Потреба што ја имаме сите
ПОТРЕБНА ВИ Е ХРАНА. Потребна Ви е вода. Потребен Ви е воздух. Потребен Ви е кров над глава и заштита од временските неприлики. Овие работи не му се потребни само на секој човек туку и на безброј милијарди други живи суштества на оваа планета. Меѓутоа, има една потреба што им е својствена само на луѓето. Која е таа?
Канадскиот социолог Реџиналд В. Биби напишал: „Луѓето имаат потреби што може да ги задоволи само религијата“. А во своето издание од февруари 2000, списанието American Sociological Review објавило една статија во која се вели: „Духовните интереси веројатно секогаш ќе бидат дел од човечкото размислување“.
Да, во текот на историјата, луѓето чувствувале потреба да обожаваат. Со векови, повеќето луѓе се свртувале кон организираната религија за да ја задоволат таа потреба. Но, работите се менуваат. Во многу индустријализирани земји — како што се Северна Америка и Северна Европа — сѐ повеќе луѓе ги напуштаат своите цркви. Дали овој тренд значи крај на религијата? Сигурно не.
„Извештаите за смртта на религијата се претерани“, пишува шведскиот весник Svenska Dagbladet. Што е тоа што ги заменува традиционалните цркви? Истиот весник продолжува: „Новото нешто е тоа што не припаѓаме на ниедна црква. Наместо тоа, можеме да избереме и да си создадеме прифатлива смеса од глобалниот пазар на религии . . . Таа може да опфаќа сѐ — од лековити кристали до мантија на будистички монах. Кога ќе се изморите од тоа што сте го избрале, можете лесно и удобно да го промените“.
Истражувачите на полето на социологија на религијата го нарекуваат овој тренд „лична религија“ или „невидлива религија“. Социологот Биби, цитиран претходно, ја измислил фразата „религија по нарачка“. Други ги нарекуваат таквите вери „по мерка“ или „по вкус“. Во некои традиционално христијански земји, најголемата религиозна група сега е составена од луѓе што, всушност, имаат своја лична религија.
Разгледајте ги резултатите од едно истражување спроведено во Шведска, една од најсекуларизираните земји во светот. Истражувањето покажа дека две третини од луѓето се сметаат за христијани „на свој начин“. Некои рекле: „Јас си имам свое лично гледиште за христијанството“, „Не се чувствувам пријатно в црква“, „Не сакам да одам в црква и да ги слушам свештениците“ или „Можам да си појдам во мојата соба и сам да си се молам“. Многумина изразиле вера во реинкарнација или во судбина. Повеќето рекле дека веруваат дека можеби постои некаква божествена сила или моќ, но не можат да ја дефинираат.
Друго истражување откри дека многу луѓе ги чуваат своите религиозни чувства за прилики кога се на отворено, кога уживаат во природата на Земјата. Една млада земјоделка рекла: „Мислам дека кога сте излезени во шумата или во полињата, тогаш сте најблиску до Бог“. Друго интервјуирано лице, кое не се сметало себеси за религиозно, објаснило: „Кога одам во шумата, чувствувам како таа да е еден огромен храм . . . Не знам кој го контролира, но едноставно го чувствувам“. Некои ја опишале природата како света, божествена и таква која влева страхопочит и рекле дека во нејзино присуство им се обновува силата, мирот и хармонијата. Како резиме, еден водител на интервју го заклучил својот извештај: „Бог се преселил во шумите“.
Денес овој тренд може да се види во многу делови на светот. Томас Лакман, американски специјалист од областа на социологија на религијата, рекол дека религијата ориентирана кон црквата се трга настрана во индустриските општества и се заменува со некој „социјален облик на религија“. Поединецот, всушност, си создава животна филозофија така што си избира концепти за духовни работи и потоа ги комбинира овие идеи во своја сопствена лична религија.
Можеби се прашувате: ‚Дали установените религии и цркви навистина се потиснуваат на маргините на општеството? Ако да, зошто?‘ Овие прашања се разгледани во следната статија.
[Слика на страница 3]
Коментирајќи за еден најнов тренд да се бара духовност во природата, еден истражувач заклучил: „Бог се преселил во шумите“