Набљудување на светот
Летот на пчелите
Способноста на пчелите да летаат од пчеларникот до цветовите и назад е добро позната. Но, колониите пчели преселници од Асам, северна Индија, очигледно патуваат стотици километри и потоа не само што се враќаат на истото дрво туку и на истата гранка каде што направиле легло нивните роднини две години пред тоа! Ова е толку необично затоа што пчелите работнички живеат најмногу три месеци. Така, вратените пчели ги делат неколку генерации од пчелите што го направиле првобитниот пчеларник. Како го наоѓаат патот за назад останува мистерија. Весникот The Sydney Morning Herald известува дека можеби е вклучено сетилото за мирис. Друга можност е преживеаната матица на некој начин да им ги пренесува тие информации на пчелите извиднички преку еден танц, покажувајќи им во кој правец да летаат.
Спиењето и меморијата
Истражувачите од областа на спиењето откриле дека доброто спиење во текот на ноќта наместо останувањето до ниедно време „е предуслов за добра меморија во текот на следните седмици“, коментира The Independent од Лондон. Професор Роберт Стикголд од медицинското училиште Харвард зел 24 доброволци — на половината од нив им било дозволено да спијат ноќта откако учеле, додека останатите останале будни цела ноќ. Потоа двете групи спиеле нормално следните две ноќи за да може групата што била лишена од сон да се одмори. Тестот за меморија покажал дека оние што спиеле првата ноќ „биле значително и доследно подобри во извршувањето на задачите поврзани со меморијата, додека втората група не покажала никакво подобрување, и покрај тоа што спиела за да го надомести сонот“. Бидејќи спиењето очигледно помага да се средат сеќавањата, овие откритија покажуваат дека не е од голема корист ако спиењето — особено раниот длабок сон, оној со „ниски бранови“ — се замени со учење.
Мажите и жените слушаат различно
Истражувачите утврдиле дека жените ги користат двете страни на мозокот за да слушаат, додека мажите користат само една страна од мозокот, известува Discovery.com News. Во едно истражување, 20 мажи и 20 жени биле подложени на скенирање на мозокот додека слушале касета со снимен текст од книга. Снимките на мозокот покажале дека мажите слушале главно со левата страна на мозокот, која е поврзана со слушањето и говорот. Жените, пак, покажале активност на обете страни на мозокот. Д-р Џозеф Т. Лурито, асистент по радиологија на Медицинскиот факултет во Индијана, вели: „Нашето истражување покажува дека процесирањето на јазикот не се одвива исто кај мажите и жените, но тоа не значи дека ефикасноста ќе биде поинаква“. Изгледа дека други истражувања покажуваат дека жените „можат да слушаат два разговора истовремено“, вели д-р Лурито.
Јазик-цицалка
Како може еден камелеон да улови други гуштери, па дури и птици, што тежат цели 10 проценти од неговата тежина? Досега се веруваше дека жртвата се закачува за рапавата и леплива површина на јазикот на камелеонот. Но, тоа не објаснува како може ова суштество да го фати релативно тешкиот плен. За да откријат, научниците во Антверпен (Белгија) направиле забрзани снимки на камелеонот додека секавично го движел јазикот, известува германската научна новинска служба Bild der Wissenschaft Online. Научниците откриле дека, кога камелеонот го исфрла јазикот, на врвот се формира топка. Непосредно пред ударот, два јазични мускула се стегаат, претворајќи го врвот во цицалка што се прилепува за жртвата.
Пустината ги преминува границите
„Сахара го премина Медитеранот“, известува The Guardian од Лондон, „бидејќи смртоносната комбинација на осиромашување на почвата и промена на климата претвора делови од јужна Европа во пустина“. На една конференција на Обединетите нации во врска со борбата против ширењето на пустините, што се одржа во декември 2000, еден експерт делумно го обвинил глобалното земјоделство, што им отежнало на многу ситни земјоделци да влезат во конкуренција. Затоа, земјоделците ја напуштаат земјата што била одржувана илјадници години со помош на правење тераси и внимателно наводнување, а со текот на времето почвата се измива. Состојбата е критична во јужна Италија, Шпанија и Грција. Бугарија, Унгарија, Романија, Молдавија, Русија и Кина исто така се соочуваат со зголемено ширење на пустините. Клаус Топфер, директор на Програмата за животна средина при ОН, навел: „Почвата е природно богатство што е подеднакво важно за човековата благосостојба и животна средина како што се чистата вода и чистиот воздух“.