„Ќе ги прековаат мечевите во плугови“ — кога?
ЕДНА прочуена статуа пред Обединетите нации во Њујорк Сити прикажува еден човек кој го прековува својот меч во плуг. Се темели на библиските пророштва од Исаија, 2. поглавје, 4. стих, и Михеј, 4. поглавје, 3. стих. Како и кога ќе се исполнат овие зборови?
Еден неодамнешен извештај во The New York Times имаше ударен наслов „Продажбата на глобалното вооружување се зголеми на 30 милијарди долари“! Кој беше водечки снабдувач на овој огромен арсенал оружје во текот на 1999 година? Водеа Соединетите Држави со продажба од 11,8 милијарди долари. Втора беше Русија со помалку од половина од тој износ. Меѓутоа, Русија речиси ја удвои својата продажба во текот на претходната година. Следеа Германија, Кина, Франција, Британија и Италија. Истиот извештај продолжува: „Како што беше случај и во минатото, приближно две третини од целото оружје им е продадено на земјите во развој“.
По две светски војни и многу други поголеми војни во текот на 20 век, кои оставија стотици милиони мртви и ранети, нормално е човек да се запраша: „Кога веќе еднаш нациите ќе се учат на мир наместо на војна?“ Библијата покажува дека вакво преобраќање на мир ќе настапи „во завршниот дел од деновите“ (Исаија 2:2, NW). Всушност, ова пророштво веќе доживува исполнување, бидејќи речиси шест милиони Јеховини сведоци дозволиле да бидат „поучени од Јехова“. Како резултат на тоа, нивниот ‚мир е изобилен‘ (Исаија 54:13, NW).
Наскоро, Јехова ќе стави крај на оружјето и на војните, како и на оние што ги шират, бидејќи ‚ќе ги уништи оние кои ја уништуваат земјата‘. Ако сакате да дознаете нешто повеќе за оваа прекрасна промена, Ве молиме, слободно стапете во контакт со Јеховините сведоци во Вашето место или пишете на соодветната адреса наведена на страница 5 (Откровение 11:18).