ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/5 стр. 16-19
  • Скалила до небото

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Скалила до небото
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Светско чудо?
  • Кој ги направил?
  • Како да се ужива во нив
  • Содржина
    Разбудете се! 2000
  • Дали сте знаеле?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Разбудете се! 2000
g00 8/5 стр. 16-19

Скалила до небото

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ФИЛИПИНИТЕ

СЕ ВЕЛИ дека се десетпати подолги од Големиот кинески ѕид. Некои велат дека, ако сите парцели се наредат една до друга, ќе достигнат 20.000 километри — или половина од пречникот на Земјата! Некои дури ги нарекуваат осмо светско чудо. Сепак, многу луѓе никогаш не чуле за оваа глетка на Филипините која влева стравопочит. За што станува збор? За скалилата до небото, оризовите тераси на Централните Кордиљери. Скриени во висините на Лузон, овие тераси се една зачудувачка слика на убавина и генијалност.

Зошто се направени? Стрмните планини на Кордиљерите имаат толкав наклон што обично не би можеле да се користат за земјоделство. Наклонот на некои падини е поголем од 50 проценти. Но, за древните земјоделци ова не претставувало пречка. На височина од 1.200 или повеќе метри, тие издлабиле илјадници тераси на стрмнините на раззеленетите планини. Понекогаш 25, 30 или повеќе тераси се наредени како скалила кои достигаат до небо. Секоја тераса, пак, е обработено преплавено поле, опкружено со земјени насипи и оградено со камени ѕидови. Повеќето се засадени со ориз и ја следат линијата на планината; некои падини се вдлабнати, а други се испакнати.

Се разбира, земјоделските тераси не се својствени само за Филипините. Откриени се терасести полиња и во други земји, особено во Југоисточна Азија, Јужна Америка и некои делови на Африка. Но, во многу погледи оризовите тераси на Филипините се единствени. Марио Мовиљон, од Меѓународниот истражувачки институт за ориз, ја даде следната изјава за Разбудете се!: „Оризовите тераси на Филипините се наоѓаат на многу повисоко ниво од терасите во другите земји. Тие опфаќаат еден голем дел од планините на Кордиљерите“. Голем дел се во провинцијата Ифугао. Човек не може а да не биде импресиониран од самиот број на терасите. Тие ѝ додаваат една вајарска убавина на природната линија на планините.

Светско чудо?

Дали е претерано да се наречат осмо светско чудо? Па, да го разгледаме овој факт: Можеби тие се најголемиот одделен земјоделски проект во човечката историја. Во декември 1995, Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации одлучи да ги вклучи оризовите тераси во Ифугао на својот Список на светско наследство. Како резултат на тоа, терасите сега се на исто ниво со други места кои имаат голема историска и културна вредност, како што се Таџ Махал во Индија, Островите Галапагос во Еквадор, Големиот ѕид во Кина и Ангкор Ват во Камбоџа. Но, за разлика од други древни градежни проекти, како што се пирамидите во Египет, терасите очигледно се изградени со заеднички напори — а не со ропски труд. Исто така, тие не се некое напуштено место туку се сѐ уште активно обработувани од народот Ифугао.

Ако ги посетите терасите, лично ќе можете да се уверите во нивната убавина што го одзема здивот. Ќе видите луѓе што работат на терасите, кои опфаќаат површина од неколку квадратни метри до 10.000 квадратни метри. Некои работници користат стапчиња за да направат дупки во почвата и да ја насочат водата да се излее во нив и пеат додека работат. Други садат ориз, пресадуваат садници или ја собираат жетвата. Ако дојдете кога расте новиот ориз, терасите претставуваат прекрасен мозаик од различни нијанси на зелена боја.

Влажните сорти ориз не можат да преживеат без големи количества вода. Затоа се користи еден сложен систем за наводнување. Планинските потоци се заградени, а водата тече кон терасите преку еден комплексен систем од канали и бамбусови цевки. Терано од гравитацијата, едно доволно количество вода се дистрибуира од тераса до тераса. Далеку од тоа да бидат мртов споменик, терасите навистина претставуваат живо чудо!

Кој ги направил?

Не мора да се спомне дека овие илјадници тераси не би можеле да се направат за една ноќ, па дури ни за неколку години. Сетете се, ова дело е направено без никакви современи алати или машини. Затоа се верува дека терасите почнале да се прават, во најмала рака, пред неколку стотини години.

Некои археолози дури веруваат дека работата започнала уште пред 2.000 години. Антрополозите укажуваат дека градителите мигрирале од северна Индокина или од Индонезија и се населиле во Лузон, донесувајќи ја со себе културата на одгледување влажен ориз со систем на тераси. Откако биле направени терасите, постепено се додавале нови нивоа.

Како да се ужива во нив

Сега да си замислиме дека сме на една турнеја низ терасите. Најпрвин се качуваме на автобус со клима уред од Манила до градот Банауа (Ифугао). Патувањето трае околу девет часа. Потоа имаме на располагање неколку опции. Можеме да одлучиме да одиме пеш, да земеме трицикл (мотоцикл со странично седиште) или да возиме џип до разни места што нѐ интересираат. А ако имаме желба и кондиција, можеме да тргнеме по една од патеките кои водат во планинските предели до кои може да се дојде само пеш. Оттаму можат да се видат некои од најспектакуларните глетки на терасите и се добива подобра претстава за неизмерноста на ова чудо што го направил човекот.

Одлучуваме да земеме џип до селото Батад. Потребно ни е повеќе од еден час возење по нерамниот планински пат за да дојдеме до едно место оддалечено 12 километри. Оттаму пешачиме по пешачка патека. Таа нѐ носи низ разновидна планинска вегетација додека постепено се искачуваме по еден гребен меѓу две повисоки места. (Има и една пократка рута, но многу е стрмна и не е препорачлива за оние кои не се навикнати на напорно искачување.) Од гребенот полека се спуштаме во Батад одејќи по една тесна патека.

Откако пешачевме неколку часа уживајќи во свежиот планински воздух по патот, конечно доаѓаме до нашето одредиште. Овде терасите претставуваат празник за очите. Бидејќи Батад е сместен спроти една вдлабната планинска падина, терасите се во облик на огромен амфитеатар. Тие прават интересна слика од линии, едно над друго ниво, како скалила до небото. Додека наближуваме до селото, ги гледаме старинските Ифугао куќи кои го шараат селото како некои гигантски печурки покриени со трева.

Луѓето се пријателски настроени и нѐ поздравуваат кога ги одминуваме додека работат на терасите. Можеби ќе се изненадите кога ќе ги видите мештаните како пргаво одат по работ на карпестиот ѕид на терасите, користејќи го како патека за да отидат од едно до друго место. Други се искачуваат од ниво на ниво со стабилност на планинска коза, користејќи ги како скалило стратешки поставените карпи. Кога ќе ги погледнете одблизу, ќе откриете дека се боси. Насекаде околу нив е оваа спектакуларна глетка на планинските тераси — навистина редок случај кога човековото градежно дело се вклопува во околината и ја надополнува.

Дали сето ова Ви звучи интересно? Тогаш, кога ќе дојдете на Филипините, по никоја цена не ја пропуштајте можноста да ги видите скалилата до небото — живо чудо кое нема лесно да го заборавите.

[Рамка/слики на страница 18]

Да се спасат терасите

И покрај сегашната убавина на терасите, нивното понатамошно постоење е доведено во опасност. Многумина од помладата генерација жители на планините не сакаат да садат ориз и бараат вработување на други места. Ова би можело да доведе до недостиг на вешти земјоделци за да ги одржуваат терасите.

Аурора Амајао, која потекнува од Ифугао и која е поврзана со Меѓународниот истражувачки институт за ориз, го извести Разбудете се! за уште една опасност: „Во терасите треба секогаш да има вода, но сега нема доволно заради сечењето на шумите“. Сушењето на вододелниците би значело уништување на терасите.

Одвреме навреме и природните катастрофи предизвикуваат проблеми. Во 1990, еден земјотрес уништи неколку парцели од терасите кога имаше одрони на неколку планински стрмнини.

Но, се преземаат чекори да се спречи исчезнувањето на терасите. Во 1996 беше издаден извршен налог да се оформи Комисија за терасите во Ифугао. Каква беше нејзината задача? Одржување на терасите, вклучувајќи ги придружниот водоводен систем и културата на тој предел, како и реставрација на оштетените подрачја.

Тоа што терасите се ставени на Списокот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО), ја обврзува филипинската влада да го стави тоа место под заштита. А според Џин Туасон, заменик директор на канцеларијата на УНЕСКО во Манила, „УНЕСКО може да даде техничка и финансиска помош за заштита и зачувување на оризовите тераси“.

[Карта на страница 16]

(Види во публикацијата)

Централни Кордиљери

[Слика на целата страница 17]

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели