Дали одговорот лежи во „личната религија“?
ДОДЕКА ОРГАНИЗИРАНАТА РЕЛИГИЈА губи контрола врз масите, не е големо изненадување тоа што толку многу луѓе си создаваат своја лична религија. Но, прашањата се: ‚Дали таа навистина ги задоволува духовните потреби? Дали одговорот лежи во „личната религија“?‘
За да одговориме на овие прашања, би можеле најнапред да разгледаме дали личната религија навистина може да го издржи испитувањето на нашата „сила на разумот“, еден од најголемите дарови што ги поседуваат луѓето (Римјаните 12:1).
Разумното просудување наложува да се отфрли она што е противречно. Меѓутоа, во едно истражување на личната религија во Шведска беше заклучено дека луѓето честопати „прилично без многу размислување комбинираат различни (и можеби логично неспоиви) елементи на животни филозофии во својата сопствена филозофија“.
На пример, само 2 процента од оние што тврделе дека се „христијани на свој начин“ го спомнале Исус, дури и како историска личност. Сепак, верувањето во реинкарнација се спомнувало често. Сега, зарем не е недоследно човек да се нарече себеси следбеник на Исус Христос додека истовремено го игнорира неговиот живот и учења — па дури и прифаќа доктрини што се сосема спротивни на оние на Христос?a
Нашата моќ за расудување исто така ги одбегнува работите што изгледаат многу нејасни и недефинирани. Меѓутоа, кога биле запрашани дали веруваат во „Бог или во божествена моќ“, повеќето интервјуирани одговориле дека можеби постои „Нешто“ такво. Еден од нив рекол: „Верувам во нешто натприродно, но тоа не мора да биде Бог“. Оние што сепак верувале во Бог, сметале дека тој „игра некако безначајна улога во нивниот живот“. Затоа, тој извештај ја опишал личната религија како „дифузен идеен свет“ и заклучил цитирајќи еден од највообичаените одговори: „Верувам во нешто, но не сум сигурен во што“.
Едно изучување на личната религија во Канада даде слични резултати. Списанието Alberta Report забележува: „Сега гледаме висок степен на верување во речиси сѐ што може да се замисли, но во тоа нема никаква смисла ниту логика. А кога потоа се обидуваме да одредиме какво водство даваат овие лични верувања во животот на луѓето, навистина не го наоѓаме. Не постои некој конечен морален авторитет. Значи, таа не врши голема работа“. Тоа списание зборувало за „расцепкан бог“, затоа што оние што се залагаат за таквите верувања „си земаат најразлични делчиња од традиционалното верување“. Дали сметате дека е здраво расудување да ги темелите религиозните верувања — дури и надежта за иднината — врз такви нејасни, слаби и расцепкани идеи?
Нашата потреба од дружење
Дружењето, братството и солидарноста долго време се ценети од верниците (Дела 2:42, 46). Но, бидејќи личната религија е само тоа — лична — како може да ги задоволи овие потреби?
Зарем личната религија, во која „секој човек е своја црква“, не ги зголемува и продлабочува само религиозните поделби меѓу луѓето? „Религијата сега е работа на лично просудување . . . и затоа станавме земја не само на неколку стотици туку на неколку милиони различни верувања“, забележува Alberta Report. Затоа, не изненадува тоа што личната религија е опишана дури и како еден облик на духовна анархија.
Што е со вредностите?
Во едно интервју со весникот Svenska Dagbladet, шведскиот бискуп Мартин Лонебо истакнува дека „личната религија не може да ја збогати нашата ера и дека ѝ е проблем да ги пренесе своите вредности на една нова епоха“. Ова мислење наоѓа извесна потврда во еден вообичаен став на шведските родители кон подигањето деца. Svenska Dagbladet го сумира тој став на следниов начин: „Верувајте во што сакате! И не присилувајте ги своите деца да одлучуваат. Но, оставете ги да одлучат кога ќе бидат доволно возрасни“.
Тој весник признал дека, да им се пренесуваат на децата религиозни вредности може да се смета за индоктринација. Сепак, весникот заклучил: „Ова пренесување вредности на децата може да биде нешто добро и може да биде единствениот начин . . . тие самите да одлучат“. Навистина, сегашните проблеми на младите луѓе покажуваат дека личната религија не направила многу за да ги обедини семејствата врз една основа од цврсти вредности што можат да се пренесат од една на друга генерација.
Значи, изгледа дека личната религија не може да даде доверливи, доследни одговори на животните прашања ниту, пак, може да ги обедини луѓето или да ја задоволи нивната потреба за морално водство. Претходно цитираната статија во Svenska Dagbladet го изразила следново гледиште за личната религија: „Кога ‚верата‘ содржи сѐ, таа не содржи ништо. А кога слободата никогаш не треба да биде ограничена, таа е ослабена“.
Јасно, во многу погледи личната религија не успева да ги задоволи духовните потреби на луѓето. Всушност, како може некој разумно да очекува да ги задоволи таквите потреби само така што ќе си избере верувања од различни традиции, како да ги избира најпривлечните јадења од една шведска маса? Исто така, јасно е дека ниту организираната религија не успеала да ги задоволи тие потреби. Тогаш, каде можеме да се обратиме?
[Фуснота]
a Исус не поучувал дека постои реинкарнација на мртвите. Наместо тоа, поучувал дека мртвите се во состојба на непостоење како да спијат и дека очекуваат воскресение во иднина (Јован 5:28, 29; 11:11—14).
[Слика на страници 8 и 9]
Треба ли да ја сметаме религијата за обична шведска маса, од која си избираме верувања што ни се допаѓаат?