Војната не нѐ запре во проповедањето
РАСКАЖАЛ ЛЕОДЕГАРЈО БАРЛААН
Во 1942, во текот на II светска војна, Јапонија и Соединетите Држави се бореа кој од нив да владее со Филипините, мојата татковина. Јас се наоѓав во планинското село Табонан, каде што локалните герилци кои се бореа против Јапонците ме ставија во притвор. Ме претепаа, ме обвинија дека сум шпион и ми се заканија дека ќе ме погубат. Да Ви објаснам како се најдов во оваа ситуација и како преживеав.
РОДЕН сум на 24 јануари 1914, во гратчето Сан Карлос (Пангасинан). Во 1930-тите, татко ми ме испрати на училиште да учам земјоделство. Во неделите одев на миса, а свештеникот раскажуваше за евангелијата — Матеј, Марко, Лука и Јован. Како резултат на тоа, сакав да ги прочитам.
Еден ден отидов во манастирот за да купам примерок од евангелијата со парите што ги добив од продавањето зеленчук. Наместо евангелија, добив една брошурка со наслов The Way to Heaven (Патот до рајот), но во неа не беа опфатени евангелијата. Ова ме разочара. Подоцна отидов во Манила за да си ја исполнам желбата — да ги набавам евангелијата. Во Манила, мојот вујко, кој беше Јеховин сведок, ми даде примерок од комплетната Библија.
Во Манила сретнав неколку Јеховини сведоци и бев импресиониран од нивната способност да цитираат библиски стихови. Од нив добив задоволувачки одговори на многу прашања. Со текот на времето, вујко ми, Рикардо Усон, ме одведе на состанок во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци. Додека се приближувавме дотаму, запалив цигара. „Фрли ја“, ми рече вујко ми. „Јеховините сведоци не пушат.“ Така ја фрлив цигарата и никогаш повторно не пропушив. Се запознав со Жозеф дос Сантос, надгледник на подружницата, и со некои други Сведоци. Дури и денес, откако поминаа толку децении, сѐ уште се сеќавам на тие прекрасни христијански браќа.
Желбата да му служам на Бог
Во октомври 1937, додека студирав на Земјоделскиот колеџ во Лос Бањос, престанав да одам на миса. Наместо тоа, ја читав Библијата и литературата што ми ја даваше вујко ми. Една група Јеховини сведоци дојде во колеџот и како резултат на дискусиите со една од нив, Елвира Алинсод, се зајакна мојата желба да му служам на Јехова Бог.
Кога им реков на моите лектори дека планирам да прекинам со школувањето, тие ме прашаа: „Кој ќе те издржува?“ Им објаснив дека сум уверен дека, ако му служам на Бог, тој ќе ме поддржува. Откако го напуштив училиштето, отидов во канцеларијата на Watch Tower Society и се претставив како доброволец, објаснувајќи: „Ги прочитав публикациите Loyalty (Лојалност), Riches (Богатство) и Where Are the Dead? (Каде се мртвите?). Сега сакам да му служам на Јехова полновремено“. Ме испратија во провинцијата Себу за да им се придружам на тројцата пионери, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци.
Почнувам да проповедам
На 15 јули 1938, Салвадор Ливаг ме пресретна на пристаништето кога пристигнав на островот Себу. Следниот ден почнав да одам во служба од куќа до куќа. Никој не ме обучуваше. Само ќе му се претставев на станарот со картичка за сведочење на која беше објаснето нашето дело. Всушност, знаев да кажам само два збора на цебуано, локалниот јазик. Така започна мојот прв ден во службата.
Кога ќе почневме да сведочиме во некој нов град, имавме обичај прво да отидеме во општината. Таму, брат Ливаг му сведочеше на градоначалникот; Пабло Баутиста му сведочеше на шефот на полицијата; а Конрадо Даклан на судијата. Јас му сведочев на шефот на поштата. Потоа одевме на автобускиот терминал, во полициските бараки, во стоковните куќи и во училиштата. Освен тоа, одевме и кај луѓето дома. Го презентиравме помошното средство за проучување на Библијата, Enemies (Непријатели). Додека го имитирав начинот на кој моите придружници даваа сведоштво, малку по малку научив да зборувам цебуано и почнав да врачувам книги. За три месеци ја обработивме целата провинција Себу — 54 гратчиња. Тогаш го прашав брат Ливаг: „Може ли сега да се крстам?“
„Сѐ уште не, брате“, одговори тој. Тогаш се префрливме на еден друг остров, Бохол, и таму проповедавме еден и пол месец, обработувајќи уште 36 гратчиња. Повторно побарав да се крстам. „Сѐ уште не, брат Барлаан“, ми рекоа. Затоа, кога ги завршивме островите Бохол и Камигун, појдовме на големиот остров Минданао и проповедавме во градот Кагајан де Оро.
Тогаш во групата ни се придружи и Вирхинио Крус. Тој бил наставник во едно државно училиште и дал отказ за да стане пионер. Се селевме и во други градови и на крајот стигнавме на езерото Ланао. Кога бевме таму, повторно прашав дали може да се крстам. Конечно, на 28 декември 1938, откако пионерев приближно шест месеци, брат Крус ме крсти во водите на езерото Ланао во градот Лумбатан.
Награден заради довербата во Бог
Подоцна им се придружив на тројца пионери во западен Негрос. Тие беа Фулхенсио де Хесус, Есперанса де Хесус и Нативидад Сантос, која ја викавме Нати. Заедно проповедавме во многу градови во таа провинција. Навистина моравме да положиме целосна доверба во Јехова, бидејќи понекогаш имавме многу малку пари. Еднаш сакавме да најдеме риба за да ја јадеме со оризот. Сретнав еден човек на плажата и го прашав дали можам да купам риба, но сиот негов улов бил однесен на пазар. Меѓутоа, ми понуди една риба што си ја беше одвоил за себе. Го прашав колку пари чини. „Нема проблем“, ми рече тој. „Можеш да ја земеш.“
Му се заблагодарив. Но, кога си заминував, сфатив дека една риба нема да биде доволна за четворица. Кога поминував покрај едно поточе, се изненадив кога видов една риба што лежеше врз еден камен, сѐ уште мокра од водата. Си помислив: ‚Можеби е мртва‘. Појдов да ја земам и се изненадив кога видов дека беше жива. Ја зграпчив, цврсто ја стегнав и веднаш се сетив на Исусовото ветување: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33).
Проповедање среде војна
Кога нашата група пионери се зголеми на девет, се поделивме во две групи. Нашата беше доделена на Себу. Беше декември 1941, а на Филипините беше во тек II светска војна. Додека бевме во гратчето Тубуран, еден филипински поручник дојде во нашата соба на полноќ. „Станувајте“, рече тој. „Војниците ве бараат.“ Бевме осомничени дека сме јапонски шпиони и бевме сослушувани цела ноќ.
Потоа нѐ ставија во општинскиот затвор. Вооружените сили на САД кои се наоѓаа во градот Себу бараа да им набавиме по еден примерок од секоја наша книга за да утврдат дали сме јапонски шпиони. Многу мештани нѐ посетија в затвор, љубопитни да видат како изгледаат оние кои се обвинети дека се јапонски шпиони. Некои ни поставуваа прашања, а ние им сведочевме за Божјето Царство.
Откако поминавме пет дена в затвор, шефот на полицијата доби телеграма од штабот на армијата на САД, со која доби упатство да ги ослободи Јеховините сведоци. Меѓутоа, ни нареди да не проповедаме повеќе затоа што е војна. Му објаснивме дека не можеме да престанеме да проповедаме затоа што имаме налог од Бог да го извршуваме тоа дело (Дела 5:28, 29). Шефот се налути и рече: „Ако продолжите да проповедате, ќе им речам на луѓето да ве убијат“.
Следните денови шефот на полицијата настојуваше повторно да нѐ уапси. Конечно, една група американски војници нѐ запре и поручникот Сориано ја запраша сестра Сантос: „Ќе престанете ли да проповедате?“
„Не“, одговори таа.
„А ако ве ставиме пред стрелачки одред?“ праша тој.
„Тоа не би ја променило нашата одлука“, објасни таа.
Тогаш нѐ натоварија во еден камион и нѐ однесоа во Себу Сити, каде што се појавивме пред полковникот Едмунд. Поручникот Сориано нѐ претстави со следниве зборови: „Овие се Јеховини сведоци. Тие се јапонски шпиони!“
„Јеховини сведоци?“ праша полковникот. „Во Америка добро ги запознав Јеховините сведоци. Тие не се шпиони! Тие се неутрални.“ Потоа се сврти кон нас и рече: „Затоа што сте неутрални, нема да ве ослободиме“. Подоцна, откако извесно време поминавме во едно складиште, полковникот Едмунд повторно разговараше со нас и нѐ запраша: „Дали сѐ уште сте неутрални?“
„Да, господине“, одговоривме ние.
„Во тој случај, нема да ве ослободиме“, рече тој, „затоа што ако ве ослободиме, ќе продолжите да проповедате, а оние што ќе ги преобратите ќе станат неутрални. Ако тоа се случи со сите, тогаш никој нема да се бори.“
Слободни повторно да проповедаме
Подоцна нѐ префрлија во затворот во Себу Сити. На 10 април 1942, Јапонците го нападнаа градот. Насекаде паѓаа бомби и избувна голем пожар! Управникот на затворот ја виде сестра Сантос, чија ќелија беше во близина на предниот дел на затворот. „Леле! Јеховините сведоци сѐ уште се внатре!“ извика тој. „Отворете ја вратата и пуштете ги надвор!“ Му се заблагодаривме на Јехова за Неговата заштита.
Веднаш се упативме кон планините за да ги најдеме другите Сведоци. Најдовме еден Сведок во гратчето Компостела. Порано тој предводел во проповедничкото дело, но сега одлучил да престане да проповеда и да замине во Себу Сити за да започне бизнис со продажба на разни стоки. Меѓутоа, нашата одлука беше да продолжиме да проповедаме за Божјето Царство, па што сака нека биде.
Имавме многу примероци од брошурката Comfort All That Mourn (Утешете ги сите што оплакуваат) и вложувавме напори да им ги врачиме на луѓето. Меѓутоа, многумина се обидоа да нѐ заплашат велејќи ни дека, ако нѐ видат Јапонците, ќе ни ги отсечат главите. Кратко потоа беше организирано антијапонско герилско движење и оној што престана да проповеда и отиде да отвори бизнис во Себу Сити беше уапсен. Ни беше жал кога дознавме дека го обвиниле дека е јапонски шпион и го погубиле.
Обвинети дека сме шпиони
Во меѓувреме продолживме да проповедаме на планините. Еден ден дознавме дека има една заинтересирана жена, но за да дојдеме до неа моравме да поминеме неколку герилски стражи. Стигнавме до селото Мангабон, каде што живееше жената, но таму нѐ најде една група војници кои ни се развикаа: „Зошто сте дошле овде?“
„Ние сме Јеховини сведоци“, одговорив јас. „Сакате ли да ја чуете пораката што ја пренесуваме со фонографот?“ Кога одговорија потврдно, ја пуштив плочата The Value of Knowledge (Вредноста на спознанието). Потоа нѐ претресоа, нѐ распрашуваа и нѐ одведоа во герилскиот штаб во селото Табонан. Молевме за Јеховина заштита затоа што се зборуваше дека обично речиси секој што бил одведен таму, бил погубуван.
Нѐ чуваа под стража и нѐ малтретираа. Ова нѐ доведе до ситуацијата што ја опишав на почетокот, кога ме претепаа и поручникот покажа на мене и рече: „Ти си шпион!“ Нѐ малтретираа уште некое време, но наместо да нѐ погубат, нѐ осудија на тешка работа.
Брат ми, Бернабе, беше еден од пионерите што ги затворија во Табонан. Секое утро бараа од нас затворениците да ги пееме песните „Бог да ја благослови Америка“ и „Бог да ги благослови Филипините“. Наместо тоа, Сведоците пееја „Кој е на Господовата страна?“ Еднаш, офицерот што беше на смена извикна: „Секој што нема да ја пее ‚Бог да ја благослови Америка‘ ќе биде обесен на оној багрем!“ Но, и покрај таквите закани, никој од нас не беше убиен. На крајот нѐ префрлија во други логори. Конечно, во јули 1943, пристигнаа документите за моето ослободување. До тогаш лежев в затвор осум месеци и десет дена.
Цел живот проповедам
Нашата желба да ги видиме интересентите на кои им проповедавме претходно нѐ поттикна да отпешачиме 60 километри, до градот Толедо. Таму почнаа да се одржуваат редовни состаноци и со текот на времето се крстија многу луѓе. Конечно, во 1945, војната заврши. По две години, речиси девет години откако се крстив, бев во можност да присуствувам на мојот прв конгрес, кој се одржа во Манила, на хиподромот Санта Ана. На јавното предавање „Радоста на сите народи“ се собраа 4.200 присутни.
Пред да започне војната, на Филипините имаше околу 380 Сведоци, но во 1947 имаше околу 2.700! Оттогаш постојано уживам многу предности во Јеховината служба. Од 1948 до 1950, служев како патувачки надгледник во регионот Суригау. Во 1951 се оженив со Нативидад Сантос, која храбро проповедаше со нашата група додека траеше војната. Откако стапивме во брак, служевме во патувачкото дело низ Минданао од 1954 до 1972.
За да можеме да бидеме во близина на нашите остарени родители и да им помагаме, во 1972 станавме специјални пионери. Иако обајцата сме во своите 80-ти години, и понатаму сме пионери и поминавме вкупно повеќе од 120 години во полновремена служба. Колку само сме радосни што доживеавме бројот на оние што ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство на Филипините да порасне на повеќе од 130.000! Желба ни е да им помогнеме на уште повеќе луѓе да сфатат дека Божјето Царство е единствената надеж за да се ужива вистински мир и среќа на земјата.
[Истакната мисла на страница 28]
Бевме осомничени дека сме јапонски шпиони и бевме сослушувани цела ноќ
[Слика на страница 29]
Во 1963, со нашите пријатели на островот Бохол. Мојата сопруга и јас сме четвртата и петтиот од десно
[Слика на страница 30]
Со мојата сопруга денес
[Извор на слика на страница 26]
Фотографијата во заднината: фотографија на U.S. Signal Corps