ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Создавање или еволуција? — Прв дел: Зошто да верувам во Бог?
    Младите прашуваат
    • Еден млад човек му објаснува на својот соученик зошто верува во Бог

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Создавање или еволуција? — Прв дел: Зошто да верувам во Бог?

      • Создавање или еволуција?

      • Зошто верувам дека постои Бог?

      • Како да ги објаснам моите верувања?

      Создавање или еволуција?

      Дали веруваш дека Бог е Творец на сѐ? Ако да, не си единствениот. И многу други тинејџери и возрасни го делат твоето мислење. Од друга страна, мнозина веруваат дека животот и универзумот настанале по пат на еволуција, а не дека се создадени од едно Врховно Битие.

      Дали си знаел? Честопати, и луѓето што веруваат во Бог и оние што ја застапуваат еволуцијата многу лесно кажуваат во што веруваат, без да знаат зошто веруваат во тоа.

      • Некои веруваат дека постои Творец само затоа што така биле поучени во црква.

      • Мнозина веруваат во еволуција само затоа што така учеле во школо.

      Овие статии ќе ти помогнат уште повеќе да се увериш дека постои Творец и да научиш како да им го објасниш тоа на другите. Но, најпрво треба да си го поставиш следново прашање:

      Зошто верувам дека постои Бог?

      Зошто е важно да размислиш за ова прашање? Затоа што Библијата те поттикнува да го ,користиш својот разум‘ (Римјаните 12:1). Тоа значи дека твојата вера во Бог не треба да се темели само на:

      • чувства (едноставно чувствувам дека мора да има некоја виша сила)

      • мислењето на другите луѓе (живеам во религиозна средина)

      • мислењето на семејството (моите родители ме воспитаа да верувам во Бог)

      Наместо тоа, ти треба самиот да се увериш дека постои Бог и да го поткрепиш тоа со логични докази.

      Според ова, што те уверува тебе лично дека постои Бог? Работниот лист „Зошто верувам во Бог?“ ќе ти помогне да ги зајакнеш своите уверувања. Од голема помош ќе ти биде ако ги прочиташ и размислиш за одговорите на други млади луѓе.

      „Кога слушам на час додека наставникот објаснува како функционира нашето тело, воопшто не се сомневам дека постои Бог. Секој дел од телото си има своја улога, па дури и најмалиот. Нашето тело функционира без да сме свесни за тоа. Човечкото тело е неверојатно сложено!“ (Тереза).

      „Кога ќе видам некој облакодер, брод за крстосување или автомобил, се прашувам: ,Кој го направил?‘ На пример, за да се направи една кола потребен е интелигентен конструктор затоа што сите мали делчиња од кои е составена треба складно да работат за колата исправно да функционира. Ако тоа е случај со една кола, тогаш и луѓето мора да се создадени од интелигентен конструктор“ (Ричард).

      „Ако на најголемите умови им требало стотици години да разберат само еден мал дел од универзумот, би било потполно неразумно да си мислиме дека настанал сам од себе, без интелигентен Творец!“ (Карен).

      „Колку повеќе истражував на полето на науката, толку повеќе сфаќав дека теоријата за еволуција е бесмислена. На пример, размислував за математичката точност со која се одвиваат некои процеси во природата и за тоа колку сме уникатни ние луѓето — сакаме да знаеме кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме. Еволуцијата се обидува да го објасни сето ова споредувајќи ги човечките карактеристики со животинските. Но, таа никогаш не успеала да објасни зошто луѓето се уникатни. Според мене, потребно е да имаш многу поголема ,вера‘ за да веруваш во еволуција, отколку да веруваш во Творец“ (Ентони).

      Како да ги објаснам моите верувања?

      Што ако соучениците ти се исмејуваат затоа што веруваш во нешто кое не се гледа? Што ако ти речат дека науката има „докази“ кои ја потврдуваат еволуцијата?

      Најпрво, биди убеден во она што го веруваш. Немој да се плашиш или да се срамиш (Римјаните 1:16). Не заборавај дека:

      1. Освен тебе, и многу други луѓе сѐ уште веруваат во Бог. Голем број од нив се интелигентни и образовани луѓе. На пример, има научници кои веруваат дека постои Бог.

      2. Понекогаш, некои луѓе не можат да го разберат Бог, па затоа велат дека не веруваат во него. Тие не изнесуваат докази за да го потврдат своето гледиште, туку велат: „Ако постои Бог, зошто дозволува да страдаме?“ Ова покажува дека дошле до заклучокот дека не постои Бог на темел на своите чувства, а не на темел на логични докази.

      3. Луѓето имаат „духовни потреби“ (Матеј 5:3). Во нив спаѓа и потребата да веруваат во Бог. Затоа, ако некој рече дека нема Бог, тој треба да објасни како дошол до ваков заклучок (Римјаните 1:18-20).

      4. Сосема е разумно да се верува во Бог. Тоа е во склад со веќе докажаниот факт дека животот не настанал сам од себе. Не постои ниту еден доказ кој ја поткрепува идејата дека животот настанал од нежива материја како резултат на слепа случајност.

      Тогаш, што би можел да кажеш ако некој се обидува да ти ја поткопа верата во Бог? Еве неколку предлози:

      Ако некој ти рече: „Само необразованите луѓе веруваат во Бог.“

      Би можел да кажеш: „Ама дали можеме со сигурност да го тврдиме тоа? Јас мислам не. Според една анкета, во која биле вклучени повеќе од 1.600 научници кои предаваат на познати универзитети, една третина од нив рекле дека веруваат во Бог.a Дали би ги нарекол овие професори неинтелигентни само затоа што веруваат во Творец?“

      Ако некој ти рече: „Не верувам во Бог затоа што има толку многу страдања во светот.“

      Би можел да кажеш: „Можеби ти е тешко да сфатиш зошто Бог постапува на одреден начин, односно зошто ги дозволува страдањата. Јас најдов во Библијата логичен одговор на прашањето зошто има толку многу страдања. Дали би сакал да дознаеш нешто повеќе за тоа?“

      Во следната статија ќе видиме зошто теоријата на еволуција не дава разумно објаснување за нашето постоење.

      a Извор: Social Science Research Council, “Religion and Spirituality Among University Scientists” од Елејн Хауард Екланд, 5 февруари 2007.

  • Создавање или еволуција? — Втор дел: Треба ли слепо да верувам во теоријата на еволуција?
    Младите прашуваат
    • Средношколци учат за еволуција

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Создавање или еволуција? — Втор дел: Треба ли слепо да верувам во теоријата на еволуција?

      Алекс е збунет. Тој отсекогаш верува дека Бог постои и дека тој создал сѐ. Но, денес, на час по биологија, наставникот со голема уверливост тврдеше дека еволуцијата е факт и дека е заснована на цврсти докази. Алекс не сака да излезе глупав пред другите. Тој си мисли: ,Ако научниците ја докажале еволуцијата, кој сум, пак, јас да се правам попаметен од нив?

      Ти звучи ли ова познато? Можеби и ти целиот свој живот веруваш во она што го вели Библијата: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Ама во последно време некои се обидуваат да те убедат дека создавањето е обична прикаска и дека еволуцијата е докажана работа. Треба ли да им веруваш? Зошто не треба слепо да веруваш во еволуција?

      • Две причини зошто не треба слепо да веруваш во еволуција

      • Прашања за размислување

      • Што велат други млдаи

      Две причини зошто не треба слепо да веруваш во еволуција

      1. Научниците не се едномислени во врска со еволуцијата. И покрај долгогодишните истражувања, научниците сѐ уште не дошле до објаснување за еволуцијата со кое сите тие се согласуваат.

        Размисли: Ако научниците не се едномислени во врска со еволуцијата — а нели тие се експертите — тогаш зошто слепо да веруваш во еволуција? (Псалм 10:4).

      2. Важно е во што веруваш. „Ако животот настанал случајно, тогаш нашиот живот — и сѐ во вселената — нема никаква смисла“, вели едно момче по име Закари. И во право е. Доколку еволуцијата е факт, животот би бил бесмислен (1. Коринќаните 15:32). Од друга страна, ако создавањето е факт, можеме да најдеме задоволувачки одговор на прашањата во врска со смислата на животот и во врска со тоа што ни носи иднината (Еремија 29:11).

        Размисли: Како ќе влијае врз твојот живот тоа што ќе ја знаеш вистината за еволуцијата и за создавањето? (Евреите 11:1).

      Прашања за размислување

      НЕКОИ ВЕЛАТ: ,Сѐ во вселената е резултат на една голема експлозија‘.

      • Кој или што ја предизвикало таа голема експлозија?

      • Што има повеќе смисла — дека сѐ настанало од ништо или дека сѐ настанало од нешто, односно од некој?

      НЕКОИ ВЕЛАТ: ,Луѓето настанале од животни‘.

      • Ако луѓето настанале од животни — на пример, од мајмуни — зошто има толку голема разлика помеѓу интелектуалните способности на луѓето и на мајмуните?a

      • Зошто дури и „најпростите“ облици на живот се толку сложени?b

      НЕКОИ ВЕЛАТ: ,Еволуцијата е факт‘.

      •   Дали оној што го тврди ова ги испитал доказите?

      • Колку луѓе веруваат во еволуција само затоа што им било кажано дека сите интелигентни луѓе веруваат во еволуција?

      ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ

      Гвен

      Гвен

      „Замисли, некој ти кажува дека имало експлозија во некоја печатница и дека мастилото се распрскало по ѕидовите и по таванот и така настанал еден обемен речник. Ќе веруваш во тоа? Уште потешко е да се верува дека сѐ во вселената, која е неверојатно организирана, настанало како резултат на една неконтролирана голема експлозија!“

      Џесика

      Џесика

      „Луѓето имаат особини кои воопшто не им се потребни за опстанок. На пример, се грижиме за болните и им помагаме на оние што се во полоша ситуација. Од друга страна, еволуцијата тврди дека преживуваат најјаките. Тогаш зошто би се грижеле за другите?“

      Џулија

      Џулија

      „Ако се шеташ низ шума и здогледаш некоја прекрасна куќичка, дали би помислил: ,Колку е убава! Сигурно дрвјата сами паднале и се наредиле како што треба‘. Секако дека не! Тоа нема никаква логика. Тогаш, зошто да веруваме дека сѐ во вселената настанало случајно?“

      a  Некои тврдат дека луѓето се поинтелигентни затоа што имаат поголем мозок од мајмуните. За да дознаеш зошто ова тврдење не е издржано, види во брошурата Пет важни прашања за потеклото на животот, страница 28, достапна на повеќе јазици.

      b Види ја брошурата Пет важни прашања за потеклото на животот, страници 8-12, достапна на повеќе јазици.

  • Создавање или еволуција? — Трет дел: Зошто да верувам дека Бог го создал животот?
    Младите прашуваат
    • Ученици во музеј разгледуваат фосили од диносаурус

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Создавање или еволуција? — Трет дел: Зошто да верувам дека Бог го создал животот?

      „Ако веруваш дека Бог го создал животот, другите можеби ќе мислат дека си смотан, дека уште веруваш во она што родителите ти го кажувале како дете или дека религијата ти го испрала мозокот“ (Џанет).

      Дали се согласуваш со Џанет? Ако да, можеби кај тебе се раѓа сомнеж во врска со твоето верување во Творец. А и никој не сака да го сметаат за глупав. Што може да ти помогне?

      • Типични приговори

      • Преиспитај ги своите верувања

      • Што велат доказите

      • Што велат други млдаи

      Типични приговори

      1. Ако веруваш дека Бог го создал животот, луѓето ќе мислат дека си против науката.

      „Според мојата професорка, оние што веруваат дека Бог го создал животот се премногу мрзливи да размислуваат со своја глава за светот околу нас“ (Марија).

      Што треба да знаеш: Луѓето што имаат ваков став не се доволно информирани. На пример, познати научници, како Галилео и Исак Њутн, верувале во Творец. Нивните верувања не биле пречка за да ја сакаат науката. Слично на нив, и за некои научници денес нема противречност меѓу науката и верувањето во Творец.

      Предлог: Во полето за пребарување во ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА на Јеховините сведоци впиши го изразот „зборува за својата вера“ (сосе наводниците) и ќе најдеш многу примери на луѓе што се занимаваат со медицина и наука, а кои во исто време веруваат и во Творец. Забележи зошто веруваат во Творец.

      Заклучок: Ако веруваш во Творец, не значи дека имаш нешто против науката. Напротив, колку повеќе дознаваш за природата околу нас толку поуверен ќе бидеш дека Бог го создал животот (Римјаните 1:20).

      2. Ако веруваш во она што Библијата го вели за настанокот на светот, луѓето ќе мислат дека си религиозен фанатик.

      „Многу луѓе сметаат дека е чиста глупост да веруваш дека Бог го создал животот. За нив она што го пишува во 1. Мојсеева е обична прикаска“ (Јасмина).

      Што треба да знаеш: Многу луѓе имаат погрешна претстава во врска со библискиот извештај за создавањето. На пример, некои поборници на креационизмот тврдат дека Земјата била создадена пред само неколку илјади години или дека животот настанал во текот на шест дена од по 24 часа. Меѓутоа, во Библијата нема поткрепа ниту за едното ниту за другото гледиште.

      • Во 1. Мојсеева 1:1 пишува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Оваа изјава не е во судир со научните докази дека Земјата е стара милијарди години.

      • Зборот „ден“ во 1. Мојсеева може да укажува на долги временски периоди. На пример, во 1. Мојсеева 2:4 зборот „ден“ укажува на сите шест дена на создавањето.

      Заклучок: Она што го пишува во Библијата за создавањето на светот е во склад со научните факти.

      Преиспитај ги своите верувања

      Да веруваш дека Бог го создал животот не значи дека си лековерен. Напротив, тоа верување се темели на цврсти аргументи. Размисли за следново:

      Сигурно си се уверил дека ништо не може да настане само од себе — некој мора да го направи. Кога ќе видиш фотоапарат, авион или куќа, сигурно ќе заклучиш дека некој ги направил. Зошто не ја примениш истата логика и кога ќе размислиш за човечкото око, кога ќе видиш птица во лет или кога ќе помислиш на Земјата?

      Размисли: Конструкторите често копираат од природата за да ги подобрат своите изуми, и со право сакаат другите да им го признаат трудот. Логично ли е да му се оддаде признание на човек и на неговите изуми, а да не му се оддаде признание на Творецот и на неговите ненадминливи дела?

      Авион и птица во лет

      Логично ли е да мислиме дека некој го направил авионот, а дека птицата настанала случајно?

      Што велат доказите

      Твојата увереност дека Бог го создал животот може да се зајакне ако ги испиташ доказите што ги гледаме во природата.

      Предлог: Во полето за пребарување во ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА на Јеховините сведоци впиши го изразот „случајно или создадено“ (сосе наводниците). Избери теми што те интересираат од рубриката „Случајно или создадено?“ од Разбудете се! Во секоја статија ќе најдеш некој фасцинантен детаљ кој покажува колку се импресивни природата и живиот свет. Како ова те уверува дека постои Творец?

      Размисли подлабоко: Со помош на следниве брошури, подетално испитај ги доказите кои потврдуваат дека постои Творец.

      • Дали животот е Божје дело?

        • Земјата има идеална местоположба во вселената и сѐ што е потребно за на неа да постои живот. (Види на страници 4-10.)

        • Во природата има многу докази за постоењето на Творец. (Види на страници 11-17.)

        • Библискиот извештај од 1. Мојсеева во врска со создавањето е во склад со науката. (Види на страници 24-28.)

      • Пет важни прашања за потеклото на животот

        • Не е можно животот да настанал случајно од нежива материја. (Види на страници 4-7.)

        • Живите организми се премногу сложени што значи дека не е можно да настанале преку неконтролирани, случајни процеси. (Види на страници 8-12.)

        • ДНК има капацитет за складирање информации што современата технологија ни оддалеку не може да го копира. (Види на страници 13-21.)

        • Целокупниот жив свет не потекнува од еден заеднички предок. Фосилните остатоци покажуваат дека главните групи животни не се развиле постепено, туку се појавиле одеднаш. (Види на страници 22-29.)

      „Нешто што најмногу ме уверува дека постои Бог е светот на природата — од животните на Земјата до вселената и редот што владее во неа“ (Томас).

      ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ

      Хана

      „Секогаш кога на час по биологија учевме за сложената градба на растенијата, животните и човечкото тело, останував без здив! Ни најмалку не се сомневам дека сето тоа е дело на мудар Творец. Мислам дека ,слепа вера‘ ти треба за да веруваш во еволуција, а не во Творец“ (Хана).

      Талија

      „Многу сакам да ги читам статиите ,Случајно или создадено?‘ во списанието ,Разбудете се!‘ Тие ме уверуваат дека не е можно животот да настанал по пат на еволуција. Лудост е да мислиш дека нешто толку убаво како пеперутката или колибрито настанало случајно“ (Талија).

  • Создавање или еволуција? — Четврти дел: Како да објаснам зошто верувам дека Бог го создал животот?
    Младите прашуваат
    • Тинејџерка која е Сведок објаснува зошто верува во Творец

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Создавање или еволуција? — Четврти дел: Како да објаснам зошто верувам дека Бог го создал животот?

      Веруваш дека Бог создал сѐ, ама се срамиш тоа отворено да го кажеш пред другите на училиште. Можеби во учебниците се зборува за еволуцијата како за факт и страв ти е дека наставниците и учениците ќе ти се смеат. Што ќе ти помогне смело да зборуваш за своите верувања?

      • Само смело!

      • Подготви се

      • Што ти е на располагање

      • Што велат други млади

      Само смело!

      Можеби си мислиш: ,Науката и еволуцијата за мене се шпанско село.‘ Едно време, така мислела и Даниела. Таа вели: „Ми се стемнуваше од помислата дека треба да се објаснувам со наставникот и со другите во класот“. И Дијана вели нешто слично: „Кога ќе почнеа да се расфрлаат со научни термини, се чувствував како да сум паднала од Марс“.

      Меѓутоа, твојата цел не е да излезеш победник во таквите дискусии. Освен тоа, не мора да си гениј за да објасниш зошто според тебе е сосема разумно да веруваш дека Бог го создал животот.

      Предлог: Можеш да го користиш едноставниот аргумент запишан во Библијата, во Евреите 3:4: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“.

      Една девојка по име Керол вака го применува начелото од Евреите 3:4: „Замисли си дека одиш низ густа шума. Со километри наоколу нема жив човек и одеднаш на земјата здогледуваш чепкалка за заби. Што ќе си помислиш? Мнозина би рекле: ,Некој бил овде‘. Ако нешто толку мало и безначајно како една чепкалка за заби е доказ дека зад неа стои некаква интелигенција, тогаш колку посилен доказ е вселената и сѐ во неа!“

      Ако некој рече: „Ако постои Бог кој создал сѐ, тогаш кој го создал него?“

      Би можел да одговориш: „Тоа што не знаеме сѐ за Творецот не значи дека тој не постои. На пример, можеби не знаеш сѐ за оној што го дизајнирал твојот мобилен телефон, но сигурно веруваш дека некој го измислил, нели? [Почекај да одговори.] Сепак, има многу работи кои можеме да ги дознаеме за Бог. Ако сакаш, можам да ти покажам што имам научено за него“.

      Подготви се

      Библијата вели дека треба да ,бидеме спремни за одбрана пред секој што од нас бара да ја образложиме надежта која е во нас, но тоа да го правиме благо и со длабока почит‘ (1. Петрово 3:15). Затоа, обрни внимание на две работи — што ќе кажеш и како ќе го кажеш.

      1. Што ќе кажеш. Љубовта кон Бог е важна бидејќи таа може да те поттикне да им зборуваш на другите за него. Но, за да ги увериш дека Бог го создал животот, можеби нема да биде доволно само да им кажеш колку го сакаш. Би било добро да посочиш примери од природата што покажуваат зошто е разумно да веруваме дека тој е Творецот на сѐ.

      2. Како ќе го кажеш. Зборувај со увереност, но немој да си нељубезен или да се поставуваш над другите. Поголеми се шансите луѓето да размислат за она што им го кажуваш ако видат дека ги почитуваш нивните верувања и нивното право на мислење.

        „Сметам дека е важно никогаш да не ги навредуваме другите или да се правиме попаметни од нив. Нема ништо да постигнеме ако зборуваме од високо“ (Илејн).

      Што ти е на располагање

      Девојка оди по дожд

      Да бидеш подготвен да ги браниш своите верувања е исто како да бидеш подготвен ако времето ненадејно се смени

      „Ако не сме подготвени, тогаш ќе си молчиме од страв да не се избламираме“, вели една тинејџерка по име Алисија. Значи, многу е важно однапред да се подготвиме. Една друга девојка по име Џена вели: „Имам поголема самодоверба да зборувам за создавањето ако имам подготвено едноставни, но добро осмислени примери со кои ќе го поткрепам моето верување“.

      Каде можеш да најдеш такви примери? На многу млади им помогнале следниве публикации:

      • Дали животот е Божје дело?

      • Пет важни прашања за потеклото на животот

      • Чудата на создавањето ја објавуваат Божјата слава (филм)

      • Рубриката „Случајно или создадено?“ во списанието Разбудете се! (Во полето за пребарување во ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА на Јеховините сведоци впиши го изразот „случајно или создадено“ [сосе наводниците].)

      • Користи ја ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА на Јеховините сведоци за да најдеш дополнителен материјал.

      Може да ти помогнат и претходните статии од оваа серија „Создавање или еволуција?“

      1. Прв дел: Зошто да верувам во Бог?

      2. Втор дел: Треба ли слепо да верувам во теоријата на еволуција?

      3. Трет дел: Зошто да верувам дека Бог го создал животот?

      Предлог: Избери примери што тебе те уверуваат во постоењето на Творец. Така полесно ќе ги запамтиш и ќе можеш со увереност да зборуваш за нив. Вежбај како да ги објасниш своите верувања.

      ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ

      Британи

      „Ако сме настанале по пат на еволуција, тогаш зошто можеме да покажуваме сочувство и љубов? Овие особини нѐ тераат да размислуваме и за другите, а не само за себе. Ми нема никаква логика ваквите особини да се развивале преку еволуција“ (Британи).

      Бријана

      „По биологија учевме анатомија и како функционираат клетките. Иако биологијата ја застапува теоријата на еволуција, она што го учев, всушност, уште повеќе ме увери дека сме дело на интелигентен Творец“ (Бријана).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели