Суеверие — зошто е толку вкоренето?
КАКО што веројатно знаете, сѐ уште има многумина кои сметаат дека црната мачка што ќе им го пресече патот е лош предзнак или, пак, такви кои се плашат да поминат под скала. Исто така, многумина веруваат дека петок 13-ти е несреќен ден и дека 13-тиот кат на некоја зграда е опасно место. Таквите суеверија се вкоренети, иако се неразумни.
Размислете: Зошто некои луѓе носат зајачка шепа или чукаат во дрво кога ќе изразат надеж во нешто? Зарем тоа не е затоа што, без да имаат цврсти докази, веруваат дека ваквите постапки ќе им донесат среќа? Книгата A Dictionary of Superstitions (Речник на суеверието), забележува: „Суеверниот ум верува дека извесни предмети, места, животни или постапки носат среќа (добри предзнаци или амајлии), а дека други носат несреќа (лоши предзнаци или знаци за несреќа)“. (Видете Галатјаните 5:19, 20).
Обиди да се отстрани во Кина
Јасно е дека суеверието ги надживеало современите обиди да се отстрани. На пример, во 1995, Народното собрание на Шангај издаде службен декрет од владата со кој суеверието се забранува како застарено верување од минатото на таа нација. Целта била да се „искорени феудалното суеверие, да се реформираат погребните обичаи и да се поттикне изградба на една поцивилизирана престолнина“. Но, со каков резултат?
Според еден извештај, народот во Шангај останал лојален на своите суеверни обичаи. И покрај службената забрана на кинескиот ритуал на палење фалсификувани банкноти на гробовите на предците, посетителот на еден гроб рекол: „Запаливме 19 милијарди јени [околу три милијарди американски долари]“. Тој додал: „Традиција е да се прави тоа. Така се усреќуваат боговите“.
Влијателниот весник Guangming Daily истакна колку е неефикасна таа забрана, забележувајќи дека можеби има „пет милиони професионални гатачи во Кина, додека вкупниот број на стручен научен и технолошки персонал е само 10 милиони“. Овој весник забележал: „Изгледа дека порастот е во корист на гатачите“.
Во врска со вкоренетоста на суеверието, меѓународното издание на The Encyclopedia Americana вели: „Не само што некои стари обичаи се задржале во сите култури туку тие одново се толкуваат и им се даваат нови значења“. Последното издание на The New Encyclopædia Britannica признава: „Дури и во таканареченото современо доба, во време кога високо се ценат објективните докази, малкумина се оние кои под притисок не би признале дека тајно се држат за едно или две неразумни верувања или суеверија“.
Двојни мерила
Очигледно, многу луѓе имаат двојни мерила, бидејќи во јавноста не сакаат да признаат што прават кога се сами. Еден писател вели дека оваа колебливост се должи на стравот да не изгледаат глупави во очите на другите. Затоа, тие поединци можеби повеќе сакаат своите суеверни обичаи да ги нарекуваат рутина или навика. На пример, за своето однесување спортистите можеби зборуваат како за ритуали пред играта.
Еден новинар неодамна дал иронична забелешка во врска со еден ланец писма, а станува збор за писмо кое им се испраќа на неколку луѓе со барање секој од нив да им испрати примероци уште на многу други. Честопати, на оној што ќе пренесе такво писмо му се ветува дека ќе го следи среќа, додека оној што ќе го прекине ланецот наводно ќе има лоши последици. Затоа, новинарот станал нова алка во ланецот и рекол: „Разберете дека не го правам ова затоа што сум суеверен. Едноставно сакам да избегнам несреќа“.
Антрополозите и експертите од областа на фолклорот сметаат дека дури и изразот „суеверие“ е премногу субјективен; тие се колебаат да им дадат таков назив на извесни начини на однесување. Повеќе им се допаѓаат „поразбирливите“ но ублажени изрази како што се „народен обичај и верување“, „фолклор“ или „системи на верување“. Во својата книга Lest Ill Luck Befall Thee—Superstitions of the Great and Small (Да не те снајде несреќа — суеверија на големите и малите), Дик Хајмен отворено забележува: „Како гревот и настинката, суеверието има малку застапници но многу практикувачи“.
Сепак, како и да се нарекува, суеверието е вкоренето. Зошто ова е случај во денешнава технолошки напредна научна ера?
Зошто е толку вкоренето
Па, некои тврдат дека суеверието е нормално за луѓето. Постојат дури и такви кои тврдат дека склоноста кон суеверие ја носиме во гените. Сепак, некои истражувања докажуваат нешто друго. Доказите покажуваат дека луѓето стануваат суеверни како резултат на нивното воспитување.
Професорот Стјуарт А. Вајс објаснува: „Суеверното однесување, како и секое друго однесување, се стекнува во текот на животот. Не се раѓаме со навика да чукнеме во дрво, ние учиме да го правиме тоа“. Се вели дека луѓето почнуваат да веруваат во магии уште додека се деца и потоа остануваат подложни на суеверни верувања уште долго време откако ќе почнат да „размислуваат како возрасни“. А каде ги стекнуваат многуте суеверија?
Многу суеверија се тесно поврзани со религиозните верувања што се почитуваат. На пример, суеверието било дел од религијата на оние кои живееле во земјата Ханан пред Израелците. Библијата вели дека Хананејците имале обичај да гатаат, да практикуваат магија, да се ослонуваат на предзнаци или волшебништво, да ги урочуваат другите, да се консултираат со спиритистички медиуми и професионални претскажувачи на настаните и да ги распрашуваат мртвите (5. Мојсеева 18:9—12).
И древните Грци биле познати по суеверието кое било поврзано со нивната религија. Тие верувале во пророчишта, гатање и магии, исто како и Хананејците. Вавилонците гледале во црниот дроб на некое животно, верувајќи дека тој ќе им покаже како да постапат (Језекиил 21:21). Исто така, тие биле познати по коцкањето и барале помош од „богот на Среќата“, како што го нарекува Библијата (Исаија 65:11, NW). И денес е познато дека коцкарите се суеверни.
Интересно е тоа што многу цркви охрабруваат на оддаденост на коцкањето. Еден пример е Католичката црква, која унапредува активности како што е бингото. Во врска со тоа, еден коцкар забележал: „Сигурен сум дека Католичката црква сфаќа [дека коцкарите се многу суеверни] бидејќи калуѓерките со своите кутии за прилози секогаш беа во близина на хиподромот. Како може еден католик, какви што беа многумина од нас, да одмине една ‚сестра‘ и да очекува да има успех на коњските трки? Затоа дававме прилог. А ако победевме тој ден, бевме посебно дарежливи, надевајќи се дека тоа ќе ни донесе успех и понатаму“.
Истакнати примери за тесната поврзаност помеѓу религијата и суеверието се суеверијата во врска со Божиќ, празник што го унапредуваат црквите на христијанскиот свет. Во нив спаѓа надежта дека бакнувањето под имела ќе води до брак, како и многу други суеверија во врска со Дедо Мраз.
Книгата Да не те снајде несреќа забележува дека суеверието се развило во обидот „да се ѕирне во иднината“. Затоа денес, исто како и во текот на целата историја, и обичните луѓе и светските водачи се консултираат со гатачи и со други кои тврдат дека имаат магична моќ. Книгата Don’t Sing Before Breakfast, Don’t Sleep in the Moonlight (Не пеј пред појадок, не спиј на месечева светлина), објаснува: „На луѓето им е потребно да веруваат дека постојат амајлии и уроци кои успешно ќе го совладаат стравот како од познатото така и од непознатото“.
Со тоа, суеверието се обидело да им даде на луѓето чувство дека имаат контрола врз своите стравови. Книгата Cross Your Fingers, Spit in Your Hat (Прекрсти ги прстите, плукни во шеширот), вели: „[Луѓето] се ослонуваат на суеверијата од истите причини од кои отсекогаш го правеле тоа. Кога ќе се најдат во ситуации кои не можат да ги контролираат — кои зависат од ‚среќата‘ или од ‚случајноста‘ — суеверието им дава чувство на поголема сигурност“.
Иако науката во многу погледи ја подобрила судбата на луѓето, нивните чувства на несигурност сѐ уште остануваат. Всушност, несигурноста се зголемила заради проблемите што ги создала науката. Професорот Вајс вели: „Суеверието и верувањето во натприродното се длабоко врежани обележја на нашата култура . . . затоа што овој современ свет го зголеми нашето чувство на несигурност“.The World Book Encyclopedia заклучува: „Суеверијата веројатно ќе имаат свое место во животот на луѓето сѐ додека тие . . . се несигурни во поглед на иднината“.
Значи, накратко речено, суеверието опстојува затоа што е вкоренето во стравовите кои се вообичаени за човештвото и затоа што зад него стојат бројни религиозни верувања кои се почитуваат. Според тоа, дали треба да заклучиме дека суеверието служи за некоја корисна цел затоа што им помага на луѓето да се справат со несигурноста? Дали е безопасно? Или, пак, е нешто опасно што треба да се избегнува?
[Слика на страница 5]
Само во Кина можеби има пет милиони професионални гатачи
[Слика на страница 6]
Унапредувајќи бинго, многу цркви го поддржуваат суеверието
[Слика на страница 7]
Божиќните традиции, како што е бакнежот под имела, се потопени во суеверие