Гледиште на Библијата
Археологијата неопходна за вера?
Во 1873, англискиот свештеник Семјуел Менинг напишал во врска со Ерусалим: „Привлечени со неодолива привлечност, аџиите се собираат таму од сите краеви на светот. Милиони луѓе од човештвото гледаат на трошните ѕидови, бедните валкани улици и разронетите урнатини со длабок и побожен интерес што не може да го предизвика ниедно друго место на земјата“.
ПРИМАМЛИВОСТА на Светата земја ги привлекува луѓето барем уште од времето на римскиот император Константин.a Во текот на околу 1.500 години, аџиите доаѓале и си заминувале, настојувајќи да остварат религиозен, личен контакт со Светата земја. Сепак, изненадува тоа што дури во почетокот на 19 век изучувачите почнале да ги придружуваат овие аџии, со што ја отвориле ерата на библиската археологија — изучување на артефактите, народите, местата и јазиците на древната Света земја.
Откритијата на археолозите придонеле за зголемено разбирање на многу аспекти од библиските времиња. Исто така, археолошкиот извештај честопати бил во склад со библиската историја. Но, дали таквото спознание е неопходно за верата на еден христијанин? За да одговориме на ова, да го сосредоточиме нашето внимание на локалитетот на многу археолошки ископувања — градот Ерусалим и неговиот храм.
„Нема да биде оставен ниту камен на камен“
На датумот што одговара на 11 нисан според еврејскиот календар, пролетта 33. н.е, Исус Христос, во придружба на некои од своите ученици, последен пат го напуштил храмот во Ерусалим. Додека оделе кон Маслинската Гора, еден од учениците рекол: „Учителе, гледај, какви камења и какви градби!“ (Марко 13:1).
Овие верни Евреи чувствувале длабока љубов кон Бог и неговиот храм. Тие биле горди на овој величествен комплекс од згради и на 15-вековната традиција што ја претставувале тие. Она што му го одговорил Исус на својот ученик било шокантно: „Ги гледаш ли овие големи градби? Овде никако нема да биде оставен ниту камен на камен што нема да биде урнат“ (Марко 13:2).
Во тоа време, кога веќе бил пристигнат ветениот Месија, како можел Бог да го дозволи уништувањето на својот храм? Постепено, со помош на светиот дух, Исусовите ученици потполно сфатиле што мислел тој. Но, каква врска имаат Исусовите зборови со библиската археологија?
Еден нов „град“
На Пентекост 33 н.е., еврејската нација ја изгубила својата повластена положба пред Бог (Матеј 21:43). Ова го отворило патот за нешто многу поголемо — една небесна влада што ќе донесе благослови за целото човештво (Матеј 10:7). Во склад со Исусовото пророштво, Ерусалим и неговиот храм биле уништени во 70 н.е. Археологијата го поддржува библискиот извештај за еден ваков настан. Сепак, за христијаните, верата не зависи од тоа дали се пронајдени урнатини од тој древен храм. Нивната вера се сосредоточува на еден друг Ерусалим, но тој е еден сосема поинаков град.
Во 96 н.е., на апостол Јован, кој го чул Исусовото пророштво за уништувањето на Ерусалим и неговиот храм и доживеал да го види исполнувањето на тоа пророштво, му била дадена следнава визија: „Го видов и светиот град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото од Бог“. Еден глас од престолот рекол: „Тој ќе престојува со [човештвото], и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:2—4).
Овој „град“ се состои од верни христијани што ќе служат како цареви со Христос на небото. Сите заедно ја сочинуваат небесната влада — Божјето Царство — кое ќе владее над земјата, доведувајќи го човечкиот род повторно до совршенство во текот на Милениумот (Матеј 6:10; 2. Петрово 3:13). Еврејските христијани од првиот век што требало да бидат дел од таа група сфатиле дека ништо што имале во еврејскиот систем на работи не можело да се спореди со предноста да владеат со Христос на небото.
Апостол Павле, пишувајќи за својата поранешна угледна положба во јудаизмот, зборува за сите нив: „Оние работи кои ми беа добивка ги сметав за загуба поради Христос. Всушност, јас навистина и ги сметам сите работи за загуба поради ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус, мојот Господ“ (Филипјаните 3:7, 8).
Бидејќи апостол Павле имал многу голема почит кон Божјиот закон и храмското уредување, неговите зборови очигледно не укажуваат дека на овие божествени подготовки треба да се гледа со потценувањеb (Дела 21:20—24). Павле едноставно покажал дека христијанското уредување било многу подобро од еврејскиот систем.
Несомнено Павле и други еврејски христијани од првиот век имале конкретно спознание за многу фасцинантни детали од еврејскиот систем на работи. И, бидејќи археологијата го отвора прозорецот кон минатото, некои од тие детали можат да ги разберат христијаните денес. Сепак, забележете што му рекол Павле на младиот Тимотеј, каде да го сосредоточи своето главно внимание: „Длабоко размислувај за овие работи [поврзани со христијанското собрание]; биди задлабочен во нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тимотеј 4:15).
За пофалба е што библиската археологија го проширила нашето разбирање за заднината на Библијата. Сепак, христијаните сфаќаат дека нивната вера не зависи од доказите што ќе ги откопа човекот туку од Божјата реч, Библијата (1. Солуњаните 2:13; 2. Тимотеј 3:16, 17).
[Фусноти]
a И Константин и неговата мајка, Елена, биле заинтересирани да ги лоцираат светите места во Ерусалим. Таа лично го посетила Ерусалим. И многу други луѓе ги следеле нејзините стапки во текот на следните векови.
b Извесно време, еврејските христијани од Ерусалим во првиот век држеле различни аспекти од Мојсеевиот закон, веројатно од следниве причини: законот бил од Јехова (Римјаните 7:12, 14); во еврејскиот народ бил вкоренет како обичај (Дела 21:20); тој бил државен закон и затоа секакво спротивставување на него би предизвикало непотребно спротивставување на христијанската порака.
[Слики на страница 24]
Горе: Ерусалим во 1920; римска монета што ја користеле Евреите, 43 н.е.; расцветана калинка од слонова коска, веројатно од храмот на Соломон, осми век пр.н.е.
[Извор на слика]
Страници 2 и 24: Монета: Фотографија © Israel Museum, Jerusalem; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority; калинка: Со љубезна дозвола на Israel Museum, Jerusalem