ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/10 стр. 6-8
  • Дроги — зошто луѓето ги користат?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дроги — зошто луѓето ги користат?
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Светот на забавата
  • Зошто некои стануваат зависници?
  • Екстази и лудите забави
  • Колку е лесно да се набави?
  • Која е коренската причина?
  • Дроги — кој ги користи?
    Разбудете се! 2001
Разбудете се! 2001
g01 8/10 стр. 6-8

Дроги — зошто луѓето ги користат?

„ИМАВ 13 години, и една вечер сестра му на мојот најдобар другар нѐ покани во нивниот стан. Сите почнаа да пушат марихуана. На почетокот одбив, но откако ми понудија неколку пати, на крајот сепак пробав.“ На овој начин Мајкл, од Јужна Африка, објаснил како влегол во светот на дрогата.

„Потекнувам од конзервативно семејство што професионално се занимава со класична музика. Јас свирев во еден оркестар, каде што еден музичар редовно пушеше марихуана на паузите. Постојано ми нудеше во текот на неколку месеци. На крајот пробав и почнав редовно да ја користам“. Вака почнал да користи дрога Дарен, еден Канаѓанец.

И едниот и другиот преминале на други дроги, како што се ЛСД, опиум и стимуланси. Кога ќе размислат за минатото, сега како поранешни зависници од дрога, се согласуваат дека влијанието од врсниците било главна причина за да почнат да користат дрога. „Никогаш не помислував дека ќе земам дрога“, вели Мајкл, „но тие деца беа единствените пријатели што ги имав и, се разбира, правиш така како што прават и тие.“

Светот на забавата

Притисокот од врсниците несомнено игра голема улога за многумина да почнат да користат дрога, а особено се подложни младите. Освен тоа, тие се изложени на примерот на нивните идоли во светот на забавата, кои силно влијаат врз своите млади обожаватели.

Индустријата за забава е особено заразена од злоупотребата на дрога. Врвни пејачи и музичари честопати земаат тешки дроги во некој период од својата кариера. И многу филмски ѕвезди имаат навика да користат дрога.

Личностите од светот на забавата можат да ја прикажат дрогата во привлечно и примамливо светло, што во очите на младите е неодоливо. Во 1996, Newsweek извести: „Улиците на Сиетл се преполни со деца што се преселиле таму за да земаат хероин, само затоа што тоа го правел и [рок музичарот] Кобен“.

Сцената на дрогата се прикажува во привлечно светло во списанијата, во филмовите и на телевизијата. Исто така, некои прочуени креатори во светот на модата фаворизирале манекенки што изгледале слаби и истоштени, исто како зависниците.

Зошто некои стануваат зависници?

За зголеменото користење на дрога придонесуваат и многу други фактори. Некои од нив се разочарувањето, депресијата и недостигот на смисла во животот. Други причини се економските проблеми, невработеноста и лошиот пример од родителите.

Некои луѓе што имаат проблеми со меѓучовечките односи користат дрога за да им помогне да се снајдат во друштвото. Тие мислат дека дрогата им ја зголемува довербата, дека им помага да бидат досетливи и пријатни. На други едноставно им е полесно да користат дрога отколку да ја прифатат одговорноста да преземат контрола над својот живот.

Здодевноста е уште една причина зошто младите се свртуваат кон дрогата. Книгата The Romance of Risk—Why Teenagers Do the Things They Do (Романтиката на ризикот — зошто тинејџерите го прават тоа што го прават) коментира за здодевноста и недостигот на родителски надзор: „Момчињата и девојчињата се враќаат од училиште во празни куќи. Не изненадува што се осамени и што не сакаат да бидат сами. Им доаѓаат пријателите, но дури и кога се заедно, честопати им е здодевно. Тие бескрајно гледаат телевизија и музички спотови или шетаат по Интернет барајќи возбуда. Пушењето, дрогата и алкохолот лесно можат да станат дел од оваа слика“.

Мајкл, спомнат претходно, го рекол следново во врска со недостигот на родителски надзор дома: „Мојот семеен живот беше среќен. Бевме исклучително блиски во семејството. Но, и мајка ми и татко ми работеа и во текот на денот никој не нѐ надгледуваше. Исто така, нашите родители ни дадоа голема слобода. Немавме никаква дисциплина. Моите родители не ни помислуваа дека земам дрога“.

Штом станат зависни, многумина продолжуваат да користат дрога од едноставна причина: Уживаат во тоа. Мајкл, кој секојдневно земал дрога, го рекол следново за нејзините последици: „Бев во светот на соништата. Можев да избегам од секој притисок што го имав. Никогаш не чувствував опасност. Сѐ ми изгледаше убаво“.

Друг поранешен зависник од дрога, Дик од Јужна Африка, опишува какво дејство имала марихуаната врз него кога почнал да ја користи на 13-годишна возраст: „Се смеев на секоја шега. Сѐ ми беше смешно“.

Предупредувањата за штетата што може да ја предизвика дрогата изгледа дека не ги плашат младите. Тие имаат став „тоа нема да ми се случи мене“. Книгата Talking With Your Teenager (Разговор со Вашиот тинејџер) забележува зошто тинејџерите ги игнорираат предупредувањата дека дрогата е опасна по здравјето: „Толку се издржливи и полни со енергија што не веруваат дека ќе им се одрази врз здравјето. Ова чувство на ‚неповредливост‘ е многу вообичаено во адолесценцијата. Тинејџерите сметаат дека ракот на белите дробови, алкохолизмот, зависноста од тешки дроги се работи што им се случуваат на постарите луѓе, а не ним“. Мнозина едноставно не се свесни за опасностите, како што се гледа од популарноста на дрогата екстази. Каква е таа дрога?

Екстази и лудите забави

Амфетаминската дрога MDMA, позната како екстази, обично се користи на ноќните журки, наречени луди забави. Продавачите го шират впечатокот дека земањето екстази е безбеден начин да се доживее еуфорично чувство и да се добие безгранична енергија да се танцува цела ноќ. Оваа дрога им помага на танчерите да играат со часови сѐ додека конечно не го доживеат она што еден писател го нарекол „состојба слична на транс“. Еден младинец ја објаснува примамливоста на екстази: „Чувствувате како возбудата почнува од прстите на нозете, Ве обвиткува во една неверојатна топлина и љубов додека полека се искачува до главата“.

Скенирањето на мозокот кај оние што редовно користат екстази дало физички доказ дека таа не е безопасна дрога како што тврдат оние што ја продаваат. Доказите покажуваат дека екстази ги оштетува нервните влакна во мозокот и го намалува нивото на серотонин. Веројатно таквото оштетување е трајно. Со текот на времето, ова може да води до нарушувања како што се депресија и губење на памтењето. Се известува дека меѓу корисниците на екстази имало и смртни случаи. Исто така, голем број дилери мешаат екстази со хероин за да создадат зависност кај своите муштерии.

Колку е лесно да се набави?

Во многу земји, цената на дрогата паднала кога се зголемиле резервите. Ова донекаде се должи на политичките и на економските промени. Типичен пример е Јужна Африка, каде што политичките промени доведоа до зголемена трговија и размена со другите земји. Ова, во комбинација со слабите гранични контроли, ја зголеми трговијата со дрога. Заради сѐ поголемата невработеност, илјадници луѓе зависат од недозволената продажба на дрога за да дојдат до пари. Каде што има многу дрога, најчесто има и насилнички криминал. Според извештајот во еден весник, децата во училиштата во Хаутен (Јужна Африка) — некои само на 13 години — се под надзор на полицијата заради разнесување дрога. Голем број училишта во ова подрачје почнале да ги подложуваат учениците на тестови за дрога.

Која е коренската причина?

Јасно е дека има многу причини зошто луѓето користат дрога. Но, сите тие се симптоми на еден подлабок проблем, една коренска причина. Писателот Бен Витекер укажал на ова: „Современата експанзија на употребата на дрога е предупредувачки знак за слабостите и пропустите на нашево општество, заедно со осаменоста и очајот: инаку, зошто голем број талентирани и привилегирани луѓе повеќе ја сакаат дрогата отколку реалноста на денешницава?“

Ова е добро прашање, кое ни помага да сфатиме дека нашето материјалистичко општество опседнато со успех честопати не успева да ги задоволи нашите емоционални и духовни потреби. Дури и повеќето религии не успеале да ги задоволат тие потреби затоа што ја превиделе коренската причина на човековите проблеми.

Мора да ја откриеме и да се соочиме со таа коренска причина за да можеме да го пронајдеме единственото трајно решение на проблемот со дрогата. За тоа ќе стане збор во следната статија.

[Слика на страница 7]

Славните личности понекогаш ја прикажуваат употребата на дрога во привлечно светло

[Слики на страница 7]

Денешната музичка сцена е преплавена со злоупотреба на дрога

[Слики на страница 8]

Дрогата екстази обично може да се добие на лудите забави

[Извори на слики]

AP Photo/Greg Smith

Gerald Nino/U.S. Customs

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели