?

      ПОКРАИНСКИОТ надгледник го привршува состанокот со старешините. Овие трудољубиви браќа — меѓу кои има и такви што се доста постари од него — јасно можат да видат колку многу тој ги сака и ги цени. Но, во неговите очи се гледа и загриженост. Пред да го заврши состанокот, тој мора да им спомне уште една важна работа. Затоа ги прашува: „Браќа, што направивте за да им помогнете на другите да преземат повеќе одговорности во собранието?“ Старешините добро се сеќаваат дека, во текот на минатата посета, покраинскиот надгледник ги поттикнал да посветат повеќе време за да ги оспособуваат другите. На крајот, едниот од нив признава: „Да бидам искрен, не направивме многу во тој поглед“. Другите старешини климнуваат со главите во знак на согласност.

      2 Ако си старешина, можеби и ти би дал сличен одговор. Покраинските надгледници низ целиот свет забележуваат дека старешините во многу собранија треба да вложат поголем труд за да ги обучат и помладите и постарите браќа да се грижат за стадото. Но, ова не е секогаш лесно. Зошто?

      3. а) Како Библијата нагласува дека е неопходно да се оспособуваат други браќа, и зошто ова треба да ни биде важно на сите? (Види ја фуснотата.) б) Зошто на некои старешини не им е лесно да ги обучуваат другите?

      3 Како старешина, ти сигурно знаеш колку е важно да се оспособуваат другите.a Свесен си дека се потребни повеќе браќа кои ќе им помагаат на постоечките собранија да останат духовно јаки, и кои ќе се грижат за потребите на собранијата што ќе бидат основани во иднина. (Прочитај Исаија 60:22.) Исто така, знаеш дека Божјата Реч те поттикнува да ги ‚поучуваш другите‘. (Прочитај 2. Тимотеј 2:2.) Но, слично на старешините што беа спомнати погоре, можеби и тебе ти е тешко да го правиш тоа. Веројатно одиш на работа и се грижиш за потребите на семејството. Освен тоа, извршуваш и доста одговорности во собранието, а мора да им обрнеш внимание и на други неодложни работи. Бидејќи имаш толку многу обврски, можеби ти се чини дека немаш време за ништо друго. Да разгледаме зошто сепак е неопходно да им се даде обука на браќата.

      НЕОПХОДНО Е ДА СЕ ДАДЕ ОБУКА

      4. Зошто понекогаш старешините го одложуваат обучувањето на браќата?

      4 Зошто понекогаш на старешините им е тешко да одвојат време за да ги обучуваат браќата во собранието? Можеби некои си мислат: ‚Важно е да се даде обука, но тоа не е толку итно. Има други работи во собранието што едноставно не можат да чекаат. Дури и ако не почнам веднаш да оспособувам некого, собранието ќе продолжи да функционира‘. Иако е точно дека има многу работи на кои треба веднаш да им се обрне внимание, тоа што ќе го одложуваш обучувањето на браќата може лошо да се одрази врз духовната состојба на собранието.

      5, 6. Што учиме за обуката во собранието од примерот со возачот?

      5 Размисли за следниов пример: Еден возач сигурно знае дека мора редовно да го менува моторното масло за да може колата да работи. Но, можеби си мисли дека е поважно да стави гориво отколку да го смени маслото. Впрочем, ако не го направи тоа, колата ќе му застане на сред пат. Можеби си мисли: ‚Дури и да не го сменам маслото, моторот ќе продолжи да работи, барем уште некое време‘. Но, ако возачот постојано го одложува менувањето на маслото, еден ден моторот ќе се расипе. Ако се случи такво нешто, тој ќе мора да потроши многу време и пари за да ја поправи колата и да може повторно да ја вози. Која е поуката од овој пример?

      6 Старешините мора брзо да се погрижат за неодложните работи бидејќи, во спротивно, ќе страда собранието. Затоа, исто како што возачот од примерот води сметка редовно да става гориво во колата, така и старешините мора да водат сметка за она „што е најважно“ (Фил. 1:10). Но, некои старешини се толку зафатени со итните работи што мислат дека немаат време да ги обучуваат браќата. Со други зборови, тие како да пропуштаат да го сменат маслото во колата. Ако постојано го одложуваат обучувањето, со текот на времето во собранието ќе нема доволно оспособени браќа кои ќе можат да ги вршат сите потребни одговорности.

      7. Како треба да гледаме на старешините кои одвојуваат време да ги обучуваат другите?

      7 Затоа, не смееме да мислиме дека не е толку важно да се обучуваат другите. Старешините кои размислуваат за иднината и кои одвојуваат време да ги оспособуваат понеискусните браќа се мудри управители. Тие се скапоцени за целото собрание. (Прочитај 1. Петрово 4:10.) Како сите објавители извлекуваат корист од обуката што ја даваат старешините?

      МУДРА ИНВЕСТИЦИЈА ЗА ИДНИНАТА

      8. а) Од кои причини старешините треба да ги обучуваат другите? б) Каква важна одговорност имаат старешините кои служат на места каде што има поголема потреба од објавители? (Види ја рамката „Неодложна задача“.)

      8 Дури и најискусните старешини мора скромно да си признаат дека, како што ќе стареат, постепено ќе прават сѐ помалку за собранието (Мих. 6:8). Освен тоа, треба да имаат на ум дека, ако ги снајде некој ‚непредвиден настан‘, повеќе нема да бидат способни да ги извршуваат сите свои собраниски одговорности (Проп. 9:11, 12; Јак. 4:13, 14). Бидејќи ги сакаат Јеховините „овчички“ и се грижат за нив, старешините мислат на иднината, и им го пренесуваат на помладите браќа искуството што го стекнале низ годините. (Прочитај Псалм 71:17, 18.)

      9. Поради кој претстоен настан е неопходно да бидат обучени други браќа?

      9 Од која друга причина се скапоцени старешините кои ги оспособуваат другите браќа? Тие го зајакнуваат собранието. Во која смисла? Па, благодарение на обуката што ја даваат, повеќе браќа ќе бидат спремни да му помагаат на собранието да биде обединето и да му остане верно на Бог. Ова е важно уште сега, но ќе биде неопходно и во текот на претстојната голема неволја (Езек. 38:10-12; Мих. 5:5, 6). Затоа, драги старешини, ве молиме да почнете уште од денес редовно да одвојувате време за да ги обучувате другите.

      10. Што можеби ќе треба да прави еден старешина за да најде време да ги обучува другите?

      10 Се разбира, свесни сме дека веќе се грижите за голем број важни собраниски одговорности и поради тоа можеби немате време за ништо друго. Од таа причина, можеби ќе треба да скратите дел од времето што го посветувате на тие активности и да го искористите за да ги обучувате другите браќа (Проп. 3:1). Тоа ќе биде мудра инвестиција за иднината.

      ПОДГОТВЕТЕ ГО ТЕРЕНОТ

      11. а) Што е интересно во врска со предлозите за обука кои ги дале старешини од различни земји? б) Според Изреки 15:22, зошто е корисно да ги разгледаме предлозите на други старешини?

      11 Неодамна некои старешини кои успешно ги обучуваат браќата беа прашани како го прават тоа.b Иако овие старешини живеат во различни околности, сите дадоа слични совети. Што покажува ова? Обуката која се темели на Библијата им користи на сите браќа „во секое собрание“, исто како што било случај и во времето на апостол Павле (1. Кор. 4:17). Затоа, во оваа и во следната статија, ќе разгледаме некои од предлозите што ги дадоа тие старешини (Изр. 15:22). За оние што ги обучуваат другите ќе го користиме терминот „учители“, а за оние што ја добиваат обуката ќе го користиме зборот „ученици“.

      12. Што треба да направи учителот, и зошто?

      12 За да ја даде потребната обука, учителот прво треба да го подготви теренот. Исто како што еден градинар треба да ја раскопа земјата пред да го засади семето, така и учителот треба да го подготви срцето на ученикот пред да почне да го поучува за нови вештини. Како може да го стори тоа? Така што ќе го следи примерот на еден пророк од старо време. Тој пророк бил Самоил.

      13-15. а) Каква задача добил пророкот Самоил? б) Како Самоил ја извршил својата задача? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) в) Зошто овој библиски извештај е скапоцен за старешините денес?

      13 Еден ден, пред повеќе од 3.000 години, Јехова му го кажал следново на својот остарен пророк Самоил: „Утре во ова време ќе испратам кај тебе еден човек од земјата на Венијамин, а ти помажи го за водач на мојот народ Израел“ (1. Сам. 9:15, 16). Самоил сфатил дека повеќе нема да го води израелскиот народ и дека Јехова му дал задача да го помаза следниот водач. Затоа сигурно се прашувал: ‚Како да го подготвам тој човек за неговата задача?‘ Откако добро размислил, Самоил направил план.

      14 Следниот ден, кога Самоил го видел Саул, Јехова му рекол: „Еве го човекот“. Тогаш Самоил постапил според својот план. Најпрво ги поканил Саул и неговиот слуга да дојдат да јадат заедно со него во една трпезарија каде што имало и други гости. Откако влегле внатре, тој им рекол да седнат на најдобрите места и пред нив го ставил најдоброто парче месо, а потоа му рекол на Саул: „Јади, зашто тоа беше чувано за тебе токму за оваа пригода“. Потоа заминале заедно кон куќата на пророкот. По патот воделе пријатен и опуштен разговор. Кога стигнале до куќата на Самоил, се качиле на покривот, каде што пророкот ‚продолжил да разговара со Саул‘ сѐ додека не заспале. Следниот ден, Самоил го помазал Саул, го бакнал и му дал уште некои упатства. Потоа Саул си заминал, подготвен за она што го чекало (1. Сам. 9:17-27; 10:1).

      15 Се разбира, не е исто некој да биде помазан за водач на народот и некој да биде обучуван да стане старешина или слуга-помошник во собранието. И покрај тоа, денес старешините можат да извлечат неколку скапоцени поуки од начинот на кој Самоил го подготвил срцето на Саул. Да разгледаме две од нив.

      ПОУЧУВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО И БИДЕТЕ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ

      16. а) Како се чувствувал Самоил кога Израелците побарале да им постави цар? б) Со каков став Самоил го помазал Саул?

      16 Поучувајте доброволно, а не затоа што морате. Кога Израелците првпат побарале да им постави цар, Самоил бил разочаран и се чувствувал отфрлено (1. Сам. 8:4-8). Всушност, бидејќи тој не сакал да го стори тоа, Јехова морал трипати да му каже да ги послуша (1. Сам. 8:7, 9, 22). Сепак, Самоил не дозволил во неговото срце да се развие огорченост кон човекот што требало да го наследи како водач на Израел. Кога Јехова му кажал да го помаза Саул, пророкот го послушал спремно и од љубов, а не затоа што морал да го стори тоа.

      17. Како старешините денес го следат примерот на Самоил, и каква радост им причинува тоа?

      17 И денес има искусни старешини кои го следат примерот на Самоил и со љубов ги поучуваат браќата (1. Пет. 5:2). Тие не се плашат да ги оспособуваат другите затоа што можеби еден ден ќе треба да им отстапат некои од своите собраниски одговорности. Несебичните учители не ги сметаат учениците за соперници туку за свои „соработници“, односно за скапоцени дарови за собранието (2. Кор. 1:24; Евр. 13:16). Овие старешини многу се радуваат кога гледаат како учениците ги користат своите способности за доброто на браќата и сестрите (Дела 20:35).

      18, 19. Како може еден старешина да го подготви срцето на ученикот, и зошто тоа е важно?

      18 Бидете пријатели, а не само учители. Кога се сретнал со Саул, Самоил можел набрзина да го помаза за цар со тоа што ќе му го излеел маслото на главата. Така новиот цар ќе бил помазан, но воопшто немало да биде подготвен да го води Божјиот народ. Наместо тоа, Самоил одвоил време за постепено да го подготви срцето на Саул за новата задача. Најпрво јаделе вкусен оброк, се прошетале, долго разговарале и на крајот добро се одмориле. Дури тогаш пророкот почувствувал дека е вистински момент да го помаза новиот цар.

      Еден старешина и еден слуга-помошник водат опуштен разговор

      Пред да почне да обучува некој брат, старешината треба да се спријатели со него (Види во пасуси 18-19)

      19 Слично и денес, пред да почне да обучува некој ученик, еден старешина треба да се потруди да се спријатели со него и да му помогне да се чувствува пријатно во негово друштво. Начинот на кој ќе го постигне тоа се разликува од земја до земја, и зависи од локалните околности и култура. Сепак, сеедно каде живееш, ако поминуваш време со ученикот и покрај тоа што си доста зафатен, тој ќе знае дека ти е многу важен и сигурно ќе биде многу благодарен за грижата и вниманието што му ги посветуваш. (Прочитај Римјаните 12:10.)

      20, 21. а) Што е карактеристично за еден добар учител? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

      20 Точно е дека еден добар учител сака да ги оспособува другите. Но, тој мора да го сака и ученикот што го обучува. (Спореди со Јован 5:20.) Ова е важно бидејќи ученикот ќе биде многу поспремен да учи од тебе кога ќе почувствува дека навистина се грижиш за него. Затоа, драги старешини, потрудете се не само да ги поучувате другите туку и да им бидете пријатели (Изр. 17:17; Јован 15:15).

      21 Откако ќе го подготви срцето на ученикот, старешината може да почне со обуката. Кои методи може да ги користи? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

      a Оваа и следната статија се наменети главно за старешините. Но, информациите кои ќе бидат изнесени се важни за сите во собранието. Зошто? Затоа што сите крстени браќа ќе сфатат дека им е потребна обука за да преземат поголеми одговорности. Сите објавители ќе извлечат корист кога собраниските задачи ќе бидат поделени на повеќе браќа.

      b Овие старешини живеат во Австралија, Бангладеш, Белгија, Бразил, Јапонија, Јужноафриканската Република, Кореја, Мексико, Намибија, Нигерија, Реунион, Русија, САД, Франција и Француска Гвајана.

      Неодложна задача

      Старешина кој служи каде што има поголема потреба обучува локални браќа да се грижат за стадото

      БРАЌА и сестри од разни делови на светот се преселиле да служат во собранија каде што има поголема потреба од објавители. Овие самопожртвувани Сведоци имаат голем удел во духовната жетва. Но, што ќе се случи ако од некоја причина мора да ја напуштат земјата во која дошле да служат? Во многу собранија нема да има доволно оспособени локални браќа да се грижат за сите собраниски одговорности. Затоа, ако си старешина кој служи на место каде што има поголема потреба од објавители, неопходно е веднаш да почнеш да ги обучуваш локалните браќа да станат пастири на стадото.

  • Како старешините ги обучуваат другите
    Стражарска кула 2015 | 15 Април
    • Елисеј го гледа Илија како ја разделува водата на реката Јордан удирајќи ја со својата пророчка наметка

      Како старешините ги обучуваат другите

      „Она што го чу од мене... довери им го на верни луѓе“ (2. ТИМ. 2:2)

      КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

      • Како еден старешина може да му помогне на некој брат духовно да напредува?

      • Кои стихови можат да му помогнат на некој брат кој изгледа дека не е заинтересиран да прави повеќе во собранието?

      • Како оние што добиваат обука можат да го следат примерот на Елисеј?

      1. а) Што сфаќале отсекогаш Божјите слуги во врска со обуката, и што значи тоа за нас денес? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

      БОЖЈИТЕ слуги отсекогаш сфаќале дека обуката води до добри резултати. На пример, Авраам ги собрал за борба своите слуги, кои биле „обучени мажи“, и заедно успеале да го избават Лот (1. Мој. 14:14-16, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Во времето на цар Давид, пејачите во Божјиот дом биле „извежбани“, односно обучени да го фалат Јехова со песна (1. Лет. 25:7). Ние денес водиме духовна борба против Сатана и неговите следбеници (Еф. 6:11-13). Освен тоа, даваме сѐ од себе за да го фалиме Јехова (Евр. 13:15, 16). Слично на Божјите слуги во минатото, за да бидеме успешни, и ние треба да бидеме обучени. Во собранието, Јехова им ја доверил на старешините одговорноста да ги оспособуваат другите (2. Тим. 2:2). Кои методи ги користат искусните старешини за да ги обучат браќата да се грижат за стадото?

      ПОМОГНИ МУ НА УЧЕНИКОТ ДУХОВНО ДА РАСТЕ

      2. Што е добро да направи еден старешина пред да го обучи ученикот за некои нови вештини, и зошто?

      2 Старешините можат да се споредат со градинари. Пред да го засади семето, градинарот можеби ќе увиди дека треба да ја наѓубри земјата за да даде поголем род. На сличен начин, пред да го обучи ученикот за некои нови вештини, добро е старешината најпрво да му го подготви срцето. Како? Така што ќе сподели со него некои охрабрувачки библиски мисли кои ќе му помогнат полесно да го применува она што го учи (1. Тим. 4:6).

      3. а) Како еден старешина може во разговор со ученикот да ги употреби зборовите на Исус запишани во Марко 12:29, 30? б) Како молитвата на старешината може да влијае врз ученикот?

      3 Важно е да разбереш како вистината влијае врз мислите и чувствата на ученикот. На пример, би можел да го прашаш какво влијание имал заветот што му го дал на Јехова врз неговите одлуки во животот. Ова прашање може да води до разговор за тоа што, всушност, значи да му се служи на Јехова со сето срце. (Прочитај Марко 12:29, 30.) На крајот од разговорот, можеби ќе биде добро дури и да се помолите заедно. Во молитвата би можел да побараш од Јехова да му го даде потребниот свет дух за да извлече целосна корист од обуката. Кога ќе слушне како искрено се молиш за него, сигурно ќе биде охрабрен да прави уште повеќе!

      4. а) Наведи некои библиски извештаи кои можат да му помогнат на ученикот да напредува. б) Со каква цел треба старешините да ги обучуваат другите?

      4 Кога ќе почнеш да го обучуваш ученикот, разгледајте заедно некои библиски извештаи кои можат да му помогнат да сфати зошто треба да биде самопожртвуван, доверлив и понизен (1. Цар. 19:19-21; Неем. 7:2; 13:13; Дела 18:24-26). Овие особини се важни за него исто како што ѓубривото е важно за земјата. Тие ќе го забрзаат неговиот духовен раст. Жан-Клод, еден старешина од Франција вели: „Главна цел ми е да му помогнам на ученикот да стане духовно зрела личност. Секогаш кога е можно, се трудам заедно со него да прочитам некои стихови кои можат да му ги ‚отворат очите‘ за да ги види ‚убавините на Божјиот закон‘“ (Пс. 119:18). На кои други начини би можел да му помогнеш на ученикот духовно да напредува?

      ПОТТИКНИ ГО УЧЕНИКОТ ДА СИ ПОСТАВИ ЦЕЛИ, И ОБЈАСНИ МУ ЗОШТО

      5. а) Колку е важно да се разговара со ученикот за неговите духовни цели? б) Зошто старешините треба да ги обучуваат браќата уште додека се во своите рани тинејџерски години? (Види ја фуснотата.)

      5 Прашај го ученикот дали има духовни цели. Ако нема, поттикни го да си постави некоја разумна и достижна цел. Кажи му на која конкретна цел си работел ти во минатото, и раскажи му со воодушевеност колку си се радувал кога си ја остварил. Иако е едноставна, оваа метода навистина е делотворна. Виктор, кој служи како старешина и пионер во Африка, вели: „Кога бев млад, еден старешина ми постави неколку прашања во врска со моите цели. Така ми помогна сериозно да размислам за мојата служба“. Искусните старешини сметаат дека браќата треба да се обучуваат додека се млади, можеби уште од своите рани тинејџерски години. Би можеле да им доделувате некои задолженија во собранието кои се во склад со нивната возраст. Ако започнете со обуката доволно рано, тоа ќе им помогне на младите да останат сконцентрирани на духовните цели дури и во подоцнежните тинејџерски години, кога ќе бидат бомбардирани од многу работи кои можат да им го одвлечат вниманието. (Прочитај Псалм 71:5, 17.)a

      Еден старешина му објаснува на еден млад брат зошто треба да се изврши некоја задача во Салата

      Објасни му на ученикот зошто треба да изврши некоја задача, и пофали го за трудот што го вложува за да ја исполни (Види во пасуси 5-8)

      6. Која важна метода ја користел Исус за да ги обучува другите?

      6 За да го поттикнеш ученикот да служи, не е доволно само да му кажеш што да прави. Важно е да му објасниш и зошто треба да го прави тоа. На тој начин, ќе постапиш слично како Големиот Учител, Исус. На пример, пред да им даде на своите ученици задача да ги поучуваат другите, Исус им кажал зошто треба да го послушаат, кога рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. А потоа додал: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:18, 19). Како можеш и ти да ги обучуваш другите слично на Исус?

      7, 8. а) Како денес старешините можат да го следат примерот на Исус додека ги обучуваат другите? б) Колку е важна пофалбата за ученикот? в) Кои предлози можат да им помогнат на старешините да ги обучуваат другите? (Види ја рамката „Како треба да се дава обука.“)

      7 Кога ќе му дадеш одредена задача на ученикот, објасни му на темел на Библијата зошто таа е важна. Така ќе му помогнеш да ги прави работите затоа што ги разбира библиските начела, а не само затоа што мора да следи одредени правила. На пример, ако замолиш некој брат да се грижи влезот во Салата да биде чист и безбеден, би можел да му го покажеш стихот од Тит 2:10. Објасни му како со таа задача ќе придонесе да се ‚украсува учењето на нашиот Спасител, Бог‘. Исто така, поттикни го да размислува како она што го прави ќе им користи на постарите во собранието. Ако таквите разговори се дел од обуката што му ја даваш, ќе му помогнеш да мисли повеќе на луѓето отколку на правилата. Тогаш ученикот ќе се радува затоа што ќе сфати каква корист имаат браќата и сестрите во собранието од задачата што ја извршува.

      8 Освен тоа, не заборавај да го пофалиш затоа што се труди да ги примени твоите предлози. Колку е важно да му дадеш искрена пофалба? Исто како што водата му помага на растението да цвета, така и пофалбата му помага на ученикот духовно да напредува. (Спореди со Матеј 3:17.)

      ДОДАТЕН ПРЕДИЗВИК

      9. а) Со каков предизвик во поглед на обуката се соочуваат некои старешини во побогатите земји? б) Зошто вистината никогаш не била на прво место во животот на некои помлади браќа?

      9 Старешините во побогатите земји можеби се соочуваат со додатен предизвик. На некои од нив не им е лесно да ги поттикнат браќата кои се во своите 20-ти и 30-ти години да прават повеќе во собранието. Долгогодишни старешини во околу 20 западни земји беа прашани зошто некои браќа не се спремни да прифатат повеќе собраниски задолженија. Најчест одговор на ова прашање беше: Кога таквите браќа биле помлади, нивните родители не ги поттикнувале да си поставуваат духовни цели. Всушност, во некои случаи, младите кои сакале да прават повеќе биле охрабрени од родителите да си постават световни цели! Вистината никогаш не била на прво место во животот на тие млади браќа (Мат. 10:24).

      10, 11. а) Како може еден старешина постепено да му помогне на некој брат да го промени својот став? б) Кои библиски стихови може да ги разгледа старешината со таквиот брат, и зошто? (Види ја фуснотата.)

      10 Ако се чини дека некој брат не е баш заинтересиран да служи повеќе во собранието, можеби ќе треба да вложиш голем труд и да бидеш многу стрплив за да му помогнеш да си го смени ставот. Исто како што еден градинар може да го насочи растот на некое дрвце со тоа што малку по малку ќе му го исправа стеблото, така и ти можеш постепено да му помогнеш да сфати дека треба да гледа поинаку на собраниските одговорности. Но, како?

      11 Одвој време за да се спријателиш со братот. Стави му до знаење дека му е потребен на собранието. По некое време би можел да разгледаш заедно со него некои конкретни библиски стихови кои ќе му помогнат да размисли за заветот што му го дал на Јехова (Проп. 5:4; Иса. 6:8; Мат. 6:24, 33; Лука 9:57-62; 1. Кор. 15:58; 2. Кор. 5:15; 13:5). Обиди се да го допреш неговото срце така што ќе му поставиш некое од следниве прашања: ‚Што му кажа на Бог кога му го заветува својот живот? Што мислиш, како најверојатно се чувствуваше Јехова на денот на твоето крштавање?‘ (Изр. 27:11). ‚А како се чувствуваше Сатана?‘ (1. Пет. 5:8). Никогаш немој да го потцениш силното влијание што таквите стихови можат да го имаат врз срцето на некој брат. (Прочитај Евреите 4:12.)b

      УЧЕНИЦИ, БИДЕТЕ ВЕРНИ И ЛОЈАЛНИ

      12, 13. а) Каков став покажал Елисеј како ученик на Илија? б) Како Јехова го наградил Елисеј затоа што му останал верен на својот учител?

      12 Млади браќа, на собранието му е потребна вашата помош! Каков став треба да имате за да можете успешно да му служите на Јехова? Одговорот на ова прашање ќе го добиеме ако разгледаме неколку настани од животот на Божјиот слуга Елисеј.

      13 Пред речиси 3.000 години, пророкот Илија го повикал младиот Елисеј да му биде помошник. Елисеј веднаш ја прифатил поканата и верно му служел на остарениот Илија извршувајќи задачи кои навидум биле безначајни (2. Цар. 3:11). Оваа обука траела околу шест години. Потоа, кога требало да ја заврши својата служба во Израел, Илија му кажал на Елисеј дека не мора повеќе да оди со него. Но, Елисеј трипати му рекол: „Нема да те оставам“. Тој бил решен да остане со својот учител колку што е можно повеќе. Јехова го наградил за лојалноста и верноста што ги покажал така што му дозволил да види како Илија со чудо бил вознесен во виор на небото (2. Цар. 2:1-12).

      14. а) Како учениците денес можат да го следат примерот на Елисеј? б) Зошто е многу важно ученикот да биде верен?

      14 Како можеш да го следиш примерот на Елисеј? Спремно прифаќај ги сите задачи што ќе ти бидат доверени, дури и оние што некои можеби ги сметаат за неважни. Не заборавај дека твојот учител пред сѐ е твој пријател. Кажи му дека го цениш сето она што го прави за тебе, и покажи му дека сакаш и понатаму да учиш од него. Но, најважно од сѐ, верно извршувај ја секоја своја задача. Зошто? Затоа што, дури откако ќе покажеш дека си лојален и доверлив, старешините ќе бидат сигурни дека Јехова сака да добиеш додатни одговорности во собранието (Пс. 101:6; прочитај 2. Тимотеј 2:2).

      ПОЧИТУВАЈ ГИ ИСКУСНИТЕ СТАРЕШИНИ

      15, 16. а) Како Елисеј покажал почит кон својот учител? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Зошто другите пророци стекнале доверба во Елисеј?

      15 Извештајот за Елисеј исто така покажува дека е важно браќата да покажуваат почит кон искусните старешини. Откако посетиле една група пророци во Ерихон, Илија и Елисеј отишле до реката Јордан. Таму ‚Илија ја зел својата пророчка наметка, ја свиткал и удрил со неа по водата, а водата се разделила‘. Потоа преминале по суво од другата страна, продолжувајќи го разговорот. Се разбира, Елисеј не мислел дека веќе знае сѐ. Сѐ до мигот кога Илија бил вознесен во виор, Елисеј внимателно го слушал секој негов збор и учел од него. Подоцна, кога се вратил кај реката Јордан, тој ја удрил водата со наметката на Илија и извикал: „Каде е Јехова, Богот на Илија?“ И водата повторно се разделила! (2. Цар. 2:8-14).

      16 Дали забележа дека првото чудо на Елисеј било исто како последното чудо на Илија? Што учиме од ова? Очигледно, Елисеј не сметал дека, затоа што сега тој е одговорен, треба веднаш да го смени начинот на кој дотогаш се правеле работите. Напротив, со тоа што продолжил да ја врши службата на ист начин како неговиот учител, Елисеј покажал почит кон него и ја стекнал довербата на другите пророци (2. Цар. 2:15). Но подоцна, во текот на неговата 60-годишна пророчка служба, Јехова му дал моќ да направи многу повеќе чуда од Илија. Ако и ти добиваш обука, каква поука можеш да извлечеш од примерот на Елисеј?

      17. а) Како можат учениците денес да покажат ист став како Елисеј? б) Како можеби Јехова ќе ги користи верните ученици со текот на времето?

      17 Кога ќе добиеш поголеми одговорности во собранието, немој да мислиш дека треба веднаш да внесеш промени, односно да ги вршиш задачите сосема поинаку отколку што се извршувале дотогаш. Имај на ум дека промените не се прават поради нечија лична желба, туку поради потребите на собранието и упатствата кои ги добиваме од Јеховината организација. Исто како што Елисеј покажал почит кон Илија и ја стекнал довербата на останатите пророци со тоа што продолжил да ги користи методите на својот учител, така и ти ќе покажеш почит кон искусните старешини и ќе ја стекнеш довербата на твоите браќа и сестри ако продолжиш да ги користиш библиските методи за кои си бил поучен. (Прочитај 1. Коринќаните 4:17.) Меѓутоа, како што ќе се здобиваш со искуство, несомнено и ти ќе имаш удел во промените кои ќе му помогнат на собранието да остане во чекор со Јеховината организација. Всушност, исто како во случајот на Елисеј, Јехова може со текот на времето да ве користи вас, учениците, за да ‚правите и поголеми дела‘ од вашите учители (Јован 14:12).

      18. Зошто денес е многу важно да се обучат браќата во собранијата?

      18 Се надеваме дека предлозите од оваа и од претходната статија ќе ги поттикнат старешините да одвојат време за да ги обучуваат другите. А се надеваме и дека другите браќа кои ги исполнуваат условите спремно ќе ја прифатат таквата обука и дека мудро ќе ја искористат за да се грижат за Јеховините овци. Тоа ќе ги зајакне собранијата низ целиот свет и ќе ни помогне на сите да останеме верни во значајните времиња што ни претстојат.

      a Ако јасно се гледа дека некој млад човек е зрел и понизен, и ако ги исполнува другите библиски барања, старешините можат да предложат да биде именуван како слуга-помошник дури и да нема 20 години (1. Тим. 3:8-10, 12; види ја статијата „,Проверени дали сме подобни‘ — на кој начин?“, во Нашата служба за Царството од мај 2000, страница 6).

      b Би можел да разгледаш со братот некои мисли од Стражарска кула од 15 април 2012, страници 14-16, пасуси 8-13; и од Зачувај ја Божјата љубов, поглавје 16, пасуси 1-3.

      Како треба да се дава обука

      СТАРЕШИНИТЕ кои успешно ги обучуваат другите ги даваат следниве предлози:

      1. Биди пример на збор и на дело.

      2. Охрабри го ученикот да го зајакне својот однос со Бог така што ќе ја прочита целата Библија за една година.

        Еден старешина обучува слуга-помошник како да сведочи на јавни места
      3. Одете заедно во служба.

      4. Поучи го да води состаноци за служба од кои присутните ќе извлечат корист.

        1. Еден старешина држи јавно предавање; 2. Еден старешина му помага на еден слуга-помошник; 3. Еден слуга-помошник држи јавно предавање
      5. Пред да имаш јавно предавање, дај му го нацртот за да може да следи во него додека го изнесуваш и да види како си ги разработил мислите.

      6. Одвреме-навреме покани ги него и неговото семејство да присуствуваат на вашата Семејна вечер.

      7. Викни ги него и неговото семејство да проповедаат заедно со твоето семејство на недоделени или ретко обработувани подрачја.c

      c Овие предлози, кои беа испробани од старешини во Австралија, Азија, Африка, Европа, и Јужна и Северна Америка, дадоа добри резултати.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели