ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/11 стр. 22-25
  • Ондор — необичен систем за греење на домот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ондор — необичен систем за греење на домот
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Историјата на подното греење
  • Како функционирал традиционалниот ондор
  • Современ ондор
  • Ондор и начинот на живот
  • Бев сведок на пораст во Кореја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Сведок на драматичните промени во Кореја
    Разбудете се! 2008
  • Средба на семејствата во Кореја — еден нов почеток?
    Разбудете се! 2001
Разбудете се! 2003
g03 8/11 стр. 22-25

Ондор — необичен систем за греење на домот

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РЕПУБЛИКА КОРЕЈА

ДОДЕКА се тресеме на студеното зимско време во Кореја, поканети сме во домот на една насмеана домаќинка. Пријатниот воздух во просторијата ни ги загрева измрзнатите тела, иако не можеме да видиме никаква греалка ниту радијатор. Откако ги собуваме чевлите на влезот, стапнуваме на подот и увидуваме дека е топол. Кога седнуваме на подот и ги ставаме рацете на него, чувствуваме како почнуваат да ни се загреваат измрзнатите дланки.

Во Кореја, речиси во секој дом има вакво подно греење. Тоа е наречено ондор. Како функционира овој необичен систем за греење на домот? И какво влијание имал врз начинот на живот во Кореја? Пред да одговориме на овие прашања, да ја разгледаме историјата на традиционалниот ондор.

Историјата на подното греење

Историјата на подното греење датира уште од времето пред Исус Христос да дојде на земјата. Според археолошките откритија и записите во историјата, можеби древните Римјани први почнале да користат систем за подно греење.a Во четвртиот или петтиот век н.е. низ целиот Корејски Полуостров бил популарен еден систем за подно греење што подоцна бил наречен ондор. Името доаѓа од кинеските симболи што значат „топли дупки“. Записите за историјата на Кина, Books of Old Tang (Книгата на старата династија Танг), се осврнува на ондор, велејќи: „Зиме [корејскиот] народ се греел правејќи долги канали и палејќи оган во нив“.

Како функционирал традиционалниот ондор

Традиционално, извор на топлина за ондор греење било некое огниште. Тоа можело да се наоѓа во кујната или од надворешната страна на ѕидот на дневната соба. Кујна со две или три огништа можела да биде опколена со исто толку соби што се греат на принцип на ондор. Во некоја стара корејска кујна би можеле да видите еден или два големи железни котли што се ставени на огнот. Така, огнот што се користел за готвење ориз или супа се користел и за да се згрее собата што се наоѓала веднаш до кујната! Ефикасно, зар не?

Општо земено, кујната се правела околу еден метар пониско од собата што се загревала. Поради разликата во нивото било лесно чадот и топлиот воздух да струјат под подот на повисоката соба. Зарем чад да минува под подот? Да, во тоа лежи тајната на ондор.

Под подот на собата имало хоризонтални канали — низ кои минувале топлината и чадот — со кои се поврзувало огништето со оџакот. Топлиот воздух од огнот минувал низ каналите и го загревал подот што бил направен од камен и кал. Тоа не било толку лесно како што изгледа. Требало да се исполнат две спротивни барања. За да гори добро дрвото за огрев, чадот морал брзо да помине низ каналите и непречено да излезе низ оџакот. За таа цел биле најдобри прави и куси канали. Меѓутоа, за да се загрее подот со топлината од огнот, топлиот воздух и чадот морале да останат во каналите колку што е можно подолго. За да се постигне ова, се правеле канали под површината на целиот под, и на тој начин се спречувало топлиот воздух да излезе низ оџакот премногу брзо. Кога била постигната идеална вредност на брзината на струење на воздухот и чадот низ цевките, собата можела да остане топла цела ноќ со оган што горел само околу два часа.

Се вели дека некогаш имало некоја ондор соба — стара стотици години — што имала неверојатна топлотна ефикасност. Поради начинот на кој биле направени каналите под собата, подот останувал топол 45 дена со само едно греење! Наводно, топлината можела да се чувствува 100 дена. За жал, таа соба била уништена во текот на Корејската војна во почетокот на 1950-тите. Во 1982, инженерите ја реставрирале истата градба и туристите можат да ја видат нејзината ондор соба. Сегашната топлотна ефикасност не е ни приближно толку добра како оригиналната. Сепак, по едно греење, подот останува топол десет дена на пролет и на есен, а три дена на зима, дури и тогаш кога температурата ќе се спушти до 10 Целзиусови степени под нулата.

Друга тајна на грејниот систем ондор е начинот на кој е направен самиот под. Пред да се стави подот се правеле каналите за топол воздух. Потоа се покривале со сплескани, рамни камења што биле дебели 5 до 7 сантиметри. Бидејќи подот во близина на огништето, нормално, е потопол, таму се користеле подебели камења за да не се загуби топлината. Потоа, врз камењата се ставала жолта глина и подот се израмнувал. На крајот се лепеле неколку слоеви масна хартија.

Во соба што се греела со традиционален ондор систем, подот на краевите од собата обично бил ладен. Затоа, постарите луѓе, како што биле бабите и дедовците или родителите, како и гостите, биле поканувани да седат во потоплиот дел. Тоа било израз на почит.

Традиционалните ондор соби што се пронајдени во северниот дел на Корејскиот Полуостров малку се разликувале од оние на југот. На север, собата што се греела со ондор и кујната не биле одвоени со ѕид. Собата се греела и со топлината од огнот и со топлината од ондор подот. На југот, кујната и дневната соба биле одвоени со ѕид, кој спречувал чадот да им смета на луѓето што седеле во собата.

Како огревен материјал за ваквото огниште, Корејците по традиција користеле дрво. Затоа, пред да запалат ондор, тие ставале суви дрва за огрев веднаш до огништето. Во тоа време користеле хартија и слама за да го потпалат огнот. Како огревен материјал се користел и јаглен. Меѓутоа, во 20 век Корејците почнале да користат брикети од јаглен. Се разбира, многу е важно ондор собата добро да се одржува. Ако во некој канал се појават пукнатини, низ подот може да навлезе јаглерод моноксид, кој би можел да биде смртоносен.

Современ ондор

Денес, во корејските домови ретко може да се види традиционалниот ондор систем. Наместо тоа, современите куќи, вклучувајќи ги и повеќекатниците со ондор системи, користат една модерна верзија на ондор — систем во кој за да се загрее подот се користи топла вода наместо топол воздух. Интересно е што овој систем не го развиле Корејците.

Во почетокот на 1900-тите, кога прочуениот американски архитект Френк Лојд Рајт градел хотел во Јапонија, бил поканет во домот на некој јапонски благородник. Таму Рајт бил во една соба што била поинаква од типичните јапонски соби. Подот бил покриен со масна хартија и бил топол. Тоа била корејска ондор соба! Јапонскиот господин го почувствувал ондорот во Кореја и не можел да го заборави тоа искуство. Затоа, кога се вратил во Јапонија, во својата куќа дал да се направи и една ондор соба. „Неописливата удобност што се чувствува кога човек се грее одоздола“ го импресионирала Рајт. Веднаш заклучил дека ондор е идеален систем за греење и почнал да го воведува во своите градби. Рајт го измислил подното греење во кое се користи топла вода што тече низ цевки наместо топол воздух што минува низ канали.

Овој нов систем за подно греење многу одговарал на начинот на живот на Корејците од тоа време. Штом бил воведен и во Кореја, овој поедноставен систем брзо бил прифатен. Денес се користи во речиси сите корејски домови.

Ондор и начинот на живот

Ондор имал големо влијание врз начинот на живот во Кореја. Како прво, бидејќи подот е многу потопол од воздухот во просторијата, разбирливо е што луѓето седнуваат на топлиот под наместо на постудените столици. Затоа Корејците седат, јадат, се дружат и спијат на подот. За да биде подот уште потопол, понекогаш го покриваат со дебел јорган наречен ибул. Кога сите во семејството ќе си дојдат дома, ги ставаат студените нозе под јорганот за да уживаат заедно во пријатната топлина — искуство што навистина ги зближува!

Бидејќи корејскиот начин на живот станува сѐ посличен на западниот, помладата генерација честопати повеќе сака да седи на столици покрај маса и да спие на кревет. Сепак, повеќето Корејци ја избираат пријатноста на ондор подот, користејќи систем на подно греење со топла вода. Ако одите во Кореја, несомнено ќе уживате во овој необичен систем за греење на домот — ондор.

[Фуснота]

a Централното греење што го измислиле Римјаните било наречено хипокауст. Тоа се состоело од една подземна печка и канали направени од цигли низ кои се ширела топлината.

[Графикон/слики на страница 23]

(Види во публикацијата)

Поглед одозгора на шема на каналите

1 Огниште

2 Хоризонтални канали

3 Оџак

→ → 2 → →

→ → 2 → →

→ → 2 → →

● 1 → → 2 → → ● 3

→ → 2 → →

→ → 2 → →

→ → 2 → →

[Слики]

Огништето се користело и за готвење и за греење на соседната соба

Добриот систем оџак—канали бил неопходен за ефикасен „ондор“

[Извор на слика]

Локација: корејско село

[Слика на страници 24 и 25]

Во една „ондор“ соба, најтоплото место е резервирано за постарите

[Извор на слика]

Локација: корејско село

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели