ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/2 стр. 18-19
  • Тагуа орев — може ли да ги спаси слоновите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тагуа орев — може ли да ги спаси слоновите?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Необична палма
  • Зошто е пријател на слонот
  • Тагуа оревот е со повеќекратна намена
  • Сурлата на слонот
    Разбудете се! 2012
  • Како се припитомуваат слонови
    Разбудете се! 2009
Разбудете се! 2000
g00 8/2 стр. 18-19

Тагуа орев — може ли да ги спаси слоновите?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЕКВАДОР

ТИЕ се неверојатни пријатели. Едниот тежи неколку грама, а другиот неколку тона. Едниот е растение, а другиот е животно. Живеат на различни континенти. Сепак, малечкиот јужноамерикански тагуа орев би можел да го спаси големиот африкански слон од немилосрден масакр. Што всушност е тагуа оревот и како му станал пријател на слонот?

Необична палма

Тагуа оревот е семката на една посебна сорта палми кои главно ги има во северниот дел на Јужна Америка. Овие дрвја кои растат бавно, имаат грациозни листови кои никнуваат од нивото на почвата. Многу години не може да се види никакво стебло. Тагуа палмата чие стебло достигнало височина од 2 метра е стара најмалку 35 до 40 години. Веднаш под листовите растат големи влакнести гроздови. Гроздот, кој обично тежи 10-тина килограми, се состои од густо збиени дрвенести плодови. Во секој плод обично има четири до девет семки, кои отприлика имаат големина и облик на кокошкино јајце. Во првата фаза, шуплините на семката содржат течност која ја гаси жедта и таа е слична на сокот од кокосов орев. Во втората фаза, течноста се згуснува и преминува во сладок желатин кој може да се јаде. Во третата и последна фаза, желатинот преминува во тврда, бела супстанција која е многу слична на слоновата коска.

Зошто е пријател на слонот

Како замена за слоновата коска, тагуа оревот навистина може да се нарече пријател на слонот. Безмилосното ловокрадење заради слонова коска го загрозило опстанокот на африканскиот слон. Меѓутоа, тагуа оревот нуди една практична алтернатива, бидејќи неговата растителна слонова коска изгледа исто како животинската слонова коска, многу е тврда, може добро да се полира и лесно ги впива боите. Сличноста меѓу слоновата коска од тагуа орев и од слон е толку голема што занаетчиите честопати оставаат дел од кафеавата лушпа на нивните производи како доказ дека не користат вистинска слонова коска — која е меѓународно забранет материјал.

Растителната слонова коска не е некое ново откритие. Уште во 1750, јужноамериканскиот фратар Хуан де Санта Хертрудис ги спомнал тагуа оревите во своите белешки, споредувајќи ги со „топчиња од мермер“ кои се користеле за резбање фигури. Во почетокот на 1900-тите, Еквадор, главниот извор на тагуа оревите, извезувал илјадници тони ореви секоја година, првенствено за производство на копчиња. По II светска војна, појавата на новата и ефтина пластика речиси ставила крај на трговијата со тагуа ореви. Показател за моменталното повторно оживување на растителната слонова коска е тоа што во текот на 18 месеци, 1.650 тони се извезени од Еквадор во Германија, Италија, Јапонија, Соединетите Држави и во 18 други земји.a На кој начин денес се преработува и се користи тагуа оревот?

Тагуа оревот е со повеќекратна намена

Семките се ставаат да се сушат на тропското сонце во текот на еден до три месеци, во зависност од тоа колку вода содржат. Потоа, машински се лупат, се класификуваат според големината и се сечат на парчиња кои ќе се користат во производството на копчиња. Всушност, копчињата од „слонова коска“ кои се направени од тагуа орев ја красат најквалитетната облека во светот. Меѓутоа, тагуа оревот не се користи само за копчиња. Накит, шаховски фигури, делови за дувачки инструменти, клавиши на пијано и рачки на чадори се различни производи кои се направени од тагуа орев.

Но, тагуа палмата дава многу повеќе! Ситниот прав кој останува по преработката се користи за да се подобри храната на животните. Тој служи и како гориво за правење јаглен. Листовите на оваа палма претставуваат водоотпорен материјал за правење покриви. Освен тоа, бербата и преработката, како и извозот на тагуа оревот, обезбедуваат вработување за многумина.

Над сѐ, растителната слонова коска може многу да придонесе за заштитата на африканскиот слон. Затоа, ако сакате луксузна слонова коска, не треба да ја барате во саваните на Африка. Сетете се на јужноамериканските дождовни шуми каде што слоновата коска ја има во толкаво изобилство што расте на дрвјата! Да, сетете се на тагуа оревот, пријателот на слонот.

[Фуснота]

a Помеѓу 1 јануари 1994 и 15 јуни 1995.

[Слики на страници 18 и 19]

1. Тагуа палма

2. Гроздови од плодови на тагуа орев

3. Напречен пресек на кој се гледаат семките на тагуа оревот

4. Семката на тагуа оревот се суши за да стане тврд орев

5. Копчиња од тагуа орев

6. Накит од тагуа орев со облога од седеф

7. Фигури од тагуа орев

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели